„Ние ја дизајнираме нашата технологија, а за возврат таа нè дизајнира нас“ е фраза која ја доловува заплетканоста помеѓу дизајнот на технологија и општествените норми и вредности. Од апликации за менаџирање на здравјето и појаси за кола до гинеколошкиот спекулум, сите дизајнирани артефакти рефлектираат одреден сет на вредности, вклучувајќи и родови норми, стереотипи и предрасуди. Кога дизајнот на технологија е во разговор со родови и феминистички прашања, чести теми се родово насилство овозможено со посредство на технологија, поистоветувањето на просечниот корисник со цис, белиот маж од страна на дизајнерите, како и сексистички и расистички вредности вградени во апликациите што секојдневно ги користиме. Но, инспирирана од идејата дека трансдисциплинарните дизајн практики можат да бидат зачеток на политичка акција, во овој текст пристапувам кон интерсекцијата помеѓу феминизмот и дизајнот од друг агол. Имено, истражувам како дизајнот на технологија може да игра улога во феминистички практики, специфично, како може да игра улога во култивирање на феминистичка радост како форма на радикална и политичка грижа за себе.
„Науката за радоста“ е релативно нова област во позитивната психологија која има за цел да создаде знаење за значењето и функцијата на емоцијата во различни контексти (Johnson, 2020). Иако во моментов не постои универзален консензус за тоа како треба да се дефинира радостта, најчест пристап е таа да се формулира според теоријата на отелотворена когниција. Притоа, радоста не се гледа како нешто што престојува во нечиј ум, ниту како индивидуално искуство, туку како „меѓуиндивидуален настан што е вграден и социјално проширен од други“ (To et. all, 2023). Според овој пристап, радосните искуства често се поврзани со градењето на емоционалната сила и отпорност на една индивидуа.
Радоста како потенцијално трансформативна емоција што може да помогне на една личност да се справи со тешкотиите се одразува во нејзината концептуализација во феминистичката мисла. Во рамки на афро-американскиот феминизам од каде потекнува овој концепт, евоцирањето и доживувањето на радоста се гледа како радикален чин на (повторно) потврдување на сопствената дејственост во услови на континуирано угнетување (Baker, 2021; Olson & Lechner, 2022). Затоа, радоста се смета за гориво и штит, а негувањето на моментите на радост, без разлика дали се случуваат во контекст на активистичката работа или во секојдневниот живот, се сметаат за чинови на отпор (Sobande & Emejulu, 2022). Оваа форма на феминистичка радост никнува од заеднички напори што се фокусират на грижа и благосостојба. Дополнително, се поврзува со преземањето критичка работа со цел демонтирање на системите на угнетување и создавање поправедни светови (Ahmed, 2024). Постоечки примери за операционализирање на радоста се алатките за самогрижа базирани на феминистички вредности (пример 1) или инклузивни онлајн простори посветени на размислувања за радосни моменти (пример 2). Ефемерна и минлива, радоста во феминистичката мисла не се смета само како себе-разгалување. Напротив, таа е препознаена како емоција што ја зајакнува личната и општествената отпорност, и честопати е експлицитно поврзана со феминистичкиот активизам.
Гледајќи го значењето на оваа емоција, овој текст е обид да се одговори на прашањето како може оваа емоција да се култивира и која е улогата на дизајнот во тој процес. Инспирацијата за спојување на феминистичката радост и дизајнот ја добив од т.н. „design for human flourishing“ агенда или агенда за дизајни на човечки просперитет. Оваа агенда произлегува од академско-активистичката дејност на дизајнери и истражувачи кои ја проучуваат интеракцијата помеѓу луѓето и компјутерите и се залага за лоцирање на „можности за самоактуализација и прераспределба на моќта“ во дизајн технологијата (To et. all, 2023). Се поттикнуваат истражувања што одат подалеку од пристапот на користење технологија за решавање проблеми базиран на дефицит и наместо тоа се насочуваат кон можностите кои веќе ѝ стојат на располагање на една заедница и позитивниот афект како почетна точка (To et. all, 2023). Како еден пример би ја спомнала Liberate – апликација за медитација директно инспирирана од емоционалните потреби и животните искуства на афро-американските жени, која пропагира колективизирање на грижата.
Меѓутоа истражувајќи ја оваа тема во обид да одговарам на прашањето кај мене вроди низа дополнителни прашања. Наместо конкрентено дефинирани аргументи, остатокот од текстот поставува серија прашања инспирирани од личното и теоретското. Иако неодговорени, ги гледам како чекор напред кон разработување на темата на начин кој не го наметнува дизајнот на технологија како едноставно решение на комплексни општествени проблеми туку сеопфатно го разгледува неговиот потенцијал и одговорност.
Прашање 1: Конфликтот помеѓу универзалното и глобалното
Земајќи предвид дека основните текстови за феминистичка радост потекнуваат од специфичните искуства на афроамериканските феминистки, како можеме да работиме и да црпиме инспирација од овие текстови на начин што од една страна ќе оддаде почит на изворите, а од друга друга страна нема да го смета за универзална форма на разбирање на оваа емоција. Кога би се пишувало за феминистичка радост на нашите простори, од каде би црпеле инспирација и кои примери би ги дале за да ја илустрираме оваа емоција?
