Авторка: Лама Гоше
Како палестински жени, ги гледаме вестите со очи и срца на мајки, постојано плашејќи се за нашите деца и стремејќи се да ги заштитиме од проектилите и куршумите на окупацијата кои целат кон нивните лица и мали тела. Постојано се прашуваме себеси: Зошто мора мајките во Газа и Палестина да бидат подложени на таква болка? Што значи да се биде мајка во окупирана Палестина? Дали раѓањето во оваа земја е злосторство кон нашите деца?
Мајчинството во Палестина може да се дефинира како „постојан страв, жалост и бес“. Ова значи постојано подготвување за загуба и учење да ги контролираме сопствените емоции. Вклучува и подготвување на нашите деца на принудни отсуства, ненадејни смртни случаи, неочекувани апсења, критични повреди и многу повеќе. Изворите на болка се многубројни и постојано нè држат на штрек. Сепак, причините за надеж се ретки. Како палестински мајки нашата улога е постојано да одржуваме баланс помеѓу болката и надежта во срцата и умовите на нашите деца за животот да биде возможен и поднослив.
Со овој текст, мојата цел е да ги споделам искуствата на жените во Газа за време на војната – да ги ставам нивните гласови во прв план додека нашите се повлекуваат еден чекор назад. Мојата цел е да фрлам светлина на невидливото и на неизреченото страдање низ кое поминуваат. Сакам да ги раскажам нивните приказни, оние кои се занемарени од камерите и оставени неискажани од новинарите на телевизија. Среде разорувачкото крвопролевање и ужасниот биланс на жртви, останува малку простор за тага, жалост и катарза.
Политиките на негирање на мајчинството за време на војната во Газа
Уште од 7 октомври минатата година, жените во Газа се подложени на неподносливо и незамисливо страдање, што ги прави ранливи на разни облици на угнетување од страна на окупаторските сили. Тие ги имаат искусено најужасните начини на болка, опресија и загуба. Нивните сетила се oттрпнати, нивните тела злоупотребени, нивните сеќавања скршени и нивното мајчинство е негирано. Газа доживува масивен геноцид кој го надминува времето и открива претстојна смрт која се заканува на сите живи суштества во сцена лишена од каков било привид на човечност.
Хеба Абу Нада, жртва од Газа, напиша пост на нејзиниот Фејзбук профил на 9 октомври, неколку дена пред нејзината смрт на 23 октомври, опишувајќи ја војната во споредба со претходните војни водени од израелските сили врз Газа последниве години: „Во секоја претходна војна, Израел имаше специфична шема на цели, понекогаш беа фамилии, понекогаш џамии, понекогаш улици, понекогаш границата или централните подрачја и понекогаш станбени згради. Имаа план на бомбардирање што ние, тие кои сме под оган, го разбиравме и врз основа на тоа можевме да ги предвидиме целите, воздушните напади и времетрањето на војната. Но овојпат нема одредена шема; сè е цел на напад, како сите минати војни да се споиле во една. Газа, од север до југ, е под неселективен и немилосрден оган, состојба на масовен колеж и самоволно убиство на сè.“
Во иста насока, жена која е петти месец бремена, прашува преку Фејсбук страна која е наменета за нега на мајки и деца: „Состојбата тука е опасна и звуците на проектили што експлодираат се застрашувачки. Избезумено шетам околу куќата секој час и сум извадена од памет од звуците на проектилите и тресењето навечер. Веќе два дена го немам почувствувано клоцањето на моето бебе. Како да знам дали моето бебе е сè уште живо?
Ова прашање обвиено со страв прогонува илјадници жени. Моментално*, според податоци од 16 април годинава, над 10.000 жени се убиени во Газа, а бројката расте. Над 3.000 жени се вдовици, а 37 мајки секојдневно се убиени во Газа. 155.000 жени во Газа се трудни или дојат, а над 10.000 деца ги имаат изгубени своите татковци. Мајките во Газа се соочуват со огромни ризици; тие живеат во состојба на дневен страв и траума со ограничен пристап до медицинска помош и лекови. Тие се соочуват и со тешкотии да добијат анестезија или олеснување на болката за време на комплицирано породување.
