,

Неутрално дебела

Бунтот кон правилата го почнав со тоа што го преземав назад зборот дебела од оние кои го користеа за да ме повредат.

Marlene Juliane
Marlene Juliane

Во прво одделение, по патот до училиште ме следеше едно момче и викаше по мене: Свиња! Ти си свиња! Имав 7 години, но јасно ми беше дека тоа момче ме споредува со тоа животно поради мојот изглед. Но, уште ја немав интернализирано пораката дека тоа е нешто од кое треба да се срамам. Се чудев, зошто ако сум дебела, тој смее да ме споредува со животно. Навистина не ми беше јасно зошто тој се однесуваше како да сака да се чувствувам повредено кога зборуваше за мојот изглед. Јас бев сосем задоволна со тоа како изгледав.

Би сакала да можев да ја завршам приказната тука, дека едноставно останав самоуверена како што бев кога имав 7 години. Но, претпоставувам сите знаете како продолжува приказната. Тоа момче беше првата личност која ми ја пренесе пораката што доминира во патријархалната култура: дека моето тело е грдо, дека тоа е нешто од кое треба да се срамам и кое морам да го контролирам. Тоа момче беше прво во низата контролори на моето тело, кое како тело на жена е јавна сопственост, оставена на милоста и немилоста на набљудувачот.

Кога имав 15 години ни најавија дека ќе имаме систематски преглед на училиште. Знаев дека медицинската сестра ќе ми нареди да се качам на вагата и потоа на глас ќе ја најави тежината пред моите соученички. Викендот пред систематскиот преглед се надевав дека постои начин магично да ослабам барем 7 килограми за 3 дена. Целта ми беше, ако ништо друго, барем да бидам втора по тежина во класот. Морав да победам барем една девојка, за да не се чувствувам огорчено.

Во тие години, дебела не беше само збор кој неутрално го опишува моето тело. На 15 години се чувствував како тоа да е пресуда. Се гледав како крајно непривлечна и воопшто не беше важно што сѐ уште си се допаѓав на самата себе. Дотогаш веќе ја имав интернализирано пораката дека мојата вредност е проценката на некој маж, па не е ни чудно што ми се чинеше дека секој втор возрасен ми вели: Ако не ослабеш како ќе си фатиш дечко?.

Кога имав 20 години, отидов на психијатар. Само што ја имав победено најголемата криза со моето ментално здравје. Гордо ѝ кажував на лекарката колку подобро се чувствувам. Притоа, спомнав дека имам почнато да вежбам, за да се чувствувам подобро. Таа ја пофали одлуката и ми рече: “Супер што вежбаш, ќе изгубиш и некој килограм. Сепак девојче си, не е убаво…” Не докажа што не е убаво, но претпоставувам дека мислеше на 10те килограми кои ги имав качено од кога почнав да пијам антидепресиви.

На овој настан не изреагирав соодветно на гневот кој го чувствував. Но, во тој момент, нешто се смени во мене. Сфатив дека не можам да продолжам да ја земам здраво за готово пораката дека поради тоа што сум жена која изгледа на одреден начин, морам постојано да се срамам и да го оправдувам своето тело.

Бунтот кон овие правила го почнав со тоа што го преземав назад зборот дебела од оние кои го користеа за да ме повредат. Знам дека тој збор носи болка за многу луѓе и дека можеби некоја друга жена би избрала некој друг збор, кој не е толку обоен од трауматични искуства. Меѓутоа, за мене, да се опишам себеси како дебела и тоа навистина да биде неутрален опис, е радикален чин на љубов кон самата себе. Решив дека моќта која порано му ја давав на тој збор, ќе си ја дадам себеси.

Потоа, решив наместо да го игнорирам моето тело, да му дадам повеќе внимание. Порано се плашев од својот одраз во огледалото. Почнав да го менувам тоа со тоа што често се гледав во огледалото и едноставно неутрално се набљудував. Тоа беше еден вид медитација која ме научи дека вредностите кои им се даваат на телата се површни и условени од културата во која живееме. Затоа, наместо да го вреднувам моето тело како непосакувано и грдо, можам да му дадам други вредности како убаво, сакано или силно. Со оваа пракса научив искрено да го сакам своето тело, а со тоа и да сум среќна кога го гледам.

Освен надворешното набљудување, почнав и да го насочувам фокусот кон тоа како се чувствувам во сопственото тело, а во тоа особено ми помогна јогата. Порано ми се чинеше дека моето тело не е добредојдено во ниеден фитнес центар. Но, моите први јога искуства се одвиваа во средина со голем диверзитет на тела. На часовите имаше секакви луѓе: мајки, средновечни мажи кои за прв пат се среќаваа со јога или пензионерки кои правеа пози кои никој друг во групата не можеше да ги направи. Во таа средина се чувствував прифатена онаква каква што сум. Неочекувано, јогата ми донесе и самодоверба, бидејќи ми помогна да сфатам дека можам да направам многу нешта со моето тело кои дотогаш ми се чинеле недостижни поради мојата тежина.

Нормално, сè уште има денови кога сум несигурна. Понекогаш во внатрешниот монолог ми се провлекува некоја навреда кон самата себе, а знам и да се споредам со други жени како што порано правев редовно. Но сега имам развиено механизми кои ми помагаат во надминувањето на овие остатоци од омразата кон сопственото тело, а тоа е најважната промена. Телесната позитивност не е нешто што се случува преку ноќ. Телото не е статично, тоа е постојано во процес на промени. Затоа и телесната позитивност е процес на кој постојано треба да се навраќаме.

НАПИШАНО ОД:

Вања Кирова

Jul 20, 2020

Коментари
Scroll to Top