Вовед: Останување со неволјата: создавање сродство во Ктулуценот[1]
Неволја, trouble, е интересен збор. Изведен е од францускиот глагол од тринаесеттиот век што значи „да се измеша“, „да се замагли“, „да се наруши“. Ние – сите што сме на Тера – живееме во нарушени времиња, измешани времиња, времиња на неволја и матни времиња. Задачата е да станеме, заедно со сите наши вообразености, способни да одговориме на нив. Измешаните времиња изобилуваат и со болка и со радост – со неверојатно неправеден распоред на болка и радост, со непотребно убивање на тековноста, но и со нужно оживување. Задачата е да се развие сродство преку творечки поврзувања како практика со која се учи добро да се живее и да се умре заедно во една интимна сегашност. Нашата работа е да создаваме неволја, да им замешаме моќен одговор на ужасните настани, како и да ги смириме немирните води и одново да изградиме мирни места. Во критични времиња, многумина од нас се во искушение да се справат со неволјата со тоа што ќе ја направат безбедна замислената иднина, така што ќе спречат да се случи нешто што се ткае во иднината, така што ќе ги расчистат сегашноста и минатото за да направат иднини за генерациите што доаѓаат. Останувањето со неволјата не бара таков однос со времињата што се нарекуваат иднина. Всушност, да се остане со неволјата бара да научиме да бидеме вистински сегашни, не како шраф што исчезнува меѓу ужасни или рајски мината и апокалиптични или спасителни иднини, туку како смртни ѕверки испреплетени во милијарди незавршени конфигурации на места, времиња, битности и значења.[2]
Ктулуцен е едноставен збор.[3] Составен е од два грчки корена (khthôn и kainos) кои заедно именуваат еден вид времеместо во/на кое може да се учи како на оштетената Земја да се остане со неволјата на живеењето и умирањето како одговор-(способ)ност. Каинос значи сега, значи време на почетоците, време за тековност, за свежина. Во каинос ништо не мора да означи вообичаени мината, сегашности или иднини. Нема ништо во времињата на почетоците што настојува да биде избришано тоа што дошло претходно или, ете, да се избрише тоа што доаѓа потоа. Каинос може да биде полно со наследства, со сеќавања и полно со доаѓања, со негување на тоа што сѐ уште може да биде. Го разбирам каинос во смисла на густа, тековна сегашност, со хифи кои напојуваат секакви видови времености и материјалности.
Хтоничните се суштества од земјата, и древни и најсовремени. Ги замислувам хтоничните со изобилство пипала, антени, прсти, жици, гуштерски опашки, пајакови нозе и многу неуредна коса. Хтоничните бесно си играат во пренаселен хумус, но немаат размена со ѕвездогледниот Хомо. Хтоничните се чудовишта во најдобрата смисла; тие ја докажуваат и ја изведуваат материјалната смисловност на земните процеси и ѕверки. Исто така, ги покажуваат и ги изведуваат последиците. Хтоничните не се безбедни, тие немаат размена со идеолозите; не припаѓаат никому; се прпелкаат и се распостилаат во мноштвени облици и сo мноштвени имиња во сите воздуси, води и места на Земјата. Прават и отправуваат; направени се и отправени. Тие се кои што се. Не е чудо што големите монотеизми и во религиски и во секуларни преслеки постојано се обидувале да ги истребат хтоничните. Ужасите од времињата наречени aнтропоцен и капиталоцен се последните и најопасните од овие уништувачки сили. Да се живее и да се умира заедно во Ктулуценот може да биде жесток одговор на прописите на Антропосот и Капиталот.
Сродство е дива категорија што секакви луѓе со сите сили се обидуваат да ја припитомат. Правењето необично сродство, по избор, наместо, или барем како дополнување на божествено сродство и на генеалошкото и биогенетско семејство, отвора битни нешта, како, на пример, кому всушност сме му одговорни. Кој живее и кој умира и како, и зошто поскоро во ова сродство отколку во некое друго? Каков е обликот на ова сродство, каде и кого го поврзуваат и го разделуваат тие линии, и што ако? Што мора да се пресече и што мора да се врзе за да имаат шанса мноштвените видови кои растат на земјата, вклучувајќи ги човечките и различните-од-човечки суштества?
