, ,

Не чепкај традиции!

Има една екстремно шовинистичка традиција за која ретко може да се најде нешто пишано, или помош за како да се справиме со истата – традицијата на повојница/мекици по пристигнување на новороденчето.

mekica-e1447664852774

Јас сум девојка израсната во Аеродром па дорасната во Дебар Маало. Скопје и сите негови марифети ми се длабоко вкоренети во срцето и ги носам со себе секаде каде што ме носи патот. Го сакам Скопје и сите смотани традиции повеќе од што можам да си признаам. Ќе застанам за секунда кај смотаните Скопски традиции – кои се тие всушност? Не е новост дека Скопје е град хибрид, изгњавен и измачен, но пирејски, не се дава. Измеѓу чудни градоначалници со дубиозна смисла за естетика и урбанизам, и екстремно ниска јавна свест и нагон за правење добро, Скопје исто така го гушат и лоши културолошки традиции.

Што значи да си жена во Скопје? Во некои аспекти сигурно е слично како и во другите градови. Сигурно повеќето девојчиња во Македонија се навикнати да добиваат помалку џепарлак од нивните браќа или братучеди – само бидејќи се женски. Најверојатно има и доста жени кои не биле ставени во ниеден тестамент бидејќи нивните браќа или братучеди добиле предност, само бидејќи се машки. Сигурно од повеќето девојки и жени во Македонија се очекува да се главни дежурни на секој семеен ручек за миење садови. Најверојатно повеќето жени во Македонија го чувствуваат притисокот за затруднување што поскоро. Да израснеш како независна жена во Скопје и Македонија не е лесно – факт кој го заклучив само откако  се преселив надвор.

Притисокот околу трудноќа не е симптоматичен само за Скопје, па нити за цела Македонија. И дефинитивно може да забележиме прогрес по ова прашање на глобално ниво и како жени имаме поддршка и алатки за справување со овој притисок. Но, има една екстремно шовинистичка традиција за која ретко може да се најде нешто пишано, или помош за како да се справиме со истата – традицијата на повојница/мекици по пристигнување на новороденчето. Да разјаснам при самиот старт – ова не е статија која има за цел да им каже на луѓето како да се забавуваат или како да прославуват важни моменти во својот живот – апсолутно не, никогаш не би си дозволила да сеам памет на тој начин. Феминизмот е токму спротивното – право на жените да одлучуваат за својот живот свесно. Оваа статија е за сите кои, како мене, кога требале да присуствуваат на нечива повојница се чувствувале екстремно неудобно.

—————

Сум присуствувала на повеќе повојници во мојот живот, само во скопскиот регион. На првата ваква прослава бев доста збунета, не ми беше јасно што се случува и кој за што слави поточно, но најмногу од сè , се прашував кој седи со мајката додека другите слават – свадба без невеста. Уствари не се прашував, туку се надевав дека не е сама. Па често рашарував со очите наоколу барајќи ги прво родителите на мајката. Најчесто тие не беа на прославата бидејќи беа со мајката во болница, па ќе ми олеснеше да знам дека мајката не е сама. Еднаш одамна памтам како наивно ја прашав мајка ми – мамо, ти ќе седиш со мене во болница или ќе одиш на мекици кога ќе се породам? Од мекици на мекици, оваа традиција продолжи да расте и да станува се поапсурдна. Она што пред повеќе од десетици години беше славење повојници дома во поинтимна атмосфера со мекици, се префрли во кафанско славење со сите марифети, алкохоли и ордервери. Ах да, и мекици, таму некаде во ќошот, да се зачува симболиката. Но и во двата случаи главниот лик е изоставен – мајката.

Мојот партнер Луис е од Шпанија, Канарските Острови. Како мултикултурен пар често мора да правиме компромиси помеѓу различните традиции, вклучувајќи како се слави Божиќ, Велигден, 1ви Мај и како се пречекува новороденче. Долго време од кога бевме заедно го немав прашано Луис како се слави пристигнувањето на новороденче во Шпанија – бидејќи не ни мислев дека има различни начини, научена од она што го имав видено во Скопје. Во еден момент некако паднавме на муабет и Луис беше вчудоневиден од скопската традиција која му ја раскажав. Кога раскажував бев убедена дека ние нема да го следиме овој модел и ако ништо друго ќе направиме некоја наша традиција, на што тој одговори дека и да го молам нема шанси да ја следиме скопската традиција која звучеше крајно апсурдно.

