Skip to content
  • За нас
  • Контакт
Menu
  • За нас
  • Контакт
Facebook-f Instagram
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Search
Close
  • КВИР, КУЛТУРА, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
„Оставете им го тоа на настраните“ – осветлување на патеката за соработка вон меѓународните граници
ЛГБТИ+ активистите го предводат патот на помирувањето во регионот со формирање искрени меѓугранични релации.

Илустрација: Urtina Hoxha / K2.0.

 

 

Тоа требаше да биде најголемото шоу во нејзиниот живот – настап на голема сцена на отворено пред илјадници луѓе, на Прајд забава дотогаш невидена во регионот. Но во тие ситни денови пред настанот, Лили почна сериозно да се сомнева дека тој и неговото алтер его, Дива, се спремни.

Дел од загриженоста веќе му била добро позната. Како самопризнаен сеќираџија по природа, на Лили не му биле туѓи бескрајните мисли и сценарија кои одново и одново се одигрувале во неговиот ум. Дали го направи вистинскиот избор со музиката? Како ќе реагира публиката? Дали тоа што го чувствуваш е возбуда или вознемиреност?

Како пионерка на новопечената косовска дрег сцена, Дива досега многупати се имала соочено и ја имала надминато ваквата анксиозност. Само неколку години претходно, таа била една од двете кралици што настапиле на инаугуративното дрег шоу во земјата, откако пет кралици се повлекле во последен момент поради зголеменото внимание на јавноста.

Но, и покрај тоа што бил навикнат да крши табуа, подготовките за настапот на сцената во паркот Мањеж на Белград Прајд 2019 година како првата албанска дрег кралица што настапила во Србија му изгледал како грчевит лет кон непознатото. „Имав толку многу прашања во мојата глава и сè ми изгледаше нејасно“, се сеќава Лили, кој побара да биде условен со својот прекар и уметничкото име за да ја задржи приватноста.

Дел од него бил горд што, заедно со неговиот колега Косовец, Ајси, презема важен чекор за да ги сруши невидливите препреки. На крајот на краиштата, тој бил решен да покаже дека заедничките вредности, човековите права и еднаквоста можат да ги надминат дури и најпогубните политики. Но тука бил и досадниот глас на сомнежот. Што ако избрзувам? Дали мора тоа да бидам јас? Како ќе реагираат кога ќе дознаат дека доаѓам од Косово?

И покрај тоа што присуствувал на три претходни Паради на гордоста во Белград како регуларен учесник без никакви инциденти, додека чекал зад кулисите, засиленото присуство на обезбедувањето воопшто не му помогнало да го стиши стравот. Акутно свесен за историјата меѓу Србија и Косово, во главата неволно му се вгнездило уште едно прашање: Дали сум безбеден?

Неговото стравување било поврзано и со песната што ја избрал во последен момент. Загрижен за тоа дали ќе може да ја исполни својата обврска, Лили избрал песна 24 часа пред рокот. Сакајќи да се прилагоди на своите домаќини, размислувал да избере српска песна, но на крајот ги контактирал организаторите во Белград и ги прашал дали сепак може да избере албанска песна. Неговото барање било веднаш прифатено.

Дури и тогаш имал дилема. Како да биде сигурен дека избрал песна која истовремено го почитува просторот што му бил даден за да се изрази и не отвара простор за погрешно толкување? „Не сакав да изберам тенденциозна песна, немав намера никому да му го покачам пулсот“, вели тој.

Држејќи се на страна од нешто потрадиционално што би имало потенцијал да биде погрешно протолкувано, тој на крајот ја треснал тукушто излезената поп песна на Дафина Зеќири и Тајна. Кога одекнал првиот звук од нумерата, Лили се прибрал, застанал на сцената и ја претставил Дива пред шарената толпа.

Тие полуделе.

 

Градење на „Балканско семејство“

Додека Дива и Ајси тверкале и се трескале на „Bye Bye“ на сцената, еден од оние што им испраќале позитивни вибрации на косовските изведувачи од публиката бил Марко Михаиловиќ. Во улога на организатор на Прајдот во Белград, Марко бил оној кој ги поканил кралиците од Приштина и личноста што веднаш ја поддржала нивната одлука да настапат на албанска песна.

Гледајќи ја восхитената толпа, Марко веднаш забележал дека песната и изведбата веќе стануваат хит. Тој не очекувал ништо помалку од релативно малиот меур на ЛГБТИ+ заедницата и нејзините сојузници на забава на отворено. Она во што бил помалку сигурен била реакцијата на српскиот печат.

