Дебитантскиот роман „Водни тела“ од Ана Аврамовска е дело кое се двои од современата македонска книжевност со својата тематска свежина, отсликувајќи ја врската меѓу единката, општеството, животната средина и моќта. Делото има изразена чувствителност, поетичност и искреност, и се потпира на ранливоста, болката и минливото постоење. Ракописот покренува интерес за различни актуелни проблеми, поради што е искрено ангажиран и потребен. Ако може да го определиме некако, романот ги застапува позициите на под-жанрот еко-фикција, преку која успешно го истражува и критикува локалниот котекст и нурнува во длабочината на нашите емоции и однесувања кои ги градиме со светот околу нас. Минатата година „Водни тела“ влезе во книжевниот избор на „Штефица Цвек“, со кој им се дава признание на современи феминистички, квир, еколошки, неомарксистички, антиколонијални и воопшто ангажирани дела од YU-просторот, напишани на македонски или BCHS јазиците, со кои се постигнал посебен исчекор во полето на книжевноста и застапувањето на претставата на маргинализираните. Романот е објавен од издавачката куќа Паблишер во 2022 година.
И: Ана, ѝ се радувам за можноста да разговараме за твојот роман и преку тоа да отвориме прашања за грижата, свесноста и потребите на нашата заедница, како и за нашите стремежи да го усмеруваме нашето делување кон практикување на солидарност и грижа. Затоа и ова интервју го замислив како дијалог, преку кој „Водни тела“ ќе го поврземе со поширок контекст.
Пишуваш за многу проблематики, но клучното перцепирање на околината околу себе, го сместува овој роман меѓу ретките домашни дела кои ги истражува еколошките прашања. Како се одлучи и охрабри загадувањето на водата и воздухот, покрај многуте растечки општествени проблеми, да бидат во фокус на ова дело? Се инспирираше ли од некои дела кои имаат сродна тематика?
А: По една година, сега гледам на пишувањето на „Водни тела“ како хаотичен, малку болен, но и внимателно ангажиран процес на колажирање. Инспирацијата за приказната доаѓа од една долга акумулација на фрагменти од разговори/фрази кои ги имав слушнато во Куманово, импресии, приказни и слоеви од сеќавања и фантазии (мои и туѓи) натискани врз физичките простори на градот. Верувам во ненасилство, така што и во процесот на пишување се обидувам да не пристапувам дидактички, со предодредени цели. Не верувам дека може да се изгради критичка димензија со изнудување на нарацијата. Напротив, преку набљудување и искрен обид за грижа и почит кон средината за која што сакав да пишувам, еколошките прашања неслучајно станаа фокус на романот баш поради тоа што тие не се изолирани туку се дел од поширокиот дискурс за нашиот начин на живот и светоглед.
На пример ликот на Гаврил е инспириран од една наша народна песна „Стојан ми болен легаја“ која афирмира некаква меѓуповрзаност на насилство врз животните и физичкото и менталното здравје на човекот. Ликот на Гаврил поттикна длабока интроспекција за релевантноста на согледувањата што фолклорот може да ги понуди во разговорите за другоста. Исто така реторското прашање „На татко ти да не е?“ е фраза која ја имам слушнато безброј пати, па додека пишував, таа за мене стана оракула. Толку многу беше збиено во неа – патријархалните ставови за сопственост на земја, суровиот начин на кој гледаме на сѐ она што не може да се поседува, на комуналните простори, на природата. Почитта и грижата кон оваа навидум незначајно прашање, овозможија тоа да стане компас преку кој се калибрираше целата приказна.
И: Твојот роман се занимава и со испитување на релацијата странство/странствување и (враќање) дома. На кој начин пишувањето на ова дело влијаеше на твојата перцепција за домот и домашните социо-политички проблеми кон кои градиш критичка димензија? Дали би рекла дека романот има елементи и на автофикција која гледаме дека во современите книжевни текови зема залет и признание? Како соработуваат Ана и ликовите од нејзиниот роман раскажувајќи за актуелните проблеми присутни во македонскиот контекст преточени во фикционално дело?
