Вечерва во 20:00 часот во КСП Центар – Јадро, фестивалот за критичка култура – КРИК ве поканува на затворање на изложбата „Црвено училиште“ на познатата писателка, есеистка и преведувачка Дубравка Угрешиќ, чија работа имавме чест да ја доживееме покрај пишаниот збор, и преку медиумот на визуелното.
На затворањето на изложбата ќе бидат промовирани 4 книги на писателката: „Црвено училиште“, „Нарилник за вештерки“, „Штефица Цвек во челустите на младоста“ и „Тука нема ништо“ во превод на македонски јазик.
Во прилог прочитајте извадок од книгата „Штефица Цвек во челустите на младоста“ во превод на Владимир Јанковски, кој за книгата вели:
„Штефица Цвек во челустите на животот“ е можеби најпознатиот роман на Угрешиќ. Со оваа книга таа станува позната на книжевната сцена во поранешна Југославија. Во романот, авторката на постмодернистички начин, иронично и духовито си поигрува со тривијалната литература градејќи го текстот како шема за кроење проследен со кројачки термини, при што графички и содржински вметнува цитати, писма и совети. Овој роман го носи најдоброто од творештвото на авторката: силна ирониска перспектива, нијансирано прикажување на сложената динамика на родовите односи, поигрување со клишеата и воспоставените модели, силна феминистичка перспектива.
Дубравка Угрешиќ
Штефица Цвек во челустите на животот
(пачворк-роман)
(извадок)
ЗА ИЗРАБОТКАТА НА МОДЕЛОТ
а) ИЗБОР НА ТЕХНИКАТА
Пријателите ме советуваа дека би требало да напишам „женска“ приказна. Напиши, рекоа, женска, вистинска женска приказна! Моите пријателки (За нас! За нас!); мојот кројач (Колку штоф има тука, само да знаете!); мојот фризер (Што јас сè имам стрижено во мојот живот, драга моја!); и мојот невротичен пријател кој не ја признава поделбата меѓу половите и се жали дека нешто го боцка (Ме боцка нешто, ме боцка, сигурно сум бремен.)
Седам, значи, покрај машината за пишување и размислувам како да напишам токму таква, нарачана, а освен тоа и женска приказна! Пишувам многу бавно, зашто во текот на пишувањето секогаш ме занесува звукот на машината за пишување. А звукот на машината за пишување ме потсетува на звукот на машината за шиење. Ме фасцинира тоа тропкање (мешколењето на дебелкавите завршетоци на прстите на вдлабнатите столчиња на буквите), тоа рамномерно одронување на звуците. Но, не и на времето! Сите тие дактилографки и кројачки, сите шивачки, предачки, ткајачки и везилки – муви во јантар. Како на сликите на Вермер.
Ме фасцинира дрдорењето, тоа страсно совладување на празнината. Маѓепсаноста на оној што дрдори, тропка (ткае, везе) е речиси еднаква на маѓепсаноста на оној што го набљудува тоа. На набљудувачот му се чини дека тој другиот е во некаков друг свет, осуден на истите, вечни движења. Осветлен однатре, како на сликите на Вермер. Изборот на техниката, значи? Се чини дека тоа е веќе извршено. Дактилографка – кројачка, машина за шиење – машина за пишување. Приказната, значи, ќе ја шиеме!