Очекувајќи речиси универзално негативни коментари, кога ги проверил насловите следниот ден, извесни српски медиуми очекувано ја оправдале својата репутација на покажување непријателство и омраза кон сè што е поврзано со Косово. Но читајќи ги известувањата во другите медиуми, тој бил пријатно изненаден од поддршката упатена кон косовските кралици, за кои тој вели дека се дел од неговото „балканско семејство“.

„Во мојата земја, преовладува приказната дека Албанците се непријатели и дека се стандардно лоши луѓе, но тоа едноставно не е точно“, вели тој. „На другите луѓе кои ја немале можноста да запознаат луѓе од [Косово] им е тешко да сфатат дека и тие се луѓе исто како нас и дека треба да го игнорираме негативниот политички наратив и едноставно да имаме отворена душа и отворен ум“.

За Марко, можноста да запознае и да почне да поминува време со луѓе од Косово се појавила уште во 2016 година, кога првпат почнал да работи како практикант во организацијата за човекови права, Civil Rights Defenders (CRD). Тоа било првата година кога учествувал на Белград Прајд како организатор, а не како учесник, па во канцелариите на ЦРД одеднаш се нашол опкружен со ЛГБТИ+ и други активисти за човекови права од соседните земји.

Во тоа време, Црна Гора и Албанија биле единствените земји во регионот во кои биле одржани настани на Гордоста, но се развивала сè поголема организација помеѓу ЛГБТИ+ движењата. Во Косово неодамна се одржал третиот годишен марш по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, помагајќи да се премести прашањето за правата на ЛГБТИ+ лицата од приватната во јавната сфера, а активистите во Приштина се подготвувале да бидат домаќини на првата регионална ЛГБТИ+ конференција месецот што следел.

Развојот на организациите за правата на ЛГБТИ+ лицата, исто така, помогнал да се создадат поблиски врски помеѓу ЛГБТИ+ движењата од Тирана и Тетово па сè до Сараево и Нови Сад бидејќи групите почнале да го споделуваат своето искуство и редовно да присуствуваат на меѓусебните Паради на гордоста и останатите настани.

Некои од посетителите во канцелариите на ЦРД во Белград немале претходна прилика да се сретнат со колегите активисти од регионот, па едноставно дошле да ја дадат својата поддршка за заедничката кауза. Но многумина од нив веќе се имале сретнато на растечкиот број регионални работилници и конференции финансирани од донатори и сакале да покажат солидарност со своите нови пријатели.

„Мислам дека градиме врски, градиме мостови“, вели Марко, „и мислам дека во оваа фаза од развојот на нашиот регион е исклучително важно да формираме човечки пред професионални односи. Тоа се оние односи што ни помагаат да го разбереме другиот, бидејќи во нашите земји ретко можете да ја слушнете другата страна“.

Принудени да водат двојни животи

За многу постари луѓе во регионот, релативната заштита и меѓурегионалните врски овозможени од структурите поддржани од донатори во изминатите седум или осум години речиси претставуваат луксуз што не можеле да го замислат додека тие растеле.

„Да не беа организациите, денес би убиле геј лице и никому не би му било гајле“, вели Арбер Нухиу, основач на првата ЛГБТИ+ организација во Косово во 2005 година. „Во моментот кога ќе реагирате [како организација за права], ќе објавите соопштение, ќе зборувате за тоа, ќе дадете правна помош, ќе го однесете случајот на суд – луѓето застануваат и размислуваат двапати пред да сторат нешто. Затоа заедницата почнува да излегува на површината, бидејќи се чувствува безбедно“.

Со оглед на тоа што геј сексот се третирал како нелегален прекршок во поголемиот дел од регионот до 1990-тите и недостасувало јавно признавање дури и на постоењето на истополовата привлечност, со децении единствената принудна опција за повеќето луѓе што ја откривале својата сексуалност било да водат таинствени двојни животи. Начинот на кој се одвивало тоа се разликувал од место до место во зависност од специфичните политички и општествени реалности во тоа време.

Во Косово, мнозинското албанско население морало внимателно да се движи во јавниот простор во текот на 90-тите, бидејќи веќе една деценија трпеле системска државна репресија. За геј Албанците, пречките биле повеќекратни, а една од ретките достапни форми на перформирање на нивната сексуалност било дискретното посетување на „крузинг зоните“. Тука, мажите – од кои многумина се чувствувале општествено обврзани да се оженат – тајно се среќавале со други мажи за да имаат секс. Во некои случаи, ќе се формирале и пријателства, но често луѓето премногу се плашеле дека ќе бидат јавно идентификувани за да си кажат од кој град доаѓаат, а камоли да си ги разменат своите вистински имиња. Без поддршка или пристап до информации за целосно разбирање на концептот на бидување геј, многу од оние што ги посетувале крузинг зоните се бореле со длабоки чувства на конфузија и срам.

