Перформансот CODOMESTICATION (Крот Јурак и Алекс Бејли) по втор пат ќе биде изведуван во локална верзија од актерката Симона Спировска заедно со своите деца. Делото ја проширува замислата за перформансот, поставувајќи ја грижата, меѓузависноста и секојдневното пре/договарањe во неговото јадро. Нè повикува да ги реобмислиме авторството и моќта – кој одлучува, кој следи и како создавањето се обликува кога сцената ја делат возрасни и деца, уметници и негуватели, личното и јавното. Во очи изведбата како дел од Прво па женско #14, поразговаравме со Симона за несекојдневниот процес низ кој минала заедно со своето семејство, при создавањето на CODOMESTICATION. Изведбата ќе се одвива во Театар за деца и младинци, а карти можете да си купите на линкот.
Фотографиите се од првата изведба на перформансот, односно, од затворањето на Перформанс Платформа фестивалот на Локомотива.
Како би ни го објаснила концептот на перформаност CODOMESTICATION во кратки црти?
CODOMESTICATION е концепт кој тргнува од неопходност, но попат, низ развојот, успева да преиспита многу значајни општествени и уметнички позиции кои најчесто се претпоставуваат. Перформансот (првично создаден од Крот Јурак и Алекс Бејли, со нивното дете) покрај тоа што го покренува прашањето на родителствувањето во невозможните услови во кои создаваат уметниците (особено невработените), ги преиспитува и воспоставените динамики во изведувачките уметности, особено врзани со авторството и го отвара прашањето на семејството: надвор и наспроти воспоставените норми и дефиниции, туку како заедница, избор, поддршка и грижа. Перформансот се развива, се разбира, во рамките на (малку) одредени параметри, но секогаш во зависност од динамиките кои се воспоставиуваат во моментот на изведбата.
CODOMESTICATION, исто така, ја воспоставува и можноста на концептот „showing-without-going“, што овозможува да патуваат делата, но не неопходно и изведувачите.
Како течеа подготовките пред првата изведба? Кои беа предностите, а кои недостатоците да се подготвува претстава со членовите од семејството?
Подготовките беа во суштина разговори и споделени искуства со авторката на концептот, Крот Јурак. На средбите во голема мера разговараме за поставување на рамката, која за време на изведбите ќе овозможи да се случи претставата. Подготовките подразбираа и растеретување од очекувањата за очекувањата. Ми се чини дека овој процес ми овозможи да се ослободам и од очекувањата и претпоставките врзани за децата и низ тоа да се ослободам од очекувањата и претпоставките врзани за мојата професија. Секогаш во оваа професија најмногу сум уживала во споделеното сценско време со другите. Овој перформанс токму тоа го обезбедува: да сме заедно, без очекувања, без претпоставки. Едноставно да бидеме. Не е пресликување на нашето секојдневие, туку е одново воспоставување односи.

Како перформативен уметник, глумица и танчерка, верувам дека е важно да се разграничи приватниот од професионалниот живот, но оваа претстава го бара токму спротивното: спој на јавниот и личниот простор. Дали ти беше тешко и невообичаено да се навикнеш на тоа, или пак дојде спонтано и едноставно?
Тоа е исклучително важно, но не и секогаш возможно. Ние сме секојдневно изложени на очекувањата да се вклопиме во моделот на нешто… Да се тркаме и да победиме, без оглед колку ќе изгубиме. Јас никогаш не успеав да ја повлечам границата меѓу приватниот и професионалниот живот, зашто тоа ќе значеше откажување од едното или од другото. Не бев подготвена да го направам тоа и решив дека и нема потреба. Сметам дека станувањето мајка не смее да биде ограничено од рамките кои ни ги поставува средината и треба да зависи од потребите на оние кои се најзасегнати. По раѓањето на првото дете, јас никогаш не почнав да размислувам како да се тргнам од него за да можам да си се вратам на професијата, напротив, не само јас туку и моето најблиско опкружување почнавме да подразбираме дека можеме заедно. Затоа овој перформанс ми се чини како подарок кој не ни знаев колку би го сакала.
По изведбата, дали ти се смени погледот кон секојдневната динамика во твојот дом и меѓусебните односи?
Секако. Многу често паѓаме во замките кои ни ги поставуваат општествените очекувања и се обидуваме да се бориме, одејќи против себе. Сега сум уште посреќна за сите оние кои го чинат семејството на моите деца :) Големиот уште вика дека е дете на сите и се надевам дека со таа љубов ќе расте.
Дали сметаш дека многу од родителите, партнерите, сопружниците едноставно (не)свесно им се препуштаат на однапред моделираните улоги и ги изведуваат според нормативното општествено сценарио?
Секако. И истовремено мислам дека е исклучително тешко да се бориш против очекувањата, особено во отсуство на вистинска поддршка.
Јас се сметам за исклучително среќна што имам опкружување кое ги поддржува моите потреби и потребите на моите деца и за жал знам дека има жени кои ја немаат таа привилегија. Е тоа, баш тоа, не смее да биде привилегија. Сите знаеме дека „it takes a village to raise a child“ и можеме вистински да ги создаваме заедниците, местата и односите кои ќе ја обезбедуваат нашата сигурност и среќа.

Дали сега, во очи втората изведба, подготовките одат полесно, или пак можеби се соочувате со нови предизвици, со оглед на тоа дека децата растат, се менуваат, стануваат посвесни, но имаат различни потреби и барања?
Па, секогаш е различно… Предизвиците кои не можам да ги предвидам, утре веќе нема да бидат исти. И тоа е прекрасно. Овој перформанс ми овозможи да откријам што најмногу ми недостасувало. Кога го подготвувме прв пат изгледаше како уште еден предизвик за кој не бев подготвена… Tрката со времетo, две децa, очекувањата да се вратам на работните обврски порано од потребното, зашто тоа го направивив првиот пат. Излезе дека, во суштина, ова е токму она што ми треба. Време. Целото време на светот. Можност да бидам каде што сакам. Веројатно првата можност во сите трчаници да застанам и вистински да им се изнагледам на децата.