Речиси секоја недела, барем еднаш наутро ја посетувам бистата на партизанката Вера Јоциќ близу Градскиот парк. Ја допирам за скаменетата коса прашувајќи се со колку болка и посветеност била создадена од рацете на сестра ѝ, вајарката Вида, по нејзиното трагично загинување во НОБ. Длабоко ги набљудувам очите без зеници и трагите од дождот што се закоравиле и личат на смрзнати солзи. Секојпат сè околу неа е различно. Различен е датумот, различни се минувачите, различни се лисјата одзади, различна е сезоната, облаците, сонцето. Но таа е секогаш истата Вера – храбра и гласна. Хероина. Борка. Зошто звучи толку туѓо овој збор што постои во јазикот, а е сепак ретко употребуван?
Последниот пат кога ја посетив, гласно ги рецитирав стиховите на Светлана Христова Јоциќ, веројатно (неправедно!) запаметена само како сопругата на писателот Петре М. Андреевски, од песната „Понекогаш“:
Понекогаш блудам по беспаќето
помеѓу осила на диви ветрови и ровови на кртови
меѓу дрвја што даваат лист и род во секоја втора година,
меѓу попаднати крилја на бувови
и не знам кај да се свртам,
по кој знак да го определам исток!
Во мене се раѓаа чудесии и главата ми се издигна угоре онака како што овие жени ги држеле исправено своите вратови од чии грла се создавала ѝсторија.
По кој знак да се определи Истокот? Се запрашав. По сонцето, по раѓањето, по создавањето, по светлината? И како човек да биде сигурен дека сонцето секогаш доаѓа од исток кога некогаш изгревот е од југ, а темнината е светлина? Каде е Истокот што го бара Светлана? Онаму каде женското име престанува да биде муза и се издигнува како поетеса? Во елечињата што ги теснат женските гради на кои е збрана толку многу поезија? Во кафулињата во кои се чита женска македонска поезија и гласно се зборува за дразнењето и дражот на македонските поетеси?
На 9-ти ноември, во 17:30 ч. сонцето огреа на небото над македонската женска поезија, токму во едно кафуле во кое основачките на „Камера опскура“ – Винсент Вилчник, кандидатка на докторски студии на Институтот за македонска книжевност, и Емануела Ковачевска Китановска, студентка по психологија и поетеса – седнаа очи в очи со млади и/или докажани домашни поетеси читајќи ги своите и песните на македонските поетеси Даница Ручигај, Евгенија Шуплиновска, Светлана Христова Јоциќ…
Како се раѓа ваква идеја? Од љубов, бунт или од обесправеност? Винсент бескомпромисно ја најде во љубовта: „Љубов што доаѓа од душата, како што пишува во Библијата ‘љубовта… не ѝ се радува на неправдата’. Истражувајќи го македонското поетско женско писмо низ историјата па сè досега, можеме да видиме дека македонските поетеси со години биле маргинализирани во општествените облици на комуникација и твореле во сенка. Тоа во извесна мера продолжува и ден-денес. Ако го земеме предвид школскиот курикулум, веднаш ќе ни стане јасно колкав простор им се дава на поетесите“, објаснува таа.
Во моето срце, невозможно е покрај сета љубов да не се јави бес. Да се биде сенка! Што значи да се биде сенка? Дали македонските женски поетски гласови се сè уште сенки? Ако се, тогаш тие се сенки без кои не се постои. Но со „Камера Опскура“ светлината ќе биде толку силна што сенките ќе станат поголеми и поиздолжени и ќе ја надминат големината на телата. А најпосле, сенките се потрајни од самите тела зашто и коските имаат сенка. Сенката не е молк.
„Гласот на македонските поетеси на почетокот на македонската книжевност не молчел“, вели Винсент, „Тој всушност ферментирал, се развивал, зајакнувал и кога проговорил преку стиховите на првите поетеси Даница Ручигај и Евгенија Шуплинова, бил смирен, мудар, длабок и полн со љубов од една страна, а од другата страна исполнет со решителност, смелост, страст и цврста свест“.
Зошто токму Камера опскура? „Камера опскура е оптичка направа која порано се користела како помагало за цртање, а исто така претставува пронајдок кој придонесол кон откривањето на фотографијата. Тоа е кутија (или темна соба, просторија) во која од мал отвор продира светлина и го проектира објектот однадвор на спротивниот ѕид. Инспирирани од овој факт, решивме да создадеме проект кој ќе ја рефлектира светлината на женското поетско писмо создавано во мрачен и скриен простор“, продолжува Винсент.
