Теоријата на Џудит Батлер за перформативноста на родот за првпат беше претставена во доцните 80ти години. Иако првенствено изучувана во рамки на родовите студии, оваа револуционерна теорија била применета и при анализа на други аспекти на човековото постоење. Еден од овие аспекти е зависноста, а токму тој пресек ќе биде тема на овој текст, со посебен фокус на перформативноста, односно ќе се разгледува дали формирањето на идентитетот на „зависникот/зависничката“ ги следи истите процеси како формирањето на родовиот идентитет.
Потпирајќи се на антрополошки и феминистички текстови, ќе ја истражам зависноста како серија повторувачки дејствија кои го конструираат зависничниот идентитет, слично на концепцијата на Батлер за родовите изведби. Целта е да испитам како оваа анализа може да придонесе кон создавање на нови перспективи поврзани со конструирањето на родови и зависнички идентитети. Истовремено, текстот ќе ја испитува улогата на општествениот контекст и авторитативни институции (образовни, здравствени, политички, и религиозни) во обликувањето на зависноста и прецепцијата за зависничките однесувања. Од практична гледна точка, крајната намера на оваа анализа е да повика кон создавање на целокупен, холистички третман и однос кон зависниците, како и стратегии за намалување на штетите кои ќе се фокусираат на вистинските барања на заедницата.
Батлеровата теорија за родова перформативност (1988) тврди дека родот не е вродена карактеристика, туку серија на повторливи родови однесувања и дејствија (на пр. начини на облекување, движење, говор..) што ги восприемаме и изведуваме/демонстрираме во средината, а кои го конструираат родовиот идентитет токму преку нивно континуирано повторување низ времето. Овие дејствија се обликувани од општествени и културни норми и очекувања, со што се создава илузија на стабилен (и предодреден) родов идентитет. Преку постојано повторување, родовите норми се зајакнуваат, но тие исто така се отворени за промена бидејќи поединците можат да го изведуваат и да експериментираат со родот на различни начини, предизвикувајќи ги и потенцијално менувајќи ги општествените очекувања.
Истите елементи многу лесно може да се искористат во анализата на зависностите. Слично со Батлеровата концепција дека родот е серија повторливи дејствија, зависноста често се дефинира како „хронично, повторливо нарушување кое се карактеризира со компулсивно барање и употреба на [супстанци] и покрај негативните последици.“ (Volkow et al., 2019). Но, она што недостасува од оваа дефиниција е улогата на ритуалот како неизоставен дел од концепцијата на зависностa.
На пример, Норман Зинберг (1984) пишува за ритуалот на конзумирање дрога, опишувајќи го како „стилизирани, пропишани однесувања околу употребата на специфична дрога“. Во тие однесувања тој ги вклучува начинот на набавка и употреба на дрогата, изборот на физичка и социјална околина, активностите што се планираат по нејзината конзумација, како и методите за спречување на несакани ефекти. Слично на ова поимање на ритуалот, Батлер (1999) ја опишува родовата перформативност како повторлив ритуал: „Перформативноста не е единствен чин, туку повторување и ритуал, кој ги постигнува своите ефекти преку својата натурализација во контекст на телото, сфатено, делумно, како културно одржано временско траење.“ Во двата случаи, ритуалот не е само серија на навики, туку структурирана практика преку која се одржуваат и репродуцираат одредени општествени норми и значења – било во однос на употребата на дроги или на родот.
Бројни академици и пропоненти на холистичката теорија на зависност, која опфаќа биолошки, психолошки и социјални фактори кои влијаат врз формирањето на зависноста и нејзината перцепција во поширокото општество, веќе долго време ги нагласуваат социјалните и општествените фактори како клучни во дискусиите за зависност и употреба на дроги. Невронаучникот Карл Харт објаснува дека: „Дрогите никогаш не биле проблемот [во контекст на зависноста]. Проблемот се сиромаштијата, политиките за дроги, невработеноста – широк обем на работи, додека дрогите се само еден дел [од проблемот со зависноста] кој не придонесува толку колку што сме мислеле во минатото.“
Но социјалните фактори не се само дел од тоа како зависноста се формира, туку и каков е пристапот кон неа во различни култури и општества. На пример, честото внесување на алкохол во западните општества и култури се смета за алкохолизам, но Ајмарите во Перу и Боливија, алкохолот го сметаат за света супстанца која има суштинско значење за религиозните обреди (Carter 1977). На Балканот, од друга страна, алкохолот е речиси задолжителен за сите социјални собири, вклучително родендени, свадби, погреби и бизнис договори (Pakovic et al., 2018).