„ЛГБТ заедницата не беше дури ни маргинализирана“, вели Арбер. „Во тоа време не ни постоеше како заедница“.

Во некои делови на Југославија имало барем првични знаци на организиран активизам што обезбедувал некакви структури за зголемена свест за правата и изразувањето. Словенија го предводела патот со првите лезбејски групи основани во средината на 80-тите и била сметана за авангардата на ЛГБТИ+ активизмот во регионот и пошироко. Во Хрватска и Србија, работите биле малку побавни бидејќи небулозните напори за организирање во раните 90-ти биле уназадени од воената политичка клима, а многу рани активисти ги пренасочиле своите напори кон антивоеното движење во првата половина на деценијата.

Ваквите рани иницијативи помогнале да се појават извесни органичени можности за ЛГБТИ+ лицата од другите делови на регионот барем да се поврзат едни со други, иако состаноците сè уште биле претерано ограничени и сведени на приватни простори и резервирани за оние со лични врски.

И покрај сите пречки, денешните активисти добро ги знаат приказните за тајните регионални состаноци и приватни размени меѓу геј пријатели – често оженети – кои сакале да се солидаризираат едни со други.

Беким Асани, активист од Северна Македонија, основач на „ЛГБТИ+ Јунајтед“ во Тетово, слушнал многу убави спомени од постарите членови на заедницата кои одржувале редовни собири. Секогаш однапред договорени поради ограничувањата во комуникацијата во тоа време, тие уживале во премногу кратките можности да избегаат од своите родни места за малку издишка во приватен амбиент каде можеле да си дозволат да бидат свои.

Една приказна, за настани што се случиле пред околу 40 години, останува како легенда:

„Имаше човек чија сопруга сфати дека е бисексуалец или геј и го прифати“, раскажува Беким. „За да не му суди семејството, се преселиле во странство. Добро живееја и секогаш кога ќе се вратеше во Тетово, ги покануваа сите членови на [ЛГБТИ+] заедницата да се соберат кај него. Ми рече: „Ќе дојде човек од Керчова облечен во димија [традиционални женски панталони] од неговата сопруга, друг од Феризај…“

„Дури и сега кога одам во Приштина среќавам луѓе кои ме прашуваат дали го познавам тој Тетовец – секако дека го познавам! Велат дека поминале време заедно кај него… своите состаноци ги договарале преку фиксни телефони“.

Споделена реалност

При ваква историја на изнаоѓање начини за поврзување дури и во најтешките околности, можеби не би требало да нè изненади тоа што две децении по завршувањето на последната војна во регионот, ЛГБТИ+ лицата денес го предводат патот на  помирувањето. Додека некои области од општеството вложија малку напор да развијат врски или не беа во можност да воспостават цврсти односи, ЛГБТИ+ групите формираа искрени релации. „Оставете им го тоа на настраните!“ се пошегува активистката од Приштина, Рајмонда Силбије.

На одредено ниво, ова може да се смета за природен резултат произлезен од заедничка кауза – честопати напредокот во еден дел од регионот благовремено доведува до напредок во друг регион. Некој закон донесен во Белград или Подгорица несомнено ќе доживее моментум и ќе изврши притисок врз владите во Сараево или Тирана да го следат примерот. Но, тоа важи и за други прашања кадешто заедничките интереси сами по себе не беа доволни за надминување на националните поделби.

Клучен елемент на растечките меѓугранични односи меѓу ЛГБТИ+ активистите е тоа што нивната соработка се гради врз длабоки споделени искуства на исклученост, наместо врз апстрактни поими со кои не е лесно да се поврземе на лично ниво.

„Со оглед на тоа што ЛГБТИ лицата минуваат низ искуства на отфрлање, дискриминација, стигматизација или исклучување од многу простори во нивниот приватен и професионален живот, мислам дека тие помалку се поистоветуваат со овие концепти на национални држави“, вели Антонио Михајлов, активист од Северна Македонија. 

Особено кога станува збор за прашањето за идентитетот, луѓето чувствуваат поголема наклонетост кон други луѓе кои можат да разберат како е да се биде маргинализиран, отколку кон институционален конструкт или етнички идентитет што никогаш целосно не ги прифатил онакви какви што се. Токму оваа способност за разбирање на заедничката реалност брзо овозможи да се развијат сродни врски меѓу ЛГБТИ+ активистите во регионот отаде организираните активности што првично ги зближија.

