Минатата година, нашата планета ги доживеа историски највисоките температури. Инфлацијата е до небо, додека јазот помеѓу богатите и сиромашните расте. Се случија многубројни фемициди низ Балканот и страшниот масакр во белградското училиште. Израел извршува геноцид, додека западниот свет со големи напори се труди да ги игнорира илјадниците жртви во Појасот Газа. Десницата станува помоќна глобално, а во Македонија антиродовите движења организираа огромен протест против родовата еднаквост и основните човекови права на трансродовите луѓе.
Колку и да се обидував да го разберам сево ова на интелектуално ниво, летово почнав да забележувам колку ваквите вести ми влијаат негативно психички. Кога размислував како лично би можела да придонесам за нештата да се подобрат, активистичкото дејствување ми изгледаше како недоволно за да направи вистинска политичка промена. Проблемите ми изгледаа преголеми и нерешливи, а чекорите кои индивидуално или колективно би можеле да ги преземеме ми беа нејасни. Како резултат на ваквата емоционална состојба, периодов сè помалку одев на протести и не се обидував активно да се вклучам или да започнам некаква граѓанска иницијатива. Среде вакви услови, самото верување во феминистичка иднина ми стана невозможно и апсурдно. Едноставно ме обземаа чувства на апатија кон светот кој изгледаше како секој ден да станува сè полошо и поопресивно место.
„Мислам дека ме има фатено некој doomerism“, му се жалев на другар ми Феликс. Особено ги потенцирав моите чувства на безнадежност и безизлезност околу катастрофалните ефекти на климатските промени кои ги искусивме годинава.
Наместо единствено да го слуша моето жалење, Феликс успеа на несекојдневен начин да ми даде надеж. Рече дека е интересно што вака се чувствувам, бидејќи неодамна прочитал за тоа дека одредени нафтени компании вложувале во информативни кампањи чија цел е да го претстават глобалното затоплување како неизбежно. Односно, ако луѓето добијат перцепција дека не можат да направат ништо за да ја спречат климатската катастрофа, тие едноставно нема да се борат за подобра иднина.
По нашиот разговор ја побарав конкретната вест и открив дека овој скандал се случил во 2020 кога еколошката организација „Грин пис“ стигнала до документ изработен за неименувана нафтена компанија од страна на „Навигатор“, канадска фирма за односи со јавноста, во кој се објаснува комплексна стратегија со цел да се спречи носењето на предлог-законот Стандард за чисто гориво (Clean Fuel Standard) во Канада. Идејата на овој предлог-закон e добавувачите на течни фосилни горива (бензин и дизел) постепено да го намалуваат интензитетот на јаглерод на горивата што ги произведуваат и продаваат во Канада за, со текот на времето, да се дојде до намалување на загадувањето за приближно 15%.
Навигатор има повеќе предлози за оваа цел, како ангажирање различни компании и засегнати страни, потенцирање на потенцијалните зголемени трошоци за работнички семејства и креирање кампања која изгледа „органска“, а не како идеи што доаѓаат „од горе“. ПР-фирмата ја советува неименуваната компанија да го препознае глобалното затоплување како реалност, ама да го претстави како „битка која е веќе изгубена“. Според „Грин пис“, голем дел од овие предлози се веќе имплементирани и имале одредена ефективност.
Можеби звучи неинтуитивно, но токму оваа вест ми даде надеж. Иако стратегиите на Навигатор се несомнено штетни за човештвото, сфатив дека последниве месеци и јас сум потпаднала под влијанието на ваквата корпоративна пропаганда. Пред разговорот со Феликс, мојата безнадежност и апатија ги гледав како факти. Но кога прочитав повеќе за овој случај, успеав да излезам од кругот на негативните мисли бидејќи сфатив дека „неизбежноста“ на климатските промени не е реалност, туку наратив кој им служи на центрите на моќ. На крај, и покрај вложувањето во вакви кампањи, предлог-законот беше изгласан и стапи во сила во јули 2023.
Сѐ ова ме натера да размислувам за наративи преку кои се нормализираат и натурализираат одредени појави во нашето општество. Живееме во комплексен свет, па веројатно затоа ни се потребни приказни и појаснувања за тоа како функционира светот. Колку и да е човечки овој импулс, прифаќањето на одредени наративи како непроменливи факти може да предизвика штета. Разбирливо е дека кога сме опкружени со олку проблеми на локално и на глобално ниво, често сме преуморни да размислуваме за решенија. Особено кога проблемите немаат врска со нашите лични избори, туку со системски пропусти, имањето надеж за подобро утре изгледа бесмислено и раѓа чувства на апатија. Сепак, треба да се запрашаме: кому му одговара нашата разочараност и пасивност?