Ова директно се поврзува со Батлеровата теорија, според која социјалните и културолошките норми и стандарди се есенцијални за формирањето на „родово сценарио“ кое лицето го глуми и за кое е „оценето“ од социјалната средина врз основа на тоа дали автентично го извело даденото сценарио или не. Батлер се согласува дека различни општества и култури имаат различни родови перцепции, а со тоа и различни сценарија, и дека институциите, медиумите, училиштатата, семејствата и законите формираат родови сценарија и спроведуваат социјални награди и казни. Слично на теоријата на родова перформативност, индивидуата која се идентификува како зависник мора ритуализирано да ја глуми својата улога (преку употреба на дроги) за истата да биде сметана како дел од нејзината суштинска личност или идентитет. Истовремено, оваа изведба е оценета според различни критериуми во различни заедници, култури и оштества, каде некогаш е социјално наградувана, а некогаш казнувана.
Оценувањето на оваа изведба (дали родова или зависничка) е исклучително важна за евентуалното идентификување на личноста како припадник на одреден род или зависност. Шони Астон (2009), позајмувајќи од теориите на Луис Алтусер и Батлер, го нарекува овој процес интерпелација, преку кој поединците се среќаваат со и ги интернализираат културните вредности, идеологии и оппштествени норми, обликувајќи ги сопствените идентитети и улоги во општеството. Најважниот елемент во овој процес се нарекува повикување (hailing), каде авторитативните институции ги повикуваат или им се обраќаат на поединците да се препознаат себеси како конкретни субјекти или идентитети. Во склоп на истражувањето, Астон вели дека формирањето на зависнички идентитет го следи овој интерпелациски и повикувачки процес, каде индивидуите искусуваат серија на настани во кои институциите ги опишуваат како зависници: „Со составување на доволно делови од сложувалката за да се добие јасна слика за овој нов идентитет, [индивидуите] конечно можат да ги усогласат своите мислења со експертските знаења на авторитетните институции и да преземат нов идентитет. Со нивната изјава ‘Мислам дека сум зависник’, тие конечно стануваат зависници, токму поради тоа што така се изјаснуваат”.
Хана Пикард во Зависност и личност (2020) тврди дека зависноста не е невробиолошко растројство туку идентитет. За Пикард, идентитетот претставува категоризација на индивидуи кои се усогласени според одредени карактеристики (на пр. род, професија, сексуална ориентација), категории што подоцна се поврзуваат со одредени верувања, однесувања и вредности (взаемно групни норми) за кои од членовите се очекува да ги прифатат и изведуваат. Заради ова, ако некоја индивидуа се само-идентификува со одреден идентитет, особено ако од истиот идентитет црпи самодоверба и го смета како вреден, истата се само-регулира за да се усогласи со потврдените групни норми. Од друга страна, ако индивидуата не направи доволно за да го вклопи своето однесување со потврдените групни норми, истата ризикува исклучување од групата и идентитетот.
Во поглед на зависноста, Пикард смета дека идентитетот на зависник ги исполнува овие критериуми, особено бидејќи истиот: „Може да понуди друштвена награда, припадност кон заедница и сет на вредности, структура и цел во животот на индивидуата, чувство на самодоверба и – можеби најилузорно, но најинтригантно од сѐ – на индивидуата да ѝ даде чувство за себство онаму каде во спротивно би имало само празнина.“ Истите овие социјални добра како прифаќање од страна на врсничка група, ритуали на споделување дрога, „подземни“ заедници и др. го мотивираат зависникот да не прекине со ритуализираното однесување (употребата на супстанци) за да не го изгуби својот идентитет.
