29ти Јуни 2023, Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, застанува пред говорницата на бината поставена во дворот на Соборниот Храм Св. Климент Охридски. Зад него, седат бели мажи во црни фустани, свештенската каста од различни верски заедници. Меѓу нив седи една жена, Академик Катица Ќулавкова.
Под бината е насобран народ во исчекување на мудрите зборови со кои нивниот духовен отец ќе ги оправда и потхрани нивните уверувања, предрасуди и стравови. А Академик Ќулавкова ќе им даде и интелектуална тежина. На бината е испишан хаштагот „Имаме должност“, а трн во очите на собраните e родовиот идентитет.
Говорниците на собирот, како добро запомнета стихотворба, без потреба од трошка критичка мисла, ја повторуваат фашистичката реторика на анти-родови движења.
Анти-родовите движења се интернационални движења, кои се борат против она што го нарекуваат родова идеологија, родова теорија или џендеризам (genderism), недефинирани термини кои, во зависност од потребата и ситуацијата може лесно да се адаптираат и да покријат голем број различни општествени појави и прашања.
Нивната цел е одржување на статус кво во однос на веќе постоечката патријархална хиерархија на привилегии и моќ, на чиј врв е белиот хетеросексуален маж, но активно работат и на враќање на општествените вредности од пред првиот бран на феминизмот. Времето кога жените и децата многу добро си го знаеле местото како материјална сопственост на мажот.
Она што во моментот најмногу ја загрозува оваа хиерархија е родовиот идентитет на трансродовите и небинарните луѓе. Со самото свое постоење, трансродовите и небинарните луѓе ги доведуваат во прашање општо прифатените традиционални родови стереотипи и улоги. А со ова го преиспитуваат традиционалниот патријархален концепт за што е тоа маж и машкост, расклатувајќи го тронот на белиот маж.
Па со цел да ја задржат и заштитат веќе постоечката распределба на привилегија и моќ, анти-родовите групи ги претставуваат трансродовите и небинарните луѓе како закана за жените, децата, здравиот разум и природниот пoредок. За оваа цел тие активно ги стигматизираат трансродовите и небинарните луѓе, како и нивните семејства и поддржувачи. А една од омилените тактики им е ширење, поттикнување и „премолчена” поддршка на говор на омраза.
Говорот на омраза никогаш не завршува како говор, туку, секогаш носи реални последици, уништува реални животи, а има моќ да уништи и цели групи на луѓе.
10 ФАЗИ НА ГЕНОЦИДОТ
Реториката и методите со кои се служат анти-родовите групи евоцираат историски случувања од годините кои водат до и за време на холокаустот.
Геноцидот не е нешто што се случува ненадејно и преку ноќ. Секогаш постојат склоп на околности кои веќе постојат или кои се создаваат намерно за да се изгради погодна клима. Холокаустот не започна со логори на смртта, започна со говор на омраза.
Според Др. Грегори Стентон геноцидот се одвива во 10 предвидливи фази кои со соодветни превентивни мерки можат да се спречат. Овие фази не секогаш се одвиваат линеарно, по зададен редослед. Возможно е и истовремено одвивање на неколку фази.
1. КЛАСИФИКАЦИЈА
Луѓето се делат на ние и тие според различни категории, било расни, етнички, религиски итн. Поделбата се постигнува преку пропагирање на стереотипи и стигматизирање на луѓето кои се сметаат за различни.
За нацистите „тие“ биле Евреите, Ромите, црните луѓе, попречените луѓе, геј и трансродовите луѓе – т.е. сите оние кои може да ја нарушат чистотата и силата на Ариевската раса.
За анти-родовите групи тоа се ЛГБТИК+ луѓето, особено трансродовите и небинарните луѓе. Со зборовите на г.г. Стефан од собирот „Ни се подметнува поимот род. Поим кој е свесно избран поради тоа што во нашиот јазик и сфаќање има најчесто убав контекст“, алудирајќи на зборот род во контекст на фамилија, семејство, националност (македонски род), плод, рожба, за понатаму да направи контраст на овие, според него, убави контексти со родот како идентитет, велејќи „но во намерите на родовите теоретичари и идеолози тој не носи ништо добро“.