А: Елементите на автофикција во романот можеби доаѓаат не толку од мојата меморија колку од мојата концепција на градот како што постои во мојот ум – место познато и фантастично. Сакав да навлезам во односот помеѓу замислениот град од мојот внатрешен свет и неговата материјална реалност. Мислам дека дихотомијата странствување и враќање дома се баш одраз на оваа интеракција. Домот не сакав да го прикажам само како статична, физичка локација или пак внатрешно чувство, туку како динамичен ентитет, постојано преобликуван од одливот и протокот на замисленото и материјалното. Ова циклично голтање на замисленото од реалното, и обратно, ги брише границите помеѓу она што е и она што би можело да биде, што на некој начин им дава надеж на ликовите во романот за некои нови, можни светови кои не бараат комплетно бришење на постоечките – надеж за утопии во дистопии.
Затоа и концептот „дом“ ги надминува географските граници, станувајќи метафора за пресекот на нашите внатрешни пејзажи и надворешните реалности. Патувањето во странство во романот го симболизира не само физичкото заминување, туку и истражувањето на овие внатрешни сфери кои неизбежно се темелат на средините и просторите кои што нè сместуваат и ни го овозможуваат оваа истражување: улиците, зградите, становите, природата, нашите тела. Охрабрува преиспитување на она што навистина значи „дом“, предизвикувајќи ги клишеата како „Домот е каде што е срцето“ и слично во кои се бришат физичките простори.
Наместо тоа, домот се појавува како сложена конструкција која постојано се развива, обликувана од нашите перцепции, искуства и постојаната интеракција на замислениот и опипливиот свет.
И: „Водни тела“ е роман и на патот и промената, но и исчезнувањето и тивките трансформации. Зошто поетиката на патувањето на нараторката која е веќе некое време иселена од родниот крај, е важна за твојата приказна и дефинирањето на позициите на она што е дом, за да може да се согледуваат неговите недостатоци? Како гледаш на релацијата патник-дом и трансформациите кои ги носи новиот поглед на светот откако постои враќањето дома?
А: Мислам дека за нараторката патувањето кон разбирањето на тоа што е „дом“ и нејзиното место во него, освен физичко е и ментално движење. Враќањето не го гледам како можност да се стекне супериорна перспектива или морален авторитет, туку како едноставна реалност која ги одразува искуствата на многу современи мигранти. Овој процес не секогаш носи „подобар“ поглед на „домот“. За главниот лик мислам дека враќањето на некој начин нагласува промена родена од ранливост и конфузија која произлегува од желбата за припадност.
И: Водата како сеприсутна материја во овој роман има функција на субјект-меморија, стожер е на приказните на протагонистите Гаврил и Јасна и на нивните индивидуални приказни, и објект преку кој воспоставува однос со минатото, и тоа преку митовите и магијата засегнати од појавата и исчезнувањето на самовилите. Во романот има влез на приказна во приказна, чие „расчистување“ ја диктира нарацијата на романот, а се однесува токму на повторната појава на самовилите. Раскажи ми за потребата од претставување на овие магични суштества во текстот. Како ги поврзуваш со ликовите и со која цел?
А: Водата, во нејзините безброј форми – од реки, океани, дожд и пареа до обични локви и вирови – е моќен симбол кој на некој начин ми дозволи да ја „расчистам“ приказната. Водата ги отелотворува промените и минливоста, но сепак е дефинирана со нејзината непопустлива суштинска „воденост“. Овој парадокс го отсликува нашето постоењето каде единствената константа е промената/ минливоста. Верувам дека баш поради тоа, минливоста не само што се плетка низ приказните на ликовите туку е и самото ткиво на градот и неговите улици, и воедно открива нов „воден свет“.