б) ИЗБОР НА МАТЕРИЈАЛОТ
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
’Имам 18 години. Мислам дека се наоѓам на голема пресвртница. Самата не можам да дадам одговори на некои работи. Нормална сум, паметна, немам непријатели, се чини дека сум свесна за своите вредности и мани и мислам дека знам како треба да се живее. Не сум несигурна и малодушна, не барам во животот рамо на кое би можела да се исплачам. Мислам дека имам сила во себе да ги побарам одговорите на сè. Сите момци знаев да ги сакам, знаев во нив да најдам и да ги сакам нивните вредности. И тие ме сакаа мене, а сепак сите ме оставија и секогаш од сè ми остануваше само признанието дека сум прекрасен човек и убава девојка. И сега е така. Пред една година тргнав со едно момче на мои години што искрено го сакав и му дадов сè што човек може да даде… но и тој ме остави со признанието дека сум прекрасен човек. Би сакала да му се вратам, но верувам дека го загубив засекогаш и тоа ми го наруши целиот мој вредносен систем. Не можам да проценам дали од животот барам премногу или премалку? На што можам да се надевам?‘
Ана
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –– – – – – – – – – – – – – –
’Имам 18 години. Не се разликувам, површно гледано, од поголемиот број од своите врснички. Дружељубива сум, со просечен изглед, активна насекаде каде што се може. Сепак, не можам да најдам некој што би ме сакал, а и јас него. Секогаш сум си била верна на себеси, на своите чувства, ставови и тоа секогаш ме чинеше многу. Две години и малку повеќе сакам едно момче кое има друга, а јас му служам во тешките мигови за плачење и како рака која ќе го извлекува од сè непријатно што му се случува. Свесна сум за тоа. Го сакам најмногу што се може, иако сум свесна дека тоа нема иднина. Што да правам?‘
Прометеј
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
’Имам 23 години, ќерка од 3 години, разведена сум, вработена, велат згодна. Се омажив на 17 години, а се разведов на 20. Живеевме кај моите родители, но тие се спротивставуваа на нашата врска и на бракот. Вечно го критикуваа, а јас го сакав. Родителите на крајот беа среќни, зашто ќерката им се ослободи од таа „битанга“. Јас разочарана и повредена, барав утеха и заборав во авантурите. Мојот приватен живот се состоеше од врски со оженети мажи. Не сакам никој да се разведува поради мене, но некој проклет нагон ме тера кон нив. Можеби барам сигурност. За мене сите се исти, сите еднакво лажат. Ги делам само на добри и лоши љубовници. Но, вака не можам веќе. Сите го сакаат само моето тело. Три години се вртам во круг. Можеби начинот на мојот живот има подлабоки корени. Можеби несогласувањата во бракот на родителите, негрижата за мене. Секогаш сум имала пари, но никогаш родители. На 13 години бев силувана. Останаа последици во говорот, но никој не праша поради што. Можеби со сите нив бегам во лажниот свет на задоволствата. Што да правам?‘
Само сенка
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –– – – – – – – – – – – – – – – – – –
’Имам 25 години, по професија сум дактилографка. Живеам со тетка ми. Мислам дека сум грда, иако некои тврдат дека не сум. Од своите врснички се разликувам по тоа што сите тие веќе се омажени или имаат момчиња, само јас немам никого. Осамена и меланхолична сум, а не знам како да си помогнам. Дајте ми совет.‘
Штефица
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
И тука, кај меланхоличната дактилографка, неочекувано застанувам! Под прстите чувствувам ткаенина што одговара. А освен тоа и рестл, па и циц! Циц како чинт, чинт како зиц, зиц како ситец.
Штефица, Штефица, ќе бидеш моја ткаенина, ќе бидеш моја тема, штепувам веќе кон… Презимето? Хм? Можеби Цвек?! Ало? 988? Не е важно кој сум! Имате ли Цвек?! Баш добро! Креек!
в) ИЗБОР НА КРОЈКАТА
Имаме, значи, материјал! Немаме автор умешен во вештините на везењето, ткаењето, пеглањето и гобленирањето, но имаме машина за пишување-шиење. И автор склон на штепување. Ни треба уште едноставна кројка и едноставна изработка. Пачворк! Пачворк-градник, пачворк-кошула, пачворк-здолниште. Пачворкот е универзален, едноставен, демократичен начин на облекување, не само облека туку и поглед на свет! Немарноста во изработката само ја истакнува неговата симпатичност.
Чукам понатаму. Поткривнувам. Ја шијам приказната што треба да биде женска. Шијам прозен фустан, во должина и ширина, вдолж и попреку, јас сум писател-полжав кој бара некој ежав, јас сум ткајачка која бара бајачка, автор кој штепува и истовремено степува, јас сум птица на жица, невешт ми е првиот превез, тука ќе биде првиот рез! Рез! Рез! Рез-токот! Почни го веќе почетокот!