2. СИМБОЛИЗАЦИЈА
Категориите на луѓе се именуваат и им се придаваат симболи. Ова е позната човечка пракса и не секогаш води кон геноцид, освен кога има цел да дехуманизира одредена група луѓе.
Нацистите ги имале Јудео-болшевистите и културолошките болшевисти, всушност Евреите и прогресивците. Според нацистичките теории на заговор, овие групи го контролирале интернационалното комунистичко движење, и планирале да ја уништат Западната цивилизација.
Анти-родовите движења ги имаат родовите идеолози (трансродовите луѓе и нивните поддржувачи) и културолошкиот марксизам (модернизиран термин за културолошки болшевизам). Исто како во умовите на нацистите, анти-родовите движења веруваат дека овие групи ќе ја уништат Западната цивилизација.
3. ДИСКРИМИНАЦИЈА
Доминантната група, преку обичаи и општествени норми, како и закони или политичка моќ ги порекнува човековите права и слободи на таргетираната група.
Нирнбершките закони од 1935, им го одземаат правото на државјанство на Евреите во Нацистичка Германија и им забрануваат државни вработувања и вработувања на универзитетите.
Денес во Македонија, ако сте трансродова или небинарна личност, вие не постоите пред законот. За нас небинарните нема ни соодветни лични заменки во македонскиот јазик. На малолетните трансродови личности кои немаат поддршка од родителите/старателите нема начин да им се овозможи ниту медицинска, ниту правна помош. Оставени се сами на себе и на надежта дека ќе преживеат и доживеат полнолетство.
Процедурата за да ја смените ознаката за пол во лична карта и пасош трае со години. Години во кои вашиот изглед и име не соодветствуваат со ознаката М или Ж. Години во кои не можете да отворите сметка во банка, не можете да запишете факултет, ниту можете да се вработите. Години во кои ризикувате инспекција на гениталии при премин на граница.
Обидите за носење на Законот за правно признавање на родот, кој ќе ги заштити овие луѓе од ваквата дискриминација еднаш беа попречени токму од анти-родовите групи кои оперираат во нашата држава. Сега повторно се обидуваат да го попречат овој закон, но и Законот за родова еднаквост, овојпат вклучувајќи сериозен политички играч во нашата секуларна држава – Црквата.
4. ДЕХУМАНИЗАЦИЈА
Едната група ја негира човечноста на другата. Луѓето од таргетираната група се изедначуваат со животни, штетници, инсекти или болест. Дехуманизацијата има цел да ја надмине нормалната човечка одбивност кон убиството. Се шири пропаганда на омраза преку разни медиуми со цел да се озлогласи целната група.
Лево на сликата е нацртана фигура со тело на стаорец и глава од стереотипна карикатура на Евреин и испишан е текстот „Стаорци, уништи ги“. Циклон Б е пестицид кој бил користен за истребување штетници, а истиот тој е користен во нацистичките логори на смртта.
„Преземи Одговорност“ е фејсбук група, која се претставува како група на загрижени родители. Всушност се работи за една од 26те членки на главната анти-родова организација која оперира во нашата држава „Коалиција за заштита на децата“. Сликата под род има за цел да нѐ претстави нас, трансродовите и небинарните луѓе како изроди, како грди и погрешни имитации на, според нив природниот бинарен, машки и женски биолошки пол.
5. ОРГАНИЗАЦИЈА
Геноцидот секогаш е организиран и планиран, вообичаено, но не секогаш, од државата или режимот. Често се формираат и обучуваат групи на омраза и паравојски, кои ќе го спроведат геноцидот.
Нацистите на почетокот биле мала група под името Германска работничка партија, која гаела националистичка и антисемитистичка идеологија. Хитлер станува член на оваа група, каде запознава влијателни луѓе и учи како да биде успешен оратор. Групата понува со регрутирање членови и поддржувачи низ германските пивници, во кои Хитлер ги одржува своиоте први говори. Во тој период нацистите ретко кој ги сфаќал сериозно и ретко кој сметал дека можат да станат моќни играчи на светската политичка сцена, или пак да го променат светот. Историјата ни покажува дека ова потценување и занемарување на раните сигнали било фатална грешка.
Корените на анти-родовото движење во Македонија можеме да ги најдеме во различни периоди и кај различни конзервативни и традиционалистички организации. 11 годишниот режим на Груевски спроведуваше агресивна анти ЛГБТ и анти-родова пропаганда, во која беа вклучени и пратеници и министри.
