Позадината на мојот портрет што го гледате подолу е свилен чаршаф од времето на мојата прабаба Севастија – баба Тика. Кога бев мала, во најтоплите летни ноќи баба ми од него правеше бранови со кои го ладеше воздухот. Тој чаршаф ми беше синоним за магија. Се прашувам низ колку потешкотии имала поминато како девојка, уметница, невеста, мајка, домаќинка, жена… Се прашувам што размислувала кога везела, сликала, готвела или чекала. Се прашувам со кого разговарала кога плачела, како се борела, како љубела, дали сакала подобро, дали замислувала поинакво. Дали замислувала дека за мене ќе биде поинаку.
Да се биде жена значи секојдневно да се учи вештината на преживувањето. За преживување потребно е да се учи трудот на издржливоста. Да се биде феминистка значи да се биде издржлива личност. Да се биде маргинализирана група значи да се биде издржлива група. Да не бевме издржливи, немаше да бидеме тука. Но, ако се согласиме дека дел од умешноста на преживувањето е да се биде издржлив/a, тогаш што стои отаде логиката на издржливоста и преживувањето, кон живот во процут, благосостојба и можности за креативност и трансформација?¹
Ова прашање сакаме да го отвориме со овогодинешната публикација на феминистичката платформа Медуза, а воедно да го прославиме фактот што постоиме, се развиваме и растеме веќе две години. Тука сме за да понудиме можни насоки на размислување и реобмислување, да ве ставиме во туѓи чевли, да направиме да ви биде нелагодно, да ви позајмиме свеж светоглед кој заеднички го остревме цела измината година, но и да ви понудиме простор и можност, да бидете, заедно со нас, ранливи, разочарани и гневни. Сакаме да веруваме дека од таа позиција е возможно и потребно, не да зајакнеме индивидуално за да станеме уште посилни, порезистентни и поотпорни, туку да замислуваме инаква реалност и систем кој нè поддржува, заштитува, почитува, издигнува, поврзува, образува, поттикнува, негува, лечи…
Издржливоста е дел од нашето секојдневие и не може да се оддели од женското постоење.
Издржливоста е вештина која масивно се прославува (дури и како еманципаторска сила) како во популарната култура, женските магазини, филмови и уметност, така и во новите медиуми, мотивациски говори и пораки. Сепак, ние веруваме дека треба да гледаме и работиме отаде издржливоста. Сфатена како способност за преживување и закрепнување од проблем и страдање, отпорноста во суштина нè прави жилави, кон можноста да издржиме повеќе.
Меѓутоа, за да имаме нешто за преживување мора прво да сме биле оштетени или да сме доживеале траума и токму тоа е начинот на кој опресивните механизми се транформираат – претварајќи ја траумата во функција или акција. Во еден таков систем, пречките се гледаат како механизам на зајакнување, кој наводно ни помага да излеземе како победници. Траумата не се надминува на колективно ниво, туку се инсистира поединечните жени да бидат „отпорни“ во соочувањето со неизбежниот упорен сексизам кој постои како таков.²
Гледано од таа перспектива, колку сме поотпорни, толку повеќе можеме да издржиме, а со тоа и му дозволуваме на системот да продолжи да притиска, калејки ги нашите тела да бидат активни, борбени и снажни и погрешно лоцирајќи ја загубата на таа борба во нашата индивидуална слабост, кревкост, пасивност и умор.
Наспроти инсистирањето да ги тренираме нашите тела да бидат отпорни и да издржуваат повеќе притисок, феминистичката теоретичарка Сара Ахмед во „Живеејќи феминистички живот“ пишува за моментот кога веќе не издржуваме, или одбиваме да издржуваме. Тој момент таа го нарекува a feminist snap, кој може да се појави во форма на избувливост и гнев или можеби емотивност, раздразливост, ранливост. Тој момент е значаен, бидејќи создава простор во самите нас за правење неред, бука и пукнатини низ кои може да се види светот кој не се базира на индивидуална издржливост, туку заедници на грижа. Таа грижа може да се појави во мноштво форми; како време за себеси надвор од матриците за продуктивност, работа во локалниот контекст, одмор, време поминато со нашите блиски, правење процепи преку дискутирање, протестирање, размислување, а во нашиот случај – пишување.
Преку нашите текстови ние постоиме, храбро зачекоруваме во светот и со нашето секојдневно појавување сакаме да посочиме кон фактот дека не сите сопки кои се поставени од системот може (и треба) да се прескокнуваат со помош на индивидуална волја, снага и енергија, особено кога не сите имаат еднаква стартна точка – нешто што стана особено очигледно оваа година.
