Конечно јуни и конечно уште еден Skopje Pride Weekend!
Дванаесеттото издание на Викендот на гордоста – Скопје ќе се одржи од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија.
Оваа година, тематскиот фокус на фестивалот е Останувајќи со нелагодноста, а осврт на темата дава кураторот на фестивалот, Славчо Димитров, во воведот на пропратниот зборник на фестивалот.
Интегрално го пренесуваме воведниот текст, а целосниот зборник ќе биде достапен на самиот фестивал.
Овогодишниот кураторски избор на темата за Викендот на гордоста, фестивал за квир култура, уметност и теорија, се потпира врз комплексните и многустрани истражувања, критики и изведби во рамки на квир и феминистичката уметност, теорија и култура, како и критичката расна теорија и еколошките критики на антропоценот, кои ги преиспитуваат, проблематизираат и преосмислуваат хетеронормативните, националистички, капиталистички, теолошки, антропоцентрични, идеалистички, супремациски и расни претпоставки и политики на живеењето заедно, релационоста, односот кон другоста и разликата. Со оваа тема сакаме, од една страна, да ги истражиме политичките, естетските, епистемолошките и социо-културните потенцијали, како и генеративните, иновативни и неантиципирани форми на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација кои може да произлезат доколку останеме со нелагодноста – и семантички сродните термини како што се неволјата, тешкотијата, проблемот, несоодветноста, неприкладноста, неугодноста, непријатноста, чудното, некомфорното – како она што го опишува живеењето во кризни времиња во кои се скршени и изгубени нашите хегемониски, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието.
Од друга страна, целта ни е да ги истражиме, актуализираме и претставиме политичките, естетските и културните потенцијали за отпор кои произлегуваат од критичкото ревалоризирање и присвојување на статусот и атрибуцијата на бидувањето општествено нелагодни, проблематични, несоодветни или неволја, како статус што им се препишува на општествено маргинализираните, распоседнати и исклучени популации, како сексуалните, родовите, расните или религиозните малцинства, или, пак, на феминистичките и квир активистите и уметници, како лица кои прават проблеми и се нелагодност за репродукцијата на нормативните општествени хоризонти.
Конечно, останувајќи со нелагодноста, сакаме да предложиме дека таа може да биде извор на онто-епистемолошко-политички експерименти и извор на радикална етичка релација кон другоста како нужно неспознатлива разлика во рамки на постојните и доминантни категории на човечкото и интелегибилното.
Преку првата линија на проблематизација, овогодишниот фестивал ја предлага и ја истражува нужноста од останување во нелагодноста на кризни и тешки времиња – како можност, среде рушевините и притисокот на коегзистенцијата и живеењето на оштетена планета, односно живеењето оштетен живот и во скршени светови – да се спротивставиме на идолите на готовите решенија како што се законите на историјата, иднината, разумот, технологијата, бог, модерноста, прогресот, науката, традицијата, нацијата, капиталот, семејството, добриот живот и природата – како доминантни „божји трикови“ (Харавеј) кои, всушност, лежат во коренот на структурните нееднаквости, историите на насилство и опресија, и проблемите кои ја предизвикуваат кризата во која живееме. Оваа позиција, според Дона Харавеј, нѐ повикува да ги напуштиме, од една страна, идеализациите на минатото („старите добри времиња“, „традицијата“, „изгубените вредности“, „нацијата“ итн.) и позлатувањето на историите на опресија, но без притоа да останеме заглавени во траумите и болките на историјата. Од друга страна, останувајќи со нелагодноста и неволјата, подразбира и расчистување со комичната и наивна верба во технорешенијата (и секуларните и теолошките) и оптимистичната верба во спасоносна и безбедна иднина, како и со апокалиптичните апстрактни футуризми на „сѐ е готово и завршено, неповратно уништено и безнадежно“, на огорчениот цинизам и на игнорантната свртеност кон иднината со која се повторува историското насилство, овој пат преку неговиот заборав и бришење. Останувањето со нелагодноста и проблемот, наспроти рајското и ужасно минато и спасоносната или апокалиптична иднина, наспроти „афектите на сублимниот очај и неговите политики на сублимна индиферентност“, и наспроти утопиите за помирување и реставрација, според Харавеј (2016), подразбира останување во неволјата и со нелагодноста, или останување во „густата сегашност“ преку неочекувани, нелагодни, неантиципирани соработки, комбинации, експериментирање, копостанувања и котрансформации, и креирање на нови и чудни сродства, истакнувајќи дека оваа можност произлегува токму од нашата конечна состојба на испреплетеност, кобидување и коегзистенција во „безброј незавршени конфигурации на места, времиња, материјализации и значења“. Среде рушевините на (глобално) оштетениот живот и планета, на скршените светови на ранливите популации, лежи потенцијалот за неочекувана животворност и на недетерминистички, незавршени, тековни практики на живеење во рушевините, и колаборативно преживување (Цинг) кое ги негува одговорноста и грижливата посветеност на светот и на другите.
