пишува Ивана Хаџиевска
Историската формула вели дека разградувањето на старото и потрагата на нови модели на општествен договор, секогаш резултира со реакција (backlash) на „стариот режим“ во јавната сфера. Барањата за рамноправност и признавање на човечките социјални идентитети (етнички, национален, културен, родов…) секогаш значеле предизвикување на воспоставените хиерархии. Можеби и нема подобар и побогат пример од историјата на жените. Така, доколку земеме еден конкретен пример – развојот на феминизмот како еманципирачка идеја, согледуваме дека додека формите на женските политички движења и нивните делувања постојано се менуваат и напредуваат, реакцијата кон нив останува иста и може да се спореди со онаа од 19 век, па и со онаа од средината на 20 век и со таа од пред 10 години или од сегашниот миг. Па така, привилегираните во моќта или привилегираните заради покорност се додворуваат на масите и велат: „феминизмот не е за сиромашни држави“, дека сѐ уште „рано ни е да се занимаваме со родови аспекти“ и сл. Станува збор за мрзелив, популистички и квазиегалитарен сентимент, па дури и парализирачки страв од промените на хоризонтот на секое (ново) модерно време.
Според горе опишаната дијалектичка формула, ние во 2023 година, во нашето македонско општество дочекавме обединување на моќните религиски организации и институции во реакција против родовата еднаквост, т.е против неминовната легалистичка разрешница на долгогодишните борби на македонските граѓани и граѓанки во областа на еманципацијата на жените и родовата еднаквост. Најголем дел од стравовите кај критичарите се однесуваат на замислата дека општественото и официјално политичко препознавање на родовата еднаквост ќе внесе некакво радикално туѓо, декадентно и Западно влијание кое ќе го расипува македонскиот дом и дух.
Од друга страна пак, истражувањата на нашата модерна историја укажуваат на тоа дека идејата за родовата еднаквост е имплицирана во политичките концепти уште од создавањето на државата, како и во праксите на жените политичарки кои по Втората светска војна учествувале во градењето на социјалните и образовните државни институции. Оттаму, развојот на концептите за родовата еднаквост се всушност модерна народна појава, типична и за нашиот историски развој.
Творците на нашата држава кои имале јасен социјалистички идеолошки предзнак, во основачките документи и декларации ја предвиделе и еднаквоста помеѓу мажите и жените. Како дел од првиот член на АСНОМ-ската Декларација: „Сите граѓани на федерална Македонија се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповест.“
Втемеленоста на родовата еднаквост тука се согледува имплицитно и е историски контекстуализирана по мерка на условите во кои се јавила: во политичката определба на државотворците дека мажите и жените се еднакви, како и дека државата треба да има голема улога во обезбедувањето услови кои нема да ги стават индивидуите во неповолна положба заради нивната репродуктивна биологија.
Новите опсежни истражувања на најмасовната македонска женска политичка организација Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија во периодот 1944-1953 година подетално ни ги укажува импликациите од оваа државничка одлука (Види детално: Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска. 2022. Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1953), историски искуства и културна меморија. Скопје: ЦИНИК). Следувале масовни и робустни процеси поддржувани од државата за економска еманципација на жените, описменување и образование како и општо политичко издигнување. Овие процеси довеле до брз напредок на самата држава, рапидно зголемување на писменото население и зголемување на квалитетот на животот на новороденчињата и децата во селата и градовите. Прашањето за еманципацијата на жените всушност станало мерило за модернизацијата во нашето општество. Еден одличен пример за системската импликација, наоѓаме во текстот на Веселинка Малинска – политичарка и учесничка во државотворни процеси во доцните 1940те години, насловен: „За новиот лик на семејството кај нас“:
Влијанието што врз семејството го имаат извршено длабоките општествени промени во нашата земја е од битно значење за неговиот изглед и содржина. Иако во него се уште има остатоци од старото, семејството кај нас веќе суштински се разликува од она од пред војната и од семејството во капиталистичките земји. При проценката на оваа разлика често се запаѓа во погрешно толкување, имено дека кај нас денес семејството се наоѓа во криза, во нестабилна положба и дека треба да се оди кон неговото враќање во поранешната состојба. Ако се работи за некаква криза на семејството кај нас, тогаш тоа е криза на она старото, преживеано во него, на она што нужно мора да умре за да ѝ даде место на новата основа, врз која се градат и понатаму ќе се развиваат социјалистичките семејни односи. Во нашата земја процесот на создавањето новиот лик на семејството е извонредно сложен и ќе биде долготраен поради значителните пдтријархални остатоци во него. Но она што е најважно за развитокот на семејството во ново социјалистичко семејство тоа е создадено кај нас, а тоа се социјалистички општествени односи. И во процесот на општата социјалистичка изградба ќе се одвива и претворањето на нашето семејство во вистински социјалистичко семејство, семејство со нов социјалистички морал и лик. (Во „Македонка – Орган на АФЖ“, бр. 83, декември 1953, стр. 8)
Со системските процеси на државата насочени кон еманципација на жената, но и на населението општо, историски била имплицирана идејата за родова еднаквост, заедно со сите специфичности на тогашниот македонски историски контекст. Без разлика на бројните идеолошки и економски системски промени кои го делат денешниот демократки поредок со социјалистичките почетоци на нашата држава, без разлика и на бројните амбивалентности и недовршености на модернизационите процеси кои се случувале на наша територија во 20 век, процесите поврзани со еманципацијата на населението остануваат запишани на светлите страници на нашата историја – патоказ кој јасно не поведе на патот од мрачните пред-модерни патријархални јазбини, кон иреверзибилна модернизација. Оттаму, реакцијата кон секуларните придобивки остварени во минатиот век не само што се ненародни, тие просто не водат никаде, тие се аисториски.
Личен став на Ивана Хаџиевска, магистер по историски науки со долгогодишно истражувачко искуство во областа на историјата на жените на Балканот.