Теона Ана Георгиевска е првата девојка од Македонија која освои медал на престижната 60-та Менделеевата меѓународна олимпијада по хемија која се одржа во Москва, Русија во април 2026. За Медуза, со неа поразговара Јована Лазаревска – активистка, младинска работничка и координаторка на младинскиот центар „МултиКулти“ во Куманово, а воедно и самата студентка по применета хемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Јована Лазаревска: Како студентка по хемија и девојка во науката, не можам, а да не забележам, колку често успесите на девојките и жените остануваат во втор план, речиси незабележани и недоволно медиумски покриени. Ова интервју го планиравме уште кога Теона стана првата девојка од Македонија што освои медал на Менделеевата олимпијада по хемија. Но, некако чувствував дека нејзината приказна нема да заврши таму, па почекав да заврши и овогодишната Меѓународна олимпијада по хемија (iChO). И бев во право. Од четиричлениот македонски тим што ја претставуваше Македонија на 58-мата Меѓународна олимпијада по хемија, одржана во Ташкент, Узбекистан во јули годинава, Теона Ана Георгиевска беше единствената што се врати со медал, додека останатите натпреварувачи се вратија со пофалници.
Со двата освоени медали, Теона оваа година испиша нова страница во историјата на македонската наука – стана првата девојка од Македонија која освои медал на Менделеевата олимпијада по хемија и втората девојка од Македонија која освои медал на Меѓународната олимпијада по хемија. Со резултатите што ги постигна на селекционите натпревари во Македонија и на двете меѓународни олимпијади, Теона го освои и златниот медал на Македонската хемиска олимпијада (МХО).
По тој повод, со Теона зборуваме за љубовта кон науката, подготовките и предизвиците на патот до натпреварување на олимписко ниво и што значи да се биде дел од една нова генерација на девојки и жени кои ја менуваат сликата за тоа на кого му е местото во науката.
Како започна твојата приказна со хемијата? Што те привлече најмногу?
Теона Ана Георгиевска: Љубовта кон хемијата и природните науки започна уште во основно училиште, кога првпат учествував на натпревар по природни науки. Уште тогаш ме привлекуваше тоа што преку науката можеш подобро да го разбереш светот околу себе. Колку повеќе учев и истражував, толку повеќе ми стануваше интересно. Со текот на времето сфатив дека тоа не е само предмет што ми оди добро или нешто што ме интересира, туку нешто со кое навистина сакам да се занимавам во иднина.
Колку труд, подготовки и ограничувања стојат зад еден олимписки медал, а јавноста најчесто не ги гледа?
Зад еден медал стои многу повеќе отколку што може да се види во моментот кога ќе биде освоен. Подготовките траат со години и бараат многу време, дисциплина и постојаност. Особено во последните години од средното образование, подготовките ми беа многу интензивни: теориски предавања, решавање сложени задачи и лабораториски вежби, паралелно со редовната настава. Секако дека тоа значи и откажување од дел од слободното време, но искрено, кога нешто навистина те интересира, не го доживуваш како жртвување. Најтешки можеби не се ни самите часови поминати во учење, туку моментите на несигурност. Понекогаш, и покрај целиот вложен труд, се прашуваш дали си доволно подготвена или дали можеш да се носиш со конкуренцијата. Но токму во тие моменти треба да продолжиш и да се потсетиш колку далеку си стигнала.
Како изгледаше твојот пат до Менделеевата олимпијада?
Подготовките за Менделеевата олимпијада започнаа уште од јануари на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На почетокот бевме поширока група ученици и посетувавме теориски предавања и експериментални вежби. Подоцна следуваше селекциониот натпревар, по кој беше избран тимот што ќе ја претставува Македонија. Но, и по селекцијата подготовките продолжија со уште поголем интензитет. Работевме со професори, асистенти и студенти, решававме многу сложени задачи и се обидувавме да стекнеме што поголема рутина во олимпискиот начин на размислување. Мислам дека најважниот дел од целиот процес беше токму постепеното градење на сигурност, не само да знаеш одреден материјал, туку да можеш да примениш сè што знаеш во сосема нова и неочекувана задача.
