Сара Ахмед е независна квир кафеава феминистка и теоретичарка. Работи на пресекот меѓу феминизмот, квир студиите и студиите за изучување на расите. Во нејзините дела се насочува кон искусувањето на моќта и начинот на кој е предизвикана во секојдневниот живот и во институционалните култури.
Феминистички смор, име што си го присвојуваме, име со историја, негативен суд, стереотип за феминист(к)ите, за тие бедни феминистки на кои бедата им е мисија. Бедата не е наша мисија. А сепак, можеме да си го присвоиме името, зашто ако феминизмот предизвикува беда, можеби токму тоа и треба да го предизвикаме. Кога го присвојуваш името за работата што ја вршиш, завршуваш во разговор со други луѓе кои, како и ти, можат во него да слушнат ветување или потенцијал. И зборот настран, исто така: тоа е збор со историја, збор со кој се фрлало како со камен, го земале и замавнувале со него кон нас, настран како валканица, како клевета, како навреда. Кога го присвојуваме тој збор за работата што ја вршиме, одбиваме да ја обезвредниме таа историја. Токму таа историја ѝ ја дава острицата на нашата политика.
Проектот на смарање го нарекувам светограден проект. И токму тоа го прави квир проект. Ја претвораме негативноста во алатка, пренасочувајќи го она не вперено во нас назад кон институциите кои не нѐ примаат. Во овој текст ќе се потпирам на мојот неодамна објавен Прирачник за феминистичко смарање (2023).[1] Почнувам со расправа за тоа зошто прирачникот е прирачник, пред да продолжам со тоа дека задачата на сморот е да ја отстрани политурата од сликата и да направи простор, и завршувам со разгледување на начинот на кој настраните се изразуваат, со тоа дека работиме не само за да се изразиме, туку да им дадеме одредница на нашите не.
-
Зошто прирачник?
Веќе некое време пишувам за феминистички сморови. Феминистички смор сум многу подолго. Во мојата книга Ветување среќа (2010), „феминистичкте сморови“ си имаа свое поглавје, а и „Несреќните настрани“ имаа посебно поглавје.[2] Претпоставувам дека не беа премногу среќни со тоа. Така, на феминистичките сморови им дадов сопствена книга, а несреќните настрани се возат со нив.
Зашто книгата за феминистичките сморови е прирачник? За мене прирачник е рака, рака што помага, подадена рака, исто и рачка, како се држиме за нешто. Мојата надеж е дека овој прирачник ќе ни биде рака што ни помага нам, кои се бориме против нерамноправностите и неправдите од многу видови. Ни требаат раце што помагаат, ни требаат и прирачници, зашто цената на таа борба стана многу висока. Да се биде феминистички смор може многу да нѐ истроши, но може да ни даде и мигови на јасност и просветлување. Во прирачникот нудам сморовски вистини, кои ги нарекувам уште и излитени мудрости: тоа што го знаеме заради работите што постојано се случуваат. Нудам, исто така, и сморовски равенки (тоа што е необично и илустративно во врска со нашето знаење), сморовски заложби („ќе правам“ и „нема да правам“ од листата на феминистички смор) и сморовски максими (треба и не треба).
Во второто поглавје, давам водич за преживување во форма на осум сморовски совети за преживување. Мојот прв совет за преживување како феминистички смор е да се стане феминистички смор! Да се стане феминистички смор значи да се слушнеш себеси во историјата. Историјата може да биде рачка. Може да ни помогне ако знаеме дека други биле каде што сме ние сега. Една друга студентка ми пиша, „Јас сум феминистички смор, а не знаев дека тие два збора опишуваат сѐ што сум била во текот на целиот живот“. Феминистички смор може да биде уште еден начин да се опишеме себеси, да бидеме ние. Има креативност во описот. Дури и кога ќе станеме феминистички сморови, тие ни остануваат надворешни. Затоа понекогаш себеси се нарекувам феминистички смор, а друг пат сморот го нарекувам своја придружничка.
Ми треба тоа друштво. Тешко е сама да се работи смарањето. Мора да најдеме други сморови, што е уште еден совет за преживување, но исто така метод, животен метод, истражувачки метод, начин на читање текстови, откривање истории, поврзување со луѓе на некоја забава и опстанок во институциите. Една студентка ми пиша за нејзините искуства кога поднела поплака за сексуално вознемирување. Ми пиша од едно многу болно место, давајќи ми знак за предупредување околу содржината што ја споделува. На крајот од нејзиното писмо, рече „моето сморовско раме е веднаш до твоето и ние сме толпа. Во мигов не можам да ја видам, ама знам дека постои“. Ми се допаѓа идејата за сморовско раме, идејата за станување феминистички смор како потпирање едни на други. Кога не можеме да ја видиме сморовската толпа, помага да знаеме дека постои.
