Единствено како отелотворени суштества имаме време.
(Fanny Söderbäck)
Се обидувам да најдам зборови за да опишам едно неподносливо, но сеприсутно чувство што ми ги обележува деновите. Тоа е чувството дека немам(е) време.
Во мноштвото сценарија за тоа како ќе го започнам овој краток текст што треба да ве воведе во книгата која го одбележува и воедно го заокружува петгодишното постоење на феминистичката платформа „Медуза“, времето коешто го немам(е) дефинитивно не беше на мојот радар. Но со оглед на тоа што не научив ниту да размислувам, ниту да пишувам, а ниту да живеам кохерентно, морам да истражам каде ќе ме одведе оваа мисла. Кој ги врти книгите со подвлечени реченички, што месец дена чекаат да седнам и да го напишам овој текст со нивна помош. Моите референци се all over the place, моите ментор(к)и дотолку повеќе, мојот систем на знаење е хаотичен и конечно се помирувам со тоа. Тоа е што е, импромпту засекогаш!
Кога велам дека имам чувство како да немам време, не мислам на мојата возраст или на нешта што според општоприфатеното животно темпо треба да ги правам (или да престанам да ги правам) како жена во своите рани 30-ти. Ниту, пак, мислам на некоја романтична карпе дием мудрост за зграпчување и вреднување на денот. Крајно, не мислам ни на морничавиот економски притисок да се прави, да се работи и да се „хасла“ на сметка на слободното време, или поедноставно кажано – на сметка на слободата. Иако, сите овие нешта се веројатно поврзани.
Но, ако не мислам баш на овие нешта, тогаш на што всушност мислам кога велам дека немам(е) време?
Додека се обидувам да се сконцентрирам на текстов, бледо виножито се појавува на синото скопско небо, кое понекогаш е изненадувачки трансцендентално, дури и во зима. Можеби особено во зима.
Годината е 2023, изјавува Кристина Атанасова при крајот на својот текст „Станувајќи машина“, кој е дел од оваа публикација. Реченицата не кажува ништо повеќе – кажувајќи која е годината, како да е кажано сè. Можеби и сè е кажано.
Во неколку наврати се фаќам себеси како користам реченици напишани од мои другари и другарки мислејќи дека се мои. Убаво, зар не? И без овој текст мора да се може, напиша Вики Младенова во својот текст „Надежта е во неоткажувањето“, кој ја отвори минатогодишната публикација на „Медуза“, „Променливо облачно“.
Овие совршено кратки и, за мене, совршени реченички, се истакнуваат како некои оски на мојата мисла која бега. Навистина, без овој текст, без оваа книга, и конечно, без „Медуза“, мора да се може. Годината е 2023. Ништо не е ново. Сè е напишано. Никој нема време за читање. А сепак, повторно треперам на моето наследено столче, пред моето мало лаптопче, пред големата задача да кажам зошто без „Медуза“ не се може. Годината е 2023. Единствената разлика помеѓу геноцидот што се случува денес и оној од минатиот век е тоа што гледаме како се случува на нашите телефони. Зарем некој верува дека зборот ќе го спаси светот?
Пред некој месец поканивме соработнички, пријател(к)и, со-сонувачи, личности од кои сме учеле и кои учеле од нас, да ги споделат своите мисли, визии, стравови, теории, мечти, копнежи и сомнежи поврзани со иднината. Оттогаш до сега, размислувањето/пишувањето за новите добри времиња се покажа како безобразно опасна идеја излезена од страниците на некоја мрачна сатира.
На што всушност мислам кога велам дека немам(е) време?
Едно пријатно летно попладне седев со сестра ми на терасата од каде што сега ѕиркам како веќе полека се стемнува. Се сеќавам дека разговаравме на оваа тема и јас се трудев да ѝ објаснам дека се чувствувам како да живеам некој глич. Како да сум заглавена во некое лебдечко простор-време и чекам да почне животот. Вистинскиот живот. Дека се чувствувам како времето да оди пред мене, а јас сум постојано зад него. Таа ми одговори дека времето и доживувањето на времето е поврзано со нашиот емоционален пејзаж и треба и да се разгледува од тој аспект, наместо, да речеме, од помалку смешниот, а повеќе страшниот концепт за „менаџирање на времето“. Мојата неприспособеност кон времето, сфатив, не е поврзана со метафизиката на времето, туку со генералната збунетост од и бунтовност кон наводната нормативна животна/историска траекторија. Доаѓа од мојата (женска) неприспособеност кон околината, очекувањата, болката, културата на итност, ригидноста, омразата. Неприспособеното тело, заглавено во дисоцијативен грч, почнува да постои надвор од претпоставеното линеарно течење на времето, кога сфаќа, всушност, кога чувствува, дека нештата не се поврзани во причинско-последичен след. Историјата, очигледно, се повторува. Женското тело, квир телото, маргинализираното тело, телото со попреченост ова го знае и чувствува – оттаму стравот, паранојата, меланхолијата, но оттаму и издржливоста, креативноста, пријателството, храброста. Или, со далеку пософистицираните зборови на Славчо Димитров, од зборникот „Квир-хронополитики: историја, афекти, утопии“, феминистичките, квир- и транс-студиите на темпоралноста тврдат дека европското нормативно време е организирано за да поттикне длабоко родова дихотомизирана хетеронормативност и дека жените и сексуалните малцинства често го живеат времето поинаку.