„Кога ќе заглавите некаде, кога сте во неволја, кога имате проблем, кога сте оставени на улица, не секогаш се вртите кон институциите“, вели Беким. „Во мојот дом, прашањето „Што се тие?“ никогаш не постоело… Тоа се неважни работи. Проблемот со кој се соочуваме како ЛГБТ Албанци, ЛГБТ Македонци, ЛГБТ Турци или ЛГБТ Роми се хомофобите и патријархалното општество – системот што не нè заштитува“.

Слонот во собата

Дури и да имате најдобри намери на светот, борбата за основните права и слободи не се одвива во вакуум, надвор од контекстот на пошироките политички тензии и општествени пукнатини. Годините на поделеност и ограничен контакт меѓу младите луѓе од различно потекло низ регионот создадоа генерации кои растат затворени во нивните сфери, со многу мало директно познавање на другиот. За да се усогласат ваквите паралелни реалности потребно е повеќе од добра волја.

Еден од најочигледните примери за тоа беше дрег шоуто во Приштина во 2019 година.

Инспирирани од дрег шоута на кои присуствувале во Белград, активистите од Косово се здружиле со пријателите Срби за да организираат своја дрег забава и поканиле кралица од Белград да настапува. Како и повеќето млади Срби, кралицата дотогаш не го имала посетено Косово и не го познавала контекстот. Откако тремаџиски се извинила за „што и да ви направиле Србите“ и побарала од публиката да не ја мрази, таа почнала со својот настап.

Песната што ја избрала била еден српски хит на една од еминентните ѕвезди во земјата, „Српската мајка“, Цеца. Но, додека некои од толпата се обидувале да се насмеат и да уживаат во изведбата, останатите со неверување се свртеле кон своите пријатели и почнале да си дошепнуваат за „Шки“ (погрден албански термин за Србите) музиката што им ја убила атмосферата. За нив тоа не било забавен хит на безопасната „кралица на кичот“. Тоа било една од песните на кои се забавувале српските паравојски по масакрот на Албанците за време на војната од 1998-1999 година, која ја пеела сопругата на Аркан, најозлогласениот паравоен водач од сите нив.

Ваквите попатни грешки можеби не се неочекувани бидејќи младите активисти се обидуваат да поправат дел од штетата на децениски долгата раздвоеност. Но, тие исто така укажуваат на предизвиците со кои се соочуваат, особено во отсуство на какво било пошироко помирување меѓу општествата во регион што остава нерешени значајни историски и политички прашања.

Додека градат пријателства и соработки, активистите треба да одлучат како да пристапат кон политички или историски прашања кои можат да предизвикаат тензии. Повеќето од нив таквите теми едноставно ги тргаат настрана и ѝ даваат приоритет на „поголемата кауза“ што ги обединува.

„Меѓу нас ЛГБТИ активистите и останатите постојат националисти, радикалисти, религиозни луѓе, секакви!“ вели Беким. „Но, ние имаме заедничка кауза. Она што нè прави ранливи е фактот што мнозинството нè гледа како различни и тоа што не треба да се двоиме меѓу себе. Се разбира, има работи за кои не се согласуваме, на пример, никогаш не можам да се согласам со [некои] ЛГБТИ активисти од Белград за Косово, но треба да се солидаризираме едни со други кога станува збор за ЛГБТИ прашањата“.

Но, како што се зголемува видливоста на правата на ЛГБТИ+ и сè повеќе луѓе се способни да застанат зад каузата, постои стравот дека самата отвореност која досега била насјилниот адут на движењето би можела да премине во негова ранливост.

Исто како и сите други во регионот, ЛГБТИ+ лицата се постојано изложени на политичка реторика која застапува отуѓувачки наративи и популистички сентименти. И покрај тоа што повеќето ЛГБТИ+ лица знаат како е да се биде оцрнет, историјата покажува дека кога животот на луѓето е тежок, мамката на „заеднички непријател“, често повторуван мит или едноставно решение може да биде многу привлечна.

„Има многу луѓе од заедницата кои почнуваат да се вртат кон национализмот, што за мене претставува многу опасен тренд, индикативен за тоа дека во тие 20 години подвоеност, навистина не направивме премногу за повторно да се обединиме“, вели Марко. „Со растот на ЛГБТИ заедницата, доаѓа прилив на луѓе кои повеќе не ги делат сите наши вредности“.

Неуспеси и напредок во Северна Македонија

Негативното влијание на национализмот врз ЛГБТИ+ заедницата е најочигледно во Северна Македонија, каде годините на деструктивна политика влијаеа врз стравовите на луѓето, поттикнувајќи незадоволство и стагнирање.