Сеприсутна слика во оваа книга е НФ: научна фантастика, нестандардна фабулација, нанижани форми,[4] неемпириски феминизам, научен факт, не фала. Овој преповторуван список се врти и кружи на следните страници, во зборови и во визуелни слики, сплетувајќи ме мене и моите читатели во суштествата и обрасците за кои станува збор. Научниот факт и нестандардната фабулација заемно си требаат, а и на двата им е потребен неемпириски феминизам. Мислам на НФ и на нанижаните форми во тројна смисла на обликување. Прво, обилно извлекувајќи конци во обвиткани и густи настани и практики, се обидувам да видам каде водат нишките за да ги следам и да ги пронајдам нивните плетки и обрасци кои се клучни за останување со неволјата во реални и конкретни места и времиња. Во таа смисла, НФ е метод на трасирање, на следење нишка во темнината, во опасна вистинита авантуристичка приказна, во која може да стане појасно кој живее, а кој умира и како, за да се негува правда за мноштвените видови. Второ, нанижаните форми не се следење, туку поскоро се самото нешто, образецот или составот кој побарува одговор, нешто кое не е самото тоа, туку она со кое треба да се продолжи. Трето, нанижаните форми се пренесување и примање, правење и отправување, земање нишки и нивно испуштање. НФ е практика и процес; таа е постанување-заедно во неочекувани средишта; тоа е слика за тековноста во Ктулуценот.
Книгата и идејата за „останување со неволјата“ особено се противат на два одговора на ужасите на антропоценот и на капиталоценот, што премногу често ги слушам. Првиот е лесно да се опише и, мислам, да се отфрли, имено, комичната вера во технопоправки, секуларни или религиски: технологијата некако ќе ги спаси своите палави, но многу бистри деца, или нешто во таа смисла, Бог ќе дојде да ги спаси своите непослушни, но секогаш полни со надеж деца. Наспроти таквата трогателна будалштина за технопоправките (или техноапокалипсите), понекогаш е тешко да се сетиме дека останува важно да се прифатат ситуираните технички проекти и нивните луѓе. Тие не се непријателот; тие можат да сторат многу битни работи за останувањето со неволјата и за создавање необични творечки сродства.
Вториот одговор, кој е потешко да се отфрли, веројатно е уште подеструктивен: тоа е позицијата дека е крај на играта, дека е премногу доцна, дека нема смисла да се обидуваме да поправиме нешто или барем дека нема смисла да имаме каква било активна меѓусебна доверба додека работиме или си играме за да создадеме оживеан свет. Некои научници што ги знам изразуваат ваков горчлив цинизам, дури и покрај тоа што, всушност, напорно работат за да направат позитивна промена и за луѓето и за другите ѕверки. И некои луѓе кои себеси се опишуваат како критички теоретичари на културата или како политички прогресивни, ги искажуваат овие идеи. Мислам дека необичното спарување на фактичко работење и играње во полза на мноштвените видови кои растат со силна енергија и вештина, со искажување експлицитен став дека е „крај на играта“ кој може да ги обесхрабри и навистина ги обесхрабрува другите, вклучително и студентите, е потпомогнато од најразлични облици на футуризам. Еден од нив изгледа дека замислува оти нештата се битни само доколку функционираат – или, уште полошо, дека воопшто нешто е битно само доколку тоа што го работиме јас и другите стручњаци фунционира за да ги поправи работите. Или, кажано повеликодушно, понекогаш научниците или другите кои мислат, читаат, изучуваат, агитираат и се грижат знаат премногу, и тоа е преголем товар. Или барем мислиме дека знаеме доволно за да дојдеме до заклучок дека животот на Земјата кој вклучува човечки луѓе, на каков било поднослив начин е завршен, дека апокалипсата навистина е близу.