Годината е 2023. „Новите добри времиња“ постојат во истиот простор каде што постојат и „старите добри времиња“ – првенствено во нашата имагинација. Но за воопшто да можеме да замислуваме и испишуваме поинаква иднина, која не е репродукција на насилното минато, важно е да ја обзнаниме, прифатиме и отелотвориме неприспособеноста кон времето. Ако ништо друго, тогаш поради едноставниот факт – за нас, ниедно време конструирано на овој начин не е добро време.
Имајќи ја на ум оваа едноставна (можеби интуитивна) вистина, авторките и авторите кои се одважија да пишуваат на оваа тема, успеаја колективно да ја доловат комплексноста, потентноста и опасноста од размислувањето, замислувањето и креирањето иднина. Во публикацијава се претставени 27 интерпретации на новите добри времиња, кои во својата разновидност и разиграност во однос на формата, пристапот, содржината и тонот, од една страна, ја доловуваат разноликоста на „Медуза“ како колектив и заедница, а од друга страна, ја отелотворуваат феминистичката неприспособеност кон линеарноста, здраворазумот, нормативот – ако тоа подразбира постојана репродукција на опресивни парадигми и структури.
Сега, откако успеав да ја победам тремата која ме обзема секојпат кога треба да напишам вовед за публикација на „Медуза“, можам да издишам и да почувствувам некаков вид задоволство во овој момент. Веројатно благодарение на општата глобално-локална нестабилност во која расте, се развива, менува и култивира оваа феминистичка платформа (а и благодарение на мојот личен отпор кон планирање и правење стратегии), чудно ми е, дури неверојатно, дека нешто што сум го иницирала со апсолутен сомнеж и страв, може да постои цели пет години. Сепак, тоа е конзистентност со која не можам да се пофалам кога станува збор за мојот љубовен живот. Ова можеби звучи како несоодветна шега, но местото, најпосле, ѝ е тука, зашто токму нашиот неуспех да перформираме некој зададен линеарен план, токму најинтимните, најранливите и најболните точки од нашето банално секојдневие нè носат поблиску до себе и едни до други, во обидот, експериментот, копнежот, да ги живееме нашите животи онака како што заслужуваме и како што сите заслужуваат – слободно.
Претходниот параграф ја имаше потребната драма за еден соодветен крај на овој вовед, но во ова неуредно раскажување ќе си дозволам да додадам уште нешто. Попладнево, некаде помеѓу виножитото и мракот, бев на јога. На крајот на праксата, додека лежевме во шавасана, а јас интензивно размислував на текстов – да си признаеме, кој успеал да се прочисти од мисли во 10-минутна медитација – мојата учителка Ивана кажа нешто што во тој момент ми звучеше како мини пророштво:
Заборави на тоа што го знаеш за просторот. Заборави на тоа што знаеш за времето.
Отвори го срцето со љубопитност.
Чувството дека немаме време, дека минатото, сегашноста и иднината се испомешани во некоја смеса која не ја разбираме, но ја чувствуваме, можеме да го разгледуваме не како сила која притиска, брка и толчи, туку како отелотворено знаење и отпор кон наводната смисла на нештата што очигледно немаат смисла. Да се нема време значи исто што и да се има време, бидејќи не значи ништо конкретно.
Надвор од ова време кое не е наше, никогаш не било и никогаш нема да биде, се наоѓа нашиот свет, смисла, текст, надеж, по кои заедно трагаме, верувајќи дека потрагата не е залудна. Верувајќи во новите, добри времиња кои постојат отаде митолошкото минато и фантазматската иднина, во тоа што правиме сега.
Тоа е просторот што се обидувам да го населувам и тоа е просторот кој храбро го населува вечно неприспособената смеа на „Медуза“.
Со многу љубов и грижа,
Калиа Димитрова,
главна и одговорна уредничка на Медуза