— Kaj мe cpетнa, кaj тe uзгубив,
кaжu mu вечнa noнaдo u npoкyдo?
— Kaj штo тe cpетнав u мe uзгуби,
кaj штo мe uзгy6u u мe nовтopu.
(Дениција, Петре М. Андреевски)
Како што историјата сме ја поделиле на две големи епохи, пред новата и по новата ера, така една дебела црвена линија го дели мојот живот на два дела: пред Б. и после Б. Сите љубовни песни и сета поезија на светот одеднаш имаа смисла; ги разбирав, сите како да беа напишани само за нас. После Б., сексот престана да постои, барем во материјална смисла. Сите сензации и луѓе, предмети и ситуации станаа неутрално празно платно, предмети за маструбација, копија на едната иста фантазија. Ништо не се случуваше вистински, затоа што немаше како да се случи.
Б. беше почеток и крајот на времето, беше сите денгуби и сите полноќни разговори, секој разговор меѓу два непријателски черепа, секоја запалена свеќа помеѓу два планински ветра, сите букви од азбуката, сите бесилки, ламји и бесови, сите книги, течности и мириси што ги примав низ и со него…(Архангел – Радост – потребен цитат)
Во зборовите на Селма Селман: „Драг Омер, татко ми го продаде белиот фустан, мајка ми ми ги продаде штиклите, брат ми го изгреба Мерцедесот, љубовникот ми го украде пиштолот. Сега го имам само мојот куфер.“
Му се јавувам од ум, од читалните во Солун. Виолетови цветови во зелени светови. Седам сама на клупа на празно игралиште во Осло, рацете ми се тресат додека пишувам, што од студ, што од возбуда. Во еден стар дневник, од времето на почетоците со Б., имам запишано: За прв пат во животот си ја осетив силата како ми игра на врвовите на прстите.
Утрово, на излегување од Музејот на современа уметност во Осло, на касата видов магнет од бел еднорог што лежи во сина соба. Го прашав кустосот, всушност прашањето само ми излета од уста: „Дали ова дело е изложено тука? Не успеавме да го најдеме.“ Со неочекуван ентузијазам за една скандинавка, како од пушка ми одговори: „Па, тоа е главното дело на изложбата? Не го видовте? Дојдете со мене, ќе ви го покажам.”
Неʼ водеше низ галериите, сеʼ додека не дојдовме до чекална со бели сточлиња. На крајот од чекалната имаше црвено копче, кое, ни објасни таа, ја отвора Собата со еднорогот, или на англиски, My Private Sky – unit 1 / trauma white, 2001-2003, by Børre Sæthre.
Ни објасни дека сите имаме таква соба со во главата. „Како изгледа вашата соба со еднорог?“, не’ праша. Како што го изусти тоа, знаев дека навистина е така. И веднаш знаев како изгледа мојата соба со еднорог.
Ѕидовите се покриени со црвено кадифе налик она што покрива маса за билијард. Плафонот е огромно огледало. На средината на собата има голем брачен кревет, со чаршафи од црвена свила. На креветот ме чека Б. Не носи ништо освен златниот прстен на баба му на домалиот прст на десната рака. Ја чита „Приказна за окото“ од Жорж Батај, додека си игра со црн камшик. Повремено го грицка камшикот. Додека ги листа страниците на книгата си го лиже показалецот. Седам на столицата во ќошот и го гледам. Не правам ништо освен што го гледам. Чекам.
Се наоѓам себеси како безволно шетам по ладните и празни улици на Осло, пушам цигари и пишувам за еднорози, само за да не заспијам, и да не јадам. Недела навечер е. Се чувствувам како да имам видено и вкусено сѐ. Испразнета сум од сето посакување и немам желба за ништо, барем не за нешто што може да постои во материјалната реалност. Која е следната станица?
Убаво ми е во собата со еднорогот. Во позадина оди траката Bataille’s Will од Emin Gök.
Не сакам да излезам.