Во 2000-тите, земјата блесна како една од водечките светлини на регионалната ЛГБТИ+ сцена, особено за луѓето од соседно Косово. Со можности за ноќен живот кои едноставно ги немаше во Приштина, скопските кафулиња, барови и подземни места за среќавање станаа редовни места за Косовците кои бараа поголема слобода од онаа дома. „Се сеќавам на Скопје како првото место каде што видов што е тоа геј живот, бидејќи беше поотворено во тој поглед“, вели Рајмонда.

Паралелно на тоа, ЛГБТИ+ активизмот во Македонија почна да пушта корени и да се засилува. До почетокот на 2010-тите, беа основани бројни ЛГБТИ+ организации, а местата како што беше скопскиот кафе-бар Дамар беа популарна дестинација за евровизиски забави, балови под маски и натпреварот „Мис на први април“, каде мажите се облекуваа како жени во трка по посакуваната титула.

Но политичкиот контекст во земјата, исто така, почна да се менува со автократскиот режим на Никола Груевски и општествениот раздор што го создаваше.

Во неговиот свет на „патриоти“ и „предавници“, Груевски и неговите конзервативни националисти се обидуваа да поделат и да освојат со помош на теории на заговор и  идентификување непријатели. Под превезот на некаква си заштита на „традиционалните вредности“ и промовирање на сомнително шоу на македонското наследство, Груевски често ги обвинуваше оние кои му се спротивставуваа дека се пиони во шаката на странски сили или дека се обидуваат да наметнат „Западни вредности“.

До моментот кога Груевски ја напушти власта во 2016 година, од фаворит за влез во ЕУ, Македонија стана меѓународен отпадник. Сред атмосфера на непријателство и заплашување, многу места кои беа пријателски настроени кон ЛГБТИ лицата ги затворија вратите, активизмот беше во застој и речиси секоја земја во регионот ја престигна Македонија во однос на правната заштита на ЛГБТИ+ заедницата.

„Политичкиот контекст во тоа време сè уште беше многу конзервативен бидејќи со Македонија владееја конзервативци и ЛГБТИ заедницата беше ужасно исплашена“, вели Елена Петровска, активистка вработена во Коалиција Маргини, базирана во Скопје. Таа признава дека никогаш не се осмелила да работи за ЛГБТИ+ организација сè додека масовните протести против режимот на Груевски во 2015 година не ѝ дале надеж дека работите во земјата почнуваат да се менуваат.

Под новоформираната влада предводена од социјалдемократите, веднаш се појавиле знаци на промена. Собранието формирало меѓупартиска парламентарна група што требала да работи на подобрување на правата на ЛГБТИ+ лицата, бил усвоен сеопфатен нов закон за антидискриминација, а во 2019 година, Скопје конечно стана претпоследната престолнина во регионот што одржа Парада на гордоста (за Сараево да ја одржи својата прва парада два месеци подоцна).

Како што беше дотогашната пракса за Парадите на гордоста низ регионот, колегите активисти со ентузијазам патуваа од блиски и далечни градови за да ја покажат својата солидарност. Па така на Парадата во Скопје допатува и цел автобус од Приштина. Уште еден пример за тоа дека ЛГБТИ+ активистите беа во првите редови на рушењето на бариерите во регионот беше и јавната поддршка од останатите соседи која би била незамислива само неколку години порано.

„[Активистите што се приклучија од] Софија Прајд, за кои не знаевме дека ќе дојдат сè до последниот ден, беа навистина едно големо изненадување, како и говорот на грчкиот активист на македонски јазик“, се сеќава Антонио. „Мислам дека ни одржаа одлична јавна лекција“.

Бавниот пат кон закрепнувањето

Сепак, и покрај сите знаци на напредок, не може толку лесно да се отповика целата штета предизвикана од долгогодишниот антагонизам врз општествената структура во Северна Македонија.

Укажувајќи на расцепите кои се присутни низ целата земја, Беким тврди дека се мачел да изгради блиски врски со неговите колеги во Скопје. Тој процес бил отежнат од притисоците на доминантно конзервативниот начин на размислување меѓу мнозинското албанско населението во неговиот роден град и недостатокот на анонимност што доаѓа со живеењето во помал град. „Никогаш не ја разбраа мојата позиција, што значи да се биде ЛГБТИ+ активист во Тетово, бидејќи тоа е сосема поинаков менталитет, едно друго општество“, вели тој. „Можам да кажам дека само 10% од активистите беа со мене кога нешто ќе се случече – во Приштина и Тирана не е така, тие секогаш беа први.

Додека се обидува да ја организира првата Парада на гордоста во Тетово подоцна оваа година, Беким планира да побара совет од колегите активисти од другите помали градови во регионот, како Нови Сад во Србија и Бургас во Бугарија, бидејќи верува дека ќе можат да се поврзат со конкретните предизвици со кои се соочуваат активистите надвор од поголемите урбани центри.