Палестинските жени во Газа исто така се соочуваат со зголемени шанси за спонтан абортус, мртвородени деца или прерано породување. Како резултат на тоа, смртта на мајките за време на породување е многу веројатно да расте. Дополнително, жените во Газа страдаат од недостаток на санитарни влошки и вода за одржување на личната хигиена. Тие се принудени да спијат на земја во засолништата, изложени на разни материи и физичка неудобност. Некои жени прибегнуваат и кон користење пилули за контрацепција за да го сопрат својот менструален циклус, што може да донесе идни ризици по здравјето.
Оваа ситуација ја нагласува суровата реалност дека бременоста, постпородилниот период, породувањето, менструацијата и абортусот не престануваат за време на војна.
Матки под опсада
Истражувачката Надера Шалуб-Кеворкиан, опишува како израелската окупација ги користи телата на жените и нивните матки како алатаки за уцена и заплашување. Таа наведува „зборував опширно за тоа како да се чита женската сексуалност во контекст на израелското доселеничко насилство и еден пример во моите пишувања е дека за време на војната во Газа, Мордекај Кедар, академик кој служел 25 години во израелската воена интелигенција кога бил прашан како се справува со палестинскиот отпор, тој одговорил: ‘Единствениот начин е да бидат заплашени, и да се силуваат жените’.“
Во битката кај Јенин, израелските војници извикувале преку разглас: „Жители на Јенин, предадете се и поштедете ги вашите жени“.
Слично, истражувачката Ноур Бадер, во интервју за истата тема ја истакнува нејзината работа со жените од Газа кои имале терминален рак на дојка, додека го снимала нејзиниот документарец „На работ на смртта“. Таа ја обелоденува сложената мрежа на опресија со која се соочуваат жените: „Матките на жените во Газа се под опсада 17 години и овие жени страдаат многу поради екстремно суровите услови за живот. „Сè додека матката работи, таа продолжува да дава живот“. Ова популарна фраза само нè потсетува на суровоста на третирањето на матката како обична машина или сад за раѓање. Ако самите ги погледнете жените, би знаеле дека овие матки никогаш не биле обични садови за деца; тие се првите лулки за нашите деца. Во овие лулки, чувствата за нашите неродени деца почнуваат да добиваат форма преку чекањето и нетрпението да ги видиме лицата на децата и да ги слушнеме нивните гласови – чувства кои потоа се развиваат во силна врска додека ги држиме нашите деца блиску до нашите срца по нивните раѓање“.
Во одговор на прашањето за политиките на негирање на мајчинството за време на војната, особено преку призмата на повторувачка загуба, Бајдер вели: „Загубата за време на војна нè тера да ја доведуваме под прашање вредноста на животот како мајки. Токму затоа негирањето на мајчинството за палестинските жени е клучно за колонијалниот проект. Со повторливата загуба, жените извикуваат ‘Земете нè со нив’, ‘Погребајте нè со нив’. Со загубата на нивните деца, мајките ја губат смислата на животот. Што друго би значело убивањето на сите кои жените ги сакаат и живеат за нив? Нејзините деца се убиени, а неа сепак и се вели да раѓа пак и пак, да тагува постојано. Како мајка можам да кажам дека бременоста може да биде извор на страв наместо на среќа. Во нормални услови, бременоста е извор на среќа и задоволство. Сепак, во контекст на војна, бременоста станува извор на страв и збунетост бидејќи се плашиш од смртта на твоите неродени деца уште пред нивното вистинско раѓање“.
Во иста насока, др. Ибрахим Матара, сведок на најголемите ѕверства на оваа војна, ја опишува една од најболните сцени на која посведочил: „Видов мајки кои трчаат по ходниците и плачат како да дошол крајот на светот. Тие задишено извикуваа бесни прашања и врескаа „Дали се живи? Кој е сè уште жив? Каде се моите деца? Боже, немам никој освен нив“.
