,

Трчаш како девојче: Гравитација

Бројот на варијации на формата на женските гради е веројатно соодветен на бројот на жени во светот или ко што би рекла една моја драга личност “сто жена, двеста сиса”

9669ae62e04cb299c4809c044ab439dc

Тие се големи, мали, сплескани, виснати, цврсти, испрчени, топчести, конусни, несиметрични, меки. Тие се тресат, месат, возбудуваат, нишаат, потат, отскокнуваат, тежат, притискаат, чешаат, болат. Ги нарекуваат цицки, дојки, топки, лубеници, дињи, крушки, боски, лимончиња. Бројот на варијации на формата на женските гради е веројатно соодветен на бројот на жени во светот или ко што би рекла една моја драга личност “сто жена, двеста сиса”. И не само што не постојат две жени со идентичен пар гради, туку и градите на една иста жена не се идентични. Различните форми на гради различно го доживуваат светот. Ова можеби звучи како градите да егзистираат надвор од телото кое што ги носи, што и не е многу далеку од вистината. Градниот кош (и овде не зборувам за срцето) во патријархалното општеството (донекаде) го одредува и неговиот односот кон жените.

Градите имаат идентитетско значење за жените. Тие најверојатно претставуваат највидливиот и најчесто употребуваниот индикатор за степенот на женственост на една личност. Преку градите многу често се прави проценка за припадноста на една личност на одреден пол и/или род, што од моето искуство е една од најчесто применуваните техники за категоризација, на пример, на девојки со кратка коса. Притоа најчесто се заборава дека не сите жени имаат гради, ниту пак дека сите кои имаат гради се жени.

Првите чувства на срам поврзани со изгледот на телото се јавуваат и со првите знаци на промена на градите. Градите се подложни на промени во различни периоди од животот, како на пример, пубертет, бременост, доење, старост, болест. Некои од тие промени можат да бидат драстични, но без разлика дали станува збор за промени во големината, формата, содржината и слично, срамот е присутен во најголем дел од нивното постоење. Срам дека воопшто ги имаме или немаме, дека се гледаат или не се гледаат, дека се премали или преголеми. Меѓутоа какви и да се, едно нешто е сигурно: срамот отсекогаш бил поврзан со нивната сексуализација.

 

 

 

За сексуализацијата на градите сведочат и најразлични традиционални пракси поврзани со женските гради, како на пример “breast ironing” (пеглање на градите), применувана во Африка, која се состои од масирање на градите на девојчињата во пубертет, најчесто со загреани камења. Оваа пракса потекнува од мајките кои сакале да ги заштитат своите ќерки од прерана сексуална активност, силување и присилен брак. И покрај сериозноста на последиците од примената на оваа практика, како што се изгореници, инфекции, оштетување на млечните жлезди, психичка траума, па дури и рак, во последниве години истата бележи пораст кај африканската дијаспора која живее во Обединетото Кралство.

Градите, а особено брадавиците, се сивата зона помеѓу мајчинството и сексуалноста. Дихотомијата мајчинство и сексуалност всушност ја означува дихотомијата на добро/лошо и чисто/нечисто кои соодветно се отсликуваат на репресија на самото тело.[1]Зачудувачки број луѓе сметаат дека жените не треба да ги дојат своите деца пред други луѓе, на јавни места, непокриени, итн. Градите за многумина се непристојни дури и кога ја вршат оваа „општествено прифатлива улога“. Сексуализацијата на доењето го сведува мајчинството на сексуалната желба на оној кој го сведочи самиот чин. Самото постоење на оваа контроверзност во врска со доењето само ја потврдува сексуалната објектификација на женското тело во секојдневието.  

Промената на изгледот на телото преку спортувањето неретко со себе го носи и можниот ризик од “непосакувана” промена на изгледот на градите. Градите на спортистките честопати се помали, помускулести, некогаш и непостоечки. Ако ги погледнете градите на атлетичарките, гимнастичарките, спортистките кои имаат поголема мускулна маса, сигурно ќе забележите несоодветност на идеалот за женственост. Голем дел од спортистките се свесни за оваа своја “маана”, поради која стануваат предмет на подбив и исмејување. Затоа и често некои од нив, како на пример бодибилдерките, ставаат импланти, бидејќи за сметка на зголемената мускулна маса им се намалува големината на градите. Мускулите се непријател на женственоста, па оттука и самиот спорт.

Според Ајрис Јанг женските градите се конструираат низ призмата на машкиот поглед во рамки на фалоцентричната култура во која “најдобрите” гради се токму како фалусот – цврсти и исправени.[2] Тенденцијата да се нормализира овој изглед и форма на градите како просечен, е идеал кој во суштина го поседуваат само мал број жени на планетава, а со тоа го осудува мнозинството на незадоволство и прибегнување кон себеказнувачки практики за дисциплинирање на градите. Бидејќи градите кои се слободни ја покажуваат својата флуидност и подложност на промена на формата, со што се одалечуваат од идеалот на женственост, имаме цела лепеза на дисциплинирачки практики чија цел е да ги воспитаат градите.

