Втората збирка на авторката Калиа Димитрова, Во хаосот радост е зрело поетско достигнување што ѝ нуди свеж, нов идентитет на македонската поетска традиција. Се работи за збирка од триесет и пет песни што ги спојува интимното, субјективно, искуствено согледување на современиот свет низ меланхолична, но и изразито женска призма. Ова е збирка која живее во урбаните пејзажи на современоста, каде што поетскиот субјект јас, од идентитетско гледиште на жена, кротко, истрајно и храбро ги соголува своите искуства, сеќавања и доживувања. Во нив несомнено доминира извесна меланхолија, извесна тага. Но и покрај тоа, овие песни се полни надеж, како што впрочем и навестува самиот наслов на збирката, од истоимената песна „во хаосот радост“, која победоносно ја крунисува стихот „што и да следува, ја бирам страната на новите деца“.
Стилски, песните на Калиа Димитрова наликуваат на конфесионалистичката школа на поезијата поради нивната беспоштедна искреност и исповедност. Така, тие се испреплетени со различни сеќавања од животот кои би можеле да се наречат „табу“, како во песната „луткица од Базар“: “Баба ми исто така ме фати како се тријам со омилената кукла во креветот со цветна резба, во / нејзиниот стар стан, каде со сестра ми носевме долги, свилени ноќници. / Она ќе ми води љубав, кажа и ме одвлечка во дневната“. Впечатлив пример е и песната „да се биде човек е драматично“, која ја опфаќа темата на психичкото растројство. Димитрова често вметнува конкретни детали или ситуации од минатото во песните, кои вешто ги употребува за да отсликаат одредена душевна состојба, како што е во песната “Славка Недиќ“, од која произлегува сјајниот стих “Ноќе креветот ме голта како гропче“. Во поезијата на Димитрова јасно се чувствува ефективното и пренаменето влијание на американската поетска традиција, па овие песни комуницираат со автори како Роберт Лоуел, Елизабет Бишоп и Франк О‘Хара, а во македонската традиција со Магдалена Хорват.
Освежително во поезијата на Димитрова е начинот на кој го користи јазикот. Таа не бега од живиот, скопски говор на кој е растена и не се заглавува во прангите на литературното и стандардното. Токму затоа песните се убедливи, како огледало на реалниот израз. Еве и пример: „чувам „Rašica“ џемпер од татко ми/од летото кога берел јагоди/па ги спичкал парите во Лондон“ од песната “толку долго бев млада, а стара сум уште подолго“ или пак живиот дијалог во песната насловена „I“ каде што одекнува незаборавниот рефрен, „чија си девојченце, чија си“. Песните се главно напишани во слободен стих, со повремени внатрешни рими (материјалот на риги/-сино, бордо, бело/ѝ го крие искривеното тело во „да се биде човек е драматично“), а понекогаш самите природно се преточуваат во проза.
Како и во претходната збирка, а и во склад со нејзината дејност како главна уредничка на феминистичкиот портал „Медуза“, не е необично што оваа книга на Калиа Димитрова е баш – женска. Во фокусот е женското искуство, женскиот глас, женското размислување. Но пишувањето во никаква смисла не е активистичко, памфлетистичко или прескриптивно: тоа е длабоко осмислено, критичко и нежно видување на женскиот идентитет од интимен агол, што дополнително ја прави оваа збирка навистина значаен современ поетски настан.

