Полициската бруталност отксекогаш укажувала на системските проблеми во оваа земја. Сите го паметиме убиството на Мартин Нешковски и заташкувањето од страна на институциите. Студентски протести за време на Студентскиот Пленум поминаа со големо насилство од страна на полицијата, без никаква судска разрешница. А полицијата кога не била извшител на насилството, тогаш била овозможувач, како за време на протестите на “Прва Архи Бригада”. Но, кога станува збор за родово базирано насилство, има посебен вид на овозможување, поттикнување и нереагирање од страна на полицијата.
Минатата година, жена бeше убиена од својот партнер бидејќи полицијата одлучила да не реагира, бидејќи немале соодветна опрема, односно маски. Замислете ја таа brainstorm сесија, додека во една локална станица полицајците се обидуваат да се оправдаат зошто не постапуваат по пријава за семејно насилство. 24 часа пред да се случи фемицидот, случајот бил пријавен од страна на жртвата, како последен крик да се спаси од секојдневното насилство. 24 часа се повеќе од доволни да се набават маски до следната пријава. За ‘’расчистувањето’’ на случајот со сексуално вознемирување од страна на полицајци кон 6 свои колешки, сè уште нема никакво известување како МВР се справува со патријахалната културата внатре во полициските станици. Иако оттаму кажаа дека ќе ја известат јавноста штом имаат повеќе информации, прашањето каде е одговорноста останува неодговорено. Полицијата како институција треба да учестува во превенирањето и спречувањето, а таа не успева ни да регира соодветно откако ќе се случи насилството. Но, она за кое имаше полицијата реакција, односно полицискиот синдикат, беше случајот Јавна соба. Синдикатот се почувстува повикан да го заштити интегритетот на полицијата, кој смета дека е нападнат во јавниот дискурс, бидејќи жртвите храбро го покажаа пртстот кон полицијата и ја соочија јавноста со тоа како (не)реагираат на родово базирано насилство. Тоа што полицијата не го смета за сексуално вознемирување и насилство, случајот Јавна соба, само кажува за нивните капацитети, сензибилизираност и подготвеност за реакција, кои се читаат јасно преку изјавата:
„Нема да дозволиме како синдикат, поедини случаи да бидат генерализирани и на тој начин да се навредуваат и омаловажуваат полициските припадници дека се непрофесинални, неетички, а најмалку дека се родово несензибилизирани или во рамките на своите полициски постапувања и овлстувања истите се водени од прерасуди и стереотипи. ‘’
Нивната реакција можеби би имала смисла, доколку самите полицајци се водеа по принципите за кои имаат приложено заклетва. Единствено неодговорено прашање е како тие нема да дозволат да бидат генерализирани кога нивните дејствија зборуваат за нив. Дали преку заплашување или можеби преку достојно работење, останува да видиме. Од друга страна, тоа што ние нема да дозволиме е жртвите да бидат замолчувани.
Што направи МВР?
Јавна соба се случи во 2020, не во 2021. Меѓутоа, Јавна соба си постоела и во други контекти, на други нивоа и ќе си продолжи да си постои, сè додека нема казнивост и додека односот кон жените и женското тело се базира на објективизација и сексисизам. Потребно беше скандалот Јавна соба повторно да излезе на виделина и жртвите да се охрабрат да ги споделат своите искуства, за да заспаните институции се ангажираат. Значајно да се напомене дека во држава каде постои недоверба кон институциите, одлуката некоја жртва на родовобазирано насилство и вознемирување да пријави е само по себе храбар чекор. Храброста да одлучиш да пријавиш насилство при кое постои можност да те изложат на двојна виктимизација, е нешто низ кое ни една жртва не треба да помине. Актуелизирањето на случајот Јавна соба, само треба да ни укаже на поголемиот проблем со кој се соочуваат жените и девојките кои пријавуваат родовобазирано насилство, сексуално вознемирување и нарушување на приватноста. Ана Колева, го раскажа своето искуство за Пина:
„Ми стигнаа премногу пораки, и мислам дека мегу нив се кријат и девојчиња на кои што истото им се случило, а не се осмелуваат да проговорат јавно и сакам да направам една е-маил адрреса и да објавам јавно на мојот профил на која ќе може секој да ми пише, да сподели искуство или да понуди идеја, зошто заедно сме посилни, продолжуваме се додека не успееме да го подигнеме нивото и кај граѓаните и кај власта“.