Во канадскиот пример, апатијата и верувањето дека климатската криза е нерешлива директно им помага на нафтените компании чија единствена цел е профитот на сметка на здрава животна средина. Во Македонија, пак, апатијата често се сведува на фразата „за ништо не нѐ бива“, верувајќи дека подобар живот во оваа држава е невозможен и дека единствената опција е иселување во странство. Како во Канада, и тука општата разочараност им годи на слични луѓе: оние на позиции на моќ кои сакаат да го одржат статус квото на сметка на благосостојбата и здравјето на мнозинството.
Ваквите наративи многу потсетуваат на познатиот слоган на Маргарет Тачер, конзервативната премиерка на Велика Британија која била на власт од 1979 до 1990: „There is no alternative“ (скратено, TINA) или „Не постои друга алтернатива“. Целта на ваквата реторика е да ја промовира неолибералната идеологија на Тачер која се залагала за мала државна администрација (small state), приватизација на јавни претпријатија и промовирање на пазарната, капиталистичка економија, без разлика што многумина се противеле и страдале од ваквите политики. Идејата на ваквиот слоган е да се потенцира дека колку и да се брутални ефектите од овие политики, особено врз најсиромашните кои зависеле од државната помош, ова е сепак најдобриот систем што постои. Па така, борењето за различен систем се претставува како неразумно, утописко размислување, а каков било отпор кон неолиберализмот изгледа бесмислен.
Денес оваа идеологија е толку застапена на глобалната политичка сцена што неолибералниот капитализам базиран на бескрајна комодификација и приватни профити изгледа како „природното“ уредување на светот. Не само што многумина вистински веруваат дека ова е најдобриот можен систем во кој луѓето се „најслободни“, туку често и оние што сметаат дека ова е исклучително суров и неправеден систем не гледаат излез од оваа матрица.
Но токму тоа е целта на идеологијата TINA: да ја уништи и направи бесмислена самата идеја дека нештата може да бидат поинакви. Стратегијата на Навигатор практично се сведува на TINA: нафтената индустрија можеби ја уништува планетата, но и онака нема друга алтернатива освен да продолжиме да го уништуваме единствениот дом што го имаме. Ставена во ваков контекст, ваквото размислување е очигледно апсурдно и лудо. Зошто би одлучиле да правиме ваква штета? Каква корист има просечниот човек од зголемувањето на профитите на нафтената индустрија или од неолибералните политики?
Токму затоа треба да ја преиспитаме нашата апатија и да ја сфатиме како емоција која е резултат на наративи кои им одговараат на елитите. Време е да ги разобличиме ваквите доминантни и наметнати идеи и да ги замениме со нови наративи. Тоа не значи дека треба да почнеме од апсолутна нула, туку да инсистираме дека да, постои друга алтернатива.
Во нивната книга „Почетокот на сѐ: Нова историја на човештвото“ (2021), антропологот Дејвид Гејбер и археологот Дејвид Венгров ги преиспитуваат доминантните западни наративи со цел да ги поттикнат читателите да размислуваат за потенцијални алтернативни општествени уредувања. Тие ги оспоруваат наративите за раната човечка историја кои ги прикажуваат луѓето како „слободни и еднакви [но] невини [битија], или насилници и воинствени“. Наместо тоа, тие сметаат дека ниедна од овие приказни не е точна, бидејќи луѓето во раните фази од развојот на нашата цивилизација имале различни видови на општествено организирање. Освен што овие наративи се преедноставни, тие често се употребуваат како објаснување и натурализација на општественото уредување во нашата сегашност. Го пишуваат следното:
Ние сме проекти на колективно самосоздавање. (…) Што ако, наместо да раскажуваме приказна за тоа како нашиот вид се симнал од некоја идилична состојба на еднаквост, се запрашаме како стигнавме до тоа да сме заробени во толку тесни концептуални окови што веќе не можеме да ја замислиме можноста да се реобмислиме?
Наместо да ја прифатиме наметната идеологија TINA, сметам дека е крајно време да ги оспориме доминантните наративи и да размислуваме за алтернативите. Да ја отфрлиме идејата дека само еден вид општество е возможно и да почнеме заедно да ги дефинираме вредностите и организациските структури кои би ни биле потребни за да создадеме подобар свет, бидејќи благосостојбата на планетата и нашите животи буквално зависат од тоа. Но прво мора да тргнеме од претпоставката дека ова не е невозможна цел, колку и да е тешко да одиме кон неа. Бидејќи ако веруваме дека ништо не може да се смени, тогаш навистина ништо нема да се промени.