Од тој момент ми се отвори нова перспектива. Научив дека барем во други држави постојат различни традиции и оваа што ја знам јас не е апсолутна и не важи секаде. Ама бев сеуште убедена дека оваа традиција е македонска и сите во Македонија ја практикуваат. Неколку години нанапред, рано годинава бевме со мајка ми во Португалија службено. Еден ден се разбудив и во една од многуте Вајбер групи се имаше направено гужва, сто нотификации. Нечива жена, на некој близок во групата, тукушто се имаше породено. Една нотификација беше известување за новоста, а другите деведесет и девет за како ќе се изнажуркаме и изнапиеме на мекици. Многу се налутив, ми се прели лончето. Тоа утро пропуштив доручек во хотелот, се искарав со мајка ми, но…изреагирав. Не можев и не сакав веќе да ја чувам фрустрацијата во себе околу овој настан. Пред да се испразнам на фејсбук направив мало истражување – да видам да не некој претходно пишувал на темата, да не има и други кои се чувствуваат како мене – но, не најдов ништо.

Се двоумев и сè уште се двоумам за мојот пристап. Се сметам себе си за феминистика, но дали тоа значи дека треба да сум во конфликт со културните традиции? Истовремено сум голем поборник за човекови слободи и правото секој да си изгради живот кој ќе го исполнува. Па така, не сум огромен обожавател на давање насоки за како да се живее нечиј живот, ауште помалку сакам да им мудрувам на луѓето како да се забавуваат – еден од животните аспекти кој е најиндивидуален и специфичен. Секој има право да се забавува и прослави на начин на кој што сака. Но, откако решив да зборувам на темата, коментарите кои ги добив укажаа на драстично различен аспект на дискусијата, онаков каков не очекував да се појави.

Дел од коментарите кои ги добив беа од жени кои уште одамна се чувствувале како мене, но не знаеле како да го срочат тоа. Другиот помал дел од коментарите беа мажи, кои позитивно се приклучија на дискустијата со примери од други региони во Македонија.

Сепак, веројатно најголемата лекција од оваа моја авантура е следната: оваа традиција каква што ја знам јас е скопска. Традицијата на мекици во кафана без мајката е скопска традиција, значи, за истата сме си одговорни ние самите, поведени од шармантните кафани каде само се чека прилика за алкохолизирање. Но, баш оваа скопска традиција не била ваква отсекогаш, туку ние значително сме ја измодифицирале на начин на кој има смисла и забава за сите, освен за мајката.

Иако можеби не дојдов до којзнае какви заклучоци, се радувам што решив да иницирам јавна дебата за оваа традиција, пред сè бидејќи научив за многу убави традиции за повојници кои постојат во некои градови во Македонија (а кои никогаш немаше да имам прилика да ги научам). Во Тетово и Берово, на пример, на повојница одат само жени, интимно во домашна атмосфера. Во Битола и други региони, се месат мекици или крофни и се делат низ градот. Во Крушево, мекиците се пошеќеруваат. Така било и во Скопје пред повеќе од десет години.

Второто нешто што го научив е колку е важно да се адресираат проблематични аспекти од нашето опкружување кои едноставно повеќе не ни прават смисла, без разлика колку се етаблирани или секојдевни. Тоа вклучува и културни традиции кои со своето долгорочно постоење пркосат на било каква промена која промовира еднаквост. Ова го вклучува и концептот на културен релативизам, каде што културата игра главна улога во разбирање на нечии вредносни системи и начини на дејствување.

Под маската на културен релативизам може да кажеме дека женската генитална мутилација е во ред, бидејќи има значајна културолошка симболика. Културниот релативизам е значаен и потребен, и како механизам спречува колонизација и империјализам. Истовремено креира рамка на разбирање на одердени традиции кои можеби во нашата култура би изгледале абсурдно – во Јапонија имаат традиција на поклонување наместо ракување, додека во Кина е прифатено да се зјапа во други луѓе надвор.

Но, концептот на културен релативизам е понекогаш застрашувачки и ограничувачки кон искоренување на штетни традиции. Во поконзервативни општества концептот на културен релативизам понекогаш се користи како жртвено јагне против промена. Кога се бориме за поеднакви општества важно е да се имаа оваa дистинкиција на ум. Па така, овој осврт има за цел поддршка на сите оние кои поради причините наведени не се чувствуваат дека скопскиот начин на повојница е правилниот за нив – и дека изборот за поразлична прослава од нормативната е оправдан и легитимен.

Се прашувам, уште колку традиции се „поскопјени“ со магичниот прав на нееднаквоста? Одвај чекам да дознаам.

ilustracijaaaaaa

Тимот на медуза

Напишано од:

Андреа Угриновска

Jun 16, 2020

Тимот на медуза

ilustracijaaaaaa
Напишано од:

Андреа Угриновска

Jun 16, 2020

Коментари
Scroll to Top