Колку училиштата во нашата земја овозможуваат услови за достоинствено да се поминат деновите во кои имаме менструација? Дали средношколките добиваат соодветна поддршка и информации за време на менструацијата? Како младите се соочуваат со предизвиците што ги носи менструацијата, во средина кадешто ова е се’ уште табу тема?
Новото истражување на Тиииит Инк. и Реактор одговара дел од овие прашања. Во истражувањето се анкетирани 307 ученички во средно образование од сите региони на земјава. Заклучокот е дека значителен дел од средношколките се засегнати од менструалната сиромаштија, термин кој можеби звучи нејасно, но всушност е близок до искуствата на голем дел од лицата кои менструираат.
Доколку сте средношколка во македонско средно училиште, податоците од ова истражување можеби нема да ве изненадат. Најголем дел од вас учат во училишта во кои тоалетите немаат сапун ниту тоалетна хартија, а уште помалку полица каде што би можеле да оставите нешто додека менувате влошка. Некои од вас чувствуваат срам кога купуваат влошки во продавница. Можеби пак некој некогаш направил да се чувствувате засрамено поради нешта кои не биле во ваша контрола – протекување за време на менструацијата или немање доволно пари за влошки или тампони.
Ова се секојдневни искуства на многу девојки и жени, но тоа не значи дека тие се прифатливи. Ваквите искуства се дел од феноменот наречен менструална сиромаштија или неправда. Целта на истражувањето на Тиииит Инк. и Реактор не е само да се собере статистика колку девојки се соочуваат со одредени проблеми поврзани со менструацијата, туку и да се зголеми свеста за што едно училиште треба да им понуди на ученичките кои добиваат менструација и како би изгледало едно општество во кое менструацијата се гледа како природен процес, кој не се поврзува со чувства на срам или стигма.
Хигиена во училиштата – мислена именка
Како изгледа да се има менструација во средно училиште во Северна Македонија? 79% од ученичките одговориле дека во тоалетите на нивното училиште нема сапун и тоалетна хартија. Кај повеќе од петтина од анкетираните ученички во тоалетот нема чешма за миење раце. Во средните училишта не се исполнети ни најосновните услови за хигиена.
Доколку една ученичка нема каде да го промени хигиенскиот производ, како влошка или тампон, приморана е да го користи подолго отколку што е препорачливо. Хигиенските производи не е препорачливо да се носат подолго од четири часа, а училишниот ден може да трае шест до седум часа. Па така, со немањето услови директно се загрозува здравјето на ученичките. Како би можела една ученичка да смени влошка или тампон ако нема ни каде да си ги измие рацете?
Само 6% од испитаничките одговориле дека во тоалетите во нивното училиште има закачалка или полица каде би можеле да остават нешто додека менуваат влошка или тампон. Ова не’ води до заклучок дека при градењето или реновирањето на училишните тоалети никој не помислил на различните потреби на учениците кои треба да ги користат тие тоалети. За образование кое им е достапно на сите потребни се услови кои овозможуваат секој ученик и ученичка да може слободно, без додатен стрес, да ја следи наставата. Без да трча до дома на голем одмор затоа што не може да смени влошка во училиште. Без да се секира да не случајно менструацијата оставила дамка затоа што не постоеле услови да се смени влошка. Ова се најосновните нешта што треба да се очекуваат од секоја образовна институција. За жал, податоците од ова истражување покажуваат дека дури и тоалетна хартија во тоалетите е реткост, а нешто повеќе, како закачалка или полица, е веќе луксуз кој го уживаат мал дел од средношколците во нашата земја. Последиците од ова се сериозни, затоа што го нарушуваат здравјето на лицата кои добиваат менструација, а и нивното право на пристап до образование.
Менструалната сиромаштија и правото на образование
Состојбите кои се погоре опишани имаат име. Се викаат менструалната сиромаштија. Менструалната сиромаштија подразбира немање пристап до соодветни хигиенски производи (на пример влошки, тампони или други продукти за менструална хигиена), немање пристап до безбеден и чист простор каде што може да се користат овие производи, немање услови за менструацијата да се помине мирно и достоинствено, без чувство на срам, осуда или стигма.
Менструалната сиромаштија го прави нашето општество помалку праведно. Доколку една девојка не може да си купи влошки за време на менструацијата, или пак нема каде да ги промени влошките во училишните тоалети, таа можеби ќе одлучи да отсуствува од училиште. Или пак, ќе оди на училиште, но со постојан страв да не и’ протече или некој да не ја исмее. На кратко, менструална сиромаштија е отежнување на секојдневниот живот поради немање соодветни услови за време на менструацијата. Борбата против ваквата сиромаштија носи до поправедно општество, па затоа таа борба често се нарекува и „менструална правда“.
Земајќи ги предвид условите во училиштата, не изненадува фактот што честопати ученичките се приморани да отсуствуваат од училиште. 37% од анкетираните ученички вообичаено отсуствуваат од училиште поради менструација.
