„Ниту еден човек не е мудар постојано, ниту е без своја слепа страна“
Пофалба на глупоста, Еразмо Ротердамски
Вистината, вистината и само вистината! Во филмот „Што е тоа жена?“, Мет ја спомнува вистината како еден од главените аргументи против она кое тој и анти-родовите актери го нарекуваат „родова идеологија“.
Шемата е слeднa: Мет тврди дека транс жените се мажи и категорички одбива да ги користи нивните преферирани заменки. Неговите соговорници му посочуваат дека тоа е трансфобично и/или го прашуваат зошто ова му е толку важно, на што Мет одговара дека му е важна вистината. По ова дел од неговите соговорници го прашуваат „Чија вистина?“.
Мет ја користи оваа прилика да посочи дека има само една вистина, па „чија вистина?“ може да праша само некој кој го изгубил здравиот разум.
Сепак прашањето „Чија вистина?“ е сосема валидно прашање, кое поставено во одреден контекст допира комплексни теми. Но, Мет не сака да комплицира, неговиот интелектуалениот херој е Дон Сукер, со неговата мудрост „не си жена ако си роден со к*р“, па од почит кон Мет, нема да комплицирам ниту јас. Ќе ги објаснам проблемите на неговата позиција до каде што е валидно да користам хипотетичка кокошка.
Хипотетичката кокошка
Претпоставувам дека и јас, и вие, и Мет, а можеби и Дон Сукер (иако се сомневам), можеме да се согласиме со следново:
Постојат факти – утврдени вистини (кои веројатно имаат корени во самата реалност), и разни интерпретации на истите, кои во голема мера зависат од перспективата на набљудувачот.
Можеме да расправаме до недоглед дали и зошто одредена интерпретација е повеќе или помалку точна но, во ниту еден случај не можеме да кажеме дека интерпертацијата на фактот е исто што и фактот или самата реалност. Мет го прави баш тоа, плус целосно ја изоставува перспективата од равенката.
Чувствувам дека нештата стануваат малку апстрактни и збунувачки – па време е за хипотетичката кокошка!
Во филмот „Што е тоа жена?“, во разговорот со др. Мишел Форсие, Мет кажува:
„Ако видам кокошка како несе јајце, и кажам тоа е женка, дали ја означувам како женка или гледам физичка реалност која се случува во светот?“
Мет не може или не сака да направи разлика помеѓу неговата перспектива – ако видам, фактот – кокошка несе јајце, и интерпретацијата на тоа што го гледа – и кажам тоа е женка. Мешајќи ги едно со друго тој се прикажува како сезнаен и објективен набљудувач, заборавајќи дека и неговата перспектива има слепа страна.
Терминот „род означен при раѓање“ не е ништо друго освен свесност за слепата страна на човечката перспектива, скромност дека интерпретацијата може да биде погрешна. Додека прашањето „Чија вистината?“ има намера да му посочи на Мет дека кога зборува за својата перспектива како за објективна вистината, тој е субјективен, па тоа не е самата вистина туку неговата вистина.
Поголем проблем е што позицијата на Мет не е само логички туку и етички погрешна, а во случајот најмногу ја обеспрaвува самата кокошка.
Вистината на кокошката
Мет е повисок од кокошките, нема пердуви и има раце наместо крила. Очите на главата му се поставени различно од очите на кокошките. Иако го немаме видено неговиот мозок, мала е веројатноста да е ист со оној на кокошките. Всушност Мет е толку различен од било која кокошка, што безбедно е да кажеме дека ни од далеку не спаѓа во категоријата кокошки. Па, поради ова тој не може да ја знае перспективата на ниту една кокошка, а особено не индивидуалната перспектива на неговата хипотетичка кокошка, која дури и снела јајце!
Кога како надворешен набљудувач интерпретираме нешто до кое може да се стигне исклучиво преку интроспекција, како што е родовиот идентитет на кокошката, мора да сме свесни дека шансите да згрешиме се огромни… веројатно кокошката нема способност за интроспекција, а со тоа нема ни родов идентитет…но, знаеме дека луѓето имаат, зарем не?
