Романот Еуфорија на Елин Кулхед е своевидно преобликување на Силвија Плат како фикционален лик во периодот пред нејзината трагична смрт. Светот на овој фикционален лик е претставен како да произлегува од главата на Силвија Плат во која, наспроти патријархалната стега, се набира нејзината улога на мајка, домаќинка, сопруга и поетеса во Девоншир во 60-тите години на минатиот век. Романот започнува со вовед со поднаслов „Седум причини да не се умре“, како контекст во кој се вклопува самоубиството што Плат го извршува во 1963 година. (Во истата година нејзината пријателка и поетеса Ен Секстон во Америка ќе ја напише песната Смртта на Силвија: посвета за борбата на една поетеса во свет што на жената не ѝ дава никаква шанса да успее надвор од домот; посвета за последниот удар на предадената борба за живот, со главата во гасната печка, со устата во вечноста.)
Но, иако овој роман одбива да биде некаков историски приказ на ликовите од периодот пред самоубиството на Силвија Плат туку е повеќе нејзин рефлексивен, психолошки портрет и приказ на едно време, сепак не може да избега од поентата дека токму во врвот на својата креативна моќ оваа авторка од еуфорија преминува во смрт. Последната година пред смртта на реалната Силвија Плат во романот е насликана преку нарација фиксирана од свеста на ликот Силвија Плат. Со имитирање на автофикција кое ги надминува нејзините меѓи, се гради роман во кој реалното јас на Силвија Плат станува книжевно. Се чини дека Кулхед во Еуфорија транспонира од другата страна на историското и биографското: од факцијата – односно од конструкција помеѓу стварното и измисленото – во фикцијата, или како што и самата посочува во воведната белешка на книгата „низ книжевната фантазија“ (Кулхед, стр. 7). Но книгата не може да се ослободи од сеништата на биографското, на стварното, на историското бреме на ликовите. Ниту има таква намера. Силвија Плат, омажена за поетот Тед Хјуз, мајка на едно дете, ќерката Фрида, и веќе бремена со третото дете – второто го изгубила во спонтан абортус, во 1962 во Девон, Англија, во куќата каде што живее брачниот пар по преселбата од Лондон – зборува за секојдневните работи што ги прави во и околу домот. Тоа е изведено на мошне лиричен и ироничен начин за да се досегне и осветли растргнатоста на Силвија помеѓу мајчинството, домот, односот со сопругот и нејзината потреба да пишува. Низ окото на поетесата што се судира со светот на домаќинката во постојано согледување на стварноста, преку паралелен увид во позицијата на мажот поет, т.е. на нејзиниот неверен сопруг Тед Хјуз, се отвора наративниот простор кон подредената улога што ѝ се доделува на жената. Жените, мажите, професијата, менталното здравје се теми со кои реалната Силвија Плат низ целата своја поетика – и во романот Стаклено Ѕвоно и во поезијата и во своите писма – го активира и проблемот на жената во домот, на домаќинката и целиот медиумско-политички и културен универзум на патријархалното општество. Ова го согледува и Бети Фридан во Мистиката на женственоста – објавена во 1963 година, кога Плат е веќе мртва – за местото на жената во општеството во Америка.
Романот ги презема биографските факти за несреќната жена со две деца (во романот е прикажано раѓањето на нејзиниот син Николас и искуството на Силвија од продувањето и мајчинството) и со сопруг што ја изневерува со својата нова љубовница. Имено, исто како и во стварноста, во романот љубовницата на Тед Хјуз е Асја Вевил, пријателка на Плат и сопруга на канадскиот поет Давид Вевил. Освен тоа, зачуван е и биографскиот детаљ дека Хјуз и Плат им го изнајмувале својот стан во Лондон на сопружниците Вевил, а потоа Плат со писмо ги поканила да ги посетат во Девон. Но иронијата на романот во односот на Силвија и Асја само упатува на биографската заднина на ликовите без да ја соопштува. Асја Вевил е Еврејка од Германија која бега во Палестина, ја преживува Втората светска војна и се мажи со својот трет сопруг Давид Вевил, со кого живее во Лондон. Работи во маркетинг агенција и самата пишува поезија и преведува од хебрејски. Нема деца. Силвија Плат, пак, според потеклото на нејзините родители е Германка, но пред сè е Американка. По смртта на Плат, Тед Хјуз ја ангажира Асја Вевил да се грижи за неговите две деца Фрида и Николас. Подоцна Асја забременува и ја раѓа ќерката (Александра Татијана Елисе) Шура Хјуз, а по неколку години, исто како и Сливија Плат, умира заедно со својата ќерка во трагично самоубиство. Тед Хјуз во тоа време има нова љубовница.
Романот изобилува со контекстуални насоки за историската подлога на сите ликови кои произлегуваат и се моделирани директно од главата на фиктивната Силвија за која што не можеме да кажеме дека е натрпаник, туку дека е една неиспеглана верзија создадена од Кулхед. Силвија во романот Еуфорија пред сè е сурова, необработена. Кулхед не се фокусира многу на тоа да ги избруси до крајности деталите низ кои тече приказот на Силвија Плат и задушувањето на домаќинката од кое изнурнува разделената поетеса што живее во нов стан во Лондон со своите две деца. Кулхед ја позиционира Силвија веќе надвор од бракот со Тед, во нејзиниот креативно најплоден период од животот. Таа тукушто го објавува својот автобиографски роман Стаклено ѕвоно, ја пишува песната „Татенце“, а исто така и утринските песни и песните од постхумно објавената збирка Ариел – според името на коњот што кон крајот на својот живот редовно го јавала. Силвија е прикажана низ целокупната трескавичност на поетската, емотивна и психичка кулминација, во оживување на креацијата преку зборовите, додека се обидува да се врамнотежи како родител и како самостојна млада жена во 60-тите години во Лондон. Ништо од сите потреси во нејзиниот живот не може да ја задуши нејзината потреба за создавање и себереализирање низ пишувањето. И романот на Кулхед завршува токму во таа точка. Смртта на Силвија Плат останува надвор од неговиот опсег. Останува само навестувањето. Писмата што Силвија ги разменува со својата психијатарка д-р Бојшер упатуваат на тоа дека тие постојано одржувале повремена кореспонденција поради историјата на Силвија Плат со менталната болест – депресија што ѝ била дијагностицирана уште како студентка. Но во романот ни нејзината психијатарка не насетува дека може да се случи нешто страшно, нешто што веќе ќе биде само успешно повторен обид од минатото, па ја упатува да ја чита Уметноста на љубовта од Ерих Фром и конечно и засекогаш да се ослободи од Тед.
Кулхед го завршува романот со преселбата на Силвија во Лондон и со дигресија во однос на реализираната креативна сила во творештвото, како таа веќе за последен пат да ги доуточнува и да ги моделира своите песни, пратени кон иднината заедно со критиките, снимањата и нејзиниот глас овековечен на „Бибиси“. Романот запира таму, како Силивија за последен пат да погледнува кон минатото и да се врти кон непознатото, кон она што доаѓа, подготвена да го пресретне.
„Бев уморна – толку проклето уморна. Не напишав ниедна проклета песна за време на преселбата, не ми беа потребни ни таблети за спиење; но, за волја на вистината, веќе ги напишав највпечатливите песни, и романот беше тука, а следуваат и критиките, снимањата, мојот глас овековечен на Бибиси.
А тука се и децата. Децата. Сè додека ги имам покрај себе, ќе заспивам како изморен зајак. Трчав цел ден, а сега најпосле ќе се одморам во мир“ (Кулхед, стр. 382).