Mојата вклученост во активизмот ми придонела многу. Таа вклученост ја дефинирам како волонтирање и употреба на моето време за помагање на различни луѓе и организации во нивната работа, дали преку превод, водење на сесии или работилници, креирање на средношколски клубови, пишување статии, поезија, правење фанзини и слично.
Активизмот ме насочува кон каузи и тематики кои лично ме засегаат како правата на жените, правата на ЛГБТ+ заедницата и екологијата, и информирањето за тие прашања и делувањето во тоа поле ми дава некоја цел во животот надвор од единствено личното задоволство. Активизмот ми овозможи да се чувствувам како да правам нешто добро за светот, ми даде сталоженост и покрај еко-анксиозноста и вознемиреноста, знаејќи колку проблеми и форми на угнетување сè уште постојат во светот и се вградени во сите наши општества.
Долг дел од мојот живот сум се чувствувала отуѓена од моите врсници. Волонтирањето ми овозможи да се сретнам со други кои ги споделуваат моите ставови и кои би работеле заедно со мене кон некоја заедничка цел. Ова особено ми помогна да чувствувам солидарност со други девојки, многумина од кои покажуваат големо разбирање и образованост за теми кои ме интересираат и имале проблеми кои и јас сум ги имала како волонтерка или организаторка на некоја иницијатива или лидерка на некоја група. Тоа што прво стекнав пријателки и пријатели во сфера за која имам многу страст, а второ што воопшто се запознав со група на луѓе кои ме разбираат на начин на кој малку луѓе можат, е моќно искуство за мене, па верувам дека може да биде и за другите девојки.
Зошто е важно средношколките да се ангажираат активистички?
Девојките често се исмевани поради нивните интереси, особено ако овие интереси се женствени или „вообичаени“. Размислете колку често романсата како жанр (најчитана првично од жени, а сега и од помлади девојки) се смета како предраматична, смешна и површна, „cheesy“ или „cringe“, долгите женски телефонски разговори како преполни со драми и озборувања, или облеката на помладите девојки како незгодна и несоодветна. Размислете колку пати првото прашање што им се поставува на девојките е дали имаат момче, а ако кажат дека немаат, се среќаваат со репликата „имаш уште време“. Истите луѓе кои го поставуваат ова прашање, често мислат дека бркањето на момчиња е површно, драматично и губење на време.
Учени сме дека е важно да сме што е можно послаби, поголи, нашминкани и пожелни за мажите. Истовремено, треба да сме скромни и несексуални за да бидеме сфатени сериозно ако сакаме кариера или сериозна врска. Овие стереотипи и многу други предизвикуваат девојчињата да мора да исполнуваат недостижни идеали за да се чувствуваат вреднувани од општеството, со мал простор за отстапки.
Како помлада мислев дека морам да завземам некоја страна, да бидам женствена и прилагодена или пак бинтовничка и „не како другите женски“. Имаше периоди кога се гордеев што не бев „типична женска“, како да беше нешто лошо да се биде девојка. Критичното размислување кое го изгради активистичкото учество кај мене ми помогна да ги анализирам корените на овој проблем со идентитетот и да се пронајдам себе без да се наклонувам на застарени стандарди и стереотипи.
Девојките преку вклучување во социјалниот и политичкиот живот можат да претставуваат клучни двигатели на промени поврзани со нештата кои им се важни ним – со самото тоа учество би се бореле и против горенаведените стереотипи и предрасуди. Колку повеќе млади девојки се заинтересираат за некоја кауза и се вклучат во залагањето за истата преку активистички акции, толку повеќе ќе се противречат на стандардите и нормите кои ги угнетуваат. Освен тоа, оваа видливост би им ја обезбедила на девојките самодовербата потребна за да се залагаат за темите кои ги засегаат најмногу. Младите активистки можат да се примери (рол-модели), кои ќе ги охрабрат и инспирираат девојките околу нив.
Голем број на проблеми во светот, особено социјални и политички, биле адресирани и, до некој степен, решени благодарение на граѓанскиот активизам и притисокот кој тој го врши со цел да се постигне некоја промена. Вообичаено, целите на активистите се да предизвикаат некоја промена во политиките на државата или пак да влијаат врз граѓаните за да предизвикаат некои промени во нивните навики и однос. За младите средношколки активистки целта би била охрабрувањето и емпанципацијата на девојките како и борењето против патријархалните и општествените норми кои го предизвикуваат нивниот негативен третман од страна на општеството.
