На средина на август, во Сараево
Средината на август во Сараево, средината на Сараевскиот филмски фестивал; сè е во ред. Бројот на оние кои не говорат ниеден од трите официјални јазици во Сараево се намалува, сѐ уште може да ги избегнеш оние кои не сакаш да ги сретнеш и спонтано да налеташ на оние кои сакаш. Сѐ е во ред. Мирот кој ми носи немир е условен од, сега веќе, традиционалниот прекин на Фестивалот на еден ден.
Првиот пат кога поради случај на фемицид во Босна и Херцеговина, на еден ден беше запрен Фестивалот, а со него и дотогаш најживиот град во регионот, пиев кафе во моето омилено кафуле, држејќи го за рака мојот тогашен партнер, мислејќи на цената на сигурноста и довербата, на кревкоста на телото и постојаноста на хиерархијата. Три години подоцна, налетувам на странци што ги нарекувам пријатели, на кои поинаквата географска положба, а со тоа и подебелиот паричник, им овозможила уште пред неколку месеци да го погледнат филмот на кој јас одам дури ова августовско утро, некаде на средината на месецот.
„Контроверзно“, „шокантно“, „интензивно“, „напнато“, мачно“, „одвратно“. Ниту еден од зборовите на моите колеги не ме вознемирува толку колку што тогаш ме вознемири смиреноста со која беше соопштен и прифатен Денот на жалост тој август. Утро е. Зевањето во овие кругови е потврда за успешна и напорна работа. Редот за кафе е подолг од процесот на разбирање, а времето на чекање веројатно приближно колку и времетраењето на филмот. Треба да се почека некој да донесе одлука. Така во 2023 година ми ја објаснуваа комплексноста на политичкиот систем на држава поделена на десет поларизирани кантони. Како убиството на жена да е нешто што може да се ограничи со имагинарни кантонски граници. Јасно е, во секој случај, поради простиот факт што го пренесуваше убиството во живо на Инстаграм, дека убиецот бил желен, но и свесен, да ги премине границитe.
Ние, Балканците
Иако тематски директно не е за фемицид, филмот на кој тоа утро сепак одам, сосе кафе, а без никакво предзнаење за содржината, „17“ на Кошара Митиќ, ќе ги разбуди сите поспани критичари и филмски работници. Со првиот кадар разбирам повеќе од половина од коментарите за кои не престанувам да размислувам, желна за контроверзијата за која сите зборуваат. Сфаќам дека силно сакам да си докажам себеси дека сум позрела од моите европски колеги, бидејќи некои работи полесно ми е да ги голтнам. „Ние, Балканците…“ Крупен план на тинејџерка, а над неа, двајца голи тинејџери. Веќе размислувам за мојата победа. Мислев дека тројките се склоност на западното општество.
За овие мои, но и за други, туѓи и колективни предрасуди, Митиќ зборува додека своите гледачи цврсто ги држи за вратот, онака како што, само секунда по мојата површна мисла, Филип (Даме Јовески) ќе ја фати Сара (Ева Костиќ). Неговите упатства да стои мирна, изговорени низ смеа, ме збунуваат. Кога самиот филм би го дозволувал тоа, ќе си дозволев сѐ додека траеше да размислувам за тоа која е разликата меѓу согласната сексуална потчинетост и присилната доминација. Кај Митиќ тоа на прва не е јасно, иако хиерархијата — маж, маж, жена — е и те како јасна. Се присетувам дека разликите меѓу согласноста и присилата, барем во правна смисла, се прашање на граници, во кои телото е само предмет. Согласноста како секогаш да доаѓа по самиот секс, а никако пред него, бидејќи неговите параметри се телесни и интуитивни, а не правно-јазични. Мислам на почетокот на филмот на Митиќ како на потенцијален доказ на суд и ме бунат сопствените сфаќања за субмисивноста како облик на сексуално прифатлива хиерархија, способна да возбуди. Зарем навистина ништо во овој внимателно снимен сексуален чин на малолетници не би можело да укаже на насилство, иако нечие тело, две тела, се над нечие друго, положено, неподвижно тело? Иако нечија рака е на нечиј врат? Да беше ова текст за порнографски, а не за уметнички филм, ќе одговараше и да се позанимаваме со трендинг-категориите на порно-сајтовите, меѓу кои најчести се гушење, шамарање, плукање и слични глаголи кои нам, Балканците, ни се добро познати уште од раното детство.
Митиќ продолжува да ги држи гледачите за гуша, и ги принудува да го гледаат она што го снимила камерата во рацете на Наум Доксевски, чија вознемиреност ѝ се припишува на стилот, но се согледува и надвор од самиот технички пристап. Камерата не ѝ остава простор за дишење ниту на Сара, ниту на гледачите, освен во сцените на колективен хаос, на групно насилство. Исто како и во тројката на почетокот, врсниците на Сара секогаш се дел од група, па мислите ми талкаат кон малите одмори резервирани за одмерување на силите, гушење, шамарање, плукање.
