Во мојата зграда живее млад брачен пар со дете и второто на пат. До неодамна тие претставуваа речиси идеална слика за тоа каде се гледам себе за 10тина години. Сѐ до една вечер кога од нивиот дом не почнаа ужасни викотници, закани и пцовки, кои и ден денес ми одекуваат во уши. Беше доцна навечер и на почеток не бев загрижена, нормално е да се скараат сопружници, но викањата стануваа сѐ погласни, а заканите сѐ погрди и понехумани. Тој викаше, пијан, а таа го преколнуваше да се смири, да не го разбуди детето. Тој не престана, викаше како ќе ја исфрли и неа и детето од дома, ќе ги остави без денар, а почна да се слуша и фрлањe на предмети. Јас и мајка ми не знаевме дали треба да викнеме полиција. По некое време дојде нивното пошироко семејство кое ја заштити жената, за потоа конечно да се смири ситуацијата таа ноќ.
Ова не беше ни прв ни последен пат да сум сведок на вакво нешто.
Одејќи кон главната сцена на ДФест бевме сведоци на сцена каде жена која беше физички нападната и навредувана од страна на маж, на среде улица, за време на ДФест, кога Дојран е најжив и во постојана раздвиженост. Шлаканците и навредите не престануваа, па во обид да помогнеме со другарите се приближивме. Не сакаме да се мешаме, дојдовме да провериме дали сѐ е во ред. Ова во превод значеше ако ти треба помош тука сме. Но, жената не побара помош, напротив, му рече на мажот да се прибере бидејќи луѓето мислат дека ѝ треба помош.
Ситуацијава само го нагласи очигледниот факт дека како општество имаме изградено култура на криење на семејното и родово-базираното насилство под тепих.
Двете приказни кои ги споделив отворија прашање кое не можам целосно и прецизно да го одговорам, но е прашање на кое интензивно размислувам: Како да изградиме заедница која е подготвена да пружи помош на жртвите на насилство?
Пред пет години, во Бугарија, групата креативци од Fine Acts Foundation прават социјален експеримент наречен BEAT. Експериментот е инспириран од случувањата од нивната непосредна близина за кои слушале, како и од статистичките податоци за семејно насилство, дел од кои завршиле со фемицид. Со конкретен случај на ум каде што жената била злоставувана цели 50 минути, а потоа била убиена, групата изнајмува стан во истата зграда и Максим Стоименов почнува да свири на тапани. Целта на експериментот е да се види колку време ќе помине додека соседите не изреагираат на врева, која не е поврзана со насилство. По точно 1 минута и 52 секунди еден од соседите ѕвони на вратата. Ваквите наоди се поразителни.
Разбирливо е зошто би се двоумеле како и дали да се вмешаме во таква ситуација, иако сме свесни дека еден вид морална задача ни е да се обидеме. Ќе излажам доколку кажам дека и дома и во Дојран не стоевме стаписани, двоумејќи се како е најправилно да се постапи. Се наоѓаме во ситуација каде имаме потреба да помогнеме на жртвата, но истовремено и да ја заштитиме сопствената безбедност. Без разлика дали го познаваме напаѓачот или не, ние не знаеме како ќе изреагира во состојба на афект ниту кон нас, ниту кон жртвата.
Понатаму, постои чувството на навлегување во нечија приватност, како и општо познатото непишано правило, пријателите не ги пријавуваат пријателите. Психолозите Камила Глисон Мид и Сели Келти дискутираат за теоријата на социјален идентитет како фактор кој ја вклучува пристрасноста при насилство, односно, доколку насилникот е дел од групата ние го гледаме како помалку лично одговорен, за разлика од насилник кој е надвор од нашата група. Или во конкретните случаи кои ги споменав, јас како очевидец поголема вина префрлам на непознатиот маж, за разлика од соседот кој го знам со години.
Нема еден конкретен одговор и решение на проблем со повеќеслојни корени. Родовата нееднаквост, дискриминацијата, потребата за надмоќ, како и средината во која растеме и вредностите кои ни се вградени, се само дел од факторите кои го овозможуваат, а и поддржуваат семејното насилство.
Се разбира, пишувајќи го овој текст сум повеќе од свесна дека ваквите проблеми не се решаваат преку ноќ, но истовремено верувам дека колективната свест почнува со индивидуална иницијатива.
Па така, еве неколку совети за тоа како можете да излезете пресрет на жртва на семејно насилство.
- Обратете се лично до жртвата без разлика дали додека се разминувате во ходник или по порака и едноставно дајте ѝ дознаење дека сте тука за неа доколку некогаш има потреба од помош, макар тоа било и разговор. Поддршката и свесноста дека некој е со нас некогаш се од клучна важност за преземање било каков понатамошен чекор.
- Посочете места на кои може да се обрати и да го пријави насилството како што е Центарот за жртви на семејно насилство.
- Доколку во моментот сте сведок на семејно насилство и сакате да се осигурате дека жртвата е во ред, и/или дека е безбедна, експертите велат дека најдобар чекор што може да превземете е директно да пристапите, во група од 2/3ца. Вака воедно ќе укажете на загриженоста и вознемиреноста и ќе бидете сигурни дека и вашата безбедност нема да биде загрозена бидејќи сте во група.
- Последен чекор кој можете да го превземете е викањето полиција во ситуација каде што сметате дека е загрозено психичкото или физичкото здравје на жртвата.
Борбата против секој вид насилство, вклучувајќи го семејното е долга и тешка, но не и непобедлива. Пружањето помош и градењето на колективна свест и заедница каде што ќе знаеме дека не сме сами е еден чекор поблизу кон градење на иднина без насилство.