„Направете листа на современи жени или жени низ историјата за кои мислите или знаете дека се лезбејки“. Со оваа спекулативна задача започнува “Go Fish” (1994), дебитантскиот црно-бел филм на Роуз Троше и Гуиневир Тарнер (Rose Troche & Guinevere Turner), продуциран, режиран, напишан и одглумен од група лезбејки во Чикаго. Троше, штотуку дипломирана режисерка, вљубена во раните филмови на Тод Хајнс, не ни сонува дека ниско-буџетниот филм на кој работела три години, уште истата година ќе биде прикажан на филмскиот фестивал Sundance и ќе прерасне во култен лезбејски филм.
Откако групата студенти како од пушка реди имиња како Сафо, Вирџинија Вулф, Оливија Њутон Џон, Анџела Дејвис, Ендора од Bewitched…, една од девојките ја прашува универзитетската професорка Киа: „Добро која е поентата на оваа листа? Па ова се чисти претпоставки“. „Одлично прашање! Низ лезбејската историја, постои сериозен недостаток на извори кои би ни откриле нешто повеќе за реалните животи на овие жени. Лезбејските животи и лезбејските релации одвај постојат на хартија. Имајќи го ова на ум и знаејќи ги значењето и моќта на историјата, решаваме да ја менуваме“, објаснува Киа со решителна насмевка.
Ако женските приказни, женската историја и женските перспективи во голема мера се изоставени од историјата, канонот, уметноста; ако недостасуваат дискусии и приказни за женската сексуалност и задоволство, лезбејски записи практично и да не постојат. Особено кога женскиот и лезбејскиот идентитет ќе се испресечат со расниот и класниот. Овие идентитетски преклопувања стануваат невозможни и/или невидливи. Затоа она што секогаш – теоретски – ме скокотка кога размислувам за лезбејската љубов и лезбејскиот копнеж е инхеретната субверзивност што тие ја носат. Во свет создаден од мажите кој претпочита да ги задоволи потребите на мажите, постоењето на релација скроена според потребите и желбите на жените е во најмала рака пркосно. Затоа, веќе во следната сцена, ја гледаме Макс (Гуиневир Тарнер) како удобно се сместува на каучот и во џиновскиот дневник почнува да ја испишува својата автентична женска приказна која оттука натаму филмот продолжува да ја раскажува.
“Go Fish” се припојува на традицијата на лезбејското независно кино кое во Америка своите почетоци ги има во 70-тите години на ХХ век и кое „се обидува да конструира алтернативни визуелни кодови кои произлегуваат директно од стремежот за лезбејско самодефининирање” (Weiss 1993). Филмот се појавува како дел од бранот на новото квир кино (New Queer Cinema) од раните 90-ти кое се одликува со отворена непослушност и дрскост. Овој бран се раѓа од гневот и револтот кај квир заедницата од начиот на кој општеството не се справило со ХИВ кризата и дехуманизирачкиот третман со кој тие се соочиле како граѓани. Главниот интерес на квир филмаџиите од овој период е поголема репрезентација и приказ на плејада квир идентитети во сета своја сурова искреност. Во филмовите од ова време, ќе сретнете многу квир негативци (Swoon, Poison, The Living End), односно „непристојни” квир ликови. Овие филмови се соочиле со силна критика бидејќи многумина сметале дека репродуцираат штетни и опасни стереотипи. Накратко, новото квир кино се претставило како интелектуално кино, кое наеднаш бесрамно ги отвора и коментира сите овие презрени прашања (Benshoff & Griffin, 2005).
Следејќи ја оваа традиција, “Go Fish” комбинира типично Холивудска нарација (романтична комедија во која две жени се вљубуваат) со авангардни елементи и квир промислувања и политики. Стилски, во филмот постојано се испреплетуваат реалистични и експериментални секвенци. На пример, во една од моите омилени сцени, Макс – чии интерни монолози во филмот добиваат облик на видео есеи – размислува за стапувањето во хетеросексуален брак. Сцената е обмислена така што неколку жени наизменично облекуваат и соблекуваат венчаници, а во позадината нивните преклопени гласови коментираат за привилегиите и притисоците на бракот како патријархална институција, каде жената ќе биде почитувана во сексот (но не и задоволена) и ќе ѝ бидат простени сите лезбејски експериментирања (стереотипот за лезбејската „фаза” која наводно ја искусуваат многу жени). Додека секоја нова невеста застанува во средината на кадарот, останатите девојки една по една се доближуваат и ја бакнуваат како да се поздравуваат, односно збогуваат со неа, како да се работи за погреб, наместо свадба.
Интимните записи на Макс кои се распенуваат низ филмот ги рефлектираат тековните дискусии за родот и сексуалноста: Што ако ме совлада чувството дека кријам прљава тајна?… Би можела да водам живот со родови заменки и да одговарам искрено за дечковци и навистина да мислам на „добра пријателка“ и да го оставам оној очаен модификатор „многу“ добра пријателка … Ти не чекаш маж. Јас не чекам маж. Само го мразам ова језиво чувство дека некој маж ме чека мене.