Интеракцијата на ликовите и самовилите можеби посочува дека нашите идентитети не се обликуваат во традиционална смисла. Обликувањето подразбира барање на облик кој останува константен. Наместо тоа, како водни тела, нашата суштина е баш постојаниот флукс. Ние сме како самата вода – постојано се менуваме, се прилагодуваме и се преточуваме едни во други и ги поплавуваме местата низ кои се движиме и обратно. Самовилите, како дел од овој метафоричен пејзаж, за мене не беа само митски фигури; тие се олицетворение на флуидност.
Можноста да се биде дел од целина која постојано се движи и менува, зборува за нашата внатрешна природа на постојана трансформација, каде што чинот на постојано станување/битствување е позначаен од било која моментна состојбата на битието. Со ова минливоста успева да ја раскине врската со нихилизмот. Како менувачи на форма кои комуницираат преку трансформација, самовилите во приказната се баш тој неисцрпен потенцијал, не исклучиво на нашето битие туку и на средината која нè опкружува. Можеби и поради тоа секогаш се појавуваат на меѓите во водениот свет во романот каде и самата меморија е течна. Времето тече како вода, мешајќи го минатото, сегашноста и иднината, што сугерира дека нашите сеќавања се исто така предмет на флуидноста на контекстите во кои се појавуваат. Па, самовилите како битија на раскрсници меѓу светови, налик Хермес успеаваат да донесат пораки кои овозможуваат, како што спомена во прашањето, влез на приказна во приказна чие „расчистување“ ја води нарацијата на романот.
И: Освен водата која памети, пишуваш и за телата кои паметат, телата кои се ранливи и се сеќаваат, преку сите три ликови засебно, но и нивното поврзување. Во оваа смисла, ефектно ги поврзуваш со минатото но и со засебни приказни на секое од нив, кои во некој момент се преплетуват – Јасна со фотографијата која ја користи како медиум за филозофско промислување на меморијата, главната протагонистка преку нејзиниот однос со родниот крај како иселеник и Гаврил преку неговата сообраќајна несреќа. Ме интересира твоето промислување на односот на кревките тела и потрагата на водата како метафоричко пронаоѓање на себеси во овој роман, како твоите ликови ја користат ранливоста за да се истражуваат себеси и да се реконтексуализираат? Во суштина, мене лично ова ми е една од најубавите нишки на текстот кој го имаш создадено.
А: Многу ми е драго што важноста на кревкоста во романот е забележлива. Додека го пишував, една слика/сеќавање на скршена рака по пад од дрво (бадем) постојано ми доаѓаше на ум. Замислената белина на коската, топлината на крвта и кадифените лисја на Бадемот ме поттикнаа да размислам подлабоко за кревкоста и ранливоста. Па, преку ликовите сакав да се обидам да покажам дека ранливоста не е баш избор. Ние всушност не можеме да избереме да бидеме неповредливи или крути. Кревкоста и ранливоста се составен дел од нашето битие. Ликовите во романот се стремат да препознаат дека оваа ранливост не е пропуст што треба да се поправи или слабост што треба да се надмине. Препознавањето на ранливоста и нејзината афирмација ги информира искуствата на ликовите, придонесува за нивната издржливост и е од клучно значење за нивното меѓусебно разбирање. Нашите тела се силни баш поради тоа што се ранливи, и мислам дека и пријателствата на ликовите во романот се силни баш поради тоа што се ранливи.
И: Повторно околу филозофското промислување на водата во сите форми како потреба, контакт со слободата и сегашноста. Поетиката на твоите простори која е врзана за Куманово и замислените водени простори кои се претвараат во загадени еко-зони се многу ефектно илустрирани во овој роман и пренесуваат пораки на неколку нивоа до своите читатели, иако мошне суптилно и субверзивно. Раскажи ми малку подетално за оваа релација која ја имаш изградено помеѓу сликите на водата и себе-преиспитувањето како клучен процес за секојдневно очовечување во свет каде ,,Гучи-човекот” за кој пишуваш дека ,,не се гледа себеси како дел од светот во кој постои, туку како негов надворешен манипулатор”. Каков е неговиот контекст и подлабоко влијание во приказната? Бидејќи твојот роман го читам неизбежно ангажирано, кажи ми нешто повеќе околу твоите промисли на заедничката и хумана борба наспроти овој споменат лик во романот.