Кои се придобивките?
Верувам дека девојките треба активистички да се ангажираат затоа што вклучувањето во активизмот носи објективни придобивки за младите девојки. Истото се потврдува во едно истражување (Burnout and Belonging: How the Costs and Benefits of Youth Activism Affect Youth Health and Wellbeing), каде беа прикажани негативите и позитивите од актвистичкото ангажирање на младите, а тоа ги вклучува младите девојки.
Според истражувањето, вклученоста во организирањето против образовните нееднаквости може да ги ориентира некои млади повеќе кон училиштата, правејќи ги попосветени на нивното образование и да ги поттикне нивните аспирации за високо образование. Изборот на смер на некои поранешни младински организатори исто така бил под големо влијание од нивните искуства со активизмот.
Покрај ова, се смета дека младите учат како резултат на учеството во активизам. Ова го вклучува граѓанско знаење, односно поголемо разбирање за тоа како се случуваат промените и како функционираат различни институции, но и животните вештини, вклучувајќи комуникациски вештини, вештини за управување со времето, планирање и лидерство. Политичкото образование кое се стекнува во активистичките простори ги усовршува и вештините поврзани со анализирање на општествените и политичките проблеми.
Девојките, повеќе од било која општествена група, не се сфатени сериозно кога доаѓа до нивните страсти, интереси и апирации и затоа треба да се ангажираат во активности кои ќе им помогнат да се истакнат во општеството. Интерперсонални (социјалните) вештини се клучни за девојките да можат да ги убедат луѓето во нивната вредност, а овие вештини според горенаведеното истражување се стекнуваат со учеството во активизмот.
За кој било да може да е добар лидер, мора да знае како да работи во група и да насочува луѓе во различни позиции кон заедничка цел. Ова е прилично важно за девојките, имајки предвид дека жените се недоволно претставени во позиции на моќ. Ова е исто така важно за девојките кои сакаат да се претприемачки или манаџерки на бизнис, координаторки на проект или други позиции кои не се типични за жените.
Земено во целина, учествувањето во младинскиот активизам може да доведе до последователни и трајни придобивки за девојките, како и за нивните заедници.
За крај
Активизмот историски се користел од угнетените и маргинализираните групи за да се борат за своите права, и затоа тој е нивна историја. Верувам дека ние девојките треба да го гледаме активизмот како наше наследство, оставено нам од жени кои се бореле, а понекогаш и загинувале, за нашето право на подобар живот. Лично, таа нивна жртва ја почитувам со продолжување на борбата против неправдата. Ова е причината зошто јас толку силно се идентификувам со активизмот и ќе продолжам да го правам тоа. Ова е и причината зошто ја пишувам оваа статија.
Јас и многу други девојки во мојата позиција имаме почнато самоиницијативно, но сите ние сме биле инспирирани од некаде. Зад мене стоеле ментори, а понекогаш се чувствувам дека стојат историски ликови кои се залагале за истите работи за кои и јас се залагам денес. Ваква поддршка им треба на младите најмногу, особено во формативните години. Така што, сакам да ве поттикнам возрасните кои ја читате оваа статија да oбрнете внимание на младите девојки на кои им е потребна поддршка или водство, да ги охрабрите и да ги насочите кон ресурси кои би им помогнале.
Извори:
https://www.bmartin.cc/pubs/07Anderson.html
https://www.givinggreen.earth/us-policy-change-research/activism%3A-overview#
https://www.ccyp-ccpj.org/post/why-representation-matters
https://bookstr.com/article/the-romance-novel-gen-z-and-social-media/
https://en.wikipedia.org/wiki/Activism
https://www.annafreud.org/on-my-mind/self-care/activism
https://www.mdpi.com/2673-995X/3/1/9 (Burnout and Belonging: How the Costs and Benefits of Youth Activism Affect Youth Health and Wellbeing)
https://features.unicef.org/teen-girl-activist/#Introduction-tJiPnMSDCb