Ретко се осмелувам да пишувам по смртта на луѓе со кои не сум била во непосредно близок однос. Веројатно од почит кон загубата и болката на нивните блиски. Но Мирко Попов го чувствувам непосредно близок. И од почит кон неговата фасцинатно незапирлива и сеприсутна енергија во Скопје, ги пишувам овие редови. Мислам дека, како посветен архивар на културата, Мирко заслужува (во најмала рака) да размислиме, забележиме и споделиме на кој начин ги има допрено, променото и подобрено нашите животи.
Имав 13 години кога излезе песната, а потоа и спотот „Скопјанка“ на ПМГ. Восхит и радост. Зар можно е вака да звучи македонскиот јазик? Бев одлична ученичка, уште не знаев што се екстази, но знаев дека сакам да мирисам на пролет, да играм у диско и да положам возачки испит. Скопјанка не беше само песна со кечи бит, туку обид да се опее и прослави еден микро свет, да се негува чувство на гордост и препознавање – емоција која лесно им се чита на лицата на девојките во градот, кога и денес, после цели 20 години, ќе ја слушнат песнава на подиум.
Мирко знаеше, можеби повеќе од било кој друг, да направи да ни биде убаво во Скопје, но и да ни пренесе дел од неговиот жар, да се качиме на тој луд воз на верба во самите нас. Беше упорен, тврдоглав и бескрајно посветен на својата мисија, која ја извршуваше (еднакво упорно) во своите чудни црни шалвари (во недостаток на посоодветен збор), кој никој не сфаќаше зошто го носи – и веројатно затоа и ги носеше.
Мирко Попов со неговата работа и постоење ширеше една едноставна, а сепак за многу, скандалозна порака: Овде е добро. Оваа порака ја стави и на маичка и одеше наваму-натаму да ја разнесува по луѓе. Мене ми се падна розова. Многу си ја сакам таа маичка. Исто како што сакам да живеам во Скопје и да верувам дека центарот на градот се луѓето.
Мирко го почитував, меѓудругото, ради тој наивен и детски, а сепак продуктивен и радикален оптимизам, кој го прави животот возможен, а одговорноста кон колективот непосредна, опиплива и неотуѓива. Мирко веруваше во промени и затоа носеше промена. Луѓето кои живеат и творат со таков вид на интегритет се исклучително ретки, но нивниот жар е заразен. Погледнете ја само богатата заедница на ПМГ рекордингс и ќе ви стане јасно на колку многу начини и места неговиот креативен печат ќе продолжи да цути.
Да си жив, да си навистина жив, значи да менуваш, да создаваш, да градиш. Овде меѓудругото е добро зашто Мирко им даде ветер во грб на најталентираните млади, чија музика им дава ритам и смисла на нашите денови. Изгубивме еден од нашите најдобри. Но среде оваа тага, замислувам како Мирко би се наежил, ако го прогласиме градов за мртов. Како би напишал некоја саркастично-романтична колумничка исмевајќи ја нашата мрзливост и дефетизам. Овде е добро, ако ништо друго, зашто постојат луѓе кои веруваат во музика, поместуваат планини и создаваат ветер и во најсивите котлини. Мирко е жив во градот и градот е жив заради луѓето како него. Главата горе и ја продолжуваме неговата мисија. Има работа за завршување.
Од една скопјанка со положен возачки испит, фала ти Мирко од сесрце