Најголем дел од ученичките отсуствуваат еден ден, а има и такви кои отсуствуваат повеќе денови. Тоа значи дека во четирите години од средното образование, ученичките кои се приморани да отсуствуваат еден ден месечно би изгубиле 36 училишни денови. Тоа е повеќе од месец дена пропуштено образование.
Факт е дека менструацијата за одредени личности е сама по себе болно и непријатно искуство. Голема причина за отсуството од училиште се менструалните грчеви. 85% од испитаничките се соочуваат со умерена или силна менструална болка. 69% од испитаничките пак, сметаат дека нивното секојдневно функционирање е умерено или целосно ограничено за време на менструацијата. Дополнително, во чувствителни фази на развој и созревање на девојчињата и младите девојки, менструацијата може да биде и трауматично искуство. Поради тоа, особено е важно средината и општеството да не го отежнуваат овој процес дополнително. Важно е јавните простори да се градат земајќи го предвид фактот дека во нив постојат луѓе кои менструираат. Фактот што повеќе од половина од средношколките се чувствуваат ограничено за време на менструацијата не се должи само на природните предизвици што ги носи менструацијата, туку и на физичките и општествените пречки со кои тие се справуваат.
Погоре презентираните наоди покажуваат дека оние лица кои се соочуваат со менструална сиромаштија немаат ист пристап до образование како оние кои не се соочуваат со менструална сиромаштија или воопшто немаат менструација. Значи, во нашето општество, а посебно во училиштата, постои проблем на менструална неправда.
Менструацијата и срамот
Менструацијата често се поврзува со чувства на срам, или на неа се гледа како на табу тема за која се зборува тивко и само со одредени луѓе. Менструалната сиромаштија е посилна таму кадешто стигмата е поизразена, во општества во кои девојките и жените потешко стигнуваат до точни информации, или немаат кај кого да се обратат за поддршка и помош. Како се манифестира оваа стигма?
58% од испитаничките се обидуваат да ги сокријат влошките или други менструални производи кога ги купуваат во продавница или кога одат во тоалет. Овој процент се искачува до 87% во Полошкиот регион, што укажува дека во одредени делови од нашата земја стигмата е посилна. Значи, средношколките чувствуваат дека треба да кријат дека имаат менструација со цел другите луѓе да не се почувствуваат непријатно. Моќта на стигмата е токму во тоа што неутралните и природните нешта како менструацијата ги претвора во табу теми кон кои се пристапува со страв и срам. Но, не се работи само за криење на влошките и менструалните производи.
Стигмата се манифестира и преку начинот на кој се зборува за менструацијата, и доста важно, со кого се зборува за неа. Само 4% од испитаничките зборувале за првата менструација со татко или машки старател. 0% зборувале со брат, и 1% со другар. Најголем дел, 89% зборувале со мајка или старателка. Она што шокира е дека само 2% зборувале за овој важен дел од репродуктивното здравје со лекар или доктор. Значи, разговорите околу менструацијата се одвиваат скоро исклучиво во односот мајка-ќерка. Од другите членови на семејството, училиштето и општеството не се очекува одговорност за информациите и за поддршката што им е потребна на девојките и жените, ниту пак се очекува да преземат нешто за да го олеснат искуството на лицата кои менструираат. Одговорноста за условите во кој се одвива овој природен процес, кој го искусува половина популација, се сведува на индивидуата која добива менструација. На кратко, секоја е сама оставена да си се снајде како знае и умее.
Во најголем дел од училиштата не се спроведуваат никакви предавања или разговори поврзани со менструацијата и менструалата хигиена. Само 24% од испитаничките имале ваков тип на предавање на училиште, кое било спроведено од граѓански организации или лекари. На овој начин, девојките се оставени сами да ги бараат информациите што им се потребни. Ако не знаат каде да ги најдат, најчесто немаат кому да се обратат. Сето ова ја зголемува стигмата, го става во поголема опасност и физичкото и менталното здравје на ученичките.
Податоците покажуваат дека училиштата дефинитивно не придонесуваат до намалување на менструалната неправда, напротив, ја зголемуваат со тоа што не се простор во кој ученичките можат да се информираат, ниту да се чувствуваат безбедно и удобно за време на менструацијата.
Стигмата влијае и на начинот на кој една девојка се чувствува за време на менструацијата. Кога добиле прва менструација, најголем дел од испитаничките се чувствувале збунето, исплашено или засрамено. Доминантните чувства поврзани со првата менструација се негативни. Недостатокот на отворен разговор на темата, поддршка и создавање на соодветно предзнаење пред добивањето на менструацијата значи дека моментот на добивање менструација за одредени личности може да претставува негативен, дури и трауматичен момент. Се наметнува прашањето дали во општество во кое менструацијата не е табу тема и не се поврзува со чувство на срам, негативните чувства при првата менструација би биле во волку висок степен? Стигмата придонесува до тоа девојките и жените да ја доживуваат менструацијата како казна, а не како природен процес со кој можат непречено да живеат.
