Skip to content
  • За нас
  • Контакт
Menu
  • За нас
  • Контакт
Facebook-f Instagram
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Search
Close
  • МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Родово базирано насилство: Кривично дело кое останува толерирано
Некои медиуми го нарекоа „хорор“, некои „грозоморно“, некои „трагедија“. Но, ретки беа јавните гласила кои лани на 10 септември го именуваа убиството во Гостивар со точното име – „фемицид“.

Полициски часови, изолација, ограничено движење… цел свет ги примени овие мерки за да се намали ширењето на Kовид-19. Но, тие имаа и сериозен „нузефект“. Секаде се зголеми родово базираното насилство за време на пандемијата со Ковид-19. На 18 март 2020 година и Северна Македонија прогласи вонредна состојба со цел да се спречи брзото и непредвидливо ширење на Ковид-19, а за време на оваа состојба се одржаа 70 владини седници за носење на соодветни мерки за успешно справување со пандемијата. Една ранлива категорија не беше вклучена во мерките на Владата, а тоа беа жртвите на родово базирано насилство.

Некои медиуми го нарекоа „хорор“, некои „грозоморно“, некои „трагедија“. Но, ретки беа јавните гласила кои лани на 10 септември го именуваа убиството во Гостивар со точното име – „фемицид“. Во потесна смисла, фемицид е намерно убиство на жена затоа што е жена. А токму таков беше случајот во Гостивар, кога 67-годишен маж со секира ја усмрти својата 60-годишна сопруга поради „меѓусебно нарушени односи“.

Дали жртвата претходно барала помош? Дали трпела насилство со години? До каде е предметот против обвинетиот убиец? До овие одговори не може да се дојде во моментов, а можеби и никогаш нема да ги разбереме. Како што велат од Основниот суд во Гостивар, јавноста е исклучена од вакви предмети бидејќи се водат како семејно насилство.

 

Ако сте дома, не значи дека сте безбедни

 

Веќе во март 2020 година Светската здравствена организација предупреди дека има огромен ризик од сериозен раст на родово базирано насилство како последица од мерките за спречување на ширење на Ковид-19 на глобално ниво. Првичните напори во Република Северна Македонија се сведоа на известување од Министерството за труд и социјална политика до жртвите на родово базирано насилство, во кое беа наведени СОС-линиите за пријавување насилство, известувањето за информирање за правата на жртвите и видеокампањата за превенција и заштита од семејно насилство. Од Министерството за труд и социјална политика, во контекст на кризата предизвикана поради пандемијата, изјавија дека „МТСП и останатите институции координирано постапуваат и преземаат конкретни мерки за заштита на жртвите согласно законските надлежности за итно и должно постапување и за време на полициски час. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час, со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка“.

Два месеца по започнувањето на вонредната состојба во државата, веќе беа регистрирани два фемицида кои беа извршени во рок од две недели. Во периодот по објавувањето на двете убиства, жестоки во реакциите беа Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Хелсиншкиот комитет за човекови права, но не и надлежните државни институции.

Според последната информација добиена од Основниот кривичен суд Скопје во март 2021 г., двете судски рочишта за кривичното дело фемицид сè уште не се започнати и покрај бројните реакции во 2020 година од страна на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство дека е потребна брза реакција од страна на судските органи и Министерството за внатрешни работи.

Според статистиките на Министерството за внатрешни работи, до крајот на 2020 година, во Северна Македонија се случија вкупно 3 убиства на жени како последица на семејно насилство. Уште 4 други преживеаја обид за убиство. Од вкупниот број на убиства и обиди за убиства поврзани со семејно насилство, 90 % од сторителите се мажи. Освен најтешката форма на семејно насилство, полицијата регистрира и 622 жртви со телесни повреди, од кои 82,8 % се жени а 17,3 % се мажи. Сторители на овие дела во 89 % од случаите се мажи, а само во 11 % се жени.

Проблемот со податоците на МВР е што со нив се евидентираат жртви на семејно насилство, додека фемицидот е врзан за родот и е надвор од бракот или семејството. Затоа недостасуваат јасни податоци за точната бројка на жртвите на фемицид во земјата.

