„Се дружиме со ветрот, со снегот и градот, а петок искачаме со сексот и градот“ – Фанк Шуи
Неколку декади откако почнавме да искачаме со „Сексот и градот“ нашите урбани и лични пејсажи од една страна се сѐ поповрзани,
а од друга сѐпоподвоени. Ако до неодамна
хетеросексуалниот брак се пропагираше хетеросексуалниот брак како крајна дестинација, а останатите романтични и пријателски средби како пропратни станици и минливи доживувања, денеска работите се позаплеткани. Како да зборуваме за мрежите што нѐ спојуваат, врзуваат, заплеткуваат, вивнуваат нагоре, нѐ држат цврсто приземјени и туркаат напред-назад? Како ни оди со нашите врски, полу-врски, анти-врски, шизења, шизнувања, фрагментации, спојувања, и повторни фрагментации? Како изгледаат нашите „шизо-прошетки“¹ низ глобалното село денес?
♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣♠♦♥♣
Буквата А е првата буква во азбуката. А е првата буква која децата ја учат на училиште, со зборови како Астронаут, Авион, Аердром и слично. А, ако зборуваме за Бушавата Азбука, таа почнува со: „Татко ми вози градски Уууу….втобус.“
Кога си жена што излегува со мажи, оваа „шизо прошетка“ е секогаш прошарана со најразлични „бушави“ искуства, некои забавни, некои прекрасни, некои горчливи, некои горчливо-слатки, а некои само горчливи. После години дејтање мажи, почнав да се прашувам дали е време да се почне одново. Дали е време да пробам да најдам некој нов, поздрав начин на градење релации со мажи? Кои особини, кои „зелени знамиња“ ги барам во еден маж за да се изгради таква релација? Доколку тежнеам кон мажи кои се самосвесни, емпатични и ги разбираат родовите нерамноправности, до кој степен постои можност за радикално различни видови на врски, надвор од стегите на патријахатот?
Го запознав А, професор по економија, економетрика и економија на одржлив развој и останато, на Универзитетскиот Колеџ Ротердам, на типично скопски начин, во Џез Ин во Охрид, една топла вечер во август. Александар ги имаше сите стандарни обележја на Добар Маж: пирсови на уво, прстени од кои ниеден не беше брачен, неколку дискретни фајн лајн тетоважи по рацете. „Луѓето пред профитот. За мене е навистина толку едноставно“, рече. Рече и дека е непоправлив поборник за женски права, анти-капиталист и анархо-феминист, и дека чита Урсула Ле Гвин. Му поверував.
Нашето кратко дружење во Охрид, каде што имавме само еден ден заедно, се состоеше од еден долг ноќен разговор и ништо повеќе. Но, летаа искри во воздухот и пеперутки во стомакот. Се чуствувавме како да имаме уште многу што да си кажеме, па се договоривме само две недели подоцна да го посетам во Амстердам, каде што тој живееше. Времето поминато со А во Амстердам генерално минуваше во духот на братство и единство. Беше мил, ме слушаше кога зборував, ми готвеше и ме запозна со неговите пријатели. Пиевме коктели, одевме по музеи, носев кратки маички без прслук,а тој ме пипкаше низ цел град. При разделбата секако се договоривме тој пак да дојде во Македонија, на средината на септември. Финансискиот договор беше 50/50: тој плаќа сѐ во Амстердам, јас плаќам сѐ во Скопје. Еднаквост.
Но, кога дојде време тој да ме посети во Скопје, тонот нагло се промени.
За првата (и последна) посета на А во Скопје организирав да ме собере такси од дома, па да го собереме А од скопскиот аеродром, и да нѐ донесе назад кај мене дома. Бев превозбудена дека доаѓа и после работа трчав низ град за да купам намирници за да му направам домашни палачинки и со нив топли да го пречекам на аеродром. За пречекот го смислив совршениот фит: долга бела сукња со низок струк и видлива танга, а горе проѕирна бела маица со бел чипкаст прслук под нејзе.
Додека се возев кон аеродром, воздухот стануваше тежок. Имаше вест дека баш тој ден два авиони се имаа судрено над Скопје. Бев загрижена. Кога стигнав на “Пристигнувања“, почнав да се осеќам уште понезгодно. Пишуваше дека авионот доцни 45 минути. Луѓето околу мене, воглавно фамилии, мажи, жени коишто исто така чекаа некого од странство, ме гледаа како Курвата од Бабилон. Се осеќав неприлагодено, како зебра на Бриони². Кога конечно го видов А меѓу редот луѓе што излегуваа од царинска контрола, првичното чувство на олеснување го замени чувство на нелагодност. Наместо филмското гушкање што го очекував, А ме измерка од горе до доле и му се смрачи погледот. Ништо од палачинките.
