Осамено искуство е, внатре во кожата. Кога доволно долго размислувам за неа, се вознемирувам. Не разбирам дали е целосно дел од мене; дали и таа е, всушност, внатре, или му припаѓа на светот. Ми го носи и повнатрешнува денот како некој чуден жив медиум, а потоа ме соопштува, пренесува, ме издава и предава со нејзината транспарентност и искреност. Ме нервира фактот што не знае да лаже и да прикрие. Клаустрофобично е да не можеш да излезеш од неа, по потреба; како змија. Истовремено, ме држи цела во оваа човеколика форма и не дозволува да се предадам и прелијам по асфалтот, како што некои денови би сакала. Има разбирање за моите трансформации: се носи со нив, се изразува, преобразува, се (само)залекува.
Кожата е најгласна пред прелом. Таа е првото писмо, првиот гласник од иднината пред секоја трансформација. Да се чувствуваш добро во сопствената кожа, всушност значи да ти биде удобно во себе низ сето. Однатре, однадвор и помеѓу. Лудо е да се помисли дека постои внатрешен и надворешен дел од нас. Уште полуда ми звучи можноста да се чувствуваш добро со сето тоа. Се чувствувам добро во сопствената кожа звучи како мит. Поголемиот дел од животот овој контакт претставува грдо соочување со тоа како се третираме самите себе и како нѐ третира светот: брутално.
Се гледам во огледало и по којзнае кој пат треба одново да се запознам. Расплакана истрчувам од соблекувалната во Golden point – ГТЦ и бегам од белите неонки под кои ги видов црвените вдлабнатини на мојот свежо пополнет газ, веднаш под рабовите на купачите кои ги пробував пред првиот соло одмор со другарките во Охрид. „Грда сум, а сега станувам и дебела!“, ѝ се дерев на мајка ми, небаре таа беше виновна за секоја промена низ која проаѓаше моето (женско) тинејџерско тело. Небаре таа е крива што во генетскиот код ми пренела, меѓу другото, и ***стрии***. Со слична паника ги дочекав сите вдлабнатини, испакнатини (и слично) со кои кожата го навестуваше течењето на времето и обидот на кутрото тело да се приспособи и соодветно да одговори.
Но ако причината за овие појави беше јасна – растење – алергиите, кои се јавија на кожата без никаква рационална причина, во истиот незгоден период, и решија да ме населат и никогаш да не си заминат, ме фрлија во вистински очај. Ги викам „печатите“, просто зашто ми изгледаат како печати. Прво почнаа да се јавуваат при контакт со жешка вода, по туширање. Потоа, почнаа да се појавуваат според нивните желби и каприци, а најчесто како аларм дека нешто не правам како што треба: носам груб или неприроден материјал, се потам, пијам алкохол, пушам, се гушам, се вознемирувам, се нервирам, живеам…
Печатите станаа јазикот со кој кожата ми зборуваше и зборуваше со другите. Нова азбука која морав сама да ја совладам. Низ тој процес вежбав како да го населувам сопственото тело. Болниот скок во воздух дете – девојка – жена и сè што доаѓа со тоа. Сакањето дојде многу подоцна. Понекогаш се прашувам дали воопшто дошло или секогаш е во процес на доаѓање. Уште едно осамено искуство.
Поминав две декади и потрошив многу пари во бесполезниот обид да сфатам на што сум алергична. Кожата ја изложив на боцкања, желудникот на апчиња и експериментални диети кои само ми ја ослабнаа крвта, но не и жестоката боја на формите кои беа исцртани по мојот грб, ниту сензацијата на печење и потребата за постојано чешање. Ги чувствував како паразити од кои нема како да се заштитиш, исто како што не можеш да се заштитиш од печатот на времето. Транспарентноста на кожата разоружува. Избегнував да се гледам гола пред огледало. Сè стрчеше, сè беше или премногу или премалку; во секој случај, грешно и грдо. (грешно! грдо! грешно!) Ми беше срам да се соблечам пред друг, особено на светло. Таквото соголување ќе значеше и некој друг да дознае дека не сум совршена жена. Таквото соголување ќе значеше дека не сум достојна за љубов. Ќе застанам овде зашто и овој вид соголување носи срам и вина.
Би сакала да знаев како да се сакам себеси додека растев.
Вистинската оддишка дојде со „дијагнозата“ која ја добив на работ на 30-тите, од еден реномиран кожен лекар до кој едвај стигнав, и првиот кој не се обиде да ми продаде магичен (и прескап мелем), туку ме соочи со простиот факт дека лек нема – кожата моментално се изразува така. „Колку повеќе ги мислиш, толку повеќе ќе ти се појавуваат. Изворот е психосоматски.“ Психосоматски причинител веројатно е последното нешто што човек сака да го чуе за која било соматска состојба. (Сакате да кажете, причинителот сум јас? Печатите не се на мене, туку во мене?)
Се гледам во огледало и по којзнае кој пат треба одново да се запознам. Ги прифатив печатите со текот на времето, на сличен начин како што го прифаќам и самиот тек на времето и неговото влијание на тоа како се чувствувам и како изгледам. Порано со отпор, а сега почесто со љубопитност. Го пропуштив првиот воз за мазнење на лицето пред да се појават брчките. Први се појавија двете околу устата, како печат на сето време поминато во смеа. Знам дека за една жена е забрането видливо да старее. Знам дека за една жена е забрането гласно да се смее. Знам дека за една жена е забрането да се чувствува добро во сопствената кожа. Затоа ме фаќа инает.
