Изминативе години постојано ги пребројувам сите обврски што ги имам во денот, надвор од работното место. Тука спаѓаат правење списоци за пазарење, смислување на ужинки за ќерка ми за во училиште плус оброци за дома, паметење на сите родендени и детски активности, закажување на лекарски прегледи, организирање на домашните финансииправење распоред за завршување на домашните обврски и листата може да трае засекогаш. Бидејќи почнав да заборавам одредени обврски и состаноци, сега календарот ми е преполн со активности што ги имам во текот на една недела: и работни и домашни. Мислам дека повеќето мајки и жени би се согласиле дека бремето на планирање,паметење и организирање на обврските околу домот и семејството паѓа на жената. Понекогаш уште пред да почнам со денот јас веќе се чувствувам уморно поради сите обврски кои морам да ги „изменаџирам“ или сум под постојан стрес дека нешто важно сум заборавила.
Околу празниците и Нова година бев во burnout, а воедно фатив и грип, па ми падна особено тешко дека ќе ги пропуштам повеќето претпразнични собиранки и можноста да поминам повеќе време со пријателите и луѓето што ми значат. Но, од друга страна, чувствував и олеснување дека не морам да ги испланирам сите настани што требаше да се случуваат во тој период со семејството и да придонесам дополнително за празничната атмосфера во домот. Само што, таа оддишка не требаше да следува по прегорување и грип. Откако се подопоравив, секако, сè се врати по старо.
Менталниот товар на една жена во хетеросексуална врска или брак е многу реален и постојано присутен. Менталниот товар е продукт на вообичаеното организирање на едно просечно домаќинство во кое еден од партнерите, обично жената, има улога на „микро-менаџерка“, а другиот партнер, обично мажот, има подредена улога или попасивен пристап кон извршувањето на домашните обврски т.е. очекува да добива инструкции и насоки за тоа што треба да прави. Мега-популарниот стрип „You should’ve asked“ (2017) или во слободен превод „Требаше само да прашаш“, на една анонимна француска илустраторка која работи под псевдонимот Ема Клит, е одличен начин на запознавање со концептот на ментален товар (анг. mental load).

„Менаџерката“ е преоптоварена со задачата да памети, планира и знае што треба да се направи со цел домаќинството да функционира нормално. Често забележувам дека мојот партнер ќе направи голем дел од домашните обрвски или грижата за семејството, откако јас ќе му посочам дека треба да бидат извршени. Ова ме фрустрираше и ме правеше уште поуморна на крајот од денот, зашто очекувам дека прашината што треба да се избрише или алиштата што треба да се соберат се видливи за сите, а не само за моето око. Тогаш зошто јас да бидам таа што делегира што и кога треба да се направи? Врвот на фрустрацијата го доживеав откако мајка ми пред да одам на службено патување ме праша кој ќе ја земе ќерка ми од училиште или што ќе јадат дома со татко ѝ, како тој да не може да се „снајде“ за неколку дена и да се грижи за сопственото дете. Во тој момент одлучно одговорив дека тоа воопшто нема да биде моја грижа во следните неколку денови и дека не можам да мислам на сè и тоа оддалеку. Едноставно одбивам постојано да сум на штрек дека нешто заборавам или не сум го испланирала денот до крај како што треба.

Последниците од менталното оптоварување
Според едно поново истражување спроведено во декември во САД, мајките во хетеросексуална врска или брак преземаат 71% од менталниот товар во домаќинството, вклучувајќи планирање, распоред и организирање.
Според истражувањето, татковците имаат тенденција да се фокусираат на епизодни задачи како што се поправките во домот, но го преценуваат нивниот вкупен придонес во споредба со мајките. Менталниот товар е исто така познат како когнитивен труд во домаќинството. Домашниот когнитивен труд е сличен на другите форми на неплатен труд во домаќинството по тоа што е родово небалансиран, но се разликува по тоа што може да се карактеризира со уште поголема родова нееднаквост.
Покрај когнитивниот труд, мене еднакво дури и повеќе, ме истоштува емоционалниот труд, односно трудот што го вложуваме ние мајките во справување со емоциите на своето дете или грижа за тоа како дете се чувствува или (на пример) како се снаоѓа на училиште. Третото ментално оптоварување е пресекот на двете: подготвување, организирање и предвидување на сè, емоционално и практично, што треба да се „изработи“ за денот да почне и заврши „нормално“. Во овој контекст, често сум многу поизморена од серијата преговори со ќерка ми за тоа што да облече за на училиште, додека истовремено гледам што фали во фрижидерот.

Оваа нерамнотежа на домашниот когнитивен труд често води до стрес, исцрпеност и оптоварување на кариерите, но и животите на жените. Менталниот товар може да придонесе кон негативни последици кон психолошката благосостојба, а е поврзан со квалитетот на врската и бракот, депресијата и целокупното ментално здравје на жените[1].
Споделена одговорност
Нееднаквоста помеѓу мажите и жените во однос на менталниот товар, секако се должи на општествените очекувања од мајките, почнувајќи од тоа да имаат сè испланирано и да бидат примарниот родител од кого се очекува најголема одговорност во однос на семејството.[2]
Почнувајќи од градинките и училиштата каде што најчесто мајките се оние кои први ќе добијат поцик од воспитувачките или наставниците/чките за нешто околу детето, па сè до мимот од мажот пратен со список во маркет што сепак ќе се јави кај жена му да побара помош. Овие очекувања од жените си влечат историски корени, особено од митот дека жените имаат природна способност успешно да балансираат сè – кариера, деца, среќен брак, да се грижат за себе и да имаат совршен дом – како во некоја реклама.
Еве каде настанува проблемот. Од една страна жените сè повеќе се поттикнуваат да учествуваат на пазарот на трудот и да бидат економски независни, а воедно да бидат мајки и домаќинки, нешто што во последно време го слушаме доста и од политичарите на власт. Од друга страна, не се прават промени во доменот на грижата и наративот многу малку (речиси воопшто) се менува во однос на учеството на мажите во неплатениот домашен труд. Жените не се биолошки предиспонирани да бидат поорганизирани или да прават подобри планови за домаќинството, туку очекувањата, традицијата и, следствено, луѓето околу нив, не им даваат голем избор. Тоа што сè уште недостасува е системска поддршка, социјална инфраструктура, повеќе градинки и домови за грижа на стари лица како и родово-сензитивно образование уште од најмали нозе, како би се научило дека одговорноста за домот припаѓа на сите што живеат во него.
Менталниот товар е уште еден аспект на неплатениот домашен труд, односно невидливиот напор зад „беспрекорно“ функционирање на едно семејство или заедница. Често зад таа привидна беспрекорност стои една преморена жена.
Децата не се деца само на мајката, а домашните обврски не припаѓаат само на жената. Домот и семејството не се проекти што треба да се завршат, а жената не е „извршна менаџерка“ која ќе биде задолжена да делегира работни задачи и да се грижи за благосостојбата на сите. Во суштина, само со рушење на стереотипите и предрасудите може да се сруши и доминатното очекување од жената да биде примарна негувателка и организаторка, на сметка на сопственото време, здравје и благосостојба.
[1] https://link.springer.com/article/10.1007/s00737-024-01490-w
[2] https://thenewfeminist.co.uk/2023/07/but-you-should-have-just-asked-the-burden-of-the-mental-load/