Ноември е. Излезена сум малтене сама и седам на шанк со девојка која е доста помлада од мене и работи како модел. Веќе сме на третиот коктел, така што, ја поминавме фазата на small talk. Девојката со жар во очите ми раскажува за манифестирање: секогаш зборуваш како веќе да ги имаш тие нешта. На пример, нема да напишеш „сакам стан“, туку ќе напишеш „имам стан“, ми објаснува таа, додека навлегува уште подетално во различните методи на манифестирање кои ги користи. Таа искрено верува дека благодарание на манифестирањето, излегла од токсична врска и добила можност да работи во Милано. Толку сум фасцинирана од нејзината верба во ова нешто, што од ликот не може да ми се прочита дека целава работа со манифестирање ми е, најпросто кажано, комична. Но, ноември е, пијана сум и се чувствувам ранливо и незадоволно, па ѝ ветувам дека од следниот ден ќе почнам да манифестирам, пишувајќи три страни со манифестации секое утро.
Секако, не го одржав тоа ветување, но почнав да одвојувам десетина минути наутро (нешто што мислев дека во мојот случај е невозможно, но после неколку дена премина во рутина што не беше тешка за одржување), за да дишам и го почнам денот под мои услови. Не сум сигурна, но мислам дека таа едноставна вежба ми помогна да не ги земам работите здраво за готово. Да верувам дека доколку успеав да го променам начинот на кој го почнувам денот, тогаш можам да променам многу повеќе работи отколку што сум мислела порано.
Шест месеци подоцна се најдов себеси, повторно, на шанк, но овојпат во Вашингтон, со новостекнатиот пријател Оскарс, повторно посветено вклучена во разговор за манифестирање. Оскарс е одмерен, рационален и има темна смисла за хумор. На прв муабет не делува како лик кој би верувал во нешто како манифестирање. Но тој всушност верува дека има моќ своите мисли да ги претвори во реалност и го објаснува сето тоа, не на некој магичен и спиритуален, туку, многу прагматичен начин. Не знам кога и како почнав да омекнувам кон ова верување, но соочувајќи се со фактот дека живеам комплетно различен живот од оној пред половина година, се фатив себеси како го прашувам Оскарс: дали мислиш дека некако ја имам манифестирано оваа промена?.
Еден дел од мене е целосно недоверлив. Сакам да видам за да поверувам. Но имам и некоја друга страна, што се потпира на интуиција, потајно верува во магии и влијанието на месечината на нашето расположение. И тој дел, дефинитивно сака да кокетира со вакви идеи. Или барем да ги истражи. Едно нешто е сигурно. Манифестирањето е мега-популарно, особено на социјалните медиуми (со најголем пик на тик-ток) и се чини како да е тука да остане, па верувале во тоа или не, сепак е интересно да се разгледува, барем на ниво на тренд. Но што е поточно манифестирање?
Манифестирање најпросто кажано е практикување на аспиративни мисли со цел да се направат реалност и се здоби со растечко внимание и популарност паралелно со пандемијата на Ковид-19. Од крајот на март до средината на јули во 2020 година, пребарувањата за терминот пораснале за речиси 700 проценти. Сепак, дури и пред пандемијата, интересот постепено се зголемуваше од горе-долу 2017 година, заедно со растечката популарност на wellness индустријата и праксите за грижа за себе.
Денес, сè уште можат да се најдат илјадници ресури за оваа пракса и профили на така-наречени гуруа кои „ќе ве научат“ како правилно да манифестирате. Секако, за не-толку-симболична сума пари. Други пракси од слична природа се исто така популарни: користење на разно-разни кристали за прочистување на енергија, вештерство, или пак сепристутната опсесија со астролошката мобилна апликација Co-star. Се чини дека среде целата несигурност и непредвидливост која нè опркужува, потребно ни е верувањето во виши сили, паранормални феномени и моќта на нашата потсвест. Можеби, парадоксално, со цел да добиеме некое чувство на контрола?
Како и многу New Age пракси, манифестирањето е само по себе парадоксално. Ако навлезете повеќе во филозофијата, таа реално, не прави смисла. Но, сепак, некако го издржува тестот на времето: законот за привлекување, верувањето дека сите мисли стануваат нешта, позитивната мисла носи позитивни нешта, се идеи кои постојат уште од духовното движење „Нова мисла“ од 19 век.
Вербата во ова не е особено штетна сама по себе. Но, постојат граници. Една грижа што психолозите ја истакнуваат со идеите како манифестирање е тоа што не ги зема предвид луѓето чии мисли можат да бидат инхерентно негативни – оние со анксиозност, депресија или други проблеми поврзани со ментално здравје.
Според когнитивниот невролог Ријанон Џонс „преценувањето на моќта на нечии мисли, што е симптом на OCD меѓу многу други нарушувања, може да биде многу опасно за луѓето кои веќе имаат анксиозни нарушувања, но потенцијално, дури може да ги предизвика тие симптоми кај некој кој првично ги немал“.
Но, дури и ако манифестирањето не претставува сериозен проблем по менталното здравје, исто така постои и фактот дека позитивното размислување, без пропратна акција, нема како да ги промени нашите материјални околности. Плус, неприродно и опасно е да се форсираме да имаме позитивен мајндсет постојно. Зошто би се труделе да го правиме тоа? Нашата автентичност како луѓе се наоѓа во мозаикот од емоции кои сме способни да ги чувствуваме, во убавината и среќата, но и во грдото и болката. Од тој аспект, фанатичната афирмативност води кон слепило – некој вид на забрана да се види светот, животот и самиот себе во сите можни светла и состојби. И финално, има некој инхерентен материјализам и индивидуализам врзан со маниферсирањето како што се прокламира денес, што за мене го прави дополнително одбивно.