Се обидувам да ја доживувам кожата како говор; a говорот секогаш подразбира средба. Место каде се случуваат преговорите помеѓу она што е внатре и она што е надвор. Говор кој раскажува за животот кој има слоеви и текстура. Каде што болката, задоволството, повредата, неправдата, напорот, издржливоста и ефемерноста се видливи. Таа транспарентност која вознемирува истовремено може и да е возбудлива, зашто отворено го повикува погледот на другиот. А единствено кога се соопштуваме такви какви што сме, соголени и несовршени, дозволуваме навистина да ни се случи контакт.
Можеби на тоа мислел Ролан Барт, кога во „Фрагменти на љубовниот говор“ напишал: јазикот е кожа: го тријам мојот јазик наспроти другиот. Како да имам зборови наместо прсти, или прсти на рабовите на моите зборови. Мојот јазик трепери во желба.
Ја чувствувам таа желба во обидот да развијам лингвистичка прецизност и емотивна еластичност да кажам што навистина мислам и чувствувам, односно да го изустам тоа што моето тело веќе го знае и се обидува да го изрази. Оваа година тоа често ми се чини невозможно. Во 2025 беше нанесена толку болка, што зборовите се испразнија од суштината. Ја чувствувам таа колективна празнина во форма на крик кој не е доволно оформен за да може да излезе од грлата и да ги наполни становите, улиците и шумите. Наместо тоа, останува заглавен внатре и се извитоперува во нешто сосема друго: сенка, страв, проекција, понизност, болест, диво месо. Се плашам и се гадам од светот денес. А истиот тој свет го негува животот. Понекогаш, заборавам.
Понекогаш боите околу мене се толку интензивни што не можам да разберам како е можно да постојат толку убави нешта, во овој опустошен, осиромашен и валкан град. Не можам да разберам како е можно небото да е толку дречливо сино. Во тие моменти се чувствувам како да сум на работ на реалноста и како залудно да се обидувам целосно да го консумирам светот. Се чувствувам како нешто да пропуштам, како да доцнам, како да не е можно и јас да сум дел од сето ова.
Го гледам небото и се прашувам, зар сè уште е можен животот?
Стојам на работ на реалноста во залуден обид да се заштитам; oд страв дека од ден на ден ми станува сè потешко да разграничам помеѓу мојот и туѓиот живот. Тоа прелевање целосно ме декапацитира. Се обидувам да oстанам цела, а истовремено да (со)чувствувам. Се обидувам да ја освестам границата, чувството во и на кожата, за нужно да се одлепам од светот и на тој начин навистина да го доживеам, за смело и без страв да се обзнанам, позиционирам, да проговорам. Понекогаш не знам како. Некаде среде фашистичките фантазми кои чукнаа и влегоа на голема врата, повиците за себеоптимизација и екранот кој ни ги отапува сите сетила, како да ги интернализиравме колонизаторските пипци. (грешно! грдо! грешно!) Животот станува шум; луциден сон во кој нема светлина што храни, само таква што ослепува. Никој не нè подготвил како да се справиме со толку многу од сето. Никој не нè научил како да процесираме, без да се отуѓиме. Мора да се научиме едни со други. Сè уште учам. Затворам очи и гледам пожар од кој нема спас. За премногу луѓе навистина нема. Како се пишува за тоа? Постојат ли зборови со кои може да се пишува за времето кое секој ден ги носи сликите од крајот на светот? Постојат ли зборови со кои можеме да се поврземе надвор од симулакрумот? Постојат ли зборови што ќе создадат јазик кој трепери во желба за живот? Постои ли желбата во оваа постполитичка депресија? Од каде доаѓа таа желба; oднадвор или однатре? Како да ја култивираме таа нежна граница?
Постојат ли прсти на рабовите на нашите зборови со кои можеме да се допреме?
Границата го овозможува допирот со туѓото.
Границата не претставува отуѓување, туку шанса за контакт.
Границата мора да постои, но во својство на жива размена.
За да го износиме товарот мора да го научиме говорот на границата.
Се потсеќам на една детска игра. Силно го загризувавме зглобот на другиот и со стисокот на забалото му остававме привремен часовник во форма на нашата вилица. Оваа, како и многу детски игри, вклучуваше болка. Но целта никогаш не беше да му нанесеме болка на туѓото тело. Болката беше неизбежен пат за да го оставиме нашиот печат. Да се притиснеме во кожата на другите, да ги истражиме наводните граници на телата и комуникацијата (тука завршувам јас, а почнуваш ти) доволно доследно, да останеме таму барем некое време. Можеби тоа е најблиску што може да стигнеме.
Никогаш нема да почувствуваме како е да се биде во туѓа кожа. Пробај да се ставиш во моја кожа звучи како крајно бесполезна и беспомошна молба. Можеби зашто истовремено е еднакво вонземјанска и научнофантастична, колку што е најсирово и кревко човечна. Молбата да бидеме најинтимно разбрани и видени: однатре, однадвор и помеѓу. Молбата да станеме едно, само за да не сме раздвоени, оставени сами во светот. Молбата која однапред знаеме дека е залудно посегање. Но можеби молбата и воопшто не е поврзана со ограничувањата на физичкото тело. Можеби молбата почнува и завршува во тоа пробај. Во говорот со кој ја отвораме можноста низ нашите ограничени капацитети: телесни, временски и духовни, безгранично да се подаваме. Во освестување на флуидноста на границите. Во бесконечниот потенцијал на обидот да се разбереме себеси и едни со други.
Кожа на кожа.
Засебни, но поврзани.
Вовед кон книгата „Кожа“ (2025) во издание на Медуза