Најраспространета и општоприфатена практика е градникот. Градникот е оној кој, од една страна ги нормализира градите, затскривајќи ги нивните маани и ги приближува до совршениот изглед, а од друга ги крие од погледите кои многу лесно можат да ги интерпретираат како сексуална провокација. Таканареченото “bra-burning” движење ја популаризира симболиката на градникот во ослободувањето на жените преку протестот на неколку американски феминистки во 1968 година против одржувањето на изборот на Мис Америка. Робин Морган, една од организаторките на протестот, раскажува за постоењето на идејата за симболично отстранување на нешто што ги угнетува жените, при што градникот, кој подоцна многу спонтано бил соблечен и запален, сѐ уште претставува симболика за ослободувањето на градите односно жените од неудобноста и стегите на општествените очекувања.

 

 

 

Во спортот, градникот се наоѓа во првите борбени линии со најголемиот непријател на женските гради: гравитацијата. Веројатно ако треба да изберам еден дел од телото на човекот преку кој најпластично би се демонстрирало постоењето и ефектите на гравитацијата, тоа дефинитивно би биле градите. Што поголеми, тоа подобра и поубедлива демонстрација. Кога е гравитацијата во прашање, не е ни важно дали трчаме, пливаме или само лежиме, таа е сеприсутна. Во различни спортови борбата се сведува на постојана трка со гравитацијата, во помала или поголема мера. Колку се поголеми градите, толку борбата може да биде покомплицирана, особено кај спортовите кои вклучуваат кардио движења како трчање. Ефектите можат да бидат различни, од некоординирано движење, непријатност, до болка Тука спортските градниците даваат сѐ од себе да ги акумулираат нејзините ефекти, да го направат движењето полесно и попријатно, но ретко кога успеваат да нѐ натераат да заборавиме на нејзиното постоење. Според едно истражување една од причините што ги предомислува жените да се бават со спорт се токму градите, поточно срамот од прекумерното движење кое го вклучува спортувањето како и неможноста да најдат соодветен спортски градник.

Меѓутоа, дури и во кафезот на градникот градите ја менуваат својата форма, подложни се на потскокнување дури и кога движењата се минимални, наоѓаат начини да го демонстрираат своето присуство независно дали ние го сакаме тоа или не. Многу поагресивна техника на дисциплина е естетската хирургија, која според мене дополнително придонесува градите да личат на предмети. Примената на естетската хирургија е можност за зголемување и/или одржување на женственоста, која се заснова на несигурност и тежнеењето кон однапред поставени невозможни стандарди на убавина. И покрај сите можни ризици од ваков вид на зафати (синдром на токсичен шок, паднат имунитет, отежнато откривање на карцином, итн.) значително голем број на жени се решаваат на операција, многу полесно отколку што би се решиле за операција од која им зависи здравјето, како на пример мастектомија. Наоми Волф го поврзува одложувањето на правење мамограм токму со стравот од можната потребата за извршување мастектомија, по која жените го доживуваат своето тело како дефектно, а себе си како “половични жени”.[3]

Генералниот впечаток од она што нам, како публика ни е дозволено да го видиме, е дека најголем дел од жените имаат цврсти, тркалезни, симетрични гради чие движење е предвидливо и во рамки на посакуваното. Ова пак влијае на останатите кои не се поистоветуваат со нив да не се задоволни со сопствените, да се срамат, да се кријат и да наоѓаат начини како да се доближат до совршениот изглед. Најголем дел од жените немаат совршени гради. Градите кои нам ни се пласираат, градите кои се во медиумите, порно филмовите, кои се видливи, кои не се срамат, се само оние кои ги потврдуваат насилно поставените норми.

И покрај тоа што навидум не се некој неопходен елемент во спортувањето, како што се на пример нозете во трчањето или рацете во играњето тенис, улогата на градите во спортувањето ги испреплетува физичките бариери со предрасудите. Во борбата со неудобноста и страдањето што ги носи самата физичка активност, дополнително се плашиме дека спортот дека ќе ни ја одземе женственоста и дека одреден дел од телото ќе нѐ посрамоти со своите непредвидливи движења во борбата со гравитацијата. Сѐ додека гледаме на спортот како нешто што може да ни предизвика срам и несигурност, никогаш нема да бидеме подготвени да дадеме сѐ од себе во физичката борба на сопственото тело.

 

 

 

 

 

 

[1] Young, I. M. (2005) On Female Body Experience: “Throwing Like a Girl” and Other Essays. Oxford University Press.

[2] Ibid.

[3] Wolf, N. (2002). The Beauty Myth. New York: Harper Collins Publishers.

 

НАПИШАНО ОД:

Бојана Јовановска

Feb 24, 2020

Коментари
Scroll to Top