Она што е можеби највпечатливо за “Go Fish” е неговата ведрина и генералното отсуство на квир насилство. Од самиот почеток, Троше и Тарнер биле едногласни дека сакаат да напишат филм во кој ќе преовладуваат афирмативни лезбејски наративи, бидејќи светот заслужува квир приказни со среќен крај. Сепак, факт е дека лезбејките и целокупната квир заедница секојдневно се соочуваат со дискриминација и насилство. Во филмот се прикажани сегменти од оваа реалност – на Киа ѝ дофрлаат погрдни зборови од автомобил, а поранешниот дечко на Иви насилно ја аутира пред мајка ѝ поради што таа ја исфрла од дома – но нивното присуство не е она што ја движи приказната во филмот, ниту ја дефинира реалноста на овие девојки. Па така, Иви уште истата вечер се сели кај својата девојка и ужива во прекрасна вечера со своето избрано квир семејство. Темата на „избрано“ наспроти биолошко семејство е особено важна во филмот. Во клучни моменти од своите животи, девојките црпат сила од поддршката што си ја даваат една на друга. „Лезбејскиот континуум“ во “Go Fish” освен сексуално, претставува и политичко лезбејство кое се темели на меѓусебна доверба и потпора и бунт против патријархатот (Rich 1980). Лезбејството е сестринство.
Сепак, “Go Fish” дава и еден суптилен коментар за опасноста од исклучувачките идентитети и нивната ранливост. Идентитетската одредница носи една сигурност и сплотеност кои инаку недостасуваат кај многу квир лица, и претставува дел од борбата за поголема видливост. Но, да се сфати идентитетот како статичен, значи да се ограничи нечија слобода и флуидност и тоа го гледаме во сцената во која една од поотворените, немоногамни лезбејки, Дарија, е вербално нападната од страна на група лезбејки кои го ставаат под прашање нејзиниот идентитет како лезбејка поради тоа што спиела со нејзин пријател. Останува нејасно дали овој напад навистина се случува или се одвива единствено во главата на Дарија поради притисокот што го чувствува.
Надвор од овие инстанци, во светот на “Go Fish”, мажите речиси и да не се присутни. Жени и девојки (главно лезбејки) работат во баровите и видеотеките и се шетаат по улиците и студентскиот кампус. Ваквиот приказ делува премногу идилично и екскапистички, но најпосле, “Go Fish” не е документарен филм. Не треба да нè чуди тоа што Троше и Тарнер, чија цел била да го „демистифицира[ат] лезбејското секојдневие“, решаваат да го направат тоа со креирање на извесна лезбејска утопија. Утописките и дистописките наративи стануваат популарни помеѓу квир авторите уште во 70-тите години како алатки за социо-политичко промислување на сегашноста и замислување на подобри начини на (со)живот. Пред сè, утопиите сакаат да ни дадат до знаење дека реалноста не е впишана во камен, дека во себе го содржи потенцијалот за промена (Vieira 2009).
Лезбејската утопија во “Go Fish” ги руши стереотипите и ја хуманизира лезбејската заедница со тоа што ја слави нејзината разноликост и флуидност – класна, расна и сексуална – низ женскиот и самодефиниран лезбејски поглед. Искреноста и младешката наивност во пријателските и љубовните релации во филмот ја балансираат утописката мечтателност со суптилен реализам што му дозволува на филмот да допре до поширока публика. Кој/а од нас нема да се препознае во несмасното пријателство меѓу Илај и Макс и нивниот awkward дејт? Кој/а не паднал/а на шармот на некоја очиклена Дарија? Кој/а од нас не летал/а на облаци и не си потскокнувал/а по дома (ако не по улица) откако имал/а секс по долга „суша”?
Најпосле, шармот на “Go Fish” лежи во лезбејската поетика и лиричност кои ги бојат сите овие сцени, во начинот на кој филмот успева да го претстави сексуалното задоволство и сетилноста на женската желба (чезнеење) низ женскиот поглед. Додека ги гледам завршните кадри во кои женските телата се вплетуваат и растопуваат една во друга, се присетувам на песната „Пресоздавање“ на Одри Лорд, чија лезбејска поетика е сеприсутна во филмот: …додека твоето тело се движи / под моите дланки / наелектризирано и во исчекување / го сечеме ланецот / ти ме создаваш наспроти твоите бедра / ридести од слики / во движење…
Користена литература:
Benshoff, H. & Griffin, S. (2005). Queer Images: A History of Gay and Lesbian Film in America. Rowman and Littlefield Publishers, Inc.
Rich, A. (1980). Compulsory Heterosexuality and Lesbian Existence. In Signs: Journal of Women in Culture and Society. 5 (4): 631–660.
Vieira, F. (2010). The Concept of Utopia in Claeys (ed.) The Cambridge Companion to Utopian Literature, pp. 3-28. Cambridge University Press.
Weiss, A. (1993). Vampires & Violets: Lesbians in Film. Penguin Books.