Според последната Анализа на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, кај повеќе од 60 % од анализираните случаи на убиства на жени во Северна Македонија кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живееле во заедница. Повеќе од 80 % од убиствата се случуваат во заедничкиот дом или пак во домот на родителите на жртвата, доколку е веќе започната бракоразводната постапка.

Бојана Јовановска, проектна координаторка во Хелсиншкиот комитет, ја потенцира распространетоста на феноменот родово базирано насилство во Северна Македонија: „За тоа придонесува и перцепцијата за насилството како вообичаена појава во нашата средина, односно неговото нормализирање. И покрај тоа што е неспорно дека изминативе години се направени сериозни напори за подобрување на состојбата за заштита од насилство во земјава, сепак тие се ограничени на донесувањето на законските решенија, а назадува нивната примена.“

Во препораките на мрежата „Глас против насилство за справување со насилство врз жените и семејно насилство во земјите од Западниот Балкан за време на и по завршувањето на здравствената криза предизвикана од Ковид-19“, посочени се највлијателните фактори врз влошувањето на состојбата на жените – жртви на насилство. За време на Ковид-19, поради почестото физичко присуство на сторителите на насилство, жените немаа можност да се јават на СОС-линиите за помош и поддршка. Центрите за социјална работа работеа со скратено работно време или од дома, што значи дека во овој кризен период предизвикан од пандемијата, на жртвите не им беше достапна поголема заштита од телефонско советување иако тие се првата „брана“ на системот која треба да спречи ескалација и заштита на жртвите. Дополнително се наведени и стравот од барање на здравствена заштита во услови на пандемија кога постои поголем ризик од заразување со Ковид-19 и неприоритизирањето на овие случаи од страна на здравствените институции.

 

 

Низок процент на пријавени случаи поради недоверба во судството и полициските органи

 

Проблемот со санкционирање и превенција од семејно и родово базирано насилство не е нов. Анализата на податоците од набљудувани судски постапки во предмети од семејно и родово базирано насилство на Коалицијата „Сите за правично судење“, во периодот од април до јули 2019 година, покажа неколку негативни феномени. Од 35 предмети за семејно насилство кои ги нашле низ државата, 22 биле во Скопје, 3 во Гостивар, 8 во Битола, 1 во Прилеп, 1 во Штип, 1 во Струга и 11 во Куманово. Тоа значи дека семејното насилство завршува на суд само во поголемите градови, а и таму се екстремно ретки.

Во краткиот истражуван период биле донесени и објавени 7 пресуди. Само во еден случај виновникот е осуден на ефективна казна затвор. Во три случаи санкцијата била условна казна затвор, во два случаи обвинението било одбиено, а во еден случај изречената санкција е парична казна.

И додека пред судовите во 2019 се воделе само десетици постапки, во 2019 година Министерството за труд и социјална политика забележало 1 555 нови случаи на семејно насилство, од кои во 1 135 жртви биле жени, а 173 деца. Од 1 јануари до 15 мај 2020 година, имало 505 нови случаи на семејно насилство. Од вкупниот број на 1 555 случаи, психолошкото (во 1 275 случаи) и физичкото насилство (во 787 случаи) се двете најпрепознаени форми на родово базирано насилство.

Бројот на жртви се потврдува во Извештајот на Фондацијата Kvinna till Kvinna за женските права во Западен Балкан е потенцирано дека во Северна Македонија, само во првиот квартал на 2020 (од јануари до март), имало 241 пријавен случај поврзан со родово базирано насилство, од кои во 207 жените биле жртви. Во периодот од април до јуни 2020, Министерството за внатрешни работи добило 193 пријави за криминални дејствија поврзани со семејно насилство – помала бројка од истиот период во 2019 година во кој биле доставени 226 пријави.

Одговорот на прашањето дали порасна семејното и родово базираното насилство за време на Ковид-19 кризата во Северна Македонија, сепак најдобро го покажуваат податоците на полицијата. Според Министерството за внатрешни работи, од јануари до јуни во 2019 година кај нив биле пријавени вкупно 1 999 случаи од областа на семејното и родово насилство. За време на најдолгите карантини и полициски часови во текот на пандемијата, во периодот јануари-јуни 2020 година, бројот на пријавени случаи достигнал 2 450, што е зголемување за 22 %.