Интересно е да се напомене истражувањето на Роб Вест (2013), кое следи пушачи во временски период од шест месеци, каде 50% од испитаниците кои се опишале себеси како „непушачи“ во првата недела по откажувањето на цигари биле успешни во откажувањето и после шест месеци, додека ниту еден од испитаниците кои не се опишале себеси како непушачи во првата недела не успеал да се откаже. Ова не е заради некоја дарба на непушачите туку, како што тврди Вест, заради симболичната промена на идентитетот (а со тоа, и на стилизираните, ритуалистички однесувања) од пушач во непушач.
Практичните заклучоци на оваа анализа се, иронично, скоро комплетно спротивни на модерните секуларни третмани на зависност. Најпознатиот третман на зависност, Alcoholics Anonymous, го предводи токму идејата дека „зависникот“ треба да се изјасни како зависник секој пат кога ќе дојде до збор во групна терапија. Причината за ова, вели организацијата, е повеќе „ритуална“ отколку со специфична намера, со корени во почетоците на организацијата: „На малите состаноци, членовите се познаваа меѓусебно и не требаше да се идентификуваат. Но, на големите ‘јавни’ состаноци, каде што имаше ‘исповедање’ слично на денешниот говор на А.А., личната идентификација стана неопходна.” Овој ритуализиран начин на претставување не само што (индиректно) ги принудува своите членови да се идентификуваат како зависници туку и ја цементира (или стабилизира) оваа идентификација со секој состанок.
Наместо да ги сметаме категориите на „зависник“ и „независник“ за фиксни и јасно дефинирани групи на луѓе, Батлеровата теорија на перформативноста ни дава алатки за да ги предизвикаме истите. Истовремено, теоријата ни овозможува да воочиме нови стратегии за справување со штетите од користењето на супстанци, стратегии што би биле (1) фокусирани кон подобрување на меѓучовечките односи во блиската и пошироката заедница на индивидуата, (2) базирани не само на медицински и физиолошки принцип туку и на социјален и психолошки пристап и (3) имплементирани заедно со мерки за намалување на сиромаштијата, бездомништвото, насилството и останатите општествени проблеми кои придонесуваат кон посегнување по супстанци што предизвикуваат зависност.
Користена литература:
Aston, S. (2009). “Identities under construction: Women hailed as addicts”. Health: an Interdisciplinary Journal for the Social Study of Health Illness and Medicine, 13(6), 611–628. https://doi.org/10.1177/1363459309341865.
Butler, J. (1988). “Performative Acts and Gender Constitution: An Essay in Phenomenology and Feminist Theory.” Theatre Journal, 40(4), 519. https://doi.org/10.2307/3207893.
Butler, J. (1999). Gender Trouble. Routledge.
Carter, W. E. (1977). Ritual, the Aymara and the Role of Alcohol in Human Society. A.A. Balkema.
Pakovic, L., Todorovic, J., Santric-Milicevic, M., Bukumiric, D., & Terzic-Supic, Z. (2018). “The association between social characteristics, alcoholic beverage preferences, and binge drinking in a Serbian adult population.” Nordic Studies on Alcohol and Drugs, 36(1), 36–50. https://doi.org/10.1177/1455072518803281
Pickard, H. (2020). “Addiction and the self.” Noûs, 55(4), 737–761. https://doi.org/10.1111/nous.12328.
Volkow, N. D., Michaelides, M., & Baler, R. (2019). “The Neuroscience of Drug Reward and Addiction.” Physiological Reviews, 99(4), 2115–2140. https://doi.org/10.1152/physrev.00014.2018.
West, R., & Brown, J. (2013). Theory of Addiction. John Wiley & Sons, Ltd.
Zinberg, N. E. (1984). Drug, Set, and Setting: The Basis for Controlled Intoxicant Use. Yale University Press.