Имав 7 години кога научив да возам ролери. За кратко време возењето ролери ми стана извор на радост, гордост и самодоверба. Исто така имав 7 години кога со другарка ми, и двете на ролери, седнавме да одмориме на нашата клупа кај дрворедот на Илинденска, карши стар влез на Зоолошка градина, на пет минути од дома. Еден човек упорно поминуваше со точакот пред нас. Од лево кон десно, па од десно кон лево. После некое време забележавме нешто невообичаено: човекот беше со пенисот во рака и се самозадоволуваше поминувајќи пред нас. Не сум сигурна дали разбиравме точно што се случува, но се сеќавам дека се извадивме од памет, во паника станавме и по трева трчавме со ролерите до кај неа пред зграда. Веќе никогаш не седнавме на таа клупа. Со недели ми беше страв да излезам да возам ролери. Ова ми е првото сеќавање на сексуално вознемирување на јавен простор. После тоа следеа уште многу.
Ова беше првата приказна која ја споделив минатиот месец на герила акцијата „Сега кажувам каде не одам“ (#СегаКажувам#КадеНеОдам). Целта на оваа иницијатива, која е втора од ваков тип (првата акција #Сега кажувам се случи во јануари 2018 година) е да ги стави во фокус и да ги де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата преку јавно објавување на лични искуства со сексуалното вознемирување. Акцијата го обелодени вознемирувањето и насилството со кои се соочуваат жените на јавните простори: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа доживеани на улица, во јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз, кои резултираат во генерален страв и ограничено користење или отсуство од слобода при користење на јавни простори.
Стравот го оркестрира нашето движење во јавниот простор и го моделира нашето искуство на градот. Па така, постојат улици кои ги користиме преку ден, но никако навечер, два пати размислуваме дали да излеземе сами и имаме развиено мал милион техники за да се чувствувуваме побезбедно – од „зборување“ на телефон, до стискање клучеви меѓу прсти, носење на пепер спреј и можеби внимавање на изборот на облеката за да не бидеме впечатливи. Овие безбедносни техники се толку длабоко навлезени во женското искусто на градот, што доколку некој ме праша дали ми е страв да се шетам сама навечер, би кажала не. Но тоа не би била вистината. Вистината би звучела вака: секое одење дома навечер ми наликува на еден долг и измачувачки сон кога пробаш да бегаш, но упорно трчаш во место. И не треба да бидеме особено параноични за да си го потхраниме овој страв. Довикување, свиркање, коментирање, следење и други форми на вознемирување се дел од секојдневието на многу девојки и жени. Она што е разочарувачки е тоа што се нормализирани до тој степен што понекогаш се перцепираат како позитивни појави и ласкање, иако кај повеќето жени будат чувство на нелагодост, непријатност, гнев и страв.
Овие микрoагресии и вознемирувања, кои во суштина се родово базирани, не се сметаат за доволно „опасни“ за да бидат адресирани како проблем. Одобрувањето на ваквото однесување започнува од детството кога ги учиме девојчињата дека доколку некое момче ги закачка и малтретира тоа значи дека им изјавува љубов или подоцна кај тинејџерите, кога момчињата без никаква дозвола ги допираат девојчињата за задник или гради и тоа не се санкционира на никаков начин во образовните интитуции. Овие социјални норми им испраќаат порака на девојките дека интегритетот кој тие го имаат над своето тело не е апсолутен, односно, дека машките имаат „природно“ право истото да го коментираат, допираат и „користат“ како сакаат.
На овој начин се гради култура каде сексуалното вознемирување и насилство не е правилно санкционирано (rape culture), а често жртвите се обвинуваат себеси бидејќи им се случило, па така често не го пријавуваат. Доколку го пријават пак, има големи шанси тоа да не биде сфатено сериозно и да не се постапува правилно, што води до недоверба во надлежните институциите. Не сакам да го обременувам овој текст со статистички податоци за тоа колку често жените се жртви на ваков тип на насилство, кога сé што треба да направиме е да погледнеме околку нас (или во нас) за да го поткрепиме ова тврдење. Една моја другарка неодамна преживеа два обиди за силување на јавен простор од страна на непознати лица и два пати успеа да избега. Првиот пат веднаш отиде во полициска станица, каде и беа поставувани прашања од типот „Зошто си се враќала сама толку доцна“ и „Дали си консумирала алкохол“, за на крај да ја убедуваат дека типот веројатно сакал да и го украде новчаникот, на што таа морала да повтори по стоти пат дека пробувал насилно да и ја стави раката под суќна! Не сакам ни да замислам какво е чувството да преживееш обид за силување и потоа да треба да убедуваш полицаец дека нападот навистина се случил. Вториот обид за силување воопшто и не го пријави.