Може да биде многу подобро, но како?
Истражувањето на Тииит Инк. и Реактор ја отвора и темата за правата кои ни следуваат кога имаме менструација. Реалноста е дека секоја ученичка, девојка и личност која менструира заслужува многу повеќе од тоа што општеството и’ го нуди во моментов.
Честопати кога правата ни се одземени тоа се претставува како нешто што секако не сме требале да го имаме. Никој не се побунил дека нема сапун во училишниот тоалет, па многумина тоа го разбираат како најнормална работа, односно извлекуваат заклучок дека не ни мора да има. Никој не дошол на училиште да ни одржи предавање за менструалната хигиена, па помислуваме дека е нормално информациите да ги бараме сами или едноставно дека нема потреба да научиме нешто повеќе за сопствените тела. Но, не е така. Важно е да знаеме што се’ имаме право да очекуваме од училиштата, јавните институции, здравството и од општеството кога станува збор за менструалната хигиена и правда.
За момент замислете како би изгледало едно идеално училиште во кое има менструална правда. Што би ви нудело тоа училиште што би го направило одењето на училиште со менструација побезболно? Какви би биле тоалетите и што се’ би имало во нив? Да бидат чисти и во нив да има тоалетна хартија, сапун и чешма е основно. Според 81% од анкетираните ученички во тој тоалет би имало и бесплатни влошки и тампони за сите ученички. Но и надвор од тоалетите, училишта би требало да содржат и простор за одмор или барем место на кое може да се седне удобно доколку една личност чувствува менструални грчеви. Во училишта во кои постои свест за менструацијата и сите предизвици кои ја следат, би требало да постојат и вработени на кои учениците би можеле да им се обратат и да добијат точни информации и совет.
Можеби вие имате други идеи што се’ едно училиште би можело да ви понуди за да не мора да отсуствувате од училиште барем еднаш месечно.
Опциите се многубројни, но некогаш ни е тешко и да замислиме што би можело да ни се понуди ако сме пораснале во средина во која не се нуди ни најосновното и најпотребното.
Решенија постојат. Разбивање на стигмата преку едукација е еден важен аспект. Училиштата мора да одиграат значајна улога во разбивањето на стигмата. Но за тоа е потребно прво да се обучат стручните служби и образовниот кадар за што е тоа менструална сиромаштија, како се препознаваат стигмата и пречките кои таа ги креира и како еден вработен во образовна установа треба да пружа поддршка на ученичките кои се соочуваат со овие предизвици. Училиштата се места кадешто учениците би можеле да добијат точни информации и да се едуцираат, па така во рамките на курикулумот на јавното образование важно е да се воведат концептите поврзани со менструалната правда, и тоа не само за девојките туку за сите ученици. Борбата против стигмата ги засега сите, не само оние кои добиваат менструација.
Понатаму, пристап до производи за менструација во училиштата, платени од буџетот на државата и бесплатни за ученичките е еден едноставен чекор кој со сигурност би ја олеснил ситуацијата на средношколки кои се соочуваат со менструална сиромаштија. Шкотска е првата и единствена земја во светот во која училиштата и универзитетите се обврзани да овозможуваат бесплатни производи за менструација за учениците. Кога била пилотирана во неколку училишта и универзитети, оваа програма се покажала како успешна не само за намалување на менструалната сиромаштија. Придобивките биле многу посеопфатни, бидејќи ја подобриле и продуктивноста на учениците, како и начинот на кој учениците и вработените се чувствувале во училиштето. Ова јасно покажува дека менструалната сиромаштија има последици по различни аспекти од секојдневието, а решенијата носат поволности кои се пошироки од само намалување на менструалната сиромаштија. Неопходно е во училиштата да се подобри инфраструктурата, начинот на кои училиштата се градат и реновираат, земајќи ги предвид потребите на ученичките. И сево ова е возможно и треба да се очекува од институциите.
Намалувањето и искоренувањето на менструалната сиромаштија значително ги подобрува животите на девојките и жените, и го зголемува нивниот квалитет на живот, а со тоа квалитетот на животот на сите. Борбата за менструална правда е борба за целото општество.
Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“, во партнерство со „Реактор“ – истражување во акција, го спроведуваат проектот „Крај за менструална сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во Република Северна Македонија“. Овој проект е поддржан од „Цивика мобилитас“ во рамките на програмата за акциски грантови и од ФРИДА – фондот за млади феминистки.
Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Тиииит!Инк. и Реактор – истражување во акција и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.
#periodjustice
# drejtësia menstruale
#менструална правда
@CivicaMobilitas
@FridatheYoungFeministFund
@Period. The Menstrual Movement Skopje
@Reactor Research in Action