Очигледно, дури и кратка анализа на идеите околу манифестирањето, веднаш покажуваат на ограничувањата и опасностите од ваквите верувања. Всушност, тоа е и една од причините зошто филмот и книгата „Тајната“ (The Secret), популарни во 2007 година, беа подложни на сериозна критика. „Тајната“ ја прокламираше идејата дека тоа што го проектираме во универзумот во форма на мисли и енергија, ни се враќа назад. Дали тоа значи дека луѓето со терминални болести не праќале доволно позитивни мисли во универзумот? Или пак дека луѓето кои живеаат во екстремна сиромаштија не посакуваат да им се смени секојдневието? Сосем е во ред да веруваме дека на некој начин сме ги повикале оние работи кои ги посакуваме во животот, но што правиме со оние аспекти од животот кои се болни, тешки, неправедни? Навидум, ова е аспектот каде верувањето во манифестации е најпроблематично. Но, можеби не мора да биде така.
Ако манифестирањето го споредиме со молење или практикување на медитативни афирмации (зашто сите овие пракси имаат некои точки кои ги поврзуваат), тогаш манифестирањето може да го гледаме како уште една форма на надеж или верба во промена. Секако, одржувајќи здрав контакт со реалноста, нашите можности и околности. Можеби всушност, прашањето кое е поинтересно и поважно е кои се нештата кои ги замислуваме, посакуваме, сонуваме, манифестираме? Ако силно веруваме дека нашите мисли можат да станат реалност, тогаш дали навистина манифестирање на кола или куќа е најдоброто што можеме да го замислиме, во свет кој е на раб на пропаст?
Надвор од индивидуалистичката матрица во која манифестирањето најчесто се застапува, оваа пракса можеби има и политички потенцијал, поврзана со храброста да се замислат нови состојби, која историски била клучна за негување на лична и колективна резилиентност и сила на маргинализирани групи. Во својата книга „Сè за љубовта“ бел хукс пишува:
„Бидејќи имаме научено дека негативноста е пореалистична, ни делува пореална од било кој позитивен глас. Штом почнеме да практикуваме позитивно наместо негативно размислување, ни станува јасно дека, далеку од тоа дека е реалистично, негативното размислување тотално онеспособува. Кога сме позитивни ние не само што се прифаќаме и афирмираме себеси, туку сме во можност да ги прифатиме и афирмираме другите. Колку повеќе се прифаќаме себеси, толку сме поподготвени да преземеме одговорност за сите аспекти од нашите животи. Преземањето одговорност не значи негација на реалноста на институционалната неправда. Преземањето одговорност значи дека во очи бариерите ние сепак имаме капацитет да ги обмислиме своите животи, да им дадеме форма на нашите судбини на начин кој се максимизира нашата благосостојба.“
Афирмативното размислување понекогаш (барем за мене) е клучно во борбата со апатија и безнадежност. За време на периоди кои се потешки од други и политичката и социјалната реалност не нудат перспективност, без интимната верба и можноста да се замислува и размислува отаде моменталните услови, остануваме без ништо.
„Иако сè уште не веруваме целосно во ова, внатрешниот живот е вистински живот, а нематеријалните соништа на луѓето имаат опиплив ефект врз светот“, вели Џејмс Болдвин. И мислам дека погледнато низ таква призма, манифестирањето, колку-толку, ми прави смисла. Постојат нешта кои ги посакуваме, вредности во кои веруваме и визии кои нè движат. Сакале или не, свесно или несвесно, успешно или неуспешно, правиме чекори кон нив. Не верувам дека имаме целосна моќ кон исходите, но мислам дека имаме делумна моќ кога станува збор за нашите избори, акции и реакции. Не само моќ, туку и одговорност. И веројатно, секое наше придвижување почнува токму таму – во доменот на замислувањето, посакувањето, мечтаењето… Манифестирањето, од таа перспектива, не мора да се гледа како форсирање на позитивна мисла и слепо верување во истата (што може да води кон дополнителни разочарувања), туку некој прв чекор кон позиционирање, заземјување и подготвување за одредени промени кои се во доменот на нашата моќ и агенс.
Ако погледнам наназад, токму излегувањето од доменот на манифестирање, кон преземење конкретни чекори, е тоа што, во мојот случај, ме донесе на некое место каде конечно се чувствувам како да добив, или подобро кажано, направив простор, за одредени нешта кои ми недостасуваа оној ноември, на шанкот. И тука не зборувам за некои мега-акции или материјални добра, туку креирање на мали процепи и промени во начинот на размислување и секојдневно функционирање, кои потоа ми донесоа некои неочекувани плодови, кои ги живеам дури сега.
Веројатно би било нефер да не признаам дека повеќето од проблемите и потребните методи за да надминам дел од нив, ги идентификував преку интроспекција и психотерапија, а не пишување три страници со манифестации секое утро. Но дури и на терапија се практикува некаков вид на манифестирање, а потоа план за придвижување. Некаква форма на верување дека промените почнуваат од самите нас, дека „промената сме ние“. Мојот вредносен систем не ми дозволува целосно да се согласувам со таа мисла, зашто донекаде ги игнорира сите системски околности кои нè држат во одредени состојби од кои е речиси невозможно да се излезе со индивидуален напор. Но сепак, верувам дека можеме и дека е здраво да увидиме кои аспекти од нашите индивудуални, но и колективни животи имаме моќ да ги промениме, ситуации и емоции на кои можеме да влијаеме, соништа кои можеме да ги отствариме. Зашто, длабоко во себе, под сите слоеви на цинизам и скептицизам, што би рекол Џон Ленон, може да се каже дека сум сонувач. And I’m not the only one.
*текстот во скратена форма оргинално беше објавен во есенскион број на магазинот Портет.