фотографија: Роберт Атанасовски, протестен марш во Скопје, 24.03.2025
Овој текст почнав да го пишувам вечерта на 15-ти март, откако со саати ги прегледував објавите на социјалните медиуми поврзани со последниот студентски протест во Белград. Не се сеќавам колку објави прелистав, ниту колку објави имам прегледано во последните 5 месеци за студентските блокади, колку пати бев на раб на солзи и колку пати тој раб солзите го преминаа. Секој пат, со секоја објава, чувствував како бран топлина ми поминува низ телото и ме тера да почувствувам дека сум жива. Но, кога седнав да го допишам текстот следното утро, веќе бев со грутка во грлото, панично проверувајќи го телефонот на секои 5 минути, чекајќи другар ми кој често знаеше да се врати во неговото родно Кочани за викендот, да ми каже дека е добро.
И додека илјадници се собираа на улиците на Белград и ги дочекуваа студентите од сите страни на Србија, кои после сто, двесте километри поминати пешки и на велосипеди стигнуваа во центарот на главниот град, во не толку далечната соседна Македонија, народот, како и секогаш беше поделен. Речиси сите македонски медиуми известуваа за студентските протести, некои и директно од Белград, и покрај поддршката, многумина на социјалните медиуми го изразија своето несогласување со протестите. Но, коментарите не беа само израз на несогласување, туку полни исмевање, омаловажување, дури и злоба нанасочена кон српските студенти, кои ги сметаат за странски платенци, соросоиди и дестабилизатори на државата. Звучи познато?. Голем дел од оние кои коментираа се обидуваа, од искуство, да ги „поучат“ српските студенти дека не им треба „шарена револуција“ затоа што тие што ќе ја заменат сегашната власт се подеднакво, но и повеќе, неспособни. Но, сите овие луѓе, како ни самиот Вучиќ, уште ги немаат разбрано барањата на студентите. На студентите не им е гајле кој е или ќе дојде на власт. Студентите не сакаат да ја променат власта, туку сакаат да се промени системот кој дозволува владеење на корупцијата. Студентите сакаат конечно некој во нивната држава да одговара за неправдата и смртта. 15-те луѓе кои загинаа под настрешницата во Нови Сад беа само капка во морето жртви на нефункционален систем, систем кој ги заштитува моќните, богатите, функционерите и нивните деца, штитеници и полтрони. Систем во кој моќта се купува со послушност и/или пари, додека сите останати се должни да ги трпат последиците од таа стекната моќ, во вид на неспособност и неодговорност, за понекогаш тоа да ги чини и сопственот живот.
Меѓутоа, српските студенти решија дека нема да дозволат трулиот систем и понатаму да ги јаде своите деца, свесни дека еден ден и тие самите ќе се најдат пред неговите челусти и решија да се борат за правда, суштинска промена и општество во кое животот ќе вреди повеќе од нечии интереси. Решија да се борат за надеж. Тоа е истата онаа надеж која постојано ни е одземана – после секоја Фросина, секоја запалена болница, автобус, дискотека, секоја една жртва на корупцијата. Надеж дека нема да мора да ја напуштат сопствената држава затоа што немаат чист воздух или зашто немаат партиска книшка. Надеж дека нема да се плашат да поминат пешачки на зелено или дека ќе ги поклопи некој потпорен ѕид на Водно. Надеж дека кога ќе стигне нивното време за на онкологија, нема да им дадат физиолошки раствор наместо хемотерапија, како што можеби им дадоа на нивните родители.
Како за народ кој е голем поборник за традиционални вредности и излитени флоскули, можеби е најдобро да продолжиме да се држиме до нив, особено до онаа „на младите светот останува“, зашто ако некои од нас веќе ги кренале раце во знак на предавање, сè уште ги има оние кои креваат раце за борба.
И покрај столчената надеж по загубата на 59 млади животи, овојпат тагата не остана тивка, стегната во грлата на оние што ја доживеаа најтешката загуба, ниту на оние што се плашат дека утре можеби ќе бидат следни. Овојпат улиците во Македонија се наполнија со луѓе – студенти, ученици, родители, кои за првпат по долго време се обединети во болката и гневот. Но, дури и во моментите кога треба да тагуваме заедно, не сме поштедени од поделби и хајки.
Додека некои се обидуваат да ја претворат оваа трагедија во политичка пресметка, други само сакаат право да тагуваат и да почувствуваат дека не се сами, да извикаат против неправдата без веднаш да бидат етикетирани и вплеткани во нечија политичка агенда. Зарем толку е тешко да се разбере колективната жалост без калкулации? Зарем навистина е важно кој прв повикал на протест?
Можеби младите конечно ќе ја научат лекцијата што ние возрасните никогаш не ја научивме. Лекцијата дека сите ние сме заедно под истиот покрив, под истата настрешница, и дека кога се руши, ќе падне врз сите нас.
И додека го пишував текстов другар ми ми јави дека не бил во Кочани за викендот. И колку и да ми олесна, грчот остана да ме држи бидејќи знаев дека многу луѓе не ја добија истата порака.