Во 2004 година, женскиот колеџ Randolph-Macon Woman’s College во Линчбург, Вирџинија ме избра за студии како дел од програма за стипендирање. Фактот дека тоа беше женски колеџ на некој начин не ме изненади. Случајно, со текот на годините, во моите средношколски и факултетски години, се опкружував со доминантно женско друштво. Во мојот клас во средно имаше само тројца машки, пеев во женски хор, на јога бевме само женски и студирав Англиски јазик и книжевност, каде што бројот на студенти беше значително помал од бројот на студентки.
На колеџот студирав изведувачки уметности, предмети како глума, историја на танц, историја на театар и сценски дизајн. Во склоп на самиот кампус имаше театар и фактот што сите улоги ги глумеа жени беше како некој паралелен универзум на времето на Шекспир кога сите улоги ги глумеле мажи.
Колеџот беше сместен во шармантното мало гратче Линчбург, во Вирџинија, основан во 1891 година. Во него студираа околу 700 студентки, а една од алумните е писателката Перл Бак. Бидејќи повеќето од моите другарки имаа под 21 година, а и немавме коли, најчесто ги посетувавме настаните организирани на самиот колеџ.
Едни од првите настани на кои присуствував беше Take Back the Night. Тоа беа серија на настани за борба против сексуално насилство во интимните врски. За 20-годишна девојка како мене беше многу ослободувачки да се отворат овие теми во безбеден, доминантно женски простор, кој не е таков само за еден ден, туку постојано.
Следната серија настани кои ми оставија белег беше Gay Awareness Week. Искуството на гледање на филмот Brokeback Mountain беше магично, бидејќи се случуваше во простор каде девојките се чувствуваа слободно да ја искажат својата љубов кон друга девојка. Во тоа време во Македонија, за жал, немаше многу настани каде што можеше да се искуси таков вид на слобода.
Земав учество и во минимаскенбал каде требаше да се облечеме како нашиот омилен ЛГБТ+ лик од историјата. Јас се маскирав во Оскар Вајлд што беше еден мој начин да му ја вратам славата под сценските светла на овој харизматичен писател, кој толку уживал во неа, а сепак бил во затвор и комплетно се повлекол од лондонското општество откако го осудиле за хомосексуалност во 1895 годинa.
Имавме можност и да присуствуваме на мини саем како и презентација на сексуални помагала. Се чувствував многу привилегирано што бев во колеџ каде толку отворено се зборуваше за женската сексуалност и во ниеден момент не се третираше како табу-тема, туку како многу природен дел од нашето постоење, често претставени на хумористичен начин. На пример на опаковката на кондоми кои светат во темница пишуваше: Внимание, предметите кои светат во темница можат да изгледаат поголеми од она што навистина се.
Имавме дури, и аукција на мажи, каде можевме да „купиме“ студент од соседниот машки колеџ на еден ден, кој би ни ги вршел обврските кои се гледани како типично женски: миење садови, перење облека, пеглање и слично, а средствата кои беа собрани беа за добротворни цели.
Со нескриена тага морам да констатирам дека мојот женски колеџ од 2007 година е мешан од поради финансиски причини. Многу луѓе со кои имам зборувано на оваа тема се прашуваат дали сè уште постои потреба за женски колеџи.
Според истражување од 2014 година, на професорката Линда Сакс од UCLA, каде што споредува различни видови колеџи, се дошло до сознанието дека денес женските колеџи имаат најголем број на студентки кои се прва генерација која посетува високо образование во семејството, најголем процент на Афро-Американски студентки и втори по бројот на Латино студентки. Женските колеџи не само што учествуваат во голема мера во овој напор на инклузивност, туку и се во предност по ова прашање во споредба со мешаните колеџи. Дополнително, 20% од жените во Конгресот се дипломирани од женски колеџи, како и 33% од жените во бордовите на компаниите на листата Fortune 1000.
Борбата што моментално се води на женските колеџи не е само од финансиска природа. Друго прашање што повторно ја актуелизира потребата за постоењето на ваквите институции е прашањето за вклучувањето на трансродови лица. 23 женски колеџи од вкупно 46 имаат формални правила кои дозволуваат трансродови лица кои се идентификуваат како женски да посетуваат настава и тенденцијата е овој број да се зголемува со текот на годините. На овој начин голем број од женските колеџи остануваат на првите линии на фронтот за борбата за еднакви права, не само на цис-жените, туку и за други маргинализираните заедници.
Горда сум што имав прилика да го посведочам сето тоа, како и да бидам дел од еден толку безбеден и инспиративен простор. Тоа прекрасно чувство на „заштитен меур“ ме следи и понатаму и често имам потреба да го пресоздадам, дали за себе или за да го пренесам чувството на некој друг.
Искуството во Randolph-Macon Woman’s College целосно го смени мојот идентитет. Тоа што бев во друштво на толку многу храбри и отворени жени ме инспирира и јас да создавам „универзитети на храброст“. Посведочив луѓе кои со самото свое присуство создаваа простори на отвореност, слобода и еднакви можности за сите, креирајќи феминистичка и егалитарна средина во која уживав.
Поради сите овие причини, според мене, постоењето на овие институции е потребно и валидно, без разлика колку и да личат како застарени модели на образование.
Текстот е напишан како дел од Школата за феминизам Фем 101.2, која оваа година беше организирана во соработка со Тиииит!Инк, а поддржана од Фондацијата Квина тил Квина и – Фрида – Фондацијата за млади феминистки.