пишуваат: Queers In Palestine
Јазик: Неформулирани преку колонијално насилство и отпорни на бришење
Една година од почетокот на тековниот геноцид, етничко чистење и обиди за проширување на ционистичкиот доселенички-колонијален проект – но и од нашиот континуиран глобален бунт – испраќаме порака од Палестина до светот, и покрај тоа што не постојат зборови што ќе ја доловат длабочината на нашата колективна траума и радикалниот отпор што го отелотворуваме. Зборовите се трошат додека сведочиме за уништувањето на тела, земји, истории и иднини. Јазикот повеќе не може да ја додржи тежината на нашите страдањa, бес и бескрајна тага, покажувајќи се недоволен за нашите чувства и искуства. Додека капитализмот, смртта и уништувањето што ги сее колонијализмот го повредуваат светот, ние сепак решаваме да го испорачаме нашиот глас, и понатаму трогнати од силата на животот, сила која секогаш ќе нѐ турка низ и кон него.
Палестина и Либан: една земја обвиена во жалост и борба
Ционистичкиот колонијален ентитет сè уште постои бидејќи колонијалните и империјалистички сили продолжуваат да го поддржуваат и финансираат. Тоа се истите сили што го воведоа колонијалниот договор Sykes-Picot кој ги подели Палестина, Либан, Сирија, Јордан и другите арапски нации во 1916 година и постави граници околу нашите земји. Денес ги живееме последиците од овие системи. Поради тоа го отелотворуваме знаењето за извршеното насилство и се обидуваме да го предупредиме светот дека овие сили ниту ја гледаат нашата хуманост ниту го почитуваат нашиот суверенитет. Светските ветувања за правда и одговорност по пат на колонијални меѓународни закони и институции само репродуцираат насилство и штета без никаква промена. Самото постоење на овие колонијални сили е изградено врз туѓата (општествена) смрт и експлоатација. Истата тактика на уништување што се користи во Газа од октомври минатата година, сега се користи и во Либан. Овие тактики стигаат до сите нас – од алатки за надзор поради политичка репресија до оружје за директни убиства, од корпорации до останати колонијални структури. Ако не ги срушиме, овие системи ќе продолжат да нѐ цицаат и голтаат.
Ционизмот како закана за човештвото
Ционистичкиот доселенички колонијализам изврши инвазија во Јемен, Либан, Сирија, Ирак и Палестина, но истовремено претставува и глобална закана. Додека ционистичкиот ентитет ја користеше Палестина како полигон за развој и тестирање на технологии за угнетување (како сајбер инвазија и технолошка војна) со цел да го контролира населението и да го потисне отпорот ширум светот, овие ционистички изуми се извезуваат и се користат за државно насилство и понатамошно колонијално, империјално и капиталистичко проширување. Ционистичкиот ентитет ја афектира геополитиката и екстракцијата на ресурси низ Латинска Америка и Африка – од рударските проекти во Намибија, до екстракцијата на дијаманти во Ангола и ‘Cop City’ во САД – и неговата агресија може да се ограничи само преку борба и негово укинување.
Митот за индивидуализмот и поделбата
Индивидуализмот е инструмент на системите на (нео)либерализмот, расниот капитализам и колонијализмот. Дизајниран е за да ги уништи нашите колективи и практики на заедничарење преку поделба и расцепкување – да нѐ отуѓи едни од други, од земјата, планетата и универзумот и од нас самите. Илузијата на поделбата ја негира нашата автономија и суверенитет врз нашите тела и земја. Затоа, му се спротивставуваме на овој колонијален мит за индивидуализмот кој им служи на угнетувачките системи. Ние сме меѓусебно зависни и нашите борби се поврзани и интерсекциски – не постои индивидуално ослободување. Никој не е слободен, додека сите не сме слободни.
На пат кон аболиција и трансформација
Нашата реалност и нашите квир, феминистички, радикални вистини не можат да се измерат ниту, пак, да се сведат на податоци, екрани и потрошни слики. Геноцидното насилство со кое се соочуваме и на кое секојдневно му се спротивставуваме не е настан што треба да биде документиран. Обичниот говор не е доволен за овој длабок процеп што го раскинува ткивото на животот. Тој бара акција и трансформација, како и аболиција. Аболиција не само преку растурање на затвори и уништување на сите карцерални системи, туку и одбивање на сите структури кои се обидуваат да ги притворат и убијат нашите тела, желби, земји и иднина. Аболицијата е директна пресметка со силите кои настојуваат да нѐ избришат на патот кон животно афирмирање и системска трансформација. Аболицијата бара радикално да замислиме и изградиме поинаква иднина од сегашноста.
Надежта како радикална пракса
Нашите тела патат од исцрпеност, а нашиот дух попушта под немилосрдната тежина на угнетувањето. Во оваа земја што ни беше украдена, каде што го живееме геноцидот во секој момент, надежта е радикална пракса. Ние сме воини и бунтовници, преживуваме. Нема да згаснеме. Светската рамнодушност е предавство – тоа нам ни е јасно. Нема да дозволиме нашето разочарување да нѐ истроши. Се обединуваме и зајакнуваме поттикнати од нашиот колективен гнев и тага. Во овие тешки времиња, ја насочуваме нашата надеж како колективна сила на отпорот кон самиот темел на овие неправедни системи во Палестина и светот. Не само што ќе го преживееме овој геноцид, туку и ќе живнеме – ќе ја преосвоиме нашата украдена земја и ќе изградиме иднина ослободена од синџирите на патријархатот, колонијализмот, капитализмот и ционизмот.
Континуирана трансформативна борба за колективно ослободување
Една година подоцна, продолжуваме да ве повикуваме:
- Формирајте радикален, феминистички, квир, интерсекциски, деколонијален и аболиционистички отпор: поттикнат од бес, љубов и копнеж за правда, трансформација и колективно ослободување.
- Спротивставете се на хегемонистичкиот колонијален наратив: не престанувајте да зборувате за Палестина со вашите роднини, квир браќа и сестри, пријатели и заедница. Предизвикајте го колонијалното и исламофобично врамување на палестинските и расистичките гласови како антисемитски.
- Работете на нарушување на колонијалните и капиталистичките системи што го овозможуваат ова насилство. Беснејте и штрајкувајте против користењето на вашиот труд и даночни пари за финансирање, поддршка и одобрување на колонијализмот и геноцидот на доселениците. Борете се против владите и повикајте ги да преземат одговорност за нивната поддршка и воените, дипломатски, економски и политички односи со Израел.
- Бидете гневни и обжалете како радикална стратегија за промена: заедно ги насочуваме нашите гнев и тага кон свет ослободен од ционизмот и сите други системи на угнетување.
- Радикално замислете поинаков свет и применете ја оваа имагинација во пракса со тоа што ќе се организирате да се борите против сегашните системи и да ја изградите иднината почнувајќи од сегашноста.
Во вечно сеќавање на оние што ги изгубивме и цврсто опирајќи се со сите можни средства.