превод од англиски јазик: Елена Петрова и Благица Димитрова
Летово, девојка ѝ на сестра ми Клара ми ја даде книгата „Мажи ми објаснуваат работи“ (Men Explain Things to Me) од Ребека Солнит и ми рече дека ќе ја голтнам без да трепнам. Книгата ја читав постепено, залак по залак, есеј по есеј, како да го чувам најдоброто за крај. Книгата на Солнит, првпат издадена пред десeт години во 2014, е кратка, срочена според најдобрата есеистичка традиција и претставува жестоко феминистичко четиво од каде, меѓу другото, доаѓа сега веќе славниот термин „мажјаснување“ (англ. mansplaining). Покрај остроумните, мелодични и смели сведоштва на еден патешествен феминистички ум, кои ми беа искрена наслада, книгава ми говореше и за нешто друго. Иако е објавена пред помалку од десет години, ми личеше како да му припаѓа и да копнее за некое друго, одамна завршено време. „Книгава е за стариот добропознат патријархат“, одречно одлучија феминистките ширум светот. Се чинеше дека битките – оние за коишто Солнит умешно пишува – се непобитни; извојуваните победи – несоборливи.
Така се чинеше. Но, светот се измени последниве десет години.
Можеби се прашувате каква врска има ова со насилството, па и со идеологиите на насилство? Моето прво тврдење денес е дека насилството e поврзано со светот во којшто живееме. Личните релации коишто произлегуваат од нашиот свет го хранат и негуваат насилството. Се повикувам на Џудит Батлер – сега и во многу други прилики – која вели дека за да имаме „живот којшто може да се живее“ [1], ни треба свет во којшто може да се живее, а животите можат да се живеат само ако не се изложени или, дотолку повеќе, потонати во насилство. Со други зборови, за свет во којшто може да се живее, врските меѓу нас и светот не смеат да бидат насилни. Дали досега познаваме ваков свет? Далеку од тоа. Можеме ли да создадеме таков свет само врз основа на она што веќе го знаеме? Се чини дека не можеме да се служиме со истите (насилни) алатки што ни се на располагање за да создадеме извесна (ненасилна) иднина. Сега треба да постапиме поинаку и да прифатиме дека иднината е непишана баш затоа што сега знаеме дека добиените победи може да се поништат, а и веќе се поништени.
Во еден особено жесток есеј, Солнит се повикува на зборовите на Вирџинија Вулф – уште еден наш формативен феминистички ум. На почетокот на 1915 година, односно на почетокот на најстрашната војна дотогаш, Вулф во својот дневник ќе напише: „Иднината е мрачна, каква што и мислам дека треба да биде“. Сакам да ви потенцирам две нешта во оваа кратка реченица: прво, очигледното – иднината е непозната, нејасна, мрачна. Се чини, ова е единствената карактеристика која е несомнено дел од она што го разбираме како иднина. Оттука, се чини дека Вулф ни вели да гледаме на оваа чудна (и често застрашувачка) дефинитивност како најдобар дел од иднината. Да се биде во мрак значи да не знаеме, да не се трудиме да го поправиме она што е однапред предодредено, а да имаме цврста причина да бидеме целосно присутни во сегашноста. Втората работа што треба да ја извлечеме од овој запис во дневникот е срамежливото „мислам“. Очигледно се однесува на одредено колебање, извесен сомнеж во себеси (единственото нешто кое е загарантирано со мрачната иднината) – одредено „кој знае?“ и „дали некогаш ќе знаеме?“. Според она што го искусила, Вулф се осмелува да размислува токму тогаш, среде Големата војна, како што знаеме од книгата „Три Гвинеи“, за свет без војна. Сегашноста, потоната во Големата војна, не ѝ дала причина да верува во такво нешто, но иднината, сметајќи ја за мрачна, можеби ја поттикнала да копнее по свет, тогаш и таму, кој би создал во моментот непозната и неиспишана иднина – во која нема да има војни. Иднината од раскажувањата на Вулф дојде и си замина, а ние – сега и овде – знаеме дека сè уште не сме раскрстиле со војните. Сепак, ние, феминистките, можеме и можеби треба да се стремиме кон таков свет, свет без насилство, свет во којшто може да се живее – засега непознат, сè уште во мракот. Сигурно, бидејќи насилство и војни – има многу.
