Пред оваа празна страница, секоја мисла и секој подвиг се ужасно тегобни. Без да ме предупреди, страницата се преобразува во простран, застрашувачки предел. „Која сум јас да пишувам за ова?“, „Која сум јас да пишувам воопшто?“ – прашањата низ шепот упорно го впрегнуваат секој нагон на прстите кон тастатурата, секој потег кон белиот лист. Во стегите на двоумењето, тие се безбројни. Дали да се осмелам да го поминам пространството на празната страница без да ја спознаам секоја педа од феминистичкиот канон? Што ми дава за право да ја наметнам сопствената когнитивна мапа врз недопрената белина на листот?
Тогаш, како по обичај, времето почнува да тоне – не во пишување, туку во живиот песок на чинот на подготвување за создавање: читање, дискутирање, размислување, впивање. Одлагање. Одлагање. Со времето тонам и јас. Светот околу мене се стеснува, во мојот видокруг неговиот крај е испишан со задебелени наслови – климатски промени, фемициди, транс-геноциди, економски кризи, војни. И сè така додека не наидам на наметливата самоувереност на извесни машки гласови – автори, новинари, политичари или, во поново време и црковни лица – што дрско го заземаат јавниот простор и со своите бесмислени, кусовидни гледишта зборуваат во наше име. Токму ваквите гласови во мене го оживуваат пркосот кон истата оваа празна страница. Зошто? Од каде оваа одговорност и обврска кон пишаниот збор?
Речиси секогаш кога ќе ми се надвисне овој пороен пркос, несвесно седнувам на килимот исткаен од мојата прапратетка кој случајно го добив како подарок од баба ми. Додека ги отворавме кутиите и ковчезите од подрумот во кои таа ги има сочувано остатоците од нашите животи низ годините, секое старо парче облека се претвораше во гравитациски центар на секоја моја метаморфоза. Во една од кутиите беше и килимот. Штом го распославме, воздухот се згусти, не од прашината, туку од зашеметувачката динамика на неговиот дизајн. Дрските бои сопоставени со сложените форми зборуваа за вонземски подвиг, недостижен за човечки раце. Во тој момент не ни помислив да прашам која е личноста зад килимот. Не можев да ѝ се доближам на помислата дека човечките раце се способни за ваква уметност. Штом го донесов во Мелбурн, местото на тепихот во мојот простор беше во постојан флукс. Тежината на одговорноста што ја чувствував кон него ме поклопи. Не можев да решам дали вреди да го изложам на хаосот на секојдневието или да го сочувам во сигурноста на пластичното вакуум-ќесе. На крајот, се одлучив да го оставам во дневната соба. Но, одлуката не беше без компромис: ако требаше да биде во мојата дневна соба, тогаш бараше друг вид почит и сакрализација што ќе го издигне над обичноста на еден украсен предмет. Но, како?
Колку повеќе се обидував да откријам која била мојата прапратетка, нејзиниот живот, кој баба ми умееше да го опише во само неколку реченици, беше остро сопоставен со комплексноста на нејзиниот килим. Баба ми честопати со истиот стоицизам ги пренесуваше приказните за жените во нашето семејство. Информациите за животот на прапратетка ми беа фактографски без емотивна длабочина, без ниту еден траг од нејзината субјективност – живеела сама, била педантна и вредна и често ткаела. Во меѓувреме, додека се обидував да ја разоткријам нејзината лична историја, наидов на „Полот на меморијата: руралните жени и кинеското колективно минато“ од Гејл Хершатер.
Стоицизмот со кој жените ги раскажуваат своите искуства за време на Кинеската културна револуција во делото на Хершатер за мене стана сурово огледало. Една од приказните на Хершатер раскажува за жена која криела пари за да ја подобри иднината на блиските, а откако била разоткриена, заштедата ѝ била јавно запалена за да се осуди каква било форма на капитализам. Жената, пак, била продадена во работничко ропство. Години подоцна, таа се присеќава на настанот сублимирајќи го со само една реченица: „Парите изгореа, па јас морав да работам“. Оваа едноставна изјава зад себе крие слоеви на болка, економски очај и уништени соништа. Сепак, настанот е претставен како само уште едно безначајно случување од нејзиниот долг живот. Како и за самата Хершатер, која дознава за заднината на оваа реченица по безброј интервјуа со жената, така и за мене оваа бришење на женската субјективност од колективната меморија и историските наративи буди гнев и желба за женски глас кој смело и слободно зазема простор. Како и животите на безброј други жени, животот на мојата прапратетка, нејзините желби, соништа и предизвици беа сведени на обични фусноти, лишени од богатството на еден човечки живот. Нејзиниот свет беше срамнет со земја под тежината на патријархалните системи и вредности.
Одри Лорд вели: „Ако не се дефинирам самата себеси, би била здробена во туѓите фантазии, кои би ме изеле жива“. Но, за жал, дури и јас – можев само да си замислам. Често ја замислував тетка ми во соба, слична на онаа на Вулф – идиличен простор во некое замислено утописко време во кое таа слободна и откорната од животните стеги ја вткајува својата приказна во овој тепих (сето ова од единствениот факт – „Живеела сама“). Но тогаш, наместо таа да се наѕира над мене како дух од минатото, јас се гледав самата себеси како сениште кое ѝ го демне животот. Здробена ли беше таа во границите на моите замисли?