Останувајќи со нелагодноста и неволјата што произлегуваат од притисоците на коегзистенција со другите, сакаме да предложиме можност за преосмислување на демократијата, заедничкото и заедницата, како живот среде плуралност со ненужно посакуваните и неизбраните други (Арент). Ова подразбира можност за градење на алијанси, солидарност и соживот токму преку амбивалентноста и нелагодноста кои го карактеризираат живеењето со другите, односно преку несомерливоста, конфликтноста, контрадикциите, приспособувањата, аверзиите, како и привлечноста, љубовта, задоволствата и спокојот, како еднакво присутните димензии на релационоста, интимноста и социјалноста.
Во оваа насока, клучна инспирација за овогодинешниот фестивал, со што сакаме да оддадеме и почит, е постхумно објавеното дело на една од најзначајните квир, феминистички и критички теоретичарки на денешницата, Лорен Берлан (“On the Inconvenience of Other People”, 2023). Во нашите релации со светот, со другите, со објектите и сцените на живот во кои инвестираме и за коишто сме фантазматски зелепени, коишто го прават кохерентен и одржлив нашиот живот, како што посочува Берлан, ние сме секогаш, искуствено и емоционално, изложени и подложени на силата на нелагодноста, непријатноста и проблемот, односно во некомфорна позиција. Другите нѐ изместуваат, светот нѐ изместува, се впечатува и втиснува врз/на нас надвор од нашата автономна, индивидуална и суверена контрола и проекција и знаење. Другите се извор на нелагодност, како што сме и ние самите за другите извор на нелагодност, и колку и да се заштитуваме, основниот мотор на нашите животи е „нагонот за нелагодност“ (inconvenience drive). Односно бараме, трагаме по нелагодна афективна состојба и сакаме да бидеме доведени во неа и да го искусиме задоволството на отуѓувањето и очудувањето во секојдневието. Дури и во состојбите на дисоцијација, депресија, меланхолија, траума и тага, како искуства што диспропорционално ги обележуваат животите на биополитички изложените популации, како што се сексуалните и расните малцинства и жените, и понатаму, во тековноста на животот, ние мораме да се носиме со светот и со другите, или барем остануваме во живот и тогаш кога не го сакаме светот со неговите повредувачки и опресивни механизми, трагајќи по нови стимуланси, врски, искуства, иновации или траги од другите. Ова е, всушност, и нашиот етички императив кон другоста, императив кој ни налага да не ги затвориме знајните и незнајни други во банални, лесни, препознатливи категории и рамки, ниту, пак, да очекуваме вкалапени, дефинирани, неамбивалентни и досадно сигурни динамики и релации со другите.
Во склад со мислата на Берлан, останувајќи со нелагодноста на другите, и во неволјата во којашто се наоѓаме среде скршеноста и оштетениот свет, можеме да креираме „транзициски и трансформативни инфраструктури“ во од, како отелотворени експерименти и пракса на одучување од вертикалните хиерархии, без однапред понудени решенија и категории/репрезентации, без цврсто зададени или сонувани структури, без перниците на фантазматската сигурност и очекувањата за хармоничен и неконфликтен свет со другите. Останувајќи со нелагодноста, во самиот центар на нелагодноста на социјалноста како таква, и среде амбивалентните приврзаности, сакаме да истражиме што може да произлезе како иновација, како хетеротопии (Фуко), генеративни колаборации и несуверени релации отаде насилството на либералниот индивидуализам, отаде дефанзивните механизми на сувереноста, отаде „онтолошката сиромаштија на личноста“ (Берлан) и отаде нормативните категории и суровиот оптимизам за добриот живот. Прашањето што сакаме да го поставиме е како, наместо да ги отфрламе и замениме нелагодните објекти со некои подобри, да ги разлабавиме објектите и сцените на нашата желба, како да ги реорганизираме, да ги реконфигурираме и прошириме користејќи ги нивните поливалентни значења, материјалности, контексти, контрадикции и капацитети, и да ги изместиме протоколите и нормите што нѐ доведоа овде, во кризна ситуација и во искуство на глич во сегашноста. Или, како што вели Берлан (2023), „дали можеме да ја оттргнеме амбивалентноста од негативната атмосфера што моментално ја носи, и да ја свртиме кон искрено конфликтно искуство коешто ни овозможува да се соочиме со феноменалноста на себеизместувањето во просторот на коегзистенција“ и да се „одучиме од прекумерно вештиот сензориум што се адаптира пребргу на оштетениот живот со стрејт, наместо со настрано лице“. Оваа ситуација, како и нашиот наслов на фестивалот, преку употребата на глаголскиот прилог оформен со несвршена форма на глаголот, и отвореното дејство коешто следува едновремено со останувањето со нелагодноста, подразбира елипса, или три точки. Елипсата истовремено означува нешто што се подразбира, или што е здраворазумско, кога имаме недовршена реченица, но и прекин, кршење, неуспех да се искаже и изрази значењето, смислата и предвидливоста, односно непознат хоризонт или дејствување, како потенцијалност за континуитет неврзан за симболизација, за начин на живот што не е проект или вкотвен во нормите и хегемониските фантазми. Трите точки што следуваат и се имплицирани после „останувајќи со нелагодноста“ имаат форма на „талкање без повраток“ (Дерида), односно на „место за изгубеното тело“ кои повторно наоѓа смисла, надвор од контекст, и живот изместен од фантазмите за корења и извор (Нанси).