По категории, најмногу пораснал бројот на поплаки, па бројот на кривични дела, а потоа и бројот на прекршоци.

И покрај тоа што судот има обврска веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште за да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот“, не ретко случаите остануваат во полициските станици.

Во случај на несовесно постапување од страна на надлежните судски органи, жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон. Во ваква ситуација, жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на целата судска постапка. Сепак, бројката на судски постапки во предмети од семејно и родово базирано насилство останува многу мала.

Во Анализата на Коалицијата „Сите за правично судење“ е посочено дека најчесто случаите на семејно и родово базирано насилство, сторени преку вршење кривични дела против половата и родовата слобода, како и моралот на жртвите, остануваат непријавени или неоткриени од страна на полициските органи поради фактот дека жртвите на овие кривични дела ретко се подготвени да го пријават сторителот бидејќи се работи за една чувствителна сфера каде жртвата најчесто е засрамена, исплашена и несигурна, па поради тоа не сака да ја сподели својата траума со пошироката јавност со цел да избегне двојна виктимизација и социјална стигматизација.

 

 

Полицијата не ја заштитува жената од насилство, а истото важи и за другите институции

 

„Бевме сами кај другарка ми. Тој што ме вознемируваше дојде на врата. Се јавивме во полиција и ми рекоа дека морам да дојдам лично во полициска станица да направат записник. Им кажав дека не можеме да излеземе затоа што стои пред врата. Ми рекоа дека таква е процедурата. Само јас знам како таа вечер се вратив дома…“

„Поранешен вонбрачен партнер на жртвата постојано насилно се однесувал. Жртвата сакала да ја прекине врската кога насилството ескалирало. Еднаш физички ја нападнал жртвата во кафуле, нанесувајќи ѝ лесни телесни повреди, а потоа втор пат ја следел, ѝ се заканувал и се обидел да ја нападне додека влегувала во возило. Во првиот случај жртвата извадила медицинска белешка, додека следните два случаја ги пријавила во полиција. Полицијата прекршочно го гони сторителот, а сторителот сè уште ја демне и ја вознемирува жртвата.“

Ова се само неколку анонимни цитати објавени на феминистичката платформа Медуза во февруари 2021 година. Стотици сведоштва на жени кои пријавиле насилство, надевајќи се дека полициските органи ќе ги заштитат, покажуваат дека наместо институционална одговорност и поддршка, тие биле двојно виктимизирани и препуштени сами на себе. Меѓу анонимните сведоштва се најдоа и одговорите кои жените ги добиле од страна на полициските службеници. Тие се еднакво алармантни и само го потврдуваат непрофесионалниот однос на полициските службеници кои би требало да ги заштитат граѓаните од ситуации опасни по живот, а со тоа и колективниот став на државните органи кон родовите прашања и насилството врз жените.
„Девојче, немаш закана по живот, нема што да направимe.“

„Љубовна кавга е тоа, не се мешаме.“

„Треба да си припазиш како се облекуваш, каде излегуваш и со кого, и повеќе да си седиш дома и да ги гледаш децата. Не треба провокативно да се однесуваш, да се шминкаш за да не предизвикуваш љубомора кај мажот…“

Калиа Димитрова, главната уредничка на Медуза, првата феминистичка платформа во Северна Македонија, посочи дека полицијата не ја заштитува жената од насилство, а истото важи и за другите институции: „Родово базираното насилство е едно од најнепријавуваните кривични дела глобално, а од оние жени кои бараат помош, веројатноста да се обратат кај пријателите или семејството е повисока отколку да побараат помош од полицијата. Во Македонија, само 2 % од жените кои преживеале насилство од партнер, го пријавиле тоа што го сметаат за најсериозен инцидент во полиција, а полицијата често не постапува соодветно на нашите закони и Истанбулската конвенција.“

Димитрова додава дека зад овие бројки на непријавување стои комплексниот систем на обесхрабрување и „victim blaming“ кои ги учат жените дека доколку доживеале насилство (особено од партнер или друга блиска личност), веројатно некако сами го повикале или заслужиле, па не ретко чувствата на срам и страв најчесто се придружни појави кај ваквите случаи, и оттаму жртвите не се решаваат да ги пријават сторителите. Ниските проценти на пријавите воопшто не ја изненадуваат, бидејќи е свесна колку голема траума може да значи одење во станица или пак судска постапка, особено ако е залудно или ако подразбира двојна виктимизација.