И така, овде сме, си правиме друштво споделуваќи ги нашите приказни за тоа како стануваме феминистички сморови. Прирачникот е збирка од нашите приказни. Некои од тие приказни доаѓаат од учесничките во моето истражување за поплаките: дека наоѓаме феминистички сморови во поплаките не е изненадување, да се жалиш значи да си смор во акција.[3] Многу од овие приказни започнале на маса, на семејната трпеза, на маса за состаноци, на конференциска маса. Да речеме, седнати сте околу маса и водите љубезен разговор. Некој кажува нешто навредливо. Може да се обидете да не реагирате. Личноста што навредува гледа дека имате проблем со тоа што го кажала. И кажува уште, и кажува повторно. Чувствувате дека сте раздразнети од некој што ве дразни. На крајот правите испад. Испадот е момент со историја. И тогаш, ги вадите нештата на виделина. Велите дека имате проблем со тоа што го кажува. Може и да го именувате проблемот: сексизам, расизам, хомофобија, трансфобија. Но тогаш вие станувате проблем. Можеби ќе ви кажат дека сте конфликтна или тешка. Дека сте ја упропастиле вечерата или атмосферата.
Сморовска вистина: да се изложи проблем значи да се биде проблем
Еден од начините за справување со некој проблем е да се спречи луѓето да зборуваат за него или да се изгонат оние кои за него зборуваат. Ако луѓето престанат да зборуваат за некој проблем, или луѓето кои зборуваат за него си заминат, тогаш ќе може да се претпостави дека проблемот заминал со нив. Да станеш феминистички смор значи да одбиеш да се помириш со повлекувањето на проблемот. Понекогаш е битно тоа што го кажуваме или го правиме. Понекогаш е битно тоа што не го кажуваме или не го правиме, може да одбиеме да се смееме на сексистичка или расистичка шега, на пример, и тоа го претвораме во сморовска максима. И така, декларираме заложба, која ја нарекуваме темелна сморовска заложба.
Сморовска заложба: подготвена сум да причинувам незадоволство
Мислам дека станав подготвена да причинувам незадоволство заради тоа што го научив предизвикувајќи го. Да ве однесам сега на друга маса. Ве враќам назад во академската година 1994/95. Прва година ми е откако предавам на Женски студии. Во најгорната соба сум во најлуксузната зграда во кампусот. Седнати сме околу голема правоаголна маса. Состанокот е за одобрување нови курсеви. Таму сум бидејќи се разгледува и мојот нов курс за Род, раса и колонијализам. Повеќето курсеви се одобрени без многу дискусија. Кога доаѓа ред на мојот курс, еден професор од друг оддел почнува да ме испитува, станувајќи сѐ полут како што тече испитувањето. И продолжува. Јас бев таму, седната на истата маса како и тој, млада жена, обоена, единствената кафена личност во собата. Зборот во описот на курсот што ја поттикна неговата реакција беше релативно прозаичниот збор „имплицирано“. Тоа што сум го употребила тој збор било знак, рече тој, дека мислам оти колонијализмот бил нешто лошо. Потоа ми одржа лекција колку колонијализмот бил добар, колонијализмот како модерност, таа среќна приказна за железниците, јазикот и законот која ми е толку позната зашто и порано сум ја слушнала. За ова размислувам како за сморовска средба не зашто му возвратив како одговор на тоа што го кажа, кога го кажа. Не го сторив тоа, туку од неговата реакција можев да слушнам дека всушност возвраќам со тоа што одбивам да ја раскажам таа приказна, таа среќна приказна, за империјалниот напредок.
Да не ја кажеш приказната, среќната приказна, значи да се поставиш како да ја крадеш не само среќата, туку и историјата. Една статија на еден конзервативен политичар почнува со исказот „Британија е нападната. Не во физичка смисла, туку во филозофска, идеолошка и историска смисла. Нашето наследство е под директен напад – самата смисла на тоа што значи да се биде Британец е доведена во прашање, институциите се поткопани, угледот на клучните фигури од историјата на нашата земја се валка“. Движењата како „Животите на црните се важни“ и деколонизирањето на наставните програми на кое тие упатуваат „не се мотивирани од позитивност. Токму напротив“.[4] Позитивноста е врзана со зачувување. Со тоа што негативноста е лоцирана во некој туѓинец, културата и историјата се стабилизирани, третирани како да се позитивни квалитети. Така, кога студентите бараат да се изучуваат повеќе филозофи надвор од тесниот европски канон, ги претставуваат како да ги одрекуваат белите филозофи, како да го крадат тоа што е таму или од кого што е таму. Еден друг конзервативен политичар, во меѓувреме стана премиер, изјави: „Сакаме да ѝ се спротиставиме на оваа левучарска култура која изгледа дека сака да ја одрече нашата историја, нашите вредности, нашите жени“.[5] Аргументот дека жените се откажувани, изразен со таа стара сексистичка присвојна заменка („наши жени“) црпи од „родово критичкиот“ аргумент дека терминот род го заменил терминот пол. Би требале полот да го третираме како статуа, само треба да потврдиме дека е таму.