Затоа сакам да се фокусирам на претходнава деценија. Феноменот познат како антиродова мобилизација е најчесто поврзан со десничарското политичко организирање и понекогаш оди рака под рака со неoдредениот и преширок поим „популизам“ (кој, пак, оди заедно со други термини, исто толку неодредени, како „демократско уназадување“, „илиберализам“, „културни војни“, „поларизација“, „поствистина“, авторитаризми под разни политички бои итн.). Популизмот често се поврзува со религиозниот фундаментализам. Меѓутоа, како и религиите, така и фундаментализмите се разликуваат меѓу себе (се чини дека ни требаат различни пристапи кон рускиот православен и американскиот евангелски фундаментализам, кој функционира под различен превез во САД, Бразил и Бугарија). Дополнително, политиколозите укажуваат дека постојат и различни популизми. На пример, популизмите на Холандија, Финска или Австрија се разликуваат од оние на Унгарија, Словачка или Полска. Во неодредената сива зона на Западен Балкан, популизмот има изразено недeфинирани карактеристики: се манифестира како сеопфатна стратешка алатка – нешто што ние во Србија многу добро го знаеме. Без оглед на тоа за која терминологија ќе се одлучиме за да зборуваме за подемот на конзервативизмот, постои еден повторлив аспект. Подемот на конзервативизмот оди рака под рака со истрајниот напад против еднаквоста, којшто е во пораст. Тврдам дека си имаме работа со напад против еднаквоста како таква, а не со овој или оној тип еднаквост. Она што стои зад овој напад е повик, па дури и барање за нееднаков свет, свет на познати и јасно воспоставени хиерархии, во кој секој си го знае местото и не презема ништо за да го промени. Со други зборови, ова е повик за свет во којшто оние за кои светот почна да биде малку подобро место за живеење во изминатите децении не можат воопшто или во целост да живеат. Интересно е што родот стана централниот поим на овој повик – поим кој ги опфаќа и прибира сите незадоволства што ги имаат „малите“ или „обичните“ мажи. Родот е причината за сета штета што ја имаат претрпено. (На пример: во моето село, седумдесет километри од Белград, беснее сиромаштија; многу домаќинства замреа, луѓето заминуваат каде што има работа, честопати на Запад; земјоделските пензии се смешни; во здраствениот систем никој нема верба, па луѓето умираат во педесеттите и раните шеесетти; една сезонска суша може на мештаните да им ги докусури долгогодишните заштеди – но, сепак, единствено „проблемот“ со гејовите што маршираат во Белград, се чини, има најголема моќ да ги исплаши и придвижи политички).
Затоа, родот – збор што пред само една деценија имаше посебно значење за само неколкумина на Катедрите за родови студии и во феминистичките движења – сега функционира, како што рече Андреа Пето, која го измисли терминот, како симболично лепило. Сега, треба секогаш да бидеме претпазливи со зборовите што ги употребуваме.
Родот овде се појавува како нешто конфузно или нешто што се обидува да ги замрси нештата; гипсира и цементира сѐ и сешто во божемен тотем или мит и со тоа ги брише од фокус конкретните замки и опасности што нѐ снаоѓаат сите нас, обичните луѓе. Исто како и НЛО, и родот е вечно туѓ – ни доаѓа од друго место, заговорно ни се прикрадува, се заканува дека ќе нѐ промени, ќе ни земе нешто суштинско и ќе нѐ претвори во нешто што не сме. Оттука, родот е по дефиниција закана.
Велам дефиниција, ама нека не нѐ залажува тоа. Антиродовите кампањи не се занимаваат со академски дебати засновани врз некој концепт. Не се работи за тоа колку и до кој степен ни треба родот, или колку се совпаѓа со општествените, културните и политичките рамки што ги имаме или сакаме да ги имаме. Бидејќи е тотемизиран, родот е многу повеќе од обичен поим. Оние што го следат антиродовиот наратив сакаат да го срушат и да го поништат еднаш засекогаш овој чудовиштен родов тотем (истовремено зголемувајќи му ги супермоќите и зачувувајќи му ги тотемските квалитети за да се одржи неговиот заканувачки статус. Денес, родот е најпогодното страшило.)
Сакам да посочам дека не се работи за ова или за она малцинство – иако има такви што сакаат да нѐ убедат дека зборуваат исклучиво за транс- или ЛГБТ+ луѓето, или за најновиот конструкт за „третиот пол“, којшто особено се појавува во некои делови од постсоцијалистичкиот свет. Се работи за нешто друго: за тоа како општеството доделува важност на различни типови луѓе, како нѐ рангира и позиционира врз основа на оваа неизбрана вредност, и како ги зацврстува овие позиции на таков начин што никој не би се осмелил да ги оспори без да го гледаат како изопачен, абнормален, квир (да се потсетиме на историјата на овој мал, непреведлив збор). Затоа, не се работи за ова или она малцинство. Се работи за мнозинството кое одбива да биде изедначено со сите останати кои бараат права за живот кој може да се живее.
Во последната деценија, империјата реши да го возврати ударот. Можеби звучи помпезно, ама во ред е и малку да претераме, бидејќи ова не се обични негативни реакции и обиди да се одвратат оние што тргнале напред. Знаеме дека секогаш имало негативни реакции кога феминистките ќе извојувале некоја победа, колку и да била мала. Биле омаловажувани, осудувани, исмејувани – пред триесет, четириесет и пред сто години, бидејќи тогаш тие победи едвај ѝ нанесувале некоја штета на „империјата“. Но, како што реков во воведот на говорот, на почетокот на новиот милениум се појавија реални пукнатини, расцепи и скршеници кои веќе не можеа да бидат исмеани. Овој пат е различно. Целта на антиродовите мобилизации е да го запрат она што пред една деценија се чинеше дека е неповратен марш кон еднаквост. На север и на југ, на запад и на исток, се шири „замор од еднаквост“: луѓето се уморни од толку многу еднаквост, исцрпени што од нив се очекува да бидат „политички коректни“. Сега се бунат против еднаквоста којашто тврдат дека им е наметната, нафрлена преку разни „елитни политики“ (еве една популистичка провокација), од Брисел, од Вашингтон, од секаде – како еднаквоста да не може да е нешто наше, нешто што ние го сакаме и кон кое се стремиме.