Изнаоѓањето начини за градење поинклузивно движење во Северна Македонија е прашање за кое размислуваат и активистите во Скопје, кои укажуваат на напорите за ублажување на двојната дискриминација на ЛГБТИ+ малцинствата како што се Ромите. Но по годините на недоверба предизвикана од корозивната политика, има уште многу што може да се направи.

„Мислам дека треба повеќе да се работи на едукацијата и да се обрне поголемо внимание на овие теми, особено како ЛГБТИ движење – да бидеме појдовна точка на соработка, мир и солидарност од национална перспектива, како националниот идентитет“, вели Елена. „Верувам дека треба повеќе да работиме на инклузивноста на движењето во Македонија, да работиме одблиску и да мотивираме повеќе Албанци, на пример, или лица кои се идентификуваат како муслимани, да се приклучат на активностите на отпорот. Заедно, во меѓусебна соработка со Македонците. Мислам дека тоа е она што ни недостасува“.

Како и со многу други области од животот низ регионот и пошироко, можностите за зајакнување на соработките донекаде се намалија во текот на изминатите неколку години поради пандемијата. Проектите и настаните кои природно ги зближуваа луѓето честопати мораа да бидат откажани или преместени на интернет, ограничувајќи го просторот за градење односи и барање заеднички решенија. Но, како што општеството постепено се отвори и одржувањето на физички настани повторно е опција, постои надеж дека претстојат подобри денови.

„Мислам дека особено младите луѓе кои работат во културата, во музиката и кои се дел од квир настаните се предводници на иднината што може да нè зближи“, вели Елена. „Не преку издвојување на нашата националност, историја или јазик наспроти нечии други, туку против таквата подвоеност, како прва и основна вредност на ЛГБТИ движењето.

Од силно посилно

Чувството на оптимизам не се заснова само на наивна аспирација дека позитивната промена би била можна „некаде над виножитото“. Тоа е цврсто поддржано од историјата на ЛГБТИ+ активизмот во регионот во текот на изминатата деценија и повеќе, кој продолжи да ги надминува моќните тензии со тоа што демонстрираше дека движењето е најсилно кога силите ќе се здружат.

Нема посилен пример од начинот на кој лидерите на заедниците во Косово ја засноваат силата на својот активизам на лекциите научени од болните искуства на колегите во Србија. По насилните напади на првиот обид на Белград за Парада на гордоста во 2001 година и сличните сцени во последователниот обид девет години подоцна, косовските активисти ги земаа предвид таквите неуспеси и решија да пристапат повнимателно, работејќи на тоа од година во година.

„Секогаш гледавме на регионот и чекавме, пресметувавме, го чекавме нашиот моментум“, вели Рајмонда, објаснувајќи дека неколкуте мали маршеви во Приштина помеѓу 2014 и 2016 година – пред првата Парада на гордост во Косово во 2017 година – не беа случајни. „Си рековме, ајде да ја тестираме полицијата, да тестираме колку луѓе ќе се приклучат… Не се осмелувавме да загрозиме група луѓе без претходно да знаеме како ќе реагира полицијата, како ќе реагира општеството“.

Со оглед на тоа што активистите целосно ја искористија својата способност да научат од своите српски колеги, ЛГБТИ+ активизмот во Косово стана од силен посилен, растејќи во видливост и решителност од година во година.

И придобивките од блиската соработка не се видливи само на организациско ниво.

Врските со активистите во соседните земји помогнаа на поединците да им се дадат алатки и самодоверба да ги кренат главите над парапетот назад дома, кадешто секојдневниот испитувачки поглед и притисокот при обидот да бидат онакви какви што се може да делува особено угнетувачки. Низ регионот, постојат бројни примери за лица кои претходно не се чувствувале способни да го покажат своето вистинско јас во нивните земји, но кои се враќаат од посети и размени со обновено чувство на енергичност и верба.

„Знам за најмалку тројца луѓе кои навистина се плашеа да излезат на нашите Паради на гордоста“, вели Арбер. „Ги однесовме во Белград и во моментот кога се вратија извикаа: „Ќе бидеме во прв ред!“ Замислете, од одбивност да учествуваат, тие се вратија сакајќи да маршираат во прв ред – затоа што се почувствуваа омоќени“.

Ваквите примери се доказ за фактот дека во срцето на заедничката борба се човечките врски; односите на база на доверба, емпатија и меѓусебно разбирање; и решеност дека колку и да се тешки борбите, по толку години исклученост и изолација, тие не се сами во нивната борба за подобра иднина.

