Пред доручекот се пие млака вода со четвртина исцеден лимон.
Имав осумнаесет години кога првпат отидов на гинеколошки преглед. Причината беше неподносливата болка која ја чувствував во долниот дел од стомакот и менструацијата која доцнеше. Докторката ми кажа дека имам циста која ја предизвикува болката и дека кога таа циста ќе пукне – ќе добијам менструација. На мојот прашален поглед, таа само лежерно додаде: Знаеш дека имаш полицистични јајници, така?
Разлика меѓу оброците: пет и пол часа.
Неколку месеци пред тоа, ми се појавија големи и болни акни на лицето и грбот, иако во текот на целиот пубертет поминував само со по некоја акничка на челото или брадата. На дерматолог препораката беше да купам неколку скапи кремови, меѓу кои и антибиотски, а освен тоа и да посетувам редовни третмани на лицето кои, патем, се многу болни.
Доручекот завршува до десет часот!
Кратко по овој дерматолошки преглед, почнав да забележувам зголемување на мојата телесна тежина, кое продолжи и во наредните неколку месеци. Кога наполнив дваесет години, мојата телесна тежина се имаше зголемено за над дваесет килограми, а јас од ден во ден бев сѐ помалку функционална. Едвај станував од кревет. Постојано бев или депримирана или анксиозна, а животот продолжуваше да ми нафрла обврски и очекувања кои требаше да ги исполнам. Предавања и работа и испити. Дружби и живење. А јас потфрлав на сите полиња.
Млечни производи и леб (исклучиво од интегрални брашна како ‘рж и просо) се јадат само за доручек и преку еден ден.
По испитување за скриен шеќер и неколку хормонални испитувања со резултат кој покажуваше висок кортизол[1], повторно се најдов во гинеколошката ординација. Ми беа препишани скапи ќесички Фолиномел[2] кои се пијат секоја ноќ пред спиење и Метформин[3]. И секако, да ослабам. Најбрзо што можам и најмногу што можам. Тука на сцена стапи ригорозната хроно диета. „Останува само оралната контрацепција, нема друго‘‘, ме извести докторката.
Два пати неделно: разновидна, сезонска салата со 50-100 грама непечени и несолени лешници во замена за оброк.
Откако ослабнав десет килограми ми стана малку подобро. Акните продолжија да се појавуваат, а со текот на времето се појавија и нови симптоми: проретчување на косата и зголемен раст на влакна по телото. Постојаниот умор остана. Очекувањата од околината непречено да си ги завршувам обврските, исто така останаа. Се појави и гранично покачен холестерол. Повторно се појави стариот добар совет: ослаби и зголеми ја физичката активност. Нема појаснување ни зошто, ни како.
Идеалното растојание помеѓу оброците е пет до пет и пол часа.
Во тој момент почнувам сама да си ги поврзувам точките. Дознавам дека постои нешто што се вика „Синдром на полицистични јајници‘‘. Тоа не значи само дека е можно да имам потешкотии при обидот за зачнување, туку дека живеам со метаболен синдром. Имам инсулинска резистенција и поради тоа постои ризик да добијам дијабетес тип 2, а телото лачи зголемено количество на андрогени хормони заради инсулинот. Како последица на ова се појавуваат симптомите кои ги опишав. Сфаќам дека морфолошки да се имаат јајници кои се полицистични не нужно значи појава на синдромот. Читање и читање и читање. И страв: од сопственото тело што не го разбирам и кое не знам што ќе направи следно и срам: поради мојата „неумешност‘‘ да си го контролирам телото. Ужасно е чувството дека сум препуштена сама на себе, поради тоа што докторите не ми објаснуваа(т) низ што поминувам. Додека пак околината не ме сфаќа сериозно, бидејќи на ваквите состојби се гледа како на обични „женски проблеми‘‘, кои се поврзуваат единствено со (не)способноста за раѓање.
Временскиот период помеѓу оброците да биде најмалку четири часа, но тоа не значи дека треба да се јаде на четири часа!
Во ноември бев на контролен ендокринолошки преглед. Кога на докторката ѝ споменав за ПЦОС, таа ми рече: Да, да, еве, заведено ти е веќе во системот како дијагноза.
Чувствата на вина се најголемиот пораз. Таа се раѓа во прашања и коментари од типот: „Многу си млада за да ги имаш овие проблеми“ и „Како си дозволила да стигнеш до овде?‘‘. Обвинението е дека сум се запоставила самата себе, не сум се грижела доволно и затоа сега го добивам она што го заслужувам. Но, причината за ПЦОС е сѐ уште непозната, а јасно е и зошто е тоа така. Во 2020 година, само 5% од глобалните финансии за истражување и развој биле вложени за истражувања поврзани со женското здравје. Од овие, 4% биле наменети за истражување на ракот кај жените, оставајќи 1% за сите други состојби кои се специфични за жените. Од овој мал процент, 25% биле наменети за истражувања поврзани стриктно со плодноста. Поради недостатокот на внимание и грижа за женското здравје причината за состојби како што е ПЦОС, а и ендометриозата, останува непозната.
А, да не го споменувам финансискиот товар кој доаѓа со обидот за (само)справување со ПЦОС. За тоа сам говори мојот редовен аптекарски список:
Фолиномел;
Витамин Д3 (1000 мг);
Омега 3 (1000 мг);
Магнезиум;
Цинк;
Глукофаж (500 мг), со продолжено дејство[4].
Можноста за менаџирање на симптомите на ПЦОС е класно и системски условена, а одговорноста е оставена на секоја од нас поединечно.
Не се мерете на обична вага (електронска или домашна) бидејќи со мерење ја добивате само вредноста на телесната маса, но не и реалната состојба на организмот.
Секое утро се мерам на електронска вага. Помирена сум дека можеби акните нема наскоро да си заминат, а и дека параметрите во крвта нема преку ноќ да се подобрат. Стравот и срамот се сѐ уште тука, но откако сфатив што точно ми се случува, создадов рутини преку кои гледам надеж за подобрување на состојбата. Освен тоа, пронајдов мир во и љубов за сопственото тело. Со тоа што разбрав зошто го прави она што го прави, веќе не се осудувам, туку се обидувам да се поддржам. Сепак, до ова место на знаење ме доведе многу непотребна болка. Не можам, а да не си замислувам алтернативен свет во кој сум јасно и навремено информирана што точно ми се случува, во кој не морам сама да ја составувам сложувалката на моите симптоми. Не чекам фрустрациите да ми бидат валидирани од надвор. Можноста да бидам разбрана од другите започнува од просторот кој си го давам за да се разберам самата себеси. Меѓудругото, и со пишувањето на овој текст.
[1] Хормон на стрес.
[2] Лек сочинет од миоинозитол, мелатонин и фолна киселина. Се користи за третман на ПЦОС, стерилитет итн.
[3] Лек кој се користи за третман и превенција на дијабетес тип 2.
[4] Лек на база на метформин.
Овој материјал е подготвен во рамки на проектот Empowerment, Safety, and Resilience: Fostering unity and coalitions for gender equality and LGBTQI+ rights, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ. Овој материјал е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna; меѓутоа, изнесените ставови не нужно ги одразуваат официјалните политики на Фондацијата Kvinna till Kvinna.