А: ,,Гучи-човекот” во приказната за мене е уште еден аспект на самовилите, модерна инкарнација на фигури како Хермес или Пан, кои, баш поради тоа што се на меѓата на внатрешните и надворешните простори, стануваат пророци или предвесници на промени. Неговата повеќе-смислена природа го предизвикува читателот да го доведе постоењето на таканаречениот „објективен“ светоглед во прашање. За мене тој е манифестација на невидливите сили кои го обликуваат нашите светови, кои се кријат токму во минливоста и флуидноста. Безимената нараторка отпрвин ја гледа средбата со „Човекот Гучи“ како филозофска покана, што ја разгорува интроспекцијата и го продлабочува нејзиното разбирање за светот. Тој ѝ делува како огледало врз кое се одразуваат не само општествени прашања и проблеми, темите на центризмот – светоглед во кој не се гледаме себеси како дел од светот во кој постоиме, туку како негови надворешен манипулатори – туку и нејзино лично учество и вина. Преку ангажираност и грижливост на ликовите кон значењето на „Човекот Гучи“, тој во приказната успева да еволуира надвор од симбол на пошироки општествени проблеми и да заземе место на меѓата на овие внатрешни и надворешни светови и со да ги разводени нивните граници за ликовите.
И: Пријателствата кои не исчезнуваат поради географската локација се уште една важна тема на романот, преку која се отвораат и темите за грижливи општествени заедници и воопшто системи на поддршка преку кои се справуваме со предизвиците на средината околу нас. Во „Водни тела“, и отсликаниот пропаднат систем кој се рефлектира на градот зазема важна улога и во пријателските односи меѓу ликовите и нивното политичко дејствување во него. Би сакала да ми кажеш нешто повеќе околу инспирацијата за градењето на другарството на главните ликови во романот, преку релациите на овие слики со реалноста. Колку инспирацијата од контекстот во другите градови настрана од главниот град беше влијателна и за развивање на овие книжевни ликови и односите меѓу нив?
А: Многу. Куманово е неслучајно е во фокус во приказната. Градот ја претставува длабоката динамика центар-периферија, концепт кој постојано се појавува низ приказните на ликовите. Оваа динамика – каде што центарот често се дефинира себеси преку маргинализирање на периферијата – е критичен проблем со кој мојот лик Јасна се соочува директно и со тоа ја илустрира филозофијата на просторните односи во општествените структури. Приказната на Јасна, обележана со нејзиното потекло, живот и работа во Куманово, во селата и местата на „периферија“ наспроти престолнината што има моќ да засенува, ја отсликува уникатноста и често занемарената значајност на заедниците во помалите градови. Една филозофска перспектива која длабоко влијаеше на овој аспект од наративот е доловена од Мишел Фуко: „Просторот е фундаментален во секоја форма на заеднички живот; просторот е фундаментален во секое практикување на моќта“. Негувањето на периферијата се базира на грижливост и нуди можности за создавање на нови системи за поддршка. На некој начин, Јасна за мене лично го отвори и прашањето за тоа што значи да се твори и пишува на периферијата на светската книжевност. Јасна, барем на мене, ми покажа дека периферијата постои само затоа што самата препознава центар. Кога бараме признание од центарот, доаѓа до имитација. Конкретно за книжевната сцена, не дека не треба да сме во разговор со другите книжевни центри во светот, туку за да сме во таков разговор мора првин самите да се признаеме како центар.
Ана Аврамовска е родена во Куманово, во 1991. Верува дека човечката внатрешност и надворешниот, материјален свет се голтаат еден друг како Уроборос. Па затоа, се стреми да одржува симбиотски врски со средините низ кои што се движи. Обожава мачки и ужива во досада. Моментално живее, пишува и работи на украдена земја на Вурунџери народите од нацијата Кулин, во колонијалниот проект наречен Австралија. „Водни тела“ е нејзин прв роман.
Интервјуто е спроведено во рамки на промотивните активности на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.