Девојките од Гевгелија, имаат поинакво искуство, а сепак служат како уште еден показател кон полициската неспособност. Тие веќе година и пол живеат во страв и не го напуштаат својот дом, бидејќи поранешниот партнер споделувал нивни лични фотографии. Иако тој е пријавен за злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија, тие никогаш не се повикани да дадат исказ и покрај тоа што го пријавиле и приложиле докази против него. Во овој случај проблемот не е само нивната несоодветна реакција, која предизвика двојно виктимизирање, туку потенцијалното учество на самата полиција во ваквиот тип на групи.
Девојките велат дека дури и припадници на локалната полиција си разменуваат фотографии од нив и од други жртви чии лични фотографии се злоупотребени и споделени на јавна група со назив „ГевгелијаХаб“. Таа е специјално направена за неовластено постирање на крадени фотографии на девојки и жени од Југоистокот, како и од нивни профили на социјалните мрежи.
Не е дека полицијата е оставена сама на себе кога станува збор за адресирање на родово базираното насилство. Постојат иницијативи, обуки, програми кои пробуваат да ја сузбијат мизогинијата која е дел од основниот систем на вредности во полициските службеници, чии резултати, за жал, не ги искусуваме во пракса.
Колку родовосензитивни обуки се потребни да се искорени мизогенијата во полицијата?
Грешки и колатерални штети се случуваат поради непрофесионализам. Фемицидите во државава често се случуваа(т) поради несоодветно, ненавремено и неправилно постапување на полициските службеници. Полициските службеници го губат својот живот при постапување по пријава на семејно насилство од истата причина: несоодветно и неправилно постапување. Професионални полициски службеници доколку по закон се спречени да постапат по случајот Јавна Соба, односно по делото (онлајн) сексуално вознемирување, најмалку што мораат да сторат е да не се соучесници и учесници во истото. Должни се да постапат во согласност со својата полициска заклетва- „Личниот живот ќе го водам чесно, и ќе се однесувам на начин кој нема да ме дискредитира ниту мене, ниту мојата служба.“ Професионални полициски службеници, како што се идентификуваат од македонскиот полициски синдикат, во Центарот за обука и во оперативните единици на полицијата добиваат соодветна обука и се очекува по завршување на истата да се подготвени да се справат со насилно и/или вооружено лице. Крајна цел на обуката е полицискиот службеник следниот ден по завршувањето на истата да може самостојно да ги извршува своите работни задачи. Ако полициски службеник не е способен да се справи со вршител на семејно насилство, како можеме да очекуваме да се справи со криминална група?
Полицијата би требало да постои за да им служи и да ги штити граѓаните, а 50% од граѓаните се жени. Од полициски службеник се очекува: пожртвуваност и посветеност на работата; одговорност, чесност и хуманост; професионалност, самоиницијативност и ефикасност. Мисијата пак на ОБСЕ во Скопје преку обуки помага во создавањето полиција која ќе биде ориентирана кон заедницата, во согласност со демократските принципи и меѓународните стандарди за човекови права. Обуки за родова-сензибилизација се одвиваат, но дали се задолжителни за сите полициски службеници и колкава е ефективноста од истите? Во едно општество каде што на сите од најмали нозе ни се втемелени родови улоги, норми, стереоотипи и предрасуди, како и патријархални ставови и вредности кои ја опресираат жената во секоја сфера од живеењето, една до две неколку часовни обуки не менуваат ништо. Мизогинијата нема да се искорени преку ноќ.