„Преку средбите со сите овие луѓе од регионот на овие настани, станувам сè посилна и посилна“, вели Елена. „И некако, кога сум уморна, кога сум исплашена, си велам „Во ред е“. Некако чувствувам дека на крајот сме незапирливи – можеме да се умориме, но сме незапирливи! Се полнам со таа енергија и продолжувам понатаму“.

 

Напишано од Jack Butcher и Aurela Kadriu за Kosovo 2.0

Превод од англиски: Душица Лазова

НАПИШАНО ОД:
  • Тимот на Медуза
  • July 1, 2022
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Што навистина не е во ред со „Blonde“
Доминик не го намалува значењето на Мерлин Монро, нејзините победи и успеси, нејзината сила и издржливост, но фрла светло на моментите кои довеле до тоа таа сила да се скрши.
  • Од Билјана Кочоска
  • КВИР, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Родителската поддршка: мост помеѓу хетеро и квир луѓето
За тоа колку јавната поддршка од родителите на квир деца е истовремено контроверзна, субверзивна и неизмерно потребна сведочат реакциите и вниманието кое го доби жената која држеше транспарент „Горда мајка!“ на Парадата на гордоста во Скопје во 2019.
  • Од Душица Лазова
  • ДИЈАЛОЗИ, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Преку танцот сакам да ги разбудам сите сетила на моите ученици: Интервју со Ивана Балабанова
Работата на Ивана Балабанова ја следам со години. Инспирирана од нејзината работа како танчерка, основачка на Битрикс и креативна девојка која постојано поместува граници во секоја смисла на зборот, сакав да поразговараме за нејзината лична мотивација, работата како педагог, современиот танц како простор на слобода и истражување и грижата за себе и другите. 
  • Од Калиа Димитрова
  • ФЕМ 101
Повик за програма за истражувачки есеи
Доколку се залагаш за родова еднаквост, имаш пасија и искуство со пишување и ти треба простор за раст и пласирање на своите идеи, ова е повикот за тебе.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Информирај се – Трансформирај се
Неприфаќањето во општеството доаѓа од недоволна информираност, а помалку од омраза и одбивање.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Протести во Косово: Дали училиштето нé третира како ученички или како објекти?
Како реакција на наводите за силување на малолетно лице од страна на вработен во косовската полиција се одржаа организирани протести во Приштина и Дренас
  • Од Сара Миленковска
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Апатичноста кон насилството против жените е загрижувачко и неприфатливо
Како да постапиме со фактот дека под секоја медиумска објава за родово базирано насилство, нашата јавност едногласно вели „таа самата си е крива“?
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Водич за Трејси Емин, ‘enfant terrible’ на британската уметност: Прв дел
Трејси Емин e дел од изложбата Родови перцепции во Музејот на современата уметност - Скопје. Прочитајте сè за оваа легендарна уметница и погледнете ја изложбата во МСУ каде се изложeни 39 современи уметнички дела од 25 жени.
  • Од Гала Насева
  • ФЕМ 101
Подмолното прваче
Подмолното прваче наводно сака да научи за феминизмот, родовата нееднаквост и патријахатот, но сите информации сака да му бидат уредно сервирани и со питок јазик
  • Од Елена Петрова
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Како (не) се известува за сексуално насилство
Интервјуто на Информер треба да се разбере како симптом на насилна патријархална култура која глорифицира сексуално насилство.
  • Од Елена Гаговска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Луњата
Хаосот е нештото од кое треба најмногу да стравуваме, но во последно време верувам дека е нештото што најмногу го сакаме.
  • Од Тимот на Медуза
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Жени жртви или жени злосторници­?
Случајот на Пале Илкоска.
  • Од Тамара Славеска Апостоловски
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Трчаш како девојче: Јаз
Генерално спортот е преплавен со сексизам на сите нивоа, без разлика дали станува збор за час по физичко во училиште или професионално натпреварување. Спортот е само огледало на родовите стереотипи и нееднаквост, што ја подразбира и нееднаквоста во наградување на достигнувањата.
  • Од Бојана Јовановска
  • ДИЈАЛОЗИ, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Летање змeјови
Слободата е концепт кој дозволува и бара да се трансформира и надградува.
  • Од Калиа Димитрова
  • КУЛТУРА, МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
IN-YOUR-FACE КОНЦЕПТУАЛНА УМЕТНОСТ: Кон отворањето на првата самостојна изложба „Ова објективизирано тело“ на Марија Ангеловска
Со изложбата „Ова објективизирано тело“ се отвори седмиот по ред Фестивал за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, кој се одржа во просториите на МКЦ од 9 до 12 мај, 2019 година.
  • Од Мања Величковска
  • ФЕМ 101
Пратеничка – да се биде или не?
Од досегашните избори видливо е дека речиси ниедна политичка партија не се залага, континуирано и посветено, за родовата еднаквост.