Со оглед на тоа дека минатата година ти се впиша во историјата освојувајќи го првиот медал за Македонија на Меѓународната олимпијада по биологија, дали чувствуваше поголема одговорност годинава?
Мислам дека секој претходен успех носи и одредена одговорност, особено кон самата себе. Кога еднаш ќе постигнеш нешто што ти било многу важно, нормално е следниот пат да имаш уште поголеми очекувања од себе. Но се обидував да не размислувам премногу за тоа дали повторно треба да постигнам одреден резултат. Наместо тоа, се фокусирав на подготовките и на тоа да го дадам својот максимум. На крајот, не можеш целосно да го контролираш резултатот, особено на натпревари каде конкуренцијата е толку силна. Она што можеш да го контролираш е колку си работел и колку си се подготвувал. Ако знаеш дека си дала сè од себе, тогаш можеш да бидеш задоволна без разлика на исходот.
Дали чувствуваш дека различните научни области што си ги истражувала ти дадоа поширок начин на размислување во хемијата?
Дефинитивно. Иако биологијата и хемијата се различни науки, тие многу често се испреплетуваат. Мене ми беше многу интересно тоа што знаењето од една област може да ти помогне подобро да разбереш нешто во друга.Мислам дека занимавањето со повеќе научни области ми помогна да гледам на проблемите од различни перспективи и полесно да поврзувам концепти. Колку повеќе учиш, толку повеќе сфаќаш дека науките не се целосно одделени една од друга. Токму тоа е една од работите што најмногу ме привлекуваат.

Менделеевата олимпијада важи за една од најтешките олимпијади. Како ти би ја опишала самата олимпијада?
Менделеевата олимпијада навистина е многу предизвикувачка. Задачите се обемни и сложени и не бараат само добро познавање на материјалот, туку и снаодливост и способност да примениш знаење во ситуации со кои можеби претходно не си се сретнал. За мене, еден од најголемите предизвици беше организацијата на времето. Кога имаш многу сложени задачи пред себе, не е доволно само да знаеш како да ги решиш, треба да можеш брзо да размислуваш и правилно да одлучиш на што ќе посветиш најмногу време. Мислам дека токму тоа ја прави олимпијадата толку тешка, но во исто време и толку интересна.
По Менделеевата олимпијада следуваше уште еден голем предизвик – Меѓународната олимпијада по хемија. Колку искуството од Менделеев ти помогна во подготовките и што беше поразлично на IChO?
Искуството од Менделеевата олимпијада многу ми помогна, особено затоа што непосредно пред IChO повторно работев со многу сложени задачи и бев во постојан натпреварувачки ритам. Тоа ми помогна да бидам посигурна во решавањето проблеми и подобро да се справувам со притисокот и ограниченото време. Секако, секоја олимпијада има свој карактер и различни предизвици. Не можеш целосно да се подготвиш за една олимпијада само преку искуството од друга, бидејќи секоја бара малку поинаков пристап. Но Менделеев дефинитивно ми даде многу вредно искуство и мислам дека ми помогна да влезам во подготовките за IChO со поголема сигурност и подготвеност.
Минатата година ти се врати со пофалница од Меѓународната олимпијада по хемија, дали успехот од минатата година те мотивираше годинава да се вратиш со медал?
Да, пофалницата од минатата година ми беше голема мотивација. Ми покажа дека сум на добар пат и дека со дополнителна работа можам уште повеќе да напредувам. Секако, на вакво натпреварување не можеш однапред да очекуваш медал, бидејќи конкуренцијата е огромна и сите доаѓаат многу добро подготвени. Но минатогодишното искуство ми помогна подобро да знам што ме очекува. Наместо само да размислувам за резултатот, се обидував да се фокусирам на тоа да бидам подобра и поподготвена од претходната година. Токму тоа беше мојата најголема мотивација.
Какво беше чувството кога дозна дека си освоила медал, најпрвин на Менделеевата олимпијада по хемија, а подоцна и на Меѓународната олимпијада по хемија?