Жртвата Хеба Абу Нада ја опиша примарната улога на мајките во Газа, загриженоста: „Мајките не ги разбираат вообичаените телефонски повици наменети да ги смират или да ги прашаат децата за времето кога би се вратиле дома. Во нивните умови секое прашање означува катастрофа и нешто страшно кое се крие од нив. О Боже, дали некогаш мајките ќе престанат да се грижат?“ Важно прашање кое го поставува жртвата и кое ненамерно го одговора во друг пост: „Во рајот, има нова Газа што сега се гради и што не е под опсада“, имплицирајќи дека грижата не може да ги напушти срцата на мајките во Газа освен во паралелен универзум без израелската окупација.
Постколонијалните феминистички теории ја истакнуваат силната врска помеѓу мајката и нацијата и укажуваат дека на биолошката улога на жената често ѝ се доделува централно и важно место во националниот дискурс и националната борба. Телата на жените се систематски таргетирани како дел од колонијалните механизми на моќта за да наметнат расна доминација и да ги елиминираат домородните заедници. Сексуалното насилство извршено во колонијален контекст врз домородните жени е преку силување, контрола врз нивните репродуктивни капацитети, измачување и убиство.
Шалуб-Кеворкиан истакнува дека неизбалансираноста помеѓу надворешната израелска моќ и внатрешната палестинска моќ води до пренасочување на израелската моќ кон групи на луѓе со ограничувачка моќ, вообичаени жени. Нејзината анализа предложува дека насилството врз телата на палестинските жени и нивната сексуалност е засилено од зионистичката држава за да ги зајакне патријархалните структури. Израелската држава ја искористува заканата од сексуално насилство врз палестинските жени и патријархалните сфаќања за сексуалноста и „честа“ за да регрутира Палестинци како соработници и да го одврати организираниот отпор.
Зионистичката и колонијална пропаганда ги портретира Палестинците како луѓе на кои им фали „витаминот“ на мајчинство додека израелското општество е претставено како врвот на хуманоста и емоцијата. Тие се обидуваат да го жигосаат палестинското општество како уназадено, дискриминаторско кон жените и полно со омраза. Но, реалноста покажува дека мајките се носечкиот столб на палестинското оштеството и нивната улога не може да биде сведена само на биолошкото мајчинство. Мајчинството станува револуционерна сила; растењето деца во окупирана Палестина е дел од нашиот колективен отпор особено бидејќи мајчинството изискува растењето деца да биде животна сила во свет кој може само заеднички да биде променет.
Палестинската жртва, Џамила Ал-Шанти, позната како Ум Абдула е важен пример за револуционерната улога на мајките во Газа. Ал-Шанти, која беше убиена на 18 октомври во бомбашки напад на незјината куќа од израелски воени авиони во градот Газа, беше првата жена која се придружи на политичкото биро на Исламистичкото движење на отпорот (Хамас), а се истакна по тоа што водеше женски марш во 2006 година кој успешно ја проби израелската армиска опсада на џамијата во Беит Ханун, каде десетици борци на отпорот беа опколени. Три дена по тој настан, нејзината куќа беше уништена од израелски воздушен напад, кој доведе до смрт на сопругата на нејзиниот брат. Во 2013, таа беше назначена за Министерка за женски прашања, а во 2021 таа стана членка на политичкото биро на Хамас.
Илјадници мајки во Газа умреа, додека илјадници останаа вдовици, а илјадници ги губат своите деца. Масакрот продолжува и континуираната трагедија што го кине срцето допрва треба да запре. Сево ова е реално и нема никаков начин жените од Газа да ја изразат својата болка освен низ врисоци, солзи и долготрајни оплакувања кои ги допреа срцата на милиони мајки зад екраните ширум светот. Мајчинството е колективен инстинктивен акт, силата на мајчинството не познава граници и ниедна проза не може соодветно да ја опише. Зад сите исцрпени палестински мајки, има една мајка која ги презема сите наши товари и ги издржа сите наши болки во патувањето кое датира уште пред повеќе од 2000 години. Таа е чувар на нашите сеќавања и заради неа се пролеа нашата крв. Таа е нашата голема мајка и нашата земја, Палестина, од реката до морето.
*Податоците од оригиналниот текст се обновени од преведувачката согласно новите достапни бројки
Авторка: Лама Гоше