  • Од Ангелина Цветковска
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Уништуваме прекрасни машки пријателства: Лукас Донт за „Блиску“
Не сме навикнати да сведочиме на нежни моменти меѓу момчиња а тие да не бидат сексуализирани.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Кога врбата ќе роди грозје
Колку и да слушате наоколу дека ова е женски филм, многу повеќе би можело да се каже дека е филм за мајчинството гледано од одреден тесен аспект.
  • Од Билјана Кочоска Танеска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Последната жена од Медената земја
Пола за мене, пола за нив, повторува традиционалната пчеларка, додека медитативно им пее на пчелите.
  • Од Калиа Димитрова
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Нешто е гнило во УКИМ – забележани сигнали на сексуално насилство, но владее правило на молк
„Приказните се тие. И тешки и сурови и дел од нив (пре)чести.“
  • Од Ивана Смилевска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Лолита: модерното свето писмо на денешните тинејџерки
Девојките со сон да станат нимфетата Лолита претставена преку гледната точка на Кјубрик, стануваат жртвите за кои пишува Набоков.
  • Од Евгенија Несторовска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Што можеме да научиме за родово базирано насилство од „Squid Game“
За разлика од сите други натреварувачи, Џи-Јонг не учествува во игрите за да преживее, туку за да умре.  
  • Од Елена Гаговска
  • МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Добро запомнете го името Исра
Интерсекциски преглед на феминизмот во Палестина
  • Од Викторија Постоловска
  • ФЕМ 101
Бидување заедно од дистанца
Одново ќе го откриеме средиштето на состојба на домување (condizione domestica). Ќе имаме можност, конечно, да го откриеме нејзиниот политички потенцијал, од каде што приватноста не е лишена.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Промоција на Медуза
12 ноември (понеделник) е денот кога Медуза официјaлно се вдоми на meduza.mk. По тој повод организиравме кратка промоција и малку подолга прослава за добар почеток на новата феминистичка веб-платформа.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Врховниот суд на САД се обидува да го забрани абортусот: дали Америка е сè уште слободна земја?
Не постои посуштински услов на едно демократско граѓанство од контролата на една личност врз сопственото тело. Без тоа, не можеме да се наречеме слободна земја.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Што треба да знаеме за абортусната грижа за време на КОВИД-19?
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, ФЕМ 101
Џудит Батлер – Критички квир
Смеeњето во лице на сериозните категории е неопходно за феминизмот.
  • Од Лени Фрчкоска
  • ФЕМ 101
МВР ме прави огрочена и лута
Полицијата никогаш во минатото не била клучна во оваа борба, па баш затоа е тешко да се замисли дека некогаш во иднината би можела да биде
  • Од Калиа Димитрова
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
(Не)Преводливоста на дрег уметноста во „RuPaul’s Drag Race“
Дали преводот на шоуто на македонски би ја доближил и нормализирал дрег уметноста во нашето општество и дали истиот е возможен?
  • Од Ана Илиева
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Не, нема да се предомислам
Митот за неопходноста од мајчинството е традиционален концепт кој ја ограничува женската слобода.
  • Од Нина Раповска
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Skopje Pride Weekend 10 | Ecstatic Bodies
Јубилејното издание на Skopje Pride Weekend 2022, фестивал на квир уметност, култура и теорија, оваа година ќе се случува од 2 - 11 јуни и 15 - 17 септермври.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Тајната женска историја во македонската литература во 19 век
Од големо значење за развојот на македонската книжевност, особено на расказот како форма е ликот на Марија Х. Зрнева.
  • Од Дијана Петрова
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Кога личното станува теоретско: кон романот ,,Аргонаутите” на Маги Нелсон
Аргонаутите (The Argonauts, 2015) е последниот роман на американската писателка и професорка Маги Нелсон, позната по нејзините жанровски експерименти.
  • Од Душица Лазова
  • КВИР, ФЕМ 101
Скопје Прајд: Ослободувањето на квир заедницата значи ослободување на целото општество
Неколку дена во годината многу од нас можат да бидат најавтентичните верзии од себе си, но наскоро треба да се вратат кај нивните семејства и заедници каде што никој не знае за клучен дел од нивните животи. Е затоа ни треба Скопје Прајд.
  • Од Елена Гаговска

Момент...

No more pages to load

1 2 … 16 Next »

Категории

ФЕМ 101
КУЛТУРА
МОЕ ТЕЛО
КВИР
ДИЈАЛОЗИ

Корисни линкови

ЗА НАС
КОНТАКТ
БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Copyright © Медуза 2023 | Developed by MASIVA

Scroll to Top
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Facebook-f Instagram