За Менделеевата олимпијада имав многу измешани чувства. По завршувањето на тестовите чувствував дека сум дала сè од себе и дека добро сум ги решила задачите, но сепак постоеше неизвесност, бидејќи се натпреваруваш со најдобрите ученици од целиот свет. Кога конечно го слушнав своето име, бев пресреќна. Во исто време, не би рекла дека бев целосно изненадена, бидејќи знаев колку сум работела и знаев дека на натпреварот го дадов својот максимум.
Медалот на IChO беше исто така многу посебен момент. За мене тоа беше чувство на огромна радост, но и потврда дека можам да продолжам да напредувам. Особено затоа што претходната година се вратив со пофалница, медалот годинава за мене беше резултат на целиот труд и работа што следеа после тоа.
Твојот успех е прв ваков за девојка од Mакедонија. Дали тоа го доживуваш како нешто повеќе од личен успех?
Секако дека секој ваков успех е многу личен и посебен, бидејќи знаеш колку труд си вложила во него, но за мене има и пошироко значење. Прва сум, но искрено се надевам дека нема да бидам последна. Особено ми е драго ако овој успех може да им покаже на други девојчиња дека науката е место и за нив и дека нема причина да се сомневаат дали припаѓаат во неа. Би сакала ова да не остане само како мој личен успех, туку да биде дел од една поголема приказна во која сè повеќе девојки ќе се охрабруваат да се занимаваат со наука и да се натпреваруваат на највисоко ниво.
Дали сметаш дека научните успеси на младите добиваат внимание какво што заслужуваат и што би сакала да се промени во начинот на кој медиумите известуваат за нив?
Мислам дека секој успех што има историско значење за Македонија е убаво да биде препознаен и да добие внимание. Не само поради ученикот што го постигнал успехот, туку и поради тоа што ваквите приказни можат да инспирираат други млади луѓе. Според мене, научните успеси на младите заслужуваат поголема видливост. Зад нив стои огромен труд, посветеност и години подготовка, а учениците што се натпреваруваат на меѓународно ниво ја претставуваат Македонија на ист начин како и младите во други области. Би сакала повеќе да се зборува за самиот процес, за подготовките и за луѓето кои стојат зад ваквите резултати. Мислам дека колку повеќе ваквите успеси се видливи, толку повеќе млади ќе бидат мотивирани да се обидат и самите.
Сега си на прагот да ја избереш својата идна кариера – каде се гледаш себеси понатаму?
По сите овие искуства, уште повеќе сум сигурна дека сакам да продолжам да се развивам во науката. Во моментов најмногу ме привлекуваат областите во кои се поврзуваат хемијата и биологијата, бидејќи тоа се две науки што отсекогаш ме интересирале. Сè уште сум на почетокот на својот пат и мислам дека имам уште многу да истражувам и да откривам. Но дефинитивно се гледам во научна средина, каде што ќе можам да продолжам да учам, да истражувам и да работам на проблеми што ми се интересни.
Што би им порачала на младите кои се двоумат дали да се насочат кон науката? А што би сакала да ти го кажел некој тебе кога започнуваше?
На младите би им порачала да не дозволат сомнежот да биде причина поради која нема да пробаат нешто. Во науката најважни се љубопитноста, упорноста и желбата постојано да учиш нешто ново. Никој не се раѓа подготвен за сè и никој од почеток не знае сè. Напредокот доаѓа преку работа, грешки и постојано учење. Не треба да се плашат од тоа да згрешат или да не успеат од првиот пат. Често токму од тие моменти се учи најмногу.
А кога би можела да се вратам на почетокот, можеби би сакала некој порано да ми каже дека несигурноста е нормален дел од патот. Понекогаш можеш да вложиш многу труд, а сепак да се сомневаш дали си доволно добра. Со текот на времето сфатив дека тоа не значи дека не припаѓаш таму. Најважно е да продолжиш да учиш, да бидеш љубопитен и да не се откажуваш само затоа што нешто ти изгледа тешко.