Отаде издржливоста се состои од 18 написи, поделени во 4 поглавја.
Во Превртени перспективи деконструираме теми, идеи и обичаи длабоко вкоренети во патријархалната и сексистичката култура. Ја преземаме и користиме превртеноста во наша полза. Доколку сексизмот, насилството, хомофобијата и телесната полиција во моментов се општествениот стандард, ние уживаме да бидеме од другата страна на таа приказна и да ги испревртиме вкоренетите наративи.
Во второто поглавје Пандемија во сенка може да се најдат текстови кои од мноштво перспективи ја разгледуваат пандемијата: здравствена, родова, класна…За пандемијата пишувавме многу, со оглед на тоа што кризата влијае на сите нас, но не на сите подеднакво. Токму онаму каде постои нееднаквост во пристапот до основни човекови права и во пристапот до расположливите услуги и сервиси, постои и нееднакво влијанието на ефектите од пандемијата.
Женското лице на активизмот е третото поглавје кое го сместува родовото прашање и феминистичката борба во пошироки општествени текови, земајќи предвид дека феминистичката призма не само што е релевантна во тој контекст, туку често е и клучна за да ја разбереме историската маргинализација на женското прашање во склоп на самите движења за промена, но и потребата од феминистичкиот принцип при менување на општественото ткиво. Особено се радуваме што во третото поглавје ќе ви претставиме девојки кои со својата работа директно прават промени во нашата заедница.
Последното поглавје Фемкултура нема само да ве опреми со одлични наслови за квалитетно поминување на слободно време. Овие сериозно добри рецензии имаат потенцијал да прошируваат светогледи, всушност како и секоја добра уметност, па веројатно затоа текстовите од областа на културата секогаш го наоѓаат своето место на нашата платформа.
Во оваа публикација со авторски текстови се наоѓаат авторките: Елена Петрова, Ангелина Стојановска, Вања Кирова, Ана Блажева, Бојана Јовановска, Тања Стоименовска, Ена Бендевска, Ангелина Цветковска, Ивана Хаџиевска, Елена Гаговска, Гала Насева, Радица Стојановска, Анастасија Марковска и Душица Лазова. Двете интервјуа кои се застапени во поглавјето „Женското лице на активизмот“ ги водеа Благица Димитрова и Елена Петрова, а во улога на интервјуирани се најдоа Катерина Иванова и Сибел Бајрам. На нашата веб-платформа може да се прочитаат сите овие текстови и текстови од многу други авторки кои секако ќе бидат дел од некое следно печатено издание на Медуза.
Огромна привилегија беше да се уредуваат овие текстови и неизмерно сум горда што можам да ги претставам во ваква форма. Некои од овие авторки за првпат во животот беа ставени во позиција да пишуваат текстови од овој тип, додека други се искусни авторки. Меѓутоа, верувам дека тоа што е заедничко за сите е отвореноста и храбриот пристап во пишувањето за Медуза, која успева да вдоми толку многу лица и перспективи на феминистичкото постоење и пишување, и токму таму ја лоцирам нашата вредност.
Пишувањето е од една страна осаменичка пракса, но од друга е и отварање, комуникацијa и размена, исто како и уредувањето и објавувањето. Секој текст од оваа публикација е уредуван со многу грижа, внимание, комуникација и преиспитување на првичните позиции, а преку тоа обострано растење и омоќување. Сигурна сум дека работата на Медуза, а особено работата со авторките, беше голем дел од градењето на мојот личен систем на издржливост и отпорност во оваа особено тешка година. Воедно, токму таа работа беше и клуч кон размислување надвор од таа рамка кон различните начини на кои нашите пракси имаат потенцијал да градат издржливи заедници кои се силни колку и својата најслаба алка. Нашите тела и ментални склопови, кои не секогаш се силни (и не треба да се очекува да бидат), на тој начин би црпеле енергија, моќ и идеи едни од други, наместо секогаш од себе, за себе.
Се надевам дека оваа мала, но моќна публикација ќе биде еден таков извор на заедничко оснажнување и ослободување.
Со многу љубов и грижа,
Калиа Димитрова
главна и одговорна уредничка на Медуза

¹ Формулирано во разговор со Славчо Димитров
² Olivera Pavićević, Dr Aleksandra Bulatović, Feministička kritika koncepta otpornosti – Transformacija subverzivnog u normativno