Според едно истражување на Реактор за опсегот на родово-базираното насилство врз жените и девојките на јавните места во Скопје, постои ниска јавна свест и разбирање на прашањето за овој тип на родово-базирано насилство, како кај граѓаните, така и кај институциите, кои не соодветствуваат со реалниот степен на насилство кое се доживува од страна на жените. Оваа култура на недавање на значење на сексуалното вознемирување и насилство и те како создава атмосфера на страв во која девојките и жените се пораснати да веруваат дека самите се виновни за „повикување“ на вознемирување. Ситуацијата е уште повознемирувачка кога зборуваме за жени припаднички на маргинализирани групи како сексуалните работнички, каде ревиктиимзацијата на жртвите на насилство е правило, а не исклучок. Па така, жените кои излегуваат надвор од зададените безбедни простори (фигуративно и буквално), дали преку изборот на професија, места за излегување или начин на однесување, се санкционирани од општеството дека „сами си ја барале неволјата“. Токму минатата година во Ирска, на судење за силување адвокатката на обвинетиот, како доказ во негова одбрана навела дека девојката која го обвинила за силување носела танга гаќички кои и наѕирале од панталоните и на тој начин го предизвикала напаѓачот. Судот го прогласил за невин, што предизвика протести насекаде во Ирска. Ова е еден од многуте случаи каде облеката на жртвата се користи како оправдување за сексуално насилство и/или вознемирување.
Без разлика колку и да се обидуваме да избегаме од патријархалните норми кои нè туркаат кон себеобвинување, во реалноста тоа е многу тешко. Се сеќавате дека текстот го започнав со првата приказна која ја објавив на Сега кажувам? Ја споделив баш таа приказна бидејќи сакав да играм сигурно – речиси никој не би обвинил дете дека е виновно за предизвикување на сексуално вознемирување. Всушност, сакав да споделам друга приказна која ми се случи неодамна, но се плашев од јавното соголување. Неколку минути откако почна акцијата „Сега кажувам каде не одам“ и откако прочитав 10тина храбри исповеди на мои другарки, колешки, познати и непознати жени, се охрабрив да ја споделам и другата приказна. Бевме 10тина луѓе кај другар после диско. Повеќето заспаа и останав сама со еден дечко кој не го познавав. Правевме неврзани муабети. Почна да се приближува до мене на каучот и ме убедуваше дека треба да имаме секс. Повторував дека не сум заинтересирана. Тој инсистираше. Бев исплашена, уморна, пијана и сама. Почна да ме допира, да ми ја држи цврсто главата и да пробува да ми го напика јазикот во уста. Се паразлирав, тонев во каучот и ја затворав устата најсилно што можев. После некое време се откажа. Беше нервозен и велеше дека јас сум го навела да мисли дека сум заинтересирана, бидејќи сум останала сама со него. Веднаш излегов од станот и почнав да трчам дома. Веќе беше разденето. Патот до дома ми беше оргинал сонот кога трчаш, но не си способна да избегаш. Бегав од себеобвинувањето кое ме следеше до дома. „Зошто не си отиде порано? Зошто мораше да пиеш? Зошто така играше во диско?“. Од срам не кажав на никој и од срам немаше да ја споделам оваа приказна, иако многу добро знам дека воопшто не бев виновна.
Бев нападната кај другар дома, каде треба да се чувствувам најбезбедно и сфатив дека колку и да бараме осветлени улици, некогаш насилникот ќе ни заѕвони на ѕвонче. Иако постојат одредени простори кои се перцепираат како безбедни, а други не, повлекување на таквите линии не оди во насока на решавање на овој проблем. Во реалноста, жените не се под опасност единствено од непознати напаѓачи на јавните простори, туку напротив, тие се под закана и во навидум безбедните простори како училиштата, работното место, местата каде што спортуваат, дискотеките, баровите, и крајно, во сопствените домови и семејства.
Избегнувањето на „небезбедни“ простори во градот единствено ја ограничува слободата на девојките и жените. Па така, не треба да ги учиме девојчињата дека светот надвор е страшно место, туку треба да притискаме за родово сензитивни политики кои ќе ги заштитат девојките и жените од родово базирано насилство и вознемирување, како во сферата на јавното, така и во сферата на приватното. Треба да креираме вистински безбедни простори каде девојките и жените ќе се чувствуваат не само заштитени од вознемирување и насилство, туку и слободни. Слободни да се движат, да зборуваат гласно, да се образуваат, да изгледаат како сакаат, да излегуваат, танцуваат и никогаш, буквално никогаш да не се чувствуваат виновни дека со својата слобода поттикнале вознемирување или насилство.