Екскурзија
Истата година кога Сараевскиот филмски фестивал ја прекинува програмата поради фемицидот кој се сведочи онлајн, премиерно се прикажува филмот „Екскурзија“ на босанската режисерка Уна Гуњак. Слично како филмот „17“, „Екскурзија“ со својата фиктивна нарација зборува за вистински настан што ја потресе балканската јавност. Седум девојчиња од основно училиште се вратија бремени од екскурзија, известуваат медиумите. Реченица во која девојчињата истовремено се и субјект во самиот исказ и предмет на сексуално насилство, без никаков јазичен траг за сторителите. За сензационалистичкиот пристап кон женското тело, кое, без оглед на возраста, изгледа како да служи за некој нешто да му (на)прави, најдобро говори коментарот на една постара госпоѓа од белградската премиера на филмот: „Има ли тоа дете родители?“ Видно вознемирена, госпоѓата ја прашала режисерката за време на разговорот по проекцијата. Иако на прв поглед целосно бесмислено и површно, прашањето на оваа госпоѓа не треба да се занемари. Има ли тоа дете родители, не во смисла на погрешно воспитување, туку во смисла на присутност и занемареност. Родителите се, и кај Гуњак и кај Митиќ, можеби дури и над балканскиот просек, што сепак не е доволно. Навистина, има ли тоа дете родители, ако тие со месеци не забележуваат дека нивното дете е бремено, прашува Митиќ. Екскурзијата (во Грција), која е централна за филмот „17“, функционира како нашето општество во мало. Совршена прилика мажите да бидат мажи, жените да бидат жени, да се постават правила чија цел не е да бидат почитувани, туку да се тестираат сопствените и општествените граници, да се воспостави хиерархија над веќе воспоставената хиерархија. Кој седи на последните седишта, а кој близу до професорката и возачот, кој е со кого во соба и кој за време на сексот е над кого, не се дел од филмската стварност, туку од секојдневната реалност.
Чие е?
Во напис од 2016 година, кој Митиќ го прочитала и кој ја инспирирал за нејзиниот дебитантски филм, се наведува дека дваесет и тригодишна студентка се породила на граничниот премин Табановце, го фрлила новороденчето во канта за отпадоци и продолжила на екскурзија во Прага. Студентката потоа била приведена и осудена за „убиство на дете при породување“. Кај Митиќ, во филмот, оваа пресуда изостанува. Прашањето чие е детето, а потоа и чија е неговата одговорност, не успева да се наметне како прашање, бидејќи неколкуминутната сцена на породување во нужникот на граничниот премин е толку органски мачна што на секој од нас во публиката му беше јасно дека Сара е единствената која може да одлучи за тоа. Да се донесе одлука, како што со часови се чекаше оној август во Тузланскиот кантон, е сложен збир од одговорности што се сведува на само една постапка. Сара, иако доведена во ситуацијата во која се наоѓа (да се потсетиме дека сексот е нешто што мажот ѝ го прави на жената), избира да се врати по детето. Во налет на бес и паника што глумечки вреди за Оскар, а емотивно ѝ парира на еднакво бурната реакција на гледачот, таа истрчува од автобусот и носи одлука со која презема одговорност, не само за детето, туку и за сопственото тело. Митиќ со ова не прави паралела со која ја осудува студентката, туку вели: „Повелете, гледајте.“ Иако делува како спојлер, овој пасус всушност воопшто не е тоа, а ако преземањето на правото над сопственото тело е нешто што може да се „спојлува“, тогаш треба да се запрашаме не за филмската, туку за нашата стварност.
Иако породувањето на границата е нужност лишена од каква било метафора, „17“ сепак ни дозволува да толкуваме понатаму. Не само што новороденчето е родено на граница, туку е родено и на границата меѓу територијата што ѝ припаѓа на Европската Унија и онаа што не ѝ припаѓа. „Одиме во Европска Унија, таму важат европски закони“, кажува една од професорките, додека јас размислувам за законите, правата, пасошите и другите облици на припадност и неприпадност чии рамки се привилегии од имагинарна природа. Да настанал овој филм преку границата, во некоја европска држава, можеби би имал национална премиера пред да се одлучи за неговата судбина како македонски претставник за Оскарите. „Одиме во Европската Унија, таму важат европски закони, а ваша задача е да ѝ го осветлите образот на Македонија“, гласеше целата реченица на професорката.
Средината на август, во Сараево
Средина на август, во Сараево, прикована за столицата на Народниот театар и никогаш посвесна за своето неевропско потекло на кое ме потсетуваат не само поимите како валкани нужници, порочни средношколски екскурзии, шарени ќебиња и столарија на хотел-споменици од времето на Југославија, туку и оној највпечатливиот: дека некогаш сме делеле јазик, и пцовки. „Да ви е*бам матер“ ѝ излетува на Сара во една од неколкуте кулминации на овој, признавам, напнат и интензивен филм, додека гледа како нејзината другарка, пијана, ја губи невиноста на подот, опкружена од целиот клас. „J*ebem mu ja mater“, му излетува од устата на членот на жирито, режисерот и, пред сè, наш човек, Игор Безиновиќ, во моментот кога сфаќа дека бебето сепак заплакало.
Превод од српски: Калиа Димитрова