Имам уште две важни тврдења пред да завршам. И двете се директно поврзани со она со кое почнав, повикувајќи се на Батлер и Вулф. Би започнала со малку колебливата изјава на Вулф, која размислувала за темнината на иднината, „каква и што треба да биде“ – во време кога таква реченица (дури и како запис во дневник) се чинела речиси контраинтуитивна. Нејзината сегашност, раната зима во 1915, изгледала ужасно, а минатото директно вмешано во создавањето на таа катастрофа. Иако во самиот зачеток на Големата војна, тешко дека некој можел да се надева оти иднината може да изгледа величествено, сепак се чинело дека само иднината – и тоа темна, неиспишана со зборови од минатото, зборови на целосно уништување – ветува нешто. Токму поради тоа што била непозната, поради тоа што била темна. Сега, антиродовите мобилизации се потпираат на една сосема различна премиса: нивната главна тропа е тропата на враќањето, обновата на светот кој некогаш сме го знаеле, светот каков што некогаш бил, добриот стар свет на добриот стар патријархат. Ова е „стариот, добар свет“, недвосмислено без еднаквост, свет во кој можат да живеат само некои, но никако сите. Во таа смисла, империјата го возвраќа ударот, значи дека империјата сака да нѐ врати назад кон „светлината“ на извесноста: да се повтори она каде што сите си го знаеле местото и биле сигурни дека никогаш нема да го сменат.
Да си го знаеш местото – да знаеш каде стоиш, што си – можеби некого тоа го успокојува. Одвреме-навреме, на сите ни треба јасност во животот. Но, ова не е она што империјата крајно сака да го постигне. Светлината и извесноста која ја бараат или за која се борат, е извесноста на границите: границите за тоа што те прави човек, што те прави маж или жена, или што го сочинува семејството. За Црквата, оваа извесност произлегува од Светото писмо (во католичката традиција е спакувана во „Христијанската антропологија“ за тоа како половите се надополнуваат еден со друг, а во православната е многу помалку сокриена и се повикува на „здравата патријархална хиерархија“). И оние што ги следат религиозните објаснувања за тоа што нѐ прави луѓе и оние што не ги следат се служат со биолошките факти, но овие факти се со подеднакво многу мистични елементи. Овој свет каде што секој си го знае своето место – јасно дефиниран со јазикот од 19 век – е свет на (класна) стратификација, (расна) сегрегација, надополнување (на половите), кој никогаш не достигнува еднаквост. Нееднаквостите ни се впишани во мозоците, во формата на черепите, матките и пенисите.
Оттука, еве ја мојата последна поента. Светот кој антиродовите мобилизации сакаат да го обноват, во којшто сакаат да нѐ вратат, е инхерентно насилен, а со тоа и свет во кој не може да се живее. Империјата го возвраќа ударот не само со оружје туку и преку бавно но сигурно уназадување на правните победи (сетете се на САД, Русија и Полска), преку одново испишување на текстовите што се чинеа прифатени, отфрлајќи ги како неприфатливи во наставните програми и јавниот дискурс или обратно: воведувајќи други текстови – некои ги нарекуваат фашистички – повторно целосно прифатливи. Причината зошто овој свет би бил инхерентно насилен е тесно поврзана со границите: со произволните одлуки – како што ни кажува историјата – за тоа кој вреди да има права, заштита, живот кој може да се живее, и врз која основа. Таквите одлуки не се ниту дадени од Бог ниту се темелат врз анатомија. Тие се политички и инхерентно исклучиви, се повикуваат на (мнозинското) право да дефинираат кој каде припаѓа, да дефинираат која позиција е правилна за секој од нас, како и што би значела секоја отстапка од ова.
[1] „Живот којшто може да се живее“ (англ. livable life) e израз кој е дел од делата и трудовите на Џудит Батлер од раните 2000-ти, па наваму. Концептот се зафаќа со важноста на тагувањето и во поопширна смисла отвора дискусија за прекарноста и ранливоста на нашите животи. (заб. на прев.)
Адриана Захаријевиќ е виша научна соработничка на Институтот за филозофија и општествена теорија при Универзитетот во Белград, и доцент на родовите студии на Универзитетот во Нови Сад.
* Текстот е адаптиран од воведниот говор кој Захариевиќ кој одржа при Родовиот Самит во организација на Фондацијата Хајнрих Бел во Скопје во 2023.
фотографија: Акцијата срце-предмет на уметницата Богданка Познановиќ, 1970, Југославија