Пишува: Снежана Врачар Михелач
Превод: Кристина Леловац
Нивната приказна е приказна за историјата, борбата, државата, промените и напредокот, но и за љубовта на еден брачен пар: на Вида Томшич, политичарка и првата министерка во првата словенечка влада, и д-р Франц Новак, хирург и партизан кој животот го посветил на женската медицина и напредок. Сопружниците, секој во своето поле, се бореле за репродуктивните права на жените, велат режисерката и авторката на визуелниот идентитет за проектот „Сексуално образование II“.
„Сексуално образование II“ е серијал од пет перформанс-предавања за сексуалното задоволство на жените, кои од различни перспективи ги истражуваат сексуалните како темелни човекови права. Проектот, во продукција на Макса, Театарот Младинско и Место Женск од Љубљана, е инспириран од словенечкото и балканското #MeToo движење и со желбата за создавање простор во кој отворено се зборува за сексуалните права и задоволства на жените. Уметничкиот и образовен подвиг „Сексуално образование II“ ги помести границите на театарот обработувајќи ги подзаборавените и табуизирани теми како сексуалноста на жените со попречености, консензуалниот секс, неконвенционалните сексуални практики, вагинизмот и болните полови односи. Петтиот перформанс – предавање „Борба“ ја реконструира историјата на борбата за репродуктивните права во Југославија. За борбата некогаш и сега, разговараме со режисерката Тјаша Чрнигој и со Тијана Тодоровиќ, костимографка, косценографка и авторка на визуелниот идентитет на проектот.

Како дојдовте до идеја да го работите форматот претстава-предавање? Очекувавте ли толкав успех и многубројни награди?
Чрнигој: Идејата ми се роди во првата половина на 2021 година. Во време на словенечкото и балканско #MeToo движење. Тогаш првпат во јавноста почна на таков начин да се зборува за сексуалните права на жените, а во медиумите можеше да се прочитаат сведоштва за сексуално вознемирување и насилство. Впечатокот беше дека се случува нешто важно, а тоа ме охрабри. Во исто време, размислував и за другата страна на половата автономија. Половата автономија не е само во тоа другиот да не ти прави нешто што ти не сакаш, ами и во тоа ти да правиш што сакаш, во граници на половата автономија на другиот. Половата автономија го опфаќа и правото на задоволство. Кога како општество би го освестиле фактот дека правото на сексуално задоволство е темелно човеково право, ќе има помалку насилство. Би биле свесни дека секоја жена има право на задоволство и да се чувствува удобно и убаво во своето тело. Тогаш ми се чинеше дека тоа е најважната тема на светот.
За мене како за режисерка, тоа беше период на пресврт. Многу размислував за тоа со што има смисла да се занимаваме во театарот, на кои теми навистина вреди да им се посветиш и на кој начин. И така почнав да мечтаам за некаква форма за сексуално образование во театарот кое ќе биде серија од повеќе настани, перформанс-предавања, а сите би биле посветени на правото на жените на сексуално задоволство. Си замислував претстави кои истовремено би биле информативни и уметнички возбудливи. Ми се чинеше дека би било бескрајно инспиративно кога група луѓе – гледач(к)и би присуствувале на документаристички сведоштва на жени за нивните сексуални животи и за нивниот однос кон задоволството. Такво нешто дотогаш не бев видела во театарот. Потоа ја развив идејата, договорив реализација на проектот во Нова пошта во Љубљана и собрав екипа. Ја поканив Тијана, прво како костимографка, а потоа и како дизајнерка на визуелен идентитет и сценографка.
Проектот го поставив прилично колективно, во смисла дека кон него придонесоа повеќе уметници со содржина и/или учество во истражувањето, кои се потпишуваат како соавторки. Покрај нас две, тука се и Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ. Барбара Капељ, Теа Видмар и Лене Лекше. Проектот од почеток беше замислен дека секоја од соавторките ќе преземе одредени теми и не нужно сите делови од „Сексуално образование II“. Тијана, покрај мене, е единствената соавторка на сите пет дела.
Тодоровиќ: Ни неколку години подоцна оваа тема не изгуби од својата актуелност. Но, жените сега полесно се отвораат и зборуваат за својата сексуалност, не само за проблемите со кои се соочуваат, туку и без срам и страв од стигма ги изнесуваат своите искуства и перспективи. Токму поради тоа, формат на претстава како оваа – предавање/перформанс – и самиот наслов „Сексуално образование II“ укажува на мали, но значајни лекции за уметноста и таа важна тема.