Тој став има многу смисла среде Земјиното шесто големо истребување и среде војните што нѐ опкружуваат, среде отстранување и унесреќување на милијарди луѓе и други ѕверки заради нешто наречено „профит“ или „сила“ – или, ајде да кажеме, наречено „Бог“. Ставот дека е крај на играта се наметнува во моќните ветришта на чувствувањето, а не само во знаењето, дека бројот на луѓе речиси сигурно ќе достигне повеќе од 11 милијарди до 2100 година. Бројката претставува зголемување од 9 милијарди луѓе во текот на 150 години, од 1950 до 2100 година, со страшно нерамномерни последици за сиромашните и за богатите – да не го споменуваме страшно нееднаквиот товар што на Земјата ѝ го наметнуваат богатите во споредба со сиромашните – и речиси уште полошите последици за нелуѓето речиси насекаде. Има многу други примери за грозни реалности; големите забрзувања од ерата по Втората светска војна ги врежуваат своите знаци на карпите, водите, воздусите и ѕверките. Постои деликатна линија помеѓу признавање на опсегот и сериозноста на неволјите и одолевањето пред апстрактниот футуризам и неговите афекти на возвишен очај и неговите политики на возвишена рамнодушност.
Оваа книга тврди и се обидува да покаже дека, со избегнување на футуризмот, останувањето со неволјата е и посериозно и поживо. Останување со неволјата бара да се создадат необични сродства; односно потребни сме си меѓусебно во неочекувани соработки и комбинации, во жешки компостни купови. Постануваме заедно или воопшто не постануваме. Овој вид материјална семиотика е секогаш ситуиран, на некое место, а не на никое, заплеткан и световен. Сами, во нашите одвоени видови стручност и искуство, знаеме и премногу и премалку и така сме податни за очајание или за надеж, а ниедно од нив не е разумно однесување. Ни очајанието ниту надежта не се во хармонија со сетилата, со умната материја, со материјалната семиотика, со смртните Земјани во густа соприсутност. Ни надежта ниту очајанието не знаат како да нѐ научат „да играме нанижани форми со комплементарни видови“, што е наслов на првото поглавје од оваа книга.
Превод од англиски: Душица Димитровска
Текстот е извадок од зборникот на овогодинешното издание на фестивалот Skopje Pride Weekend, а е уреден од кураторот на фестивалот, Славчо Димитров, во превод на Душица Димитровска.
[1] “Introduction” во Donna Haraway, Staying with the Trouble: Making Kin in the Chthulucene, Durham and London: Duke University Press, 2016, 1-4.
[2] Ѕверки е секојдневен американски идиом за секакви ѕверови. Научниците постојано зборуваат за нивните „ѕверки“, исто и обичните луѓе насекаде во САД, можеби особено на Југот. Нијансата „созданија“ или „создавање“ не одговара на „ѕверови“; ако видите таква семиотичка лушпа, излупете ја. Во оваа книга „ѕверови“ изобилно упатува на микроби, растенија, животни, човечки и нечовечки суштества, а понекогаш дури и на машини.
[3] Не е едноставна одлуката како да се напише Ктулуцен за да води кон разновидните и натрапливи хтонични поединци и сили, а не до Хтулуху, Ктулуху или кое било поединечно чудовиште или божество. Некој што педантно би се придржувал до грчкиот извор можеби би настојувал на „х“ помеѓу „л“ и „у“, но и поради англискиот изговор, а и за да го избегнам стисокот на Лавкрафтовиот Ктулху, го испуштив тоа „х“. Ова е метаплазма.
[4] String figures, игра со врзана врвка која со рацете се обликува во различни облици. Во поранешна Југославија беше позната како „Колариќу-паниќу“, според детската песна на чиј текст се правеа фигурите во истоимената детска емисија (заб. на прев.).