Има толку многу нешта што одбиваме да ги потврдиме. Кога таквото одбивање ни е задача, ние сме сморови во акција. Пишувањето на прирачникот ми беше пригода да кажам нешто повеќе за тоа што подразбирам под „сморење како светограден проект“, мотото на мојот блог што го започнав пред 10 години.[6] Негативноста започнува со суд, не со акција – преиспитувањето на историјата се третира како напад врз свеста, проширувањето на опсегот на текстовите се третира како кражба. Сморењето станува светограден проект кога одбиваме, со тој суд, да бидеме пренасочени од акцијата. Наместо тоа, судот го претвораме во проект. Под ова подразбирам дека се носиме со него, преиспитувајќи, отворајќи, разлабавувајќи, проширувајќи го опсегот на текстовите што се подучуваат, проширувајќи ги термините што ги користиме за тоа што сме и какви сме, проширувајќи ги рутите во професии, проширувајќи ги вратите за да можат да влезат повеќемина, дури и оние чии акции се прогласени за штетни, какви што често и се.
Укажувањето на последиците има последици. Во прирачникот нудам критика на тоа како „родово критичките“ феминизми ги користеле категориите како пол или природа или вродено или родено за да исклучат некои од нас, категории кои многу од нас одамна ги критикуваа. Како што правам јас, црпејќи од долгата историја на црниот феминизам и на феминизмот на небелите луѓе, историја која често е избелена, а тоа е уште една сморовска равенка, бел феминизам = избелено, што покажува како кохерентноста на зборот жена е мерка за тоа кој недостасува во разговорот за жените. Досега прирачникот имаше рецензија во еден водечки весник во Обединетото Кралство, во текст напишан од „родово критичка“ феминистка. Тајмс го престави аргументот како „феминистичка книга од авторка која заборавила што е жена“. Упс, повторно заборавив.
Да се стане феминистички смор не значи само свесно да се тврди дека сме тоа. Може да биде и живеење со последиците на она што одбиваме да го потврдиме. Можете да бидете смор и само ако побарате да ви се обраќаат со вистинските заменки или ако ги поправате луѓето кога ги користат погрешните. Можете да смарате барајќи некој панел или некоја пленарка да не бидат повторно составени само од бели мажи. Можете да смарате барајќи да промените просторија, зашто таа што ви ја резервирале повторно не е достапна.
Сморовска вистина: мора да повторуваме, бидејќи не престануваат
Но дури и ако кажуваме некои работи заради нешто што не престануваат да го прават, нас нѐ слушаат како да се повторуваме, како расипана плоча, заглавена на исто место. И, штом еднаш те знаат како некоја што кажала нешто, веќе не мора ни да го кажуваш. Само треба да ја отвориш устата на состанок и очите почнуваат да се превртуваат. Тоа го нарекувам сморовска равенка:
Сморовска равенка: превртување очи = феминистичка педагогија
Негативноста на судот останува залепена за нас. И ние за неа. А сепак, се смееме. Се смееме зашто ги препознаваме тие очи што се превртуваат. Се смееме зашто меѓусебно се препознаваме. Во 2019 година, одржав предавање кое го најави Кристина Хаџар, квир обоена жена. Ја опиша мојата равенка како „сморовски отпор“. Објасни, „ги превртуваме очите во неверување, во задоволство, во трансценденција и во еуфорија – нашите очни дупки како портали за бегство“.[7] Го сакам овој опис. Во сморовската равенка не упатувам на нашите очи. Но можеме да ги користиме очите за одново да ја раскажеме сморовската приказна. Можеби токму заемно превртувајќи си очи ја освојуваме слободата.
Текстот е извадок од зборникот на овогодинешното издание на фестивалот Skopje Pride Weekend, а е уреден од кураторот на фестивалот, Славчо Димитров, во превод на Душица Димитровска. Фестивалот ќе започне со предавање на Сара Ахмед на 05 јуни, во Музејот на современата уметност од 19:00 часот.
За предавањето:
Во The Feminist Killjoy Handbook (2023) тврдам дека „feminist killjoy“ (феминистичкиот смор) претставува квир лик. При повторно присвојување на поимот феминистички смор, се започнува разговор со луѓе кои, како и вие, наоѓаат потенцијал, ветување во поимот, односно начин како да се пренасочи негативноста што тој ја носи. Во ова предавање истражувам на кој начин смарањето претставува квир проект. Ја трансформираме негативноста во алатка, а зборот „не“ од нас го пренасочуваме назад кон институциите што одбиваат да ни удоволат. Изговараме „не“ за да ја одржиме во живот историјата; нема да се откажеме. „Не“ го предаваме на другите.
[1] Ahmed, S. The Feminist Killjoy Handbook. London: Allen Unwin (2023).
[2] Ahmed, S. The Promise of Happiness. Durham, NC: Duke University Press (2010).
[3] Ahmed, S. Complaint! Durham, NC: Duke University Press (2021).
[4] Bacon, G. “What is Wokeism and How Can It be Defeated,” Common Sense Thinking for a Post-Liberal Age (2021), p. 22.
[5] Риши Сунак го изјави ова за време на неговата кампања за лидер на Конзрвативната партија на 11 август 2022.
[6] Мојот блог е www.feministkilljoys.com.
[7] Hajjar, C. “Eye-Rolling, Disrupting and Worldbuilding”,https://christinahajjar.com/writing/embodying-the-feminist-killjoy/.