Чрнигој: А што се однесува до очекувањата, воопшто не размислував за награди. Едноставно, ми се чинеше важно да го реализирам тоа и посакував да ни успее да направиме нешто што ќе им значи на луѓето што ќе го гледаат.
Потрага по дијафрагмата
Во последниот, петти дел на „Сексуално образование II: Борба“ се споменуваат Вида Томшич и нејзиниот сопруг д-р Франц Новак, кои ги поставија репродуктивните права во поширока рамка – планирање на семејството и женското здравје. Колку тие беа инспиративни за вас и како му пристапивте на истражувачкото дело, т.е. на собирањето податоци за претставата?
Чрнигој: Многу рано во процесот знаев дека еден дел од „Сексуално образование II“ ќе биде посветен на сексуалното образование во Југославија. Во текот на истражувањето на оваа тема стасав до д-р Маја Вехар, која докторирала токму на темата сексуално воспитување во Југославија. Ја поканив да ѝ се придружи на екипата како стручна соработничка, а во текот на предавањата што таа ги подготвуваше за екипата запознавме повеќе актери важни за развојот на сексуалното воспитување во Југославија. Меѓу другото, предаваше за Вида Томшич, важна политичарка, и за Франц Новак, значаен гинеколог. За нас, клучно беше сознанието дека Томшич и Новак биле всушност брачен пар.
Се воодушевивме од приказната за парот во кој секој сопружник во своето поле се бори за репродуктивните права на жените. Посакавме да дознаеме повеќе за нив, па истражувавме архивски материјали, а во исто време ја интервјуиравме нивната ќерка Жива Новак, која ни зборуваше за нив и нивното семејство приватно.
Колку повеќе ги запознававме, толку повеќе нѐ инспирираа. Најмногу со својата визионерска јаснотија и со прогресивноста на аргументите – зошто е важно да се обезбеди пристапот до контрацепција, до безбеден абортус и сексуално воспитување, но и со својата одлучност и борбеност. Мој впечаток е дека сите соавторки – Сенди Бакотиќ, Ванда Велагиќ и Лене Лекше, покрај Тијана и мене – како и пошироката екипа во текот на процесот, бевме под многу силен впечаток од овие приказни.
Франц Новак на 27. седница на Заседанието за здравство и социјална политика на Народна Република Словенија предложил домашно производство на контрацептивни средства и воведување сексуално воспитување. Набрзо потоа, во 50-тите години, во фабриката „Сава Крањ“ почнуваат да се произведуваат југословенски дијафрагми од вулканизирана гума.
Тодоровиќ: Секој перформанс-предавање во рамките на „Сексуално образование II” е посебен на свој начин, а мене особено ми се чини дека токму тоа е исклучително и тоа не исклучиво поради поширокиот општествен контекст и врската со Југославија. Ова е приказна за историјата, борбата, државата, промените и напредокот, но и приказна за љубовта на еден брачен пар: на Вида Томшич, политичарка и првата жена министер во првата словенечка влада, и д-р Франц Новак, хирург и партизан кој го посветил животот на женската медицина и напредок. Таква посветеност е и денес реткост, како во медицината така и во политиката. Да се верува во подобро утре и да се посвети животот на борбата за идеалите е за секоја почит. Приказната за Вида и Франц ни беше инспиративна од повеќе перспективи. Нивната одлучност, не само со оружје во партизанските ровови, ами и со знаење да се борат за подобро, поеманципирано и поздраво општество е длабоко утопистичка, но ним тоа им успеало.
Од друга страна, „Борба“ не го идеализира тоа време, ниту е југоносталгична, не е патетична какви што често знаат да бидат приказните за Југославија, таа е како Вида и Франц – јасно насочена кон својата цел и своите херои. Низ овие две биографии ни дава увид во проблематиката и историјата на репродуктивните права и здравјето на жените. Говори на тема која денес одново се политизира. Приказната нѐ потсетува дека знаењето е клуч за решението и дека не смееме да допуштиме да заборавиме како и зошто стасавме до тие права.
Ми се чини дека токму поради недостигот на општествена меморија и образование, женското тело лесно станува алатка за политички пресметки. Што се однесува до прибирањето податоци, бидејќи се работи за нашата заедничка понова историја, не беше лесно да се стаса до нив, а во текот на истражувањето доживувавме разни драми и трилери. На моменти беше фрустрирачки колку малку од тој материјал е систематично зачуван. Нашиот пат во потрага по податоци ги надминуваше и границите на поранешна Југославија.