*
Денес е сабота и повторно се наоѓам во подножјето на бистата. Овој пат главата ми е потпрена на нејзниниот држач. Чувството е како да стојам со блиска пријателка. Како да зборувам со Емануела или со Винсент додека жестоко ги рецитираме стиховите на најголемите македонски поетеси. Има ли кој да нè чуе?
Те оставив
Во простор бесконечен,
Те оставив
Во време недоближно,
Те оставив
Во збор недоречен,
Тебе песно недопеана
Тебе радост откината
Со возови црнооки
Со простори избезумени
За доближување.
„Недореченост, о проклета да си“
Даница Ручигај
Оставија ли македонските поетеси недоречености, оставија ли времиња непоминати, простори раздалечени? Кај колкумина кога ќе се спомене македонска поезија пред очите им се исцртуваат македонските поетеси? „Камера опскура“ тежнее да го промени тоа. „Оваа иницијатива е рефлексија на минатото. Нешто што одамна требало да се направи и да се акцентира како суштина на македонската реч и култура. ‘Ехо на нејзиното мастило’, како што го нарековме првиот настан, го чувствуваме како одговорност, чистење на градската магла. Како читател(к)и и писател(к)и, имаме должност да читаме македонски поетеси и да се занимаваме со творештвото на нашите претходнички. Но од каде би го знаеле тоа, кога речиси никој не зборува за нив?“ додава Емануела.
Сонце, научи ме да одам.
Со чекори посребрени од радост
научи ме да одам.
Води,
птицо,
кукавице, осамена
научете ме да говорам.
Заспани сказни, разбудете се
и отклучете ја
зелената врата на моето детство.
„Зелената врата“
Евгенија Шуплинова
Каде е клучот на зелената врата од Евгенија Шуплинова? Има ли некој клуч што ќе ни помогне да ги отвориме вратите на македонската женска поезија за сите души да умеат да ги вреднуваат и познаваат? Овие не се реторички прашања. На овие прашања секој има одговор во себеси. Или што би рекла Емануела: „Сите имаме свои клучеви кои ја отвораат нашата врата. И сите имаат различна форма и различна боја и сите се будат и сонуваат различно. Вратите на македонската женска поезија се отворени! Тие немаат клуч, наши се, внатре во песните. Песната те буди и тоа е доволно. Кај нас го разбуди поривот за светлина во темниот простор што сега не може да згасне, има потреба да биде споделен“.
Во животот е многу потешко да очекуваш дека ноќва ќе го продолжиш истиот сон од синоќа, но во поезијата, да продолжи да се сонува истиот сон што го имале големите македонски поетеси, та и повеќе од тоа, да се живее – е возможно. Веќе се случува.
Како „Камера опскура“ ќе продолжи да го сонува и живее? Винсент ни ветува: „Го замисливме концептот ‘Камера опскура’ како едномесечен собир, каде што ќе дискутираме за македонското поетско женско писмо. На првиот настан што се одржа на деветти ноември во Еџ кафуле беше интимно и амбиентално. Започнавме со куса ретроспектива за историјата на македонската женска поезија. Секој следен месец во фокус ќе имаме една до две поетеси, што ќе ги објавиме однапред на нашите социјални мрежи за да можат читателите да се подготват. На самата средба ќе читаме заедно, ќе дискутираме, ќе го анализираме поетскиот израз на одредена поетеса, ќе се нурнуваме во тајните длабочини и внатрешни светови на поетесите.
‘Ехо на нејзиното мастило’ е прва серија настани на ‘Камера опскура’, а во иднина планираме да направиме и други серии посветени на македонски прозаистки, сликарки, актерки и така натаму.“
Емануела ја надополнува: „Кога размислувавме со Винсент што би постигнале со овој проект, заедно се согласивме на познатата анегдота на Мајка Тереза – ‘Знаете, никогаш не сакав да го променам светот. Само се обидов да бидам капка чиста вода во која може да се одрази Божјата љубов. Дали тоа ви изгледа како мала работа?’ Нашите внатрешни клучеви имаат и сеќавања. Народни сеќавања. Според тоа, доаѓа должноста да се негува јазикот на кој сме говореле и говориме. Исто така, важен е начинот на изразување, затоа што така се допира до сржта на еден ум. Сè се случува меѓу јазикот и меѓу начинот како да се разбереме или почувствуваме појасно.“
*
Не сум сигурна за денот или часот. Доцна е. Веројатно бистата е сама. Како да создадеме денови и ноќи во кои македонските поетеси и хероини ќе ги цитираме и споменуваме без да гледаме во нивните скулптури или ракописи? Гледам во скицата од склуптурата во мојот тефтер. Ја дополнувам со стихови.
Што правам?
Се подготвувам за борба.
Што правам?
Создавам ехо на нејзиното мастило.