Најгласниот аларм за навлегување на анти-родовото движење кај нас беше замрзнувањето на Родовите студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2012, и воведување на т.н. Семејни студии. За жал, овој аларм помина неслушнат и неразбран.
Агресивната државна пропаганда и акции создадоа плодна почва за оформување на анти-родови групи на омраза.
Регрутацијата на членови и поддржувачи на анти-родовите групи, видливо почна со почетокот на пандемијата во 2019. Најпрво срамежливо и затскриено регрутираа во фејсбук групите за родители, особено во оние за онлајн настава, за тоа да кулминира со формирање на фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“, како и останатите анти-родови групи, меѓу кои „Преземи одговорност“, „Од нас за нас“ и други.
6. ПОЛАРИЗАЦИЈА
Групите на омраза шират пропаганда на раздор. Се индоктринира широката популација со мотив: таргетирање на одредена група. Се заплашуваат и замолчуваат умерените и центристите. Доминантната група може да донесе закони кои им овозможуваат целосна моќ и контрола над целната група.
Хитлер и Гебелс сметале дека филмот е алатка од витално значење за ширење пропаганда на омраза кон Евреите и останатите целни групи. Со филмот лесно се допира до широките народни маси, до обичниот човек. Еден од најпознатите пропагандни филмови на Третиот Рајх е „Вечниот Евреин“ од 1940 година. Филм кој бил претставен како документарец, во кој Евреите се прикажани како нецивилизиран паразитски народ, како ненормални и развратни, манипулативни, дегенерици…
Во 2022 година, во САД, на ограничена, генерално конзервативна публика, почнува да се прикажува филмот „Што е тоа жена?“, на Мет Волш. Филмот е рекламиран како документарец. Всушност се работи за пропаганден филм кој има цел да ги претстави трансродовите и небинарните луѓе како лудило и закана за општеството, особено за жените и децата.
Благодарение на „Коалиција за заштита на децата“ и фондацијата „Елеуса“ филмот доби и македонски превод.
Какви ефекти и последици ќе се изродат од ова, може само да се претпостави, а ако учиме од ефектите и последиците кои овој филм ги предизвика во САД, ќе сфатиме дека не ни се пишува добро.
7. ПОДГОТОВКА
Се прават планови за убиства. Се затскрива вистинската намера преку користење еуфемизми како „контра-тероризам“, „самоодбрана“, „решавање на етничко прашање“ и слично.
Никој со сигурност не може да тврди или порекне дека се готват некакви поорганизирани планови за убиства на трансродови и небинарни луѓе и нивните поддржувачи. Но едно е јасно: насилство кон целната група се случува секојдневно. Само погледнете ги коментарите на социјалните мрежи под објавите поврзани со ЛГБТИК+ луѓето. Многу трансродови луѓе барем еднаш во својот живот доживеале и преживеале физичко насилство. Младите малолетни трансродови личности се мета на физичко насилство, што семејно, што меѓуврсничко. И ова насилство, освен во некој исклучителен случај, е оставено неказнето. А неказнивоста охрабрува уште повеќе насилство.
Не смееме да ги занемариме и многуте трансродови луѓе жртви на убиства мотивирани од трансфобија. Од 1ви октомври 2021 до 30ти септември 2022 убиени се најмалку 327 трансродови и небинарни луѓе. Сѐ уште е рано за да ја видиме статистиката за оваа година, но месецов во Србија на 18 годишната трансродова девојка, Ноа Миливојев брутално ѝ беше одземен животот.
Застрашувачка е пасивноста на неутралните луѓе, на кои овој проблем во моментот им се чини туѓ и далечен, нешто што не ги засега. Уште позастрашувачки е недостатокот на институционална, системска заштита на правата на овие групи.
8. ПРОГОНУВАЊЕ
Жртвите се идентификуваат и одвојуваат според етничка припадност, религија, раса и слично. Се прават листи на смртта. При геноциди поддржани од државата членовите на целната група може да бидат принудени да носат обележја за распознавање. Почнува сегрегација. Жртвите се одвојуваат во гета или се депортираат во логори. Може да им биде ограничен и спречен пристапот до храна, вода, лекови, со цел полека да изумрат.