Франц Новак на 27. Седница на Заседанието за здравство и социјална политика на Народна Република Словенија предложил домашно производство на контрацепциски средства и воведување сексуално образование. Како поминал тој предлог? Дали „Сексуално образование II“ е продолжение на „Сексуалното образование“ од тоа време?
Чрнигој: Записникот од седницата не е зачуван, но заклучивме дека неговото излагање вродило со плод. Имено, набрзо по таа седница, во педесеттите години од минатиот век, започнато е со производство на југословенската дијафрагма од вулканизирана гума во фабриката „Сава Крањ“, инаку позната по производство на автомобилски гуми.
Насловот „Сексуално образование II“ се темели на претпоставката дека секако сме изложени на некој вид сексуално образование. Дури и кога растеме во опкружување каде што тоа формално не постои, учиме дека сексуалноста е нешто срамно, забрането, нешто за што не се зборува. Тоа е „Сексуално образование I“. Или она образование што го имавме во училиштата, фокусирано на биолошкиот аспект на сексуалноста и човечката репродукција. И тоа е „Сексуално образование I“. Или mainstream порнографијата во која жените се најчесто понижувани и експлоатирани. Сето тоа е „Сексуално образование I“. „Сексуално образование II“ е сексуално образование какво што немавме ни во училиштата ни другаде, барем не нашата генерација. Тоа е сексуално образование од феминистичка перспектива, кое е секс-позитивно и на сексуалноста гледа како на важен дел од човечкото искуство. Во таа смисла, визијата за сексуално образование што ја развивале Вида Томшич и Франц Новак е поблиска на „Сексуално образование II“ отколку на „Сексуално образование I“ бидејќи на сексуалноста гледале како на важен дел од човечкото искуство, нагласувајќи ги хуманите односи меѓу половите и рамноправноста на жените.
Тодоровиќ: „Сексуално образование II“ укажува на тоа колку е важно ова образование да биде континуирано, никогаш да не престане. Образованието е клучно за да се разбере прашањето на абортусот и за да се избегне политичката манипулација. Да ја парафразирам Вида Томшич, правото на абортус мора да биде загарантирано со устав, а само со образование и воспитание можеме да создадеме општество во кое абортусот можеби нема ни да биде ни потребен.
Во Словенија, за зачувување на правото на абортус во Уставот било клучно феминистичкото движење формирано во 80-тите години. Тие бескрајно инспиративни жени се поврзале и се бореле храбро за своите права. Борбата била исклучително тешка и до самиот крај не знаеле дали ќе успеат или не.
Во „Борба“ ја покажувате гореспоменатата дијафрагма која не е оригинал, со образложение дека оригинал не е ни возможно да се најде. Сметате ли дека неможноста да се најде оригинал дијафрагма е симболична слика за она што се случува со наследството на борбата за репродуктивни права?
Чрнигој: Да, секако. Во претставата доста прецизно ја сумираме нашата потрага по оригиналната југословенска дијафрагма по разни архиви и преку разни контакти, која беше неуспешна. Важна тема на нашата претстава е заборавот на феминистичката историја, односно на историјата на жените и на борбата за репродуктивни права.
Тодоровиќ: Па да, низ авантурата на барање на дијафрагмата точно се гледа што се случува со наследството на борбата за репродуктивни права и какво и кое место во историјата го заземаат женската медицина, контрацепцијата, репродуцијата итн. Замислете, никому во седумте држави не му текнало да зачува еден таков артефакт.
Во „Борба“ се тематизира и секогаш актуелниот проблем на пијанството и насилството, сликата на мажот кој пијан доаѓа дома и се нафрла врз жената, што неретко завршува со несакана бременост. Концептот на силување на законски партнер, во правна смисла, тогаш не постоел. Дали дијафрагмата во тој контекст и време била „најпрактичното решение против сексуално насилство“?