Се надевам не заборавивте дека Мет всушност не зборува за кокошки туку за транс луѓе.
Ако заборавивте, не би ве обвинила, бидејќи целата шарада со хипотетичката кокошка е одлична мамка за да се фатите на јадицата да размислувате за луѓе како за кокошки, апстрактни идеи или објекти. Ова е нешто што никогаш не смееме да си го дозволиме, дури ни кога е во прашање Мет Волш, иако уживав во малата одмазда додека го споредував со кокошка.
Зошто да не? Аман луѓе – кокошките ги јадеме! Зарем сакате да гледаме на луѓето со исти очи?
Истото ова му го посочува др.Форсие, очигледно исфрустрирана од разговорот со Мет:
„Дали кокошката има родов идентитет? Дали кокошката плаче? Дали кокошката извршува самоубиство? Ајде да го формулираме...“ тука, Мет ја прекинува.
Човекот на Мет Волш
Постои една анегдота позната како „Човекот на Платон“, во која се зборува како античкиот философ Платон, на едно од неговите предавања го дефинирал човекот како двоножно животно без пердуви. На ова, Диоген кој присуствувал на предавањето, излегол, ја искубал првата кокошка на кој наишол, се вратил и покажувајќи ја кокошката рекол „Еве го човекот на Платон!“.
Заклучок? Има неколку. Прво, луѓето не се кокошки без пердуви! Второ, прашањата како „што е тоа човек?“, „што е тоа маж?“ или „Што е тоа жена?“ не се едноставни за да се одговорат и им задаваат главоболки дури и на филозофите. И трето, приказната од анегдотата можеби не се ни случила.
Ако Мет е навистина љубител на вистината и стреми кон објективеност, не би мешал луѓе и кокошки, ниту пак род и пол. Особено не може да зборува за кокошки кога темата е родов идентитет, бидејќи кокошките се делат според половите карактеристики. Кога сме кај тоа, дали знаете како ги делат и со која цел?
Во големите живинарски фарми, полот на пилињата го определува лице кое е експерт да ги распознае половите карактеристики кај пилиња стари неколку часа. Го стиска стомакот на пилето за да излезе фекален материјал, па го врти пилето наопаку, при ова ја шири клоаката и гледа дали пилето има рудиментиран машки полов орган. Ова не е баш лесно да се разликува, па се случува и експертите да згрешат. Како и да е, пилињата со непосакуван пол се убиваат речиси веднаш со цел да се намалат трошоците на производителот.
Дали сакате да третирате луѓе како да се живина? Дали сакате вас да ве третираат како да сте живина? Да ве сведат на вашата способност да се репродуцирате и во однос на тоа да определат како и дали треба да живеете?
Мрачната вистина
Зошто Мет го прави ова? Дали можеби е лошо информиран или е само збунет?
Ништо од тоа. Намерата на Мет е да ги дехуманизира трансродовите луѓе. Тој сака неговата публика да ги гледа како живина, со цел да ја надмине човечка одбивност кон убиството, а со тоа да придонесе кон истребување на трансродовите луѓе.
Филмот „Што е тоа жена?“ е дел од конзервативната антиродова пропаганда чиј говор станува сѐ порадикален. Мајкл Ноулс од The Daily Wire (компанијата која стои позади филмот „Што е тоа жена?“, во Март 2023 кажа „треба да го истребиме трансџендеризмот“. „Трансџендеризмот“ не постои како посебна категорија одвоен од трансродовите луѓе, „трансџендеризмот“ се транс луѓето!
Како што можеме да видиме, кога Мет зборува за вистината, вистината и само вистината, крие една друга мрачна вистина, во која сака да ве намами да учествувате. Па, за да не потпаднете на оваа мамка, ако за вас е тешко да разберете дека транс жените се жени, отидете чекор назад и сетете се дека транс луѓето се луѓе. Ова е толку едноставно што и Дон Сукер може да го разбере.