Архитектонските симболи се од огромно значење за еден град да биде навистина град кој е препознатлив сам по себе; по својата историја, идентитет и вредности врз кои би се темелел неговиот понатамошен современ раст и развој.
Катастрофалниот земјотрес во 1963 година остави тешки последици и неизбежно беше обновувањето на градот Скопје. Во тој период се случува хуманата акција на дарители од други земји и Скопје воспоставува контакти со светот, а човечката солидарност доаѓа до безрезервен израз на сите полиња од животот во реконструкција.
Во полето на архитектурата Скопје се подигнува од пепел, во тој момент се создаваат многу значајни архитектонски симболи и заедницата докажува дека има капацитет да направи нешто добро. На тој начин, Скопје станува пример не само за светската историја на архитектура, туку и за солидарноста како концепт на општествена организација, колективна работа (со посебен акцент на концептот „колективна работа“) и разумно планирање.
Интензивното архитектонско творештво е карактеристично за периодот на 1960, 1970 и 1980тите години кога се случува тотален модернистички развој и резултира со менување на структурата на градските пејсажи.
На нашето подрачје се случуваат многу архитектонски значајни објекти, меѓу кои ГТЦ, МОБ, Градски ѕид, Музеј на современа уметност, Пошта, МРТВ, Транспортен центар, Влада и Универзална сала.
Универзалната сала заедно со сите други имаше вредност како недвижно културно и градителско наследство кое го дефинираше идентитетот на “новото Скопје“. Изградбата на салата започнала непосредно по земјотресот „како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје.“ Тоа обележување се изразило преку културно-уметничката меѓународна манифестација „Средба на солидарноста“, која имала за цел еднаш годишно во Скопје да ги собере претставниците на земјите што му укажале помош на разурнатиот град. Оваа идеја за прв пат е остварена во 1964 година во организација на посебен Организационен одбор. Одржувањето на манифестацијата продолжува неколку години потоа преку продлабочување на врските, соработка и збратимување на меѓународни градови. Затоа културно-уметничката манифестација „Средба на солидарноста“ е од посебно значење за градот. Во разурнатиот град веднаш се појавува проблемот со простор за организирање на овие манифестации, односно се размислува за таканаречена „универзална сала“ во која ќе се организираат разни културно-уметнички, но и помали спортски манифестации.
Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје носи одлука за изградба на еден ваков објект кој ќе биде од монтажен карактер. Во изградбата со значајна материјална помош учествувале повеќе од 35 земји од светот. Универзална сала е проект на бугарските архитекти Станкови (Јарослав, Љубомир, Владимир, Костадинка) кои проектот го работат по урнек на Софискиот државен циркус. Во 1965 година е изграден објектот на „Универзална сала“ со вкупно 1800 седишта и ги прима учесниците на втората „Средба на солидарноста“.
За значењето на Универзалната сала се говорело многупати низ годиниве, особено за фактот дека македонската култура во период од околу 50 години се создавала и презентирала во таа сала парелелно со светската и регионалната култура. Во неа биле одржани над 5000 манифестации со вкупна бројка на посетители од скоро 6 000 000 луѓе.
Архитектонски салата беше карактеристична по својата кружна форма, монтажен објект со неверојатно лесна конструкција. Внатрешноста ја дефинираше потковичастото фоаје и амфитеатрално гледиште под доминантна купола со акустични елементи. Просторот беше со можност за адаптација на сцена по целата должина на партерот. Името „Универзална“ исто така доаѓа и од нејзината адаптибилност за одржување различни културно-уметнички манифестации и помали спортски натпревари.
Првата идеја за тековна реконструкција е пред минимум две децении. Потоа следуваат различни идеи и проекти за развој, идејата за рушење на објектот, па сè до кулминацијата со опожарувањето.
Вложување ресурси за недоволно истражени, нецелосни, неиздржани идеи кон многу архитектонски значајни објекти и локации се докажа како наш “патерналистички однос“, а изгубеното време во пропаѓање е нашиот резултат. Оттука доаѓаат и економските, социјалните и психолошките последици врз граѓаните.
Кога говориме за таканареченото “старо Скопје“ или предземјотресно/постземјотресно Скопје ние говориме како за некое завршено време, за град кој е откинат дел од нас и оставен некаде во минатото. Се однесуваме како денес да немаме никаква допирна точка со тоа минато и оттука добиваме впечаток како да зборуваме за раздел од време што опфаќа некој довршен процес на создавање град. Затоа, многу е важно да го разбереме континуитетот на градот и секоја донесена одлука како еднакво историски и општествено значајна.
Длабоките размисли дека визијата за град во целост зависи од средствата се делумно последица на капитализмот. Визијата за еден град зависи од способноста да се менаџираат проекти на долг рок. Градот нема континуитет само од четири години. Одредувањето на целта треба да биде примарно, а потоа решителноста да се истрае во поставувањето и воспоставувањето на стратегиите кои треба да нè одведат до зацртаната цел, односно визија. То значи да се делува на развојот со непристрасна состојба на умот. Градот е целина и доколку ги тргнеме имагинарните бариери на сегментираните општински владеења би можеле да ја разбереме неговата големина, а со тоа и вистинските потреби и фундаментални вредности.
Со оглед на околностите неизбежно е трансгенерациското чувство на летаргичност и нелагодност, кое доминира во секоја област на нашето општество. Прифаќањето на реалноста и емоциите побудени од моменталните случувања се сосема нормални на континуираното себепоништување и проблемско ориентирање, комплетно игнорирајќи ги решенијата. Секоја општествена победа доаѓа од граѓанската иницијатива, која доколку е масовна не може да биде игнорирана. Ваквите промени го менуваат општеството, го интегрираат градителското и културното наследство и треба да го менуваат и подобруваат квалитетот на живеењето, правејќи културно влијание врз граѓанинот.
Случувањата како пожарот во Универзална ни го вратаќаат сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, но можат и да нè поттикнат кон оживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност. Сè ова што се случува треба да стане продуктивна основа за реконтекстуализација на градот, поттик како за критика, така и за развој. Бидејќи создавање на град е проект кој никогаш не застанува.
За повеќе информации за Универзалната сала и архитектурата посетете ја страната МАРХ, посветена на промоција на македонската архитектура преку минатите и денешните реализации, проекти, концепти и идеи.