Чрнигој: Важен дел од процесот за „Борба“ беше реконструирањето на времето по Втората светска војна на територијата на Југославија. Сфативме дека тогаш жената сепак била во поинаква позиција од онаа во која е денес во Словенија и регионот бидејќи, на некој начин, била сопственост на мажот. Концептот на силување во брак во правна смисла не постоел, што значи дека мажот во брак можел да прави што сака и кога сака со жената. Освен тоа, луѓето не биле особено едуцирани за тоа како доаѓа до бременост и како може да се заштитат од несакана бременост. Абортусот бил забранет, контрацепцијата за жените не постоела, кондоми не постоеле, а кога биле достапни, мажите често одбивале да ги користат. Поради несаканите бремености, жените често прибегнувале кон илегални и нестручни абортуси, со што трајно си го оштетувале здравјето, а многу и умирале. Се говорело за епидемија на абортуси. Дијафрагмата не била решение за сексуалното насилство. Била начин жената да се заштити од несакана бременост, дури и ако мажот не сака да користи кондом, па барем во таа смисла да има автономија над своето тело. Но, за борба против насилството било потребно многу повеќе од тоа – било потребно да се зборува за хуманите односи меѓу половите, за поделбата на работата во домот, за важноста на женското задоволство во сексуалноста итн. За тоа многу пишувале и предавале Вида Томшич и Франц Новак.

Словенечкиот пример
Абортусот во Југославија е декриминализиран веќе во 1952, додека слободното одлучување за раѓање е загарантирано право со устав во 1974. Тоа право е задржано и во 1991 во членот 55 во Уставот на Република Словенија. По што сметате дека Словенија е специфична во однос на другите држави создадени по распадот на Југославија?
Чрнигој: Тоа бездруго е многу интересна тема со која во моментов се занимаваме Тијана и јас во рамките на проектот „Член 55“ што сезонава го развиваме во Театарот Младинско во Љубљана (заб. премиерата се случи на 24.5.2025). Во Словенија, за зачувување на правото на абортус во Уставот било клучно феминистичкото движење формирано во 80-тите години. Тие бескрајно инспиративни жени се поврзале и се бореле храбро за своите права. Борбата била исклучително тешка и до самиот крај не знаеле дали ќе успеат или не. Овој член бил најконтроверзен кога се усвојувал новиот словенечки устав.
Тодоровиќ: Ова прашање моментално нѐ окупира, суштината е дека во Словенија феминистичките движења биле на штрек. Нацрт на новиот устав бил јавно достапен, не знам дали било така и во другите републики. Но да, активноста во политиката на женските здруженија, и од стариот и од новиот систем, била клучна.
Во театарот моментално се занимавам главно со историјата и со феминистичката историја. Тоа за мене, а верувам дека и за гледач(к)ите, може да биде инспирација за размислување за можните иднини. Како што изборените права не се подразбираат, така капитализмот не е единственото можно општествено уредување.
Вида Томшич била убедена дека еднаквоста на жените е предуслов за правично општествено уредување. Таа верувала дека жените можат да ги остварат своите права само во рамките на колективната борба за општа општествена еманципација. Ретрадиционализацијата на општеството покажува дека тешко освоените права не се подразбираат. Каде сме денес?
Чрнигој: Мислам дека моменталниот пораст на политички движења и струи во Европа кои сакаат да им ги одземат правата на жените е многу загрижувачки и мораме да го сфатиме сериозно. Истовремено се случуваат инспиративни работи: неодамна, Институтот „8 Март“ (Inštitut 8. marec) успеа да собере милион потписи во кампањата „Мојот глас, мојот избор“ (“My Voice, My Choice”). Тоа е нешто што ме охрабрува. Мислам дека за сите нас што на некој начин работиме во полето на феминизмот е важно да размислиме како да се поврземе меѓународно и како да дејствуваме во големи размери.
Како моменталната ретрадиционализација да не се зема несериозно, а истовремено да се доживува како нешто привремено и да се обликува понапредна визија за општеството кое ја надминува таа привременост. Во театарот моментално се занимавам главно со историјата и со феминистичката историја. Тоа за мене, а верувам дека и за гледач(к)ите, може да биде инспирација за размислување за можните иднини. Како што изборените права не се подразбираат, така капитализмот не е единственото можно општествено уредување.
Тодоровиќ: Тјаша многу добро ја сумираше ситуацијата во која се наоѓаме денес. За жал, таа е исклучително драматична – гледаме дека ниту правата на жените ниту човековите права не се на завидно ниво. Во регионот бележиме зголемување на насилството врз жените, на бројот на фемициди, семејно насилство и селективни абортуси. Да не зборуваме за случаите на сексуално вознемирување и силување, и во и надвор од училиштата. Сепак, организациите што ги спомена Тјаша, како и случајот на Жизел Пелико, која сведочеше за масовните силувања организирани од нејзиниот сопруг, даваат надеж. Нема да се откажеме, туку ќе победиме во оваа борба.
Преземено од https://www.portalnovosti.com/tjasa-crnigoj-i-tijana-todorovic/