Ваквиот пристап имплицира квир или малцинска методологија и стратегија. Не само поради тоа што искуствата на оние кои општеството ги означува за настрани и нелагодни, несоодветни, непристојни и проблематични, градат животи, светови, социјалности токму од рушевините на светови скршени од насилството на хетеронормативноста и експлоатацијата, додека истовремено ги предизвикуваат нормите и формите на добриот и среќен живот, и редуцирана интимност и социјалност. Туку и затоа што настранувањето (queering) на нештата не подразбира само „бодење на антинормативната игла во нив, туку, многу повеќе, отворање на вени кон непредвидливи и несуверени инфузии“ (Берлан). Дополнително – и ова е едно од клучните прашања што ги отвораме со фестивалската програма – кои се потенцијалите кои произлегуваат од искуствата и практиките на квир луѓето, на оние коишто се општествено врамени како нелагодните/проблематичните други (the inconvenient others), оние коишто претставуваат проблем или нелагодност за репродукција на нормативниот живот и неговите конвенции, односно кои се означени како „премногу“, како „вишок“, како напор и неволја за продолжување на светот онака како што го знаеме. Со програмата сакаме да ги разгледаме алтернативите што може да се исткаат од оваа позиција, без притоа нелагодните други да стремат кон асимилација, стивнување на тензијата и историите на насилство, или себенормализација. Феминистичката и квир историјата се полни со фигурите на нелагодните други. Џудит Батлер, во основоположничкиот текст за квир теоријата, го адресираше овој проблем како проблеми со родот, односно оние кои прават проблеми со родот и ги проблематизираат натурализираните и идеолошки темели на родовоста, потенцирајќи дека да се направи неволја со родот значи да се биде казнет и опоменет, присилен и ставен во неволја, при што бунтовноста и нејзината казна се фатени во истите термини (неволјата). Мишел Фуко, пак, во своите доцни интервјуа, зборуваше за нелагодноста на геј-пријателствата како извор на излез од санитаризираната социјалност, и за создавање на нови сојузи и непредвидени линии на сила и иновации, вон од постојните канони. Сара Ахмед, една од најзначајните современи квир обоени феминистички теоретичарки, мобилизираше серија бунтовни фигури кои се нелагодни, како феминистичкиот смор (feminist killjoy), означувајќи го потресот што оваа фигура го нанесува врз доминантните модели и фантазми за среќа и среќен живот, со самото тоа што ги изнесуваат на виделина историите на опресија и насилството на нормите, бидувајќи обвинети за извор на несреќата на другите. Феминистичкиот смор, како што укажува Ахмед, укажувајќи на проблемите и посочувајќи ги, претставува проблем, го расипува доброто расположение кое зависи од премолчувањето и позлатувањето на опресијата во секојдневието, ја убива среќата и станува проблемот, како божем проблемот на сексизмот, хомофобијата, расизмот итн. да не постоел веќе уште пред таа да го посочи. Во оваа линија на нелагодни фигури се надоврзуваат и „своеглавото дете“ или „своеглавите жени“ и феминистки, „афективните странци“, „несреќните настрани“, „меланхоличниот мигрант“ итн. „Да се биде смор е да се загрози не само среќата туку и фантазијата за среќа, идејата за тоа каде и во кого може да се најде среќата“ (Ахмед 2023). Дополнително, искуството на нелагодност е разоткривачко за тоа како светот е конструиран и изграден преку повторливата употреба и населувањето на просторите од тела кои се нормативни и нивните динамики со околината, за сметка на други тела, кои не ја чувствуваат удобноста на тонење и вклопување во општествените простори, а со тоа се неускладени, несоодветни, некомфорни. Одовде, идејата за овогодишната тема е да ги циркулира и истражи потенцијалот на две максими кои ги предлага Сара Ахмед, повикувајќи се на Берлан: „Спремна сум да бидам нелагодната/проблемот“ и, истовремено, како не би се заслепиле од сопствената правденост, „Спремна сум да ми биде нелагодно“.
Славчо Димитров
Куратор на фестивалот
П.С. Топло го препорачуваме и нашиот разговор со Славчо Димитров, како дел од нашиот подкаст Meduza Talks.