фотографии: Наташа Гелева
Во перформансот „Колку добро се покажа денес?“, изведен како дел од овогодинешниот Skopje Pride Weekend, Алма Гачанин, босанска мултимедијална уметница, феминистка и поетеса, изведува авторски монолог, инспириран од нејзиното искуство како работничка за корисничка поддршка, која потоа решава да се занимава со уметност како full time работа. Во ова дело, Гачанин ја истражува испреплетеноста на различните нишки од сопственото постоење – како е да се биде жена, уметница и работничка за корисничка поддршка во услови на современиот суров капитализам. Делото не само што ја преиспитува позицијата на жената работничка и уметница и ги прави видливи опресивните услови под кои таа мора да работи, туки и повикува на создавање на нови модуси на постоење и креирање.
Симон де Бовоар ја почнува својата кратка приказна „Жената, уништена“ (1967) со реченицата: „Монологот е нејзината форма на одмазда.“ Монологот е силна реторичка алатка на жени кои се обезгласени; единствен начин на кој може да се каже тоа што општеството не сака да го слушне. Кога на жените не им се остава простор, или едноставно им се забранува, да се искажат за нешто што длабоко ги погодува, монологот станува единствено прибежиште за израз. Во перформансот, монологот го изведува Дјевина, алтер его на Гачанин кое е присутно во повеќе нејзини дела. Како олицетворение на креативниот пркос, Гачанин вели за Дјевина: „Таа прави неочекувани работи што немаат никаква врска со вистинската работа, покажувајќи дека ќе прави што сака, кога сака.“ Гачанин преку ликот на Дјевина прикажува различни инстанци од секојдневни случувања и средби со мизогинија. Преку оваа фигура таа намерно истакнува компоненти на женственоста кои се сметаат за непожелни, и ја пренагласува нивната монструозност, со цел да го осуди и исмее начинот на кој патријахатот ги демонизира овие карактеритики. На многу начини, Дјевина потсетува на алтер егото Зиги Стардаст на Дејвид Боуви. Таа е лик кој што го редефинира родовиот идентитет. Иако корените на Дјевина од една страна се закотвени во материјалните услови на овој свет, што навидум цврсто ги поставуваат границите на женственоста, таа сепак ги извитоперува и исмејува, истакнувајќи ја нивната неприродност. На крстопат помеѓу трудовата експлатација, женственоста и националниот идентитет, Дјевина го обликува апсурдот како чин на отпор.
Монологот, составен од искуства на Алма со различни клиенти кои ги среќава додека работи како агентка за корисничка поддршка, е проткаен со мисли на авторката за капитализмот, прекаријатот на трудот, женственоста и уметноста. Алма си поигрува со самиот поим перформативност. Во насловот на делото, „How well did you perform today?“, поимот перформанс добива неколку значења. Од една страна, се однесува на перформансот на Алма на работното место како работничка за корисничка поддршка. Тука, перформансот на Алма константно е подложен на бескрајни евалуации и секој повик е под стог надзор од менаџерот. Ова е претставено од микрофонот кој на почетокот на перформансот виси од плафонот, симболизирајќи го сеприсутниот надзор под кој Алма се наоѓа. Подоцна, таа го зема микрофонот во свои раце. Всушност, во ова дело, перформативноста се претставува како еден од носечките столбови на капитализмот. Во еден момент од монологот, Дјевина изјавува дека Торстен Веблен, американски социолог и економист, сметал дека лажењето е дефинирачка практика на америчкиот капитализам, лубрикант за тоа што тој го нарекува уметноста на бизнисот. Освен што треба да им нуди логистичка поддршка на клиентите, работата на Алма се состои и од постојан, исцрпувачки емоционален труд. Овој специфичен вид на труд бара од неа, како што самата опишува, постојано да искажува емоции кои што не се автентични, нудејќи им поддршка на клиентите и справувајќи се со различни видови угнетување, како на пример расизам искажан од страна на клиент. Од друга страна, зборот перформанс се однесува на перформативната природа на женственоста, која се создава одново и одново како резултат на повторливи секојдневни ритуали. Финално, зборот перформанс се однесува на самата изведба на делото. Како работничка во независниот културен сектор, кој иако нуди одредена слобода на изразување, Алма е сепак изложена на услови на прекаријат и низа специфични предизвици, а нејзиниот перформанс на крај повторно ќе биде евалуиран од публиката, организаторите и донаторите на кои што се потпира овој сектор.