Ме праша како ќе си одиме дома. Му кажав дека таксито што го договорив нѐ чека надвор. „Колку го плати?“, ме праша. „25 евра за двата правци“, му реков. „Хм. Во Софија би било поскапо. Сигурно шоферот ти дал попуст затоа што така си се облекла“. Посакав да потонам во земја. Тргнавме накај мене дома и двајцата гледајќи низ прозор. Речиси и да не зборувавме.
На патот накај дома, враќајки се од аеродромот што порано се викаше „Александар Велики“, а сега „Пријателство“, ова ми се вртеше низ глава: Зошто А како да беше сосема друг човек во Западна Европа, каде што се водеше по некои прогресивни вредности, а моментот кога слета во Скопје стана непрепознатлив, веднаш регресирајќи кон поконзервативни ставови? Зошто не увидов ништо од ова во Охрид? Како ќе изгледаат неколкуте дена што допрва треба да ги поминеме во Скопје? Бев полна со прашалници.
Дали Александар Велики бил бугарин, македонец или грк? Од кое бугарско, македонско или грчко село навистина потекнувал? Тоа се прашања со кои историјата, филозофијата и археологијата се занимаваат со години, без да можат да дојдат до дециден одговор. Поинтересно прашање за мене во тој момент беше до кој степен овој Александар до мене е добар анархо-феминист? Или дали воопшто е?
Вакви и слични вакви прашања продолжија да ме мачат и наредниот ден, додека седевме на кровот на Хотел Арка во Стара Чаршија во Скопје, пиејќи крафт коктели од 800 денари. Додека А на долго и широко ми објаснуваше за безредијата што ја зафатиле Албанија во 90тите и страдањата на народите низ Балканот, ja гледав прекрасната панорама на Скопје и чаршијата и визуелизирав како се фрлам од терасата на Хотел Арка и како мојата убава руса глава се распрснува на убавата стара калдрма пред хотел Арка, само за да не морам да го слушам.
Не ми беше јасно зошто одеднаш човеков ми е толку досаден. Дали можеби јас сум нетрпелива личност? Додека се преправав дека го слушам (објаснувањата за безредијата во Албанија траеја дооолго), ментално ја прелистував листата на поранешни партнери и партнерки, и дојдов до заклучок дека не сум нетрпелива личност, туку сум само оправдано нетрпелива кон мажи кои, наспроти фактите, мислат дека имаат нешто многу интелигентно да кажат.
По овој интерен монолог, си дадов за право во 2-3 реченици да дадам мое видување за анархо-феминизмот и безредијата за кои зборуваше Александар. Тој, гледајќи ме во очи, со сериозен, па дури и лут поглед, ми кажа: „Да, да, сѐ ова што го кажа е многу интересно, ама ќе те замолам во иднина да не ме прекинуваш кога зборувам за волку важни работи.“ Во тој момент ми прекипе, но наместо бурно да изреагирам решив што повеќе да молчам до крајот на неговата посета на Скопје. Кенкаше дека многу време поминувам на телефон (се договарав да се запознае со моите пријатели таа вечер на драг шоу во Комитет), па дојдовме до „договор“ телефонот да ми биде одземен на некое време за да можам целосно да му се посветам.
Третата вечер, и воедно неговата последна вечер во Скопје, кога се вративме кај мене дома, имавме секс. Ми направи модрици по вратот, иако му кажав да не ми остава видливи траги, затоа што не сакам да се гледаат на работа. Силно ме стискаше за градите, и повторно ми направи модрици. Неколку пати му кажав да престане зашто ме боли, но не ме слушаше. Откога си отиде за Амстердам, си ги сликав модриците во огледало, за да си докажам на себеси дека не сум луда и дека не ги измислувам работиве.
Толку многу непоправливи поборници за женски права, анти-капиталисти, анархо-феминисти и теоретичари, толку малку време и хартија. И толку малку авторки.
¹Делуз и Гватари, „Капитализам и Шизофренија“
² На хрватските острови Бриони, Маршалот Тито имал зоолошка градина со слонови, леопарди, зебри и слични егзотични животни.