„Како уредничка на платформата Медуза читам огромен број пораки од помлади девојки кои биле жртви на сексуално насилство, најчесто од партнер, другар, фамилијарен пријател или роднина. Некои од нив имаат кажано дома, некои не, но ниедна од жртвите со кои комуницирам нема пријавено во полиција. Повеќето од нив или се плашат да пријават поради можните последици, или сметаат дека маката, траумата и можната двојна виктимизација ќе бидат залудни.“

Со непостапувањето, институциите ни праќаат недвосмислена порака дека нашите трауми поврзани со сексуално насилство и вознемирување се неважни, непостоечки и невидливи. „Затоа“ – вели Димитрова – „воопшто не ме изненадува кога ни се обраќаат девојките со нивните искуства од овој домен, само колку да ја раскажат својата приказна и да наидат на некој од другата страна кој ќе ја уважи нивната траума, наместо да поведат правна постапка и да се изложат на дополнителна болка и осуда.“

 

 

Навремени и правилни промени во правосудството за поефикасно превенирање на родово базираното насилство

 

 

Правилното транспонирање и подоцнежното имплементирање на ЕУ легислативата во соодветна временска рамка е обврска на секоја држава чии примарни цели се ефикасно зајакнување на демократските принципи и заштита на своите граѓани кои години наназад бараат правда, но не ја добиваат. Во моментов е започната постапката за донесување Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој би требало да го овозможи патот до правда и соодветна заштита на жртвите на физичко и психичко насилство.

„Сѐ уште се соочуваме со несоодветен пристап од страна на институциите. Непостапувањето и несоодветното постапување на институциите, како што е полицијата, многу често доведува до двојна виктимизација на жртвите, кои наместо да бидат заштитени – се подложени на дополнително преживување на своите стравови“, потенцираше Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет.

Јовановска додава дека „искуството на Хелсиншкиот комитет, искуствата на жртвите со кои работиме, искуството на организациите кои се пионери во борбата со родово базираното насилство во земјата, укажуваат на тоа дека позитивни искуства постојат, но тие сѐ уште се само исклучоци, а не правило.“

Долгогодишното одложување на имплементацијата на Истанбулската конвенција свесно придонесува во обесхрабрување на жртвите да пријават насилство. Земајќи го предвид фактот дека Истанбулската конвенција и Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените се веќе ратификувани во Северна Македонија, а сѐ уште се чека да се применат во нашата законска рамка, само покажува дека родово базираното насилство и генералниот став кон женските права и родовиот идентитет не се во фокусот на власта и институциите.

Со тоа се оформува колективната перцепција кон жртвите и нивните трауми кои не се сфаќаат сериозно, како и кон насилниците на кои, едноставно, насилството им поминува неказнето. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, само во 2020 година, 497 лица пријавиле физичко малтретирање, а 3 207 лица пријавиле психичко малтретирање. И покрај тоа што се работи за кривични дела согласно правните прописи не само на државно туку и на меѓународно ниво, тие сѐ уште се водат само како поплаки. Од Министерството за правда изјавија дека веќе се изработени измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка со цел ефикасен кривично-правен одговор и превенција на делата на насилство спрема жената, во кој ги вградуваме стандардите на Истанбулската конвенција. Преку овие измени, целосно се вградени стандардите од Истанбулската конвенција во повеќе кривични дела.