Уникатната естетика што ја гради перформансот е уште една негова клучна карактеристика која што поставува плодна почва за критика на капитализмот и мизогинијата, но и за пружање отпор кон овие опресивни сили. Визуелните елементи во „Колку добро се покажа денес?“ се еклектичен спој кој маѓепсува и хипнотизира. Дјевина, во костум од црн латекс и високи потпетици, е сместена помеѓу синџири кои се протегааат од плафонот па сѐ до подот. Долу, на подот, измеѓу синџирите, се поставени различни реквизити за вежбање кои Алма ги користи низ перформансот. Со проѕирен конец, Дјевина е врзана за синџирите, и низ перформансот, таа ги движи, произведувајќи звук на одѕвонување. Синџирите кои се крстосуваат со телото на Дјевина, ѝ даваат визуелен израз на затскриената, невидлива трудова експлатација и мизогинијата која постои и во корпоративниот, но и во уметничкиот пазар на труд. Сепак, таа им се опира на синџирите, и покрај нив, таа се движи, им се опира, изведува – гради нови модуси на функционирање и покрај ограничувањата што и ги поставуваат капитализмот и мизогинијата.
Додека го изведува монологот, Дјевина крева тегови на штикли. Низ перформансот, се чини дека таа изведува низа бесмислено апсурдни маневри. Но колку е тоа различно од тоа што секојдневно се бара од работничката под услови на суров капитализам? Од современата работничка се очекува да биде љубезна, насмеана, нашминкана и среќна, додека згора на ниските плати и на официјалните работни задачи, од нејзе се бара да вложува и бескраен емоционален труд на работното место. Преку отелотворувањето на болката што ја носи со себе, Дјевина ја денатурализира трудовата експлатација.

Преку кроење на својот автентичен визуелен јазик, Дјевина исто така си игра со концептот на теретана, кој традиционално е простор хостилен кон женски тела, простор каде што не треба да се покажуваат емоции, туку треба тивко и макотрпно да „се работи на себе“. Теретаните се места каде што одиш со една цел – студени, минималистички уредени и визуелно неинспиративни простори кои не поттикнуваат поврзување помеѓу луѓето што ги посетуваат. Ако ја гледаме сценографијата на овој перформанс како еден вид на извитоперена теретана, таа станува метафора за оковите на капитализмот и мизогинијата, и критика на грајндсет културата. Грајндсет културата пропагира дека трудот не завршува со завршувањето на работното време. Таа се заснова не само на интернализирање на константното поттикнување за оптимизирање на трудот и зголемување на „продуктивноста“, туку и константниот притисок за оптимизирање на телото, во кое сме натерани да уживаме.
Изведувајќи го ова дело, Дјевина е лута, храбра, решителна, пргава, игрива, тажна, изморена, енергична и постојано осцилира помеѓу ранливост и пркос. На моменти изгледа кревка, тешко дишејќи, и збревта, тешко вадејќи ги зборовите од уста. На моменти, изгледа моќно, во целосна контрола на ситуацијата – управува со тешки јажиња за вежбање кои, заедно со нејзиниот костум од црн латекс и високи потпетици, алудираат на естетикот на еден доминатрикс. Движењето на змијоликите тешкии црвени јажиња на црната позадина е една од највпечатливите визуелни слики од овој перформанс.
За крај, да се навратиме на синџирите како визуелен елемент и метафора која просторно, но и метафорички го одредува овој перформанс. Роза Луксембург, полска социјалистка и револуционерка, изјавува дека: „Тие што не се движат никогаш нема да ја почуствуваат тежината на нивните синџири.“ Значи, првиот чекор кон расклопување на структурите кои нѐ угнетуваат е нивното препознавање. Потоа, доаѓа сознанието дека овие стеги не се статични, па колку и да се чинат такви, има простор за нивно размрдување, а и нивно конечно раскинување. Дјевина останува способна само да ги размрда, да ги денатурализира стегите, но не и да ги отфрли. И не е ни чудо – Дјевина е сама на сцена. Ова се соодвествува со оттуѓеноста на современиот работник, како од самиот себе и од сопствениот труд, така и од останатите работници. Дјевина не може да постигне ослободување сама.
Пред крајот на перформансот, Дјевина го крши четвртиот ѕид, и за првпат ѝ се обраќа директно на публиката. За разлика од другите делови на монологот, кои се на англиски, тука Дјевина ни се обраќа на босански, јазик што ѝ е поблизок на скопската публиката и повикува на меѓународна солидарност. Таа вели: „Другари и другарки, на кој јазик да ви го кажам ова за да ме разберете?“ Потоа продолжува на англиски, со очаен тон: „What happened to Europe? What the fuck happened to the world?“. Ова може да се протолкува како признание на немоќ за индивидуално расклопување и уништување на системите кои нѐ опресираат. Дјевина го остава крајот отворен, и директното обраќање кон публиката кое доаѓа на самиот крај на делото е повик за здружена акција која ќе води кон колективно ослободување.
