муза
*именка
- (грчка митологија) деветте божици на уметностите и науките, ќерките на Зевс и Мнемозина.
- личност или персонифицирана сила која е извор на инспирација за уметник.
Слично: инспирација, креативно влијание, стимулација
Можам да го започнам текстов со прашањето дали е себично и егоцентрично она за кое ќе пишувам. Но, нема да го направам тоа. Наместо тоа, ќе си кажам дека е во ред да се поставам во центарот. Под центар мислам на центар на постоење, на инспирација, на живеење и на творештво.
Во ред е да бидам сама своја муза и да се изразувам во форма и на начини кои се најавтентични за мене. Да создавам со целото свое битие и да не се плашам да бидам видена, бидејќи најважно е да се прифатам себеси во целост, да не чекам надворешна инспирација или валидација. Да сум и креаторка и сама своја муза.
Седам на работ од креветот
Сон во сон
При пишувањето на овој текст, се инспирирам од Фрида Кало, квир жена која низ своите автопортрети се прикажува себеси на начин кој дотогаш за жена бил невиден, а и нагласувајќи го својот мексикански идентитет како отпор кон колонијализмот и евроцентричните дефиниции и идеали за убавина. Таа не се идеализира, туку ја слика својата физичка и емоционална реалност. Фрида се претставува себеси на начин на којшто таа се доживува.
Во автопортретот „Двете Фриди“, таа се прикажува како две верзии од себе: една во традиционална мексиканска облека, со здраво срце, и една облечена во европски бел фустан, со пресечено срце што крвари. Оваа спротивставеност често се толкува низ призмата на нејзиниот сложен идентитет и потекло, но истовремено ја одразува и нејзината внатрешна емоционална поделба, особено болката и чувството на отфрленост по разделбата со нејзиниот партнер, уметникот Диего Ривера. Воедно, двете фигури се интерпретираат и како симбол на постојаната физичка болка низ која поминувала Фрида по тешката сообраќајна несреќа и бројните здравствени последици со кои се носела во текот на животот. И покрај сите овие интерпретации, она што мене ми е највпечатливо е тоа што двете фигури се држат за рака и се поврзани со иста вена. Тие не се две одделни личности, туку две страни на една иста Фрида.
Оваа двојност е нешто што и јас го препознавам во себе: постојаното балансирање меѓу различни идентитети, очекувања и чувства. Колку и да сум работела на тоа да го одучам наметнатото верување дека треба да делуваме силно и стабилно пред другите, сè уште се наоѓам во ситуации во кои тој внатрешен судир е присутен. Но, истовремено прифаќам дека ова е процес кој трае. Затоа се обидувам да верувам дека мојата ранливост и обидот да се остане со отворено срце кон светот и луѓето не е слабост, туку вид на отпор кон свет што сака да нè оттуѓи, не само од другите, туку и од самите себе.
Немој да мислиш дека моето срце
менува облици
Тоа се врзува за малите нешта
во животот
Едно кратко пребарување и истражување на Гугл за што е тоа муза или кој може да биде муза, дава резултати дека во големиот дел од случаите музите се жени на (мажи) уметници. На музата гледаме како на пасивен објект, извор на машката креативност, но ретко ја гледаме како креаторка сама по себе (а, уште помалку извор на инспирација сама за себе). Општеството ја прифаќа и дефинира женскоста само кога таа му служи некому или кога станува извор на инспирација за друг. Парадоксално е што таа женственост се става на пиедестал, а во моментот кога жените и девојките ја преземаат контролата на својот израз и, на пример, се фотографираат самите себе или објавуваат селфиња, се наречени плитки или суетни и дека немаат што друго да понудат освен својот физички изглед.
Уметничкиот критичар Џон Бергер во книгата „Ways of Seeing“ (1972) пишува дека во историјата на уметноста жените не се претставени како дејствувачки субјекти, туку како фигури поставени за погледот на другиот, односно, мажот. Бергер како пример ја дава сликата „Vanity“ од Ханс Мемлинг. На жената ѝ е дадено огледало во рака, но не за да се види себеси, туку за да стане соучесничка во начинот на кој е гледана. Огледалото не е алатка за самоспознавање, туку механизам што ја вклучува во сопственото објективизирање. Таа е внимателно позиционирана, именувана, па дури и морално оценета – самото име „Vanity“ (суета) ја префрла вината врз неа. Се осудува жената, а не погледот што ја создал таа слика. Истата логика опстојува и денес. Кога жената е инспирација во туѓо дело, нејзиниот изглед се слави. Разликата е во тоа кој има право на авторство.
Славењето на сопствениот изглед не ја намалува мојата интелигенција, длабочина или вредност, туку ја потврдува мојата автономија. Писателките можат да создадат приказна, уметниците можат да сликаат. Но, ако начинот на којшто се славам себеси или создавам спомени, вклучува и запечување на сеќавањето што ми се допаѓало како изгледам, зошто да се срамам од тоа? Изразувањето и практикување на радикална себељубов и себевалидација која ни е потребна за да бидеме сами свои музи изгледа различно за сите.
Сакам сè што правам да биде прослава на сè она што сум. Јас сум субјектот што најдобро го познавам. Јас сум си сопствената најголема инспирација и центар на својот универзум. Сите мои творештва произлегуваат од желбата да се запознаам себеси подобро, да го понадворешам она кое тлее во мене.
Сета магија на Земјата
ја пронаоѓам
длабоко, длабоко
За мене, како жена, ова е политички акт на отпор кон свет што ми кажува дека жените се себични кога се избираат самите себе и избираат како ќе бидат гледани, без да ги задоволуваат туѓите очекувања. Простор во кој ќе можеме да се свртиме внатрешно и да креираме интуитивно.
Одбивам да бидам пасивен субјект на кој му се случува животот низ призмата на другите, туку активно одбирам како ќе го живеам својот живот.
пишувам љубовни писма
до мојата ранливост
и преданост