9. ИСТРЕБУВАЊЕ
Доминантната група ги убива жртвите преку масовни системски убиства. Милиони животи се уништени или променети до непрепознатливост преку геноцидот.
10. ПОРЕКНУВАЊЕ
Злосторниците или подоцнежните генерации порекнуваат постоење на било какво злодело. Доказите се уништуваат, сведоците се замолчуваат.
ЌЕ ГО СПРЕЧИМЕ ЛИ ПОЧЕТОКОТ НА КРАЈОТ?
Масовните убиствата и масакрите почнуваат дури во последните три фази од овој процес. Во овие фази веќе е јасно како бел ден дека се одвива геноцид и алармите не биле лажни. Проблемите на таргетираните групи, веќе стануваат реалност за сите.
Нашето општество веќе ги живее првите шест фази, а можеби добро сме навлезени и во седмата.
Во одредени држави во САД веќе се носат и спроведуваат геноцидни закони против трансродовите и небинарните луѓе, кои им го прават самото постоење на овие луѓе речиси невозможно. Таков пример е законот SB 150 во Кентаки, кој опфаќа многу аспекти, меѓу кои забрана за пристап до медицинска грижа наменета за младите трансродови лица, а воедно и ги задолжува лекарите принудно да ги детранзитираат пациентите кои веќе почнале со транзиција. Овој закон, исто така ги обврзува наставниците и професорите да го „разоткријат“ ученикот на неговите родители, доколку откријат дека ученикот го прикрива сопствениот трансродов идентитет.
Сличен е и законот SO 254 во Флорида, кој овозможува трансродовите деца или децата за кои постои сомнеж дека се трансродови да бидат одземени од нивните родители, доколку родителите им овозможат медицинска грижа наменета за трансродови лица.
Она што ги прави овие закони уште пострашни е фактот што подлежат на широко и произволно толкување. Па помеѓу оние кои ќе се најдат погодени од овие закони се и цис луѓе, кои на некој начин не го задоволуваат стандардот за како тоа треба да изгледа и да се однесува жена/девојче или маж/момче.
Многу од овие закони беа попречени и уште се попречуваат од судовите во некои држави, но тоа е само привремено. Дури и никогаш да не се донесат и спроведуваат овие закони, веќе во свеста на јавноста е засадено семето, односно идејата дека трансродовоста, поточно самото постоење на трансродовите луѓе е криминално и достојно за осуда и казна.
На почетокот на годинава веќе започна и егзодус на трансродови и небинарни луѓе и на нивните семејства. Се повеќе и повеќе луѓе од овие групи бегаат и бараат азил, некои во државите во САД во кои сѐ уште нема вакви закони, некои и надвор од САД. Неодамна во Канада имаше петиција од граѓани да се примат трансродовите граѓани на САД и нивните семејства како азиланти. За нешто повеќе од една година во САД ќе се одржат претседателски избори, а резултатите неизбежно ќе влијаат на тоа до каде ќе тече овој процес на омраза, дискриминација и сегрегација.
Во Британија пак, има обиди за формирање на фашистичка партија од страна на Кели-Џеј Кин, која многу често на своите профили на социјалните мрежи и платформи објавува не само фашистички туку и отворено нацистички изјави, меѓу кои и отворен говор на омраза кон трансродовите луѓе, особено кон транс жените, на кои во повеќе наврати им посакала смрт.
Можеби сето ова звучи далечно за нас, но анти-родовото движење е интернационално, а она што се случува во САД се прелева во цел свет. Како што забраната за медицинска грижа наменета за малолетните трансродови лица, се прелеа од САД во Британија, па потоа во Шведска и други европски земји, така може да се прелеат и другите анти-транс закони.
Ние не сме ниту имуни ниту пак живееме под стаклено ѕвоно. Да се потсетиме дека само пред неколку месеци Струмица го исфрли терминот родова еднаквост од „Стратегијата за млади“.
Па се поставува прашањето, до каде ќе дозволиме да оди овој процес? Ќе дозволиме ли постоењето на цела група реални луѓе да стане илегално и казниво? Ќе се утешиме ли со мислата дека тоа се проблеми на некои непознати сограѓани кои не нѐ засегаат?
Да не гаиме илузии дека фашизмот нема да дојде и по останатите. Кога тропа на вратата на соседот, следна врата на која ќе затропа е вашата.