Доколку сакаме и целиме кон системско решение, ставовите и перцепциите за родовата еднаквост и родово базираното насилство мораат да бидат задолжително мерени во приемниот дел за полициски службеници, на почетокот на обуката, а подобрувани за времетраењето на истата. Секој оној кој на крајот на обуката нема да покаже позитивна промена во ставовите, не заслужува и не е подобен да се нарекува полициски службеник. При безбедносната проверка и психолошкото тестирање на новите полициски службеници потребна е задолжителна и детална проверка на историја на насилство врз жени и семејно насилство, било да е потенцијалниот службеник сторител, сведок или жртва на насилство во својот дом. Неопходно е интегрирање на посебна програма со психотерапевтска поддршка во која на потенцијалните полициски службеници со историја на сторители, сведоци или жртви на семејно насилство ќе им биде овозможен соодветен третман преку кој ќе ја надминат траумата и ќе научат да го контролираат своето агресивно однесување. Со ваков пристап кон структурниот проблем би можеле да очекуваме правилно постапување при случаи на родовобазирано насилство и превенција од злоупотреба на службена положба и моќ при вршење на истото.
Креирање на ваква родово сензитивна програма, соодветно применета во текот на целиот работен однос на полицискиот службеник, ќе ги превенира случаите на насилство врз жени од страна на полициски службеници, но и надежно ќе ги зајакне капацитетите и свеста за постапување по случаи на сите форми на родово-базирано насилство. Родовата перспектива и родовиот пристап мора да бидат вклучени во секој сегмент од обуката за полициски службеници. Вака сензибилизираните и освестени полициски службеници навистина нема да дозволат °како синдикат, поедини случаи да бидат генерализирани и на тој начин да се навредуваат и омаловажуваат полициските припадници°. Напротив, самите полициски службеници нема да ги толерираат и ќе ги пријавуваат своите колеги кои постапуваат несоодветно на работа или дома и со тоа го нарушуваат угледот на целата полициска служба, додека пак солидарноста, емпатијата и хуманоста ќе ја насочат кон оние за кои постојат-граѓан(к)ите.
За системски да го решиме деценискиот проблемот потребна е пред сè политичка волја. Усвојувањето на новиот Закон за превенција и спречување на насилство врз жените и семејно насилство е значаен, но само еден мал чекор кон овозможувањето на одржлив пристап до правда за жените и девојките. Во меѓувреме, она што ни останува, е да се стремиме кон неопходното и поверојатно да се случи во догледно време-итна промена на Кривичниот Законик, Законот за кривична постапка и Законот за полиција во согласност со Истанбулската Конвенција. Целосното дефинирање и криминализирање на сите форми на родово-базирано насилство и постапувањето по истите во македонската легислатива се основа за сите прекупотребни промени кои следат.
Полицијата е поддржувач и овозможувач на реализирањето на системските проблеми и генерациски го пренесува родово базираното насилство наместо да го превенира и спречува, односно реагира соодветно кога жртва ќе го пријави. Овој текст или увид, нема за намера да укаже дека доколку ја реформираме полицијата, би можеле да очекуваме целосна и експедитивна општествена промена. Полицијата како творевина, е конструирана да го заштити капиталот, а не своите граѓани. Целта е само уште еднаш, да увидиме како една институција за чиј развој и оддржување плаќаме ние граѓаните, е незаинтересирана да одговори на нашите повици за помош. За жал, одреден проблем треба постојано да се актуелзира, а цивилното општество да им стои околу вратот на институциите, за тие да ги извршат минималните очекувања, односно да ги удостојат самите пријави.
Самите ние треба да правиме “policing” на полицијата за барем минимално поместување во однос на заштита од родово базирано насилство. Тоа едноставно не е, и не треба да биде наша работа, а институциите мора да го сфатат тоа. Но, додека тоа не се промени, нема ни нашата позиција. Жртвите треба да знаат дека не се сами, а нивните повици повеќе нема да бидат игнорирани. Солидарноста и поддршката можеби не постојат од институциите кон жртвите, но постојат помеѓу нас, оние кои сме го поминале истото, оние кои ќе продолжат да бидат гневни и истрајни, додека тие не одговараат пред одредена истанца на одговорност.