Ако сакаш да ги збогатиш твоите знаење и вештини во областа на феминизмот, те охрабруваме да се пријавиш и бидеш дел од нашата школа ФЕМ 101.3. Рокот за пријавување трае до 12 април 2023 година.
Школата има за цел да ги подготви учесничките и учесниците за успешно читање на феминистички наративи, аргументирано пишување и застапување преку креативен израз, a за времетрањето на школата, учесничките/ците ќе имаат можност за практична работа, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата.
Школата ФЕМ 101 освен што ќе ве запознае со клучни концепти од областа на феминизмот и родовите студии и ќе ви помогне во себе-изразувањето, истовремено служи и како креативна и пријателска платформа за здружување, споделување и дружење. Веруваме дека негувањето на ваков вид на реалции се од исклучителна важност денес, со константниот пораст на реторика и политики кои ги загрозуваат нашите права и слободи, за кои мора здружено, аргументирано и подготвено да се бориме. Познавањето на феминистичката историја, стратегии на отпор и методи на креативен феминистички израз можат да нè зајакнат во борбата против родовата нееднаквост, да ни помогнат во критичкото преиспитување на односите на моќ, родовите релации и нашите сопствени позиции.
Школата е составена од предавања и работилници кои ќе се одвиваат во следните термини:
Предавања (17:30 – 20:00)
24.04. „Историја на феминизам“ со Ирена Цветковиќ
27.04. „Современи феминистички концепти“ со Ирена Цветковиќ
03.05. „Квир теорија за неуспешни“ со Славчо Димитров
08.05. „Кој се плаши од родот?“ со Мања Величковска
10.05. „Феминизмот во новите медиуми и поп-културата“ со Душица Лазова и Елена Петрова
Работилници
16.05. Техники на пишување со Хана Корнети 17:30 – 20:00
18.05 Развој на текст со Калиа Димитрова и Душица Лазова(1) 17:30 – 20:00
28.05. (сабота) Развој на текст со Калиа Димитрова и Душица Лазова (2) 12:00 – 15:00
03.06 (сабота) Мултимедијална работилница со Клелија Живковиќ 12:00 – 15:00
*Сите обуки ќе се одвиваат во социо-културниот центар Комитет.
Пријавување
За да учествувате треба:
– да ве интересира феминизам и родова еднаквост
– да имате мотивација да пишувате текстови во дадената област, иако претходно искуство не е неопходно
– да бидете во можност да ги посетувате сите 10 обуки
Рокот за пријавување трае до 12 април 2023 година.
Пратете ја вашата кратка биографија и во неколку реченици кажете ни зошто сакате да учествувате на школата на info@meduza.mk со назнака „Апликација за Фем 101“.
Доколку имате дополнителни прашања, пишете ни на истиот мејл или на Фејсбук/Инстаграм страната на Медуза.
Биографии на предавачи:
Ирена Цветковиќ е доктор од областа на родовите студии. Како млад истражувач работела на многу истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиуми. Беше авторка на општествено ангажираниот блог Фемгерила, а потоа и колумнистка во дневниот весник Дневник. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се бави со активизам за правата на ЛГБТ лицата, корисниците/чките на дроги и сексуалните работници/чки. Активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов е извршна директорка во Коалицијата Маргини.
Славчо Димитров има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК. Центар во Белград. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда.
Мања Величковска е независна истражувачка со интерес за прашањата поврзани со интерсекцијата на родот, уметноста и културата. Магистирала на филозофија во областа на естетиката на Филозофскиот факултет на УКИМ, а дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при истиот универзитет. Работела и волонтирала во полето на издаваштвото и културните застапувачки политики. Учествувала во реализација на неколку домашни културни фестивали, била членка на Левичарското движење Солидарност и потпретседателка на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена. Сега работи во Коалиција МАРГИНИ како помлада истражувачка и проектна координаторка и активно членува во регионалната група на критичарки Бунтовни читателки. Дел е од организационите тимови на: фестивалот за квир култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста и регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.
Душица Лазова е соуредничка на Медуза, авторка, преведувачка и независна истражувачка во областа на родот и квир теоријата, интерсекцискиот феминизам и визуелните уметности. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, каде во моментов ги завршува мастер студиите по книжевност и култура и работи како демонстраторка.
Елена Петрова е дипломирана англистка на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” во Скопје, а моментално е запишана на магистерски студии на истата катедра. Авторка е и преведувачка за Медуза, работи како техничка авторка во ИТ секторот и е демонстраторка за англиска книжевност на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески’’.
Хана Корнети дипломирала паралелно философија и историја, на тема за кафеџилниците како нехиерархиски простори за социјализација со паралели меѓу Османската и Британската империја. Нејзиниот магистерски труд на културолошки студии во Сабанџи, Истанбул е од областа на социологијата на книжевноста на тема „како се формираат книжевни канони“ преку примерот на лектири за основно и средно образование во Македонија од 1947 до 2018.Tаа е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-или), неколку раскази објавени на англиски во странски онлајн списанија и две детски пиеси. Исто така, се занимава и со аматерска авторска музика.
Калиа Димитрова е авторка, активистка и феминистка од Скопје, основачка и главна уредничка на Медуза. Има дипломирано на Правниот факултет Јустинијан Први на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “ во Скопје, отсек политички науки, а магистерските студии во областа на културолошките студии ја однесоа во Холандија, Полска и САД, каде студираше и живееше до 2017 година, пред да се врати во Скопје. Таа е дел од тимот на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, фокусирана на програмите на родот. Нејзината стихозбирка „Вештерките денес“ во издание на издавачката куќа Темплум, излезе од печат во април 2018 година. Освен поезија, пишува колумни, есеи и работи на истражувања.
Клелија Живковиќ е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје. Таа ја истражува улогата на дизајнот во обликувањето на општествената и еколошката реалност преку применување на прототипирањето како истражувачки и продукциски формат. Нејзиниот последен проект „Прототипирање на нежноста: личен запис од светот во изумирање“, уметничка книга и изложба поддржани од Студио Приватен Принт, го документира нејзиниот увид во нежноста како квалитет на граница помеѓу две битија, битие и опкружувањето. Во 2022 година АИКА Македонија ѝ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“, за нејзиниот истражувачки проект „Дизајн за оживување“, кој ги мапира современите дизајн практики и интерсекционалната екологија кон развивање на дизајн методологија која се занимава со светот обликуван од широката потрошувачка и исцрпувачка на ресурси.
Школата е реализирана со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.