„Во текстот на Кривичниот законик предвидуваме нови членови за полов напад, полово вознемирување и демнење, а се предвидуваат измени во повеќе одредби како убиство, убиство на миг, присилба, силување и други“, додадоа од Министерството, свесни дека сепак „донесените закони сами по себе нема да вродат со резултат доколку не обезбедиме нивна имплементација.“

Од Министерството за правда изјавија дека за да има навремен одговор и заштита на жртвата е неопходна и дополнителна едукација и на полицијата, судиите и јавните обвинители, но и на стручните работници во центрите за социјална работа за постојано надоградување на нивните знаења за насилството спрема жената.

 

 

ПН: Улогата на медиумите во борбата против родово базираното насилство – сензационалистички вести и „clickbait“ новинарство

 

 

Еден од последните случаи на родово базирано насилство, кој беше будно следен од очите на јавноста, е случајот со групата „Јавна соба“ на платформата Телеграм, кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство, а одреден број на жртвите се и малолетни лица. Неколку членови на групата беа приведени, но сепак случајот сѐ уште нема разрешница. Додека оваа вест беше особено актуелна во медиумскиот простор, веб-порталите објавуваа слики од самите објави во групата, насловувајќи ги несоодветно вестите за овој случај, со што го дискредитираат проблемот на сензационалистички начин, знаејќи дека се работи за сериозно кривично дело кое ја засега целата јавност. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, изјави дека по добиената пријава веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на случајот: „Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш контактира со мрежата ’Телеграм‘, со цел добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и воедно ги известивме за содржините што се објавени“. Сепак, и покрај огромниот број реакции од страна на активистите и целата македонска јавност, дури и во април 2021 овој случај сѐ уште останува без разрешница на повидок.

Румена Бужаровска, писателка, професорка на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ и активистка за женските права, ја потенцираше важноста за пренесувањето на сведоштвата за родово базираното насилство од страна на медиумите, како и на социјалните мрежи. Во 2018, кога започна онлајн движењето #сегакажувам, Бужаровска изјавува дека имало номинална поддршка од неколку министерства и премиерот, што и било позитивен чекор, во смисла дека воопшто го признаа проблемот и со тоа му дадоа значење.

„И покрај тоа што најголемиот број сведоштва беа за сексуално малтретирање во школството, ниедна високообразовна институција не се произнесе по ова прашање, ниту пак даде поддршка на жртвите. Всушност, со случајот ’Јавна соба‘ стана повеќе од јасно дека ниту министерствата, ниту високообразовните институции имаат намера, желба или стратегија за прекинување и казнување на сексуалното насилство, што секако има страшни последици врз жртвите“, изјави Бужаровска.

Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права ја потенцира одговорноста што ја имаат медиумите како едни од најрелевантните чинители во општеството. „Сѐ уште се соочуваме и со несоодветен пристап од страна на медиумите кога станува збор за известување за случаите на насилство“, вели таа. „Во трката по сензационализам, медиумите континуирано демонстрираат несензибилизираност во однос на состојбата на самите жртвите и во однос на родовите стереотипи кои само ги зајакнуваат.“

„Така, на пример“, додава таа, „со инсистирањето на земање директни изјави од жртвите, нивниот однос не е многу поразличен од оној на двојна виктимизација од страна на полицијата. Во овој контекст, новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвиде превентивни мерки кои ги вклучуваат и медиумите, во насока на преземање мерки за подигање на свеста за сите форми на насилство, како и за промовирање на родова еднаквост, имајќи предвид дека медиумите може да имаат особено значајна улога во елиминирање на родовите стереотипи и насилството.“

 

 

 

 

 