Во еден таков миг на разочарување, не случајно, наидов на зборовите на Ани Алберс, текстилна уметница и графичарка: „Дивергентни субјекти се појавуваат на виделина. Мислите, сепак, верувам дека може да се проследат наназад сè до настанот на секоја нишка“. Цитатот блештеше од екранот, навестувајќи дека чинот на ткаење – занает во кој историски доминираат жените, може да послужи и како живописна метафора за сложените слоеви на женската субјективност. Алберс открива дека една нишка може да носи огромен број меѓусебно поврзани и истовремено дивергентни идеи кои бараат активен фокус и истражување. Сложените шари на тепихот не беа само дизајни, ниту, пак, само мрежа од приказни и емоции, туку повик кон трансрационално[1] толкување. Килимот повикуваше на дијалог. По неколку месеци размислување на оваа тема, додека газев преку килимот, „просторот“ што тој го заземаше доживеа семиотички превод, преобразувајќи се во опипливо, културно, емоционално и значајно место. Оваа транзиција беше далеку од пасивна.
Додека размислував за сложените ткаенини на тепихот и животот на мојата прапратетка, нејзината субјективност, вткаена во нишките, ме вовлече во свет на безброј неодговорени прашања. Тепихот од обичен окупатор на просторот стана значајно место, и во опиплива смисла во мојата дневна соба и во апстрактните контури на мојот ум. Килимот стана клучна референтна точка што поттикна редефинирање на мојот ментален пејзаж. Идеите се метаморфозираа, а длабоко вкоренетите предрасуди во мене излегоа на виделина. Во овој трансформативен процес, ги откопав изгубените аспекти на женската субјективност, кои ме потсетија дека ние другите, оние надвор од доминантниот центар, не само што смело треба да заземаме простор туку и да го преобразиме во место. Далеку од обична реликвија од минатото, тепихот, сплотен со мојата потрага по длабочините на животните искуства на мојата прапратетка, стана магнетен компас што активно ја менуваше ориентацијата и ја рекалибрираше мојата когнитивна мапа. Освен што ја препознав неа во килимот, ѝ дозволив преку него да ја преобликува мојата лична перспектива. Верувам дека успеав да сплотам дел од неа во мене.
Килимот ми најави дека потенцијалната моќ на редефинирање на наративите досегнува и надвор од личната меморија и толкување. Потпирајќи се на идејата на Мишел Фуко дека моќта не е само репресивна, туку и продуктивна, чинот на раскажување, тогаш, станува вежба за дејствување и активизам. Тоа има потенцијал да ја трансформира динамиката на моќта преку генерирање нови форми на дискурс и општествена реалност. Како што нишките се испреплетуваат за да создадат таписерија, нашите изразени перспективи се сплетуваат за да ја обликуваат колективната меморија. Секоја изразена приказна од маргините е доказ за издржливоста, манифестација на храброст и длабоко вкоренета желба на секоја индивидуа да биде видена, разбрана и потврдена. Овие претходно непризнаени когнитивни мапи им пркосат на традиционалните системи кои се потпираат на центризам, повикувајќи на општествена промена од обични простори – статични и прописни – кон динамични места, ментални, физички и дигитални, кои пулсираат со колективна свест. Со приоретизирање на инклузивноста и елиминирање на ограничувањата на дихотомиите центар – периферија, почнуваме да замислуваме свет вкоренет во квир релации. Овде, дефинициите не се ригидни, изолирани ентитети, туку се развиваат во тандем со другите, при што секој термин наоѓа значење во односот со друг; перспективите не се ограничени само на женскиот поглед, туку се прошируваат за да ги опфатат сите маргинализирани гласови. Тоа е свет во кој наративот не е монополизиран од една единствена перспектива, туку напредува преку хармонична коегзистенција на безброј гледишта, овозможувајќи ниту една приказна да не биде препуштена во сенка и ниту еден глас да не е задушен (wishful thinking – зошто да не?).
Во „Смеата на Медуза“ (1975), Хелен Сиксу обелодени суштинска вистина: жените мора да пишуваат за себеси, да ги уништат преовладувачките наративи и да ги користат своите тела и искуства како инспирација. Оваа рекултивација на женскиот глас и другите маргинализирани гласови, ова запишување на себеси, овозможува мапирање простори претходно непознати или, поточно, познати, но ретко признати и нивно афирмирање во места.
На крајот на оваа страница, која веќе не е празна, првичниот гнев и тегоба што ја чувствував кон ограничените перспективи на одредени автори секогаш се засенети од безброј гласови што ги рушат старите тврдини и градови на патријархалните норми. Овие гласови и имиња, како моќна река издлабуваат нови патишта во таписеријата на нашата заедничка приказна. Тие ги редефинираат мапите по кои се движиме, создавајќи живописни места – било тие да се умствени, физички или дигитални. Тие се и единствените кои можам да ги наречам дом. И баш во овие места се кристализира мојата решителност. И, слушајќи ја дрската смеа на Медуза, повторно потврдувам: Напишете се, напишете сè.
[1] Надвор од рационалното; со опсег кој го потчинува, но сепак го вклучува рационалното.