Прашање 2: Границата меѓу радост и феминистичка радост
Ова е прашање што ми е лично најголема пречка во работата на овој проект. Одново и одново ја барам линијата помеѓу грижата за себеси која е себична, фриволна и консумеристичка и себегрижата која е радикална и критична. Да, грижата за себе во овој економски систем (може да) е форма на отпор, кој е потребен за да се промени еден систем. Но денес тој отпор може лесно да земе форма на индивидуална заштита без посуштински системски последици. Поривот за одговарање на оваа прашање од една стана потекува од личен страв дека резултатот на овој подвиг ќе се сведе на апликации кои во центар го поставуваат индивидуалното, го разводенуваат критичкото и радикалното, или се сведуваат на токсичен оптимизам. Што впрочем ме води кон третото прашање.
Прашање 3: Дигитализирање и дерадикализирање на себегрижата
Ако во пребарувачот го искуцаме терминот „selfcare“, ќе се јават стотици резултати за мобилни апликации. Преку различни техники на дишење, логирање на емоциите или водење на дигитален дневник, овие апликации ветуваат поддршка за повторно поврзување со себеси и своето тело. Иако добронамерени и несомнено корисни за многумина, овие апликации се често критикувани за перпетуирање на неолиберални идеи за продуктивност и дизајнирани на начин што ќе го задржат вниманието на корисникот што е можно подолго. На пример, функцијата да документираме колку редовно ги користиме апликациите и ги следиме насоките, при што нивната непрекината употреба се конструира како индивидуален успех (Karlsson et. al, 2022). Вакви пристапи дополнително го оддалечуваат популарното разбирање на грижата за себе од неговите радикални и феминистички корени. Земајќи го ова предвид, се поставува прашањето како може да се преиспита улогата на дизајнот во овие процеси. И дали е воопшто возможно да се дизајнира за и со емоција што е толку ефемерана?
***
Го почнав овој текст во обид да го најдам пресекот помеѓу дизајнот како политичка пракса и култивирањето на феминистичка радост, но ќе го завршам со изразување желба за понатамошна работа. И покрај тоа што наместо одговор, работењето на оваа тема вроди низа други прашања, сметам дека ова е значаен почеток за дополнителна разработка. Во контекст во кој развојот на технологија е предводен од логиката на екстракција и експлоатација, работењето на проекти засновани на феминистички вредности е важна форма на отпор. Проектите кои поаѓаат од вредностите на сопствената заедница се контратежа на хомогените патријархални дефиниции за тоа што е технологија и која е нејзината улога. Примерите како што се партиципативно организирани хакатони за редизајнирање на пумпата за доење илустрираат како чинот на размислување за и креирање на феминистички дизајни сам по себе е форма на политичко дејство, но и форма на култивирање радост. Па ако ние ја дизајнираме нашата технологија, а за возврат таа нè дизајнира нас, можеме да создаваме технологија која ќе поддржи феминистички цели. Ајде да дизајнираме (за) феминистичка радост!
Користена литература:
Christina N. Baker. 2021. Introduction: Embracing Black Feminist Joy and Pleasure in Communication Studies. Women’s Studies in Communication 44, 4 (October 2021), 459–462. https://doi.org/10.1080/07491409.2021.1987813
Matthew Kuan Johnson. 2020. Joy: A reply to the replies. The Journal of Positive Psychology 15, 1 (January 2020), 84–88. https://doi.org/10.1080/17439760.2019.1685582
Simon Karlsson, Ottilia Olsson, and Maria Normark. 2022. “I feel like I’ve never really achieved it”: A critical analysis of persuasive design patterns in mindfulness applications. In Nordic Human-Computer Interaction Conference, October 08, 2022. ACM, Aarhus Denmark, 1–10. https://doi.org/10.1145/3546155.3546678
Greta Olson and Elisabeth Lechner. 2022. #Feminist – naming controversies and celebrating points of connection and joy in current feminisms. European Journal of English Studies 26, 2 (May 2022), 292–321. https://doi.org/10.1080/13825577.2022.2091323
Francesca Sobande and Akwugo Emejulu. 2022. The Black Feminism Remix Lab: on Black feminist joy, ambivalence and futures. Culture, Theory and Critique 63, 2–3 (July 2022), 236–243. https://doi.org/10.1080/14735784.2021.1984971
Brad D. Strawn. 2020. Contextual, embodied and clinical joy. The Journal of Positive Psychology 15, 1 (January 2020), 63–66. https://doi.org/10.1080/17439760.2019.1685573
Овој материјал е подготвен во рамки на проектот Empowerment, Safety, and Resilience: Fostering unity and coalitions for gender equality and LGBTQI+ rights, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ. Овој материјал е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna; меѓутоа, изнесените ставови не нужно ги одразуваат официјалните политики на Фондацијата Kvinna till Kvinna.