Сторијата е изработена во рамки на проектот: „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.
Gala sent Today at 12:16 PM
„Содржината е единствена одговорност на авторот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество-Македонија“
НАПИШАНО ОД:
  • Гала Насева
  • June 14, 2021
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Најдобрите изложби во САД кои ја прославуваат 50-годишнината од Стоунвол
Од Њујорк до Бостон и Хјустон, подолу се дел од ликовните изложби низ САД кои го слават Stonewall 50.
  • Од Лени Фрчкоска
  • МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Абортус на слободата на избор под светото начело „за живот“
Десничарските конзервативни партии и во Европа и во САД имаат слични политички аспирации во насока на забрана на абортусот
  • Од Марта Стевковска
  • КВИР, ФЕМ 101
За „природата“ на еден политички спор: хетеронормативност, трансродовост и загрозување на правата на жените (Втор дел)
Постојат цел океан на прашања поврзани со родовата трансформација и огромните глобални социјални промени во кои учествуваме и сме сведоци. Каде води сето ова?
  • Од Лени Фрчкоска
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Цртички за ПМС 1
ПМС е едно од најчестите одмолчани женски искуства, кои се зафрлени на маргините на интимното.
  • Од Ана Блажева
  • ФЕМ 101
Феминизам, Јас и Ти
или што мислам кога велам дека сум феминист/ка?
  • Од Калиа Димитрова
  • КВИР, ФЕМ 101
Секоја трансродова личност носи приказни кои треба да се слушнат
Веќе неколку години по ред, на 31 март го одбележуваме денот на видливоста на трансродовите луѓе. Глобално, трансродовото постоењето и борба се прославува на овој ден од 2009 година.
  • Од Калиа Димитрова
  • ФЕМ 101
Руските феминистки протестираат на улиците против војната што ја води Путин
Манифест на руските феминистки кои се обединија против окупацијата и војната во Украина.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
„Доктор-јаснување“: Кога докторката не ги слуша пациент(к)ите
Излегувањето на д-р Шуплиновска-Јордановска ме направи гневна, но сепак ми е мило што ПичПрич обезбеди форум каде што публиката можеше дирекно да се обрати на лице кое има позиција на моќ
  • Од Елена Гаговска
  • КВИР, ФЕМ 101
@Skopje Queer Youth
Ново онлајн едукативно место за квир теми <3
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Во фокус: Жан-Лук Годар
„Претпочитам да работам кога има луѓе против кои треба да се борам.“
  • Од Тимот на Медуза
  • ДИЈАЛОЗИ, МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Секоја промена започнува со љубов кон себе и своето тело: Интервју со Елисавета Димовска
За секој напредок кој сум го имала во сила или градење мускулна маса сум добила коментар – доволно ти е, немој повеќе. Сум се запрашувала, дали иста реакција би добил и маж на мое место?
  • Од Бисера Илкоска
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Косовските демонстранти бараат да се преземе акција по силувањето на 11-годишното девојче
Според Мрежата на жени во Косово, над 70% од случаите на сексуални напади и силувања во земјата се врз малолетни девојчиња.
  • Од Тимот на Медуза
  • ДИЈАЛОЗИ, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Низ уметничките соработки ги преобликуваме начините на тоа како (можеме да) живееме заедно
Интервју со кореографката и изведувачка Викторија Илиоска по повод премиерата на нејзиниот нов танцов перформанс „Ми треба ново тело“
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Проблемот со ,,школите за женственост“  
Сите совети за работа на себе паѓаат во вода ако поттикот е машката валидација, а резултатот е женската сервилност
  • Од Елена Кузмановска
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Дали ехо коморите на Фејсбук индокринираат насилници?
Со цел да изработи платформа која „ќе ги поврзе“ луѓето, Фејсбук лимитира изложување на контрадикторни информации и создава платформа која ги „поврзува“ луѓето со нивната идеологија.
  • Од Јована Герасимовска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Како да се подготвиме за апокалипсата?
Кон романот ,,Време”од Џени Офил
  • Од Душица Лазова
  • ДИЈАЛОЗИ, МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Пејзаж на неименливото: Разговор помеѓу Калиа Димитрова и Билјана Радиноска
Би сакала да ти кажам: „Ја носам својата траума како цвет на реверот или како орден од војната или како свежо налакирани црвени нокти“. Тоа би била добра реплика, но сè уште не е така.
  • Од Калиа Димитрова
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Абортусот е неопходна здравствена услуга за жените и за време на пандемиска криза
Денес е 28 септември – Светскиот ден за безбеден абортус. На овој ден, организации од целиот свет се здружуваат со едно заедничко барање – Веднаш да се обезбеди безбеден и легален абортус.
  • Од Тимот на Медуза
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Кога домот не е безбеден
Голготата на жртвите на родово-базирано насилство кои одлучуваат да го напуштат домот и да останат без покрив над глава со цел да се спасат од насилникот.
  • Од Марта Стевковска
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Информирај се – Трансформирај се
Неприфаќањето во општеството доаѓа од недоволна информираност, а помалку од омраза и одбивање.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Дипфејк порно: нова генерација на сексуално насилство
Проблемот со дипфејк технологијата не е што се користи во порнографска смила, проблемот е што тоа се прави на малициозен, сексистички и насилнички начин.
  • Од Калиа Димитрова
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Балканските бездомнички
Зошто женските деца сè уште се дискриминирани при поделба на наследство?
  • Од Љупка Ѓошева
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Мајката (не) знае најдобро
Родовиот јаз во обврските околу грижата и воспитувањето на децата и малата, (скоро непостоечка) поддршка на мајките.
  • Од Марта Стевковска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
„BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“
Издавачката куќа „Антолог“ го најавува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 12 до 15 октомври 2021 година.
  • Од Тимот на Медуза
  • Uncategorized, КВИР, ФЕМ 101
Магијата на Скопје Прајд низ фотографии – Втор дел
Ако и вие како нас не можете да се наситите на прекрасните фотографии од Скопје Прајд, во прилог втор дел галерија фотографии.
  • Од Тимот на Медуза
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Оклопни возила за спречување на семејно насилство
Очигледно гео-политиката е препуштена на мажите, додека жените се оставени на двојна дискриминација – редовната од патријархатот и вонредната од пандемијата.
  • Од Џејлан Велиу
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Противотровот на нашата егзистенцијална беспомошност
Ник Кејв за тоа како да ги исполниме нашите животи со величествена смисла.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Постбалкански барок и евровизиска ренесанса
Констракта ги мапира невралгичните точки на современото пост-југословенско општество и ги поврзува во една конечна слика – портрет на пост-Балканот во неолибералната магла.
  • Од Душица Лазова
  • ФЕМ 101
Во фокус: Санна Марин
Oчигледно, границата на моралот се повлекува кај млада жена со моќ, која се осмелува да танцува на камера. И тоа, провокативно.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата
Тииит!Инк. ве поканува на промоцијата на публикацијата „Нашиот пат - 25 женски приказни од истроиајта“,  во петок (01.10), во кафе-книжарницата „Буква“.
  • Од Тимот на Медуза
  • ФЕМ 101
Маркс за родот и семејството: резиме (прв дел)
Човечките суштества би морале да станат способни да се видат едни со други како вредни за себе, наместо да гледаат како нешто што вреди само на она кое една индивидуа може да го обезбеди за друга.
  • Од Гала Насева
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Медуза препорачува: Што да си купите на Саемот на книга?
Повеќе предлог наслови кои ги склопивме во соработка со неколку македонски издавачки куќи. Истите можете да ги најдете на Саемот по намалена цена.
  • Од Тимот на Медуза
  • ФЕМ 101
Бараме од работодавачите да ги ослободат работничките за да присуствуваат на Маршот за Осми март
Маршот ќе се одржи на 8ми Март со почеток во 15.00 часот пред МВР (ул. Димче Мирчев бр.9, главен влез), а ќе заврши во Парк Жена Борец.
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Силувач на твојот пат – чилеанската феминистичка химна се шири низ светот
Милиони жени во регионот излегоа на улица да побараат нешто што е толку основно, но сепак е повредено: правото да се живее животот без насилство.
  • Од Гала Насева
  • КВИР, ФЕМ 101
Скопје Прајд: Ослободувањето на квир заедницата значи ослободување на целото општество
Неколку дена во годината многу од нас можат да бидат најавтентичните верзии од себе си, но наскоро треба да се вратат кај нивните семејства и заедници каде што никој не знае за клучен дел од нивните животи. Е затоа ни треба Скопје Прајд.
  • Од Елена Гаговска

Момент...

No more pages to load

1 2 … 15 Next »

Категории

ФЕМ 101
КУЛТУРА
МОЕ ТЕЛО
КВИР
ДИЈАЛОЗИ

Корисни линкови

ЗА НАС
КОНТАКТ
БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Copyright © Медуза 2023 | Developed by MASIVA

Scroll to Top
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Facebook-f Instagram