Овој систем се плаши од силни жени. Се плаши да види како Македонки, Албанки, Ромки и сите други жени во своите посебност и различност заедно стоиме и ви кажуваме дека ни е ДОСТА од системот на силеџиство.
Овој систем се плаши од силни жени и затоа постојано сака да нѐ гледа и претвора во жртви и ништо повеќе. А, кога, пак, како жртви имаме храброст да кажеме отворено што ни се случило, да се охрабриме едни со други, да бидеме солидарни заедно, тогаш удира по нас со закани и дополнително насилство.
Нивниот страв прави сѐ уште да се објаснуваме зошто е важно, денес, на 8 Март, повторно да се собереме – но нема да го правиме тоа. Со нашето присуство, се потсетуваме дека борбата не е завршена. Овој систем се плаши и се плашел од силните жени не само сега туку и во минатото.

Фотографија на Филип Лафазановски
Од жени како Накије Бајрам, Роса Плавева, Сирма Војвода, Вера Ацева, Невена Георгиева Дуња и многу други чии имиња биле избришани за да се сокрие женскиот глас и пркос и борбата против фашизмот, национализмот и насилството. Сите оние жени пред нас, кои се бореле за нас, за да стоиме цврсто и да ви кажеме дека повеќе НЕ БАРАМЕ права од вас – правата што ни следуваат ќе ги добиеме. Сѐ додека вие, слуги на системот на силеџиство, работите на нашето обесхрабрување, преку закани, уцени, насилство, сексуално вознемирување и ни кажувате КАДЕ ни е местото, ние ќе стоиме силно, една до друга, зашто знаеме дека токму тоа ве плаши.
Ве плаши зашто знаеме да учиме една од друга и да си даваме сила во систем во кој поддршката, љубовта, емпатијата, пркосот и сѐ останато е она што нè води. Ја доживувате како закана сложноста и солидарноста помеѓу жените, додека ние зборуваме за револуција и разрушување на системот на силеџиство. Како што другите се избориле за нас да бидеме тука – гласни во своите позиции, така и ние денес, а и понатаму (ќе) се бориме за идните генерации, затоа што ниту една жена или девојка не треба да го помине она што ние секојдневно го живееме.

Фотографија на Филип Лафазановски
Денес, се бориме против системот на силеџиство и на индивидуално и на институционално ниво. Токму затоа ги плашат жени кои имаат што да кажат, жени кои гласно велат НЕ и активно се вложуваат за да стават крај на систем што угнетува.
Доста ни е од силеџии и насилници во училниците, во болниците, во судниците, на улиците, во институциите, во полицијата. Доста ни е од случаи во кои 13 силувачи добиваат казни под минималната затворска казна, доста ни е Вепоска да чека правда за некој си заштитен доктор, итн.
Како што и покажавме на овој марш, ние нема да се умориме, како што не се откажале жените пред нас, и ќе потсетиме дека и тоа како имаме традиција – традиција на солидарност, на антифашизам, на антимилитаризам и на феминистичка борба за подобар свет.
Ние, зеднички, ќе се бориме за свет којшто ќе биде реобмислен според нашите потреби и мерка, креиран така што сите ќе бидеме еднакви, свои и целосни во потполноста на нашите различности, слабости и способности!