Си одиш накај дома, вжарена летна топлина ти ја гори кожата, но сепак си благодарна – не сите жени можат да одат слободно – одењето за многумина е привилегија. Не е потребно долго време пред да забележиш дека местата низ кои минуваш страдаат, јасно е дека тоа се места без свој глас, без никаква моќ за делување. Овие места не можат да се борат, да викнат назад кога некој ќе фрли пластична кеса со ѓубре, кога истиот ќе искорени ред од дрвја кои тие ги негувале со години. Ова се не-пространи простори, места кои не заземаат место. Ваквите средини, угнетени и немоќни, ја градат топографијата на твојот живот. Не случајно, и не без последици, загадениот воздух, сивите реки закопани од ѓубришта и климатските промени кои ти ја загорчуваат иднината се mise-en-scene на твојата интимна, животна приказна. Нормално, прашањето дали е ова твој проблем, како феминистка и квир жена, бара одговор.
Американската писателка, активистка и феминистка, белл хукс (1988) вели дека феминизмот како борба за ослободување мора да постои надвор од, но и како дел од пошироката борба за елиминирање на секаков вид на угнетување и доминација. Според неа, клучно е да се согледа дека доминацијата на патријархатот дели идеолошка основа со други форми на угнетување, како расизмот, и дека нема надеж за пад на патријархатот додека други системи на угнетување стојат недопрени. И така, борбата за климатската правда станува и твоја борба.
Одамна ти е јасно дека те окружуваат системи и структури на доминација и угнетување. Во близина на влезот од твојата зграда стои маж кој решава да ти се обрати со „срце“, а ти решаваш да го игнорираш. Не знаеш дека во неговиот изопачен свет тоа е знак дека може да ти се доближи, дури и да те допре. Малку по малку ги забрзуваш чекорите за на крај да почнеш да трчаш, да бегаш. Додека тој – се смее и си продолжува со денот, со животот, без вина, без можност за никаква ретроспекција, без реперкусии. Во такви моменти, кога немаш глас ниту моќ за делување, сфаќаш дека твоето тело и постоење се mise-en-scene за неговата животна приказна и дека таквиот светоглед, поддржан од системи и структури, го гради неговиот идентитет чие место е во центарот. Во ваквото општество, кое се темели на хиерархии на доминација, ти си само афект што постои само во однос на доминантниот центар. Твојот ден, твојата приказна, твојот страв и глас тој не ги забележува, ниту, пак, му се важни.
Според австралиската писателка и филозофка Вал Плумвуд (2012), ваквиот светоглед наречен центризам¹ е клучниот концепт на кој се темели не само патријархатот, туку и рационализацијата за начините на кои ги третираме животните, природните средини, екосистемите и нeчовечките простори. Таа го дефинира центризмот како перспектива вкоренета во лажен, илузорен универзализам, каде центарот е претставен како универзален, стандарден и нормативен, додека сè друго е негирано, омаловажено или девијантно. Во андроцентричното општество кое го привилегира машкото искуство и перспектива како посакуван стандард и мерка за човеково однесување, женската субјективност е девијација. Со слична логика и антропоцентризмот го претставува човекот – не како еднаков дел во екосистемите на нашата планета, туку како нивен доминантен, надворешен манипулатор – кој може да си игра и манипулира со овие комплексни системи без никакви вина, казна и последици.
Откако почна да размислуваш за поврзаноста на патријархатот и уништувањето на природата, наидуваш на многу дела во кои женската опресија е испреплетена и која произлегува токму од нејзината вклученост во сферата на природното:
„Жената е само животно, и тоа не од висок ред“ (Burke, 1989); „Жената ги претставува интересите на семејството и сексуалниот живот, додека цивилизацијата сè повеќе и повеќе е домен на мажот“ (Freud, 1989); „Жените се способни да учат, но сепак не се створени да се залагаат со поважните науки како природните науки, филозофија или креативни дејности“ (Hegel, 1989); „Жената е диво, не скротено животно“ (Cato, 1989).
Лесно е да се повлече дијагонална линија на парче хартија, како што имаат направено горенаведените писатели, помеѓу маж, човек, култура, разум и цивилизација од една страна и жена, животно, природа, емоција и хаос од друга. Ваквиот дуализам е навреда за нашата интелигенција. Или, пак, како што вели Пламвуд (1993), нашата вклученост во сферата на природата не е комплимент, туку неочигледна замка. Тоа што не може да се согледа од еднодимензионални линии на бел лист е од која страна зборовите имаат повеќе моќ, какви интерсекции се преплетуваат во овие редуктивни општи именки и дали овие зборови укажуваат на реална спротивставеност. Но, тебе ти е јасно која страна е повеќе ценета. Исто така, ти знаеш дека наместо празни семантички обележја, зад овие зборови стојат спектар и безброј животни приказни кои едни во други се преклопуваат, испреплетуваат, вкоренуваат и се во константна состојба на развој и метаморфоза. Знаеш дека културата и природата можат да имаат колаборативна врска, исто како и мажот, жената и сите помеѓу, и разумот и емоциите. Да не беше тоа така, твојата борба ќе беше залудна. Исто така, знаеш дека иако моќта на ваквите зборови и нивната категоризација како спротивности е илузорна, мора да ѝ се спротивставиш. Отпорот е клуч. Знаеш, затоа што живееш во свое тело, во своја кожа, во свој ум на оваа планета, во оваа загадена држава, во ова општество, во овој патријархат.
Без разлика кои системи на доминација се присутни во нашето општество, последиците влијаат на сите нас. Центризмот е базиран на отстранување на сè што е различно од тебе и креирање дулизам во кој страната на којашто припаѓаш ти е подобра, поважна – стандард по кој се мери сè. Другоста ти овозможува да рационализираш како постапуваш со луѓе кои се различни од тебе, животни или, пак, екосистеми од кои не се сметаш како еднаков дел. Ваквото однесување не само што креира насилство и нагон да се уништи, асимилира или скроти сè што се смета за друго, туку и спречува секаква можност да се сознае, не овозможувајќи воспоставување на никаква значајна, холистичка врска. Центризмот ја замаглува и искривува реалноста. Исто како и последиците од патријархатот, последиците од уништувањето на екосистемите што нè опкружуваат се катастрофални.
Изопачената перспектива на тие што се на врвот на хиерархијата е неважна кога станува збор за последиците. Мажите се слепи за казните на патријархатот, не само кон жените, туку кон самите нив. Центризмот не им дозволува да согледаат како токсичната машкост им ја кастрира слободната мисла. Ние, луѓето, не успеваме да согледаме дека центризмот прави да живееме со ѓубришта, загадени реки и воздух, без притоа да согледаме дека уништувањето на овие средини и екосистеми е воедно и наше уништување.
Време е да развиеме нова педагогија за живеење во која нема место за центризам. Феминизмот досега те има научено како да се бориш за своите права, како да ги негуваш својот глас и своето место во светот, како да согледаш неправди врз жени кои се различни од тебе и да ги искористиш твоите привилегии во борба против нив. Но, во моментот кога климатската правда станува феминистичка правда, тогаш учиме и како ментално, а потоа и физички, да ги срушиме интерните и екстерните хиерархии на доминација, како да креираме значајни меѓучовечки и меѓуетнички врски и како да бидеме еднаков дел од нашите екосистеми и заедници.
¹Во овој контекст терминот центризам се однесува на перспектива вкоренета во лажен универзализам, каде центарот е претставен како универзален, стандарден и нормативен, додека сè друго е негирано, омаловажено или девијантно. Терминот е хомофон со политичкиот центризам, но немаат никакви допирни точки.
Користена литература:
Hooks, B. (1988). Talking back: Thinking feminist, thinking black. Toronto: Between the Lines.
Morgan, F. (1989). A Misogynist’s Source Book. Jonathan Cape.
Plumwood, V. (1993). Feminism and the mastery of nature. London: Routledge.
Plumwood, Val. (2012